Заматена фотографија од жена која добива решение за данок
Анализи

Дискриминаторска даночна политика за двојките без деца

Два до три отсто данок на наследен имот по смртта на брачниот другар

Љиљана Матиќ, 70-годишна скопјанка се изненадила кога на крајот на август добила даночно решение од Град Скопје за наследство на станот во кој живеела со децении со нејзиниот сега починат сопруг.

Очекувала дека за префрлувањето на нејзино име нема да треба да плати ниту денар оти во станот живееле заедно од првиот ден кога го добиле како општествен, во далечната 1986 година. По осамостојувањето на Македонија, во 1995 година, нејзиниот сопруг го купил станот и бил запишан на негово име во Катастарот.

Пракса е најтесното семејство да не плаќа данок на наследство, па така Матиќ не претпоставувала дека таа би била третирана различно од сите други.

Воопшто и не знаела дека според Законот за наследувањето, донесен пред 31 годинa, таа спаѓа во втор наследен ред. Причината зошто законодавецот ја сместил во таа категорија е затоа што со сопругот немале потомство.

„Се почувствував како да сум казнета што не сме имале деца“, вели Матиќ.

Во решението, Град Скопје ја оданочиле Матиќ со три отсто, барајќи ѝ 2.500 евра, што воопшто не е мала сума, особено за пензионерка.

Колку граѓаните ќе плаќаат за данок на наследство се одредува со комбинација на два закони: Законот за наследување и Законот за даноците на имот. Со првиот се дефинира во кој наследен ред припаѓа наследникот, а со вториот се одредува дали и колку данок на наследство треба да плати.

Матиќ не е единствената што се соочила со проблемот што произлегува од вкрстувањето на овие закони. БИРН контактираше со неколку адвокати, кои ни потврдија дека тоа е праксата оти, според Законот за наследување, брачните другари без деца влегуваат во вториот наследен ред.

Во решението што на Матиќ ѝ го издале од Град Скопје, пак, воопшто не се цитира Законот за наследувањето, туку исклучиво Законот за даноци на имот според кој се пресметува колкава сума треба да плати еден наследник и дали е ослободен од плаќање.

„Да, така е, се плаќа данок ако брачните партнери немаат деца“, потврдија за БИРН и од даночното одделение во Град Скопје.

Но, и самите градски даночници, кои признаваат дека ова е дискриминаторски и дека „ги малтретираат луѓето што немаат деца“, посочуваат на член од истиот Закон за даноци на имот, кој предвидува дека ако живееле заедно повеќе од една година и немаат друг имот на свое име, наследникот не би морало да плати данок.

„Искусен адвокат би ја посоветувал на тоа“, велат од Град Скопје, одбегнувајќи го одговорот зошто тие како институција што го издава решението не го земаат предвид и овој член, кој би ги ослободил сопружниците од дополнителни давачки.

Што сè предвидува законот

Матиќ не е единствената што се соочила со проблемот | Фото: БИРН

Ова не е единствената разлика во наследувањето за оние што имаат и што немаат деца.

Според законот, како наследници од прв наследен ред се сметаат брачниот другар и децата на починатиот.  Имотот, заштеди и други потенцијални средства што може да се наследат се делат на еднакви делови меѓу нив. На пример, ако наследството на починатиот е еден стан од 90 квадрати, по една третина од овој имот би добиле неговиот брачен другар и неговите две деца.

Но, доколку брачната двојка нема деца, брачниот другар што ќе го надживее другиот, законски влегува во втор наследен ред. Кога влегува во вториот наследен ред, во ваквите специфични случаи кога двојката нема потомство, брачниот другар го наследува половина од имотот, а другата половина ја наследуваат неговите родители. Во случај да се починати родителите, тогаш имотот на брачниот другар би го делел со браќата и сестрите на починатиот, освен ако тие формално не се откажат.

Со други зборови, за овие двојки немањето деца создава бројни административни проблеми и потенцијални семејни компликации.

Професор на катедрата за семејно и наследно право при Правниот факултет „Јустинијан Први“, Дејан Мицковиќ смета дека проблемот лежи во Законот за даноци, со кој сите наследници од втор ред се даночат со два до три отсто.

„Во Законот за даноци за имот треба да се направи промена со која брачниот другар, без разлика во кој наследен ред се наоѓа, би бил ослободен од данок на наследство“, вели професорот.

Според него, самото ставање на брачниот партнер во втор наследен ред не е проблематично само по себе бидејќи нашиот Закон за наследство не се разликува многу од европското законодавство.

„Нема ниту една разумна причина, брачниот другар во вториот наследен ред да плаќа данок само затоа што немале деца. Практично ги дискриминираме граѓаните, сметам дека ова не е во согласност со нашиот Устав, според кој, сите граѓани се еднакви пред Уставот и законот“, објасни професорот.

Еден начин на кој може да се заштитат овие двојки од ваков данок е преку склучување договор за доживотна издршка со кој може да се исклучат другите потенцијални наследници.

За проф. Мицковиќ, ова е само ад хок решение и вели дека дополнителен проблем е што ваков договор може да се склучи само еднострано бидејќи еден од брачните партнери би бил класификуван како примател на издршката, а другиот како давател. Односно, во случај прво да почине давателот на издршката, примателот, сепак, би требало да плати данок доколку немал деца во бракот.

Родова и класна димензија

Фотографија од нозе на жена покрај автомобил

Најпогодени од ваквото даночење се посиромашните и жените без деца | Фото: БИРН

Според истражувањето на невладината организација „Реактор“, во 2023 година, во Македонија, мажите поседувале 71 отсто од приватниот имот, а само 29 отсто припаѓал на жени што се јавуваат како сопственички или косопственички. A, со ваквиот Закон за даноци на имот, практично се „казнуваат“ жените што од различни причини – личен избор или биолошка неможност – не родиле дете, додавајќи родова димензија на ова законско решение.

Дополнително, проф. Мицковиќ смета дека ваквиот закон најмногу влијае врз оние кои се во финансиски неповолна позиција, односно посиромашните.

Моментално и оној од прв наследен ред, кој наследува стан од педесетина квадрати и оној што наследува недвижнини вредни милиони, плаќа нула данок. Иако, според него, би било праведно, најголемиот дел од наследниците од прв ред, без разлика дали имаат деца или не, да не плаќаат данок на наследување, тој смета дека истите правила не треба да важат и за најбогатите.

Односно, тој вели дека прогресивни даноци за наследство се практикуваат во бројни европски земји, како во Германија, каде што брачниот партнер плаќа данок за наследство, кој прогресивно се зголемува за наследена сума над 500. 000 евра.

Професорот Мицковиќ смета дека прогресивно оданочување на богатите наследници би била добра економска политика за сиромашна држава со големи економски нееднаквости како нашата.

„Во Франција, дури еден отсто од буџетот, или околу 9 милијарди евра, доаѓа од данокот на наследство. Ако тоа би се пресликало кај нас, тоа потенцијално би значело дополнителни 50 милиони евра за буџетот“, заклучи Мицковиќ.