Низа недоследности при набавката на 150 електрични автобуси и полначи открива Центарот за граѓански комуникации (ЦКГ) во денеска објавената анализа на тендерот преку кој треба да се поднови возниот парк на скопски ЈСП и на јавните превозници од неколку други општини.
Како победник на тендерот уште летоска беше прогласен тандемот од унгарскиот производител „Икарус Електрик Зрт“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“, а вредноста на набавката што треба да ја испорача изнесува речиси 60 милиони евра, од кои 57 милиони за автобусите и три милиони за станиците за полнење, нотира ЦКГ.
Договорот меѓу Министерството за транспорт и „Икарус“, како носител на победничкиот конзорциум, беше потпишан на почетокот од месецов, а објавен неделава.
Со името на унгарски „Икарус“, како фаворит-фабрика што ќе ги направи новите скопски автобуси, се лицитира сиве овие години откако ВМРО-ДПМНЕ е во позиција да набавува нови возила за ЈСП, што како локална власт во Скопје (од 2021), што како партија што управува со владата (од 2024).
И тоа се должи на сестринската блискост на ВМРО-ДПМНЕ со Фидес, партијата на доскорешниот унгарски премиер Виктор Орбан.
Не победила најевтината понуда
Првата забелешка на Центарот се однесува на ризиците што ги носи повторувањето на тендерот, кој успеа дури од третиот обид во период од 15 месеци.
„Со секое повторување, учесниците стануваа познати, како и нивните цени и понуди, со што се намалуваше неизвесноста и се зголемуваше ризикот од координација меѓу понудувачите“, стои во анализата на Центарот.
Овој заклучок, ЦКГ го аргументира со тоа што „Икарус Електрик Зрт“ и „Зонгтонг Бас Холдинг“, во вториот тендер настапувале како конкуренти, за во третиот да достават заедничка понуда, која беше избрана за најповолна. Па, за на крај нивната заедничка понуда е повисока од претходната на „Зонгтонг“ за 492 илјади евра, а од онаа на „Икарус“ за 60 илјади евра (со ДДВ).
Дополнително, Центарот за граѓански комуникации обрнува внимание дека, всушност, победничкиот тандем не понудил најниска цена на последниот и успешен тендер, туку нивниот избор следувал откако двете понуди со пониска цена биле отфрлени.
БИРН, повеќе од еден месец, неуспешно се обидува да добие документи од спроведената јавна набавка. Станува збор за Записникот од отворањето на понудите и Извештајот од спроведената постапка, документи, кои, меѓу другото, ги содржат и причините зошто две од трите понуди биле одбиени.
Министерството за транспорт не ги достави документите во законскиот рок од 20 дена, а не постапи ниту по решението на Агенцијата за слободен пристап до информации од јавен карактер, со кое му се наложи на Министерството документите да се достават до БИРН.
Истражувањa
Како падна тендерот со „Икарус“
Центарот потсетува дека во трите тендери учествуваа вкупно шест понудувачи. Притоа, „Икарус“, во два од трите тендери, излегуваше како победник, а настапи и со свои различни фирми и со различен кинески партнер.
Во трите последователни постапки, кои двапати завршија со поништување, покрај понудувачите, анализира Центарот, се менувале и условите на тендерот и описот на електричните автобуси и на станиците за полнење.
„Во првиот тендер се купуваа 120 електрични автобуси и 60 станици за полнење, а во следните тендери, 150 електрични автобуси и 75 станици. Во првиот тендер се бараше автобусите да имаат вкупен капацитет од 76 патници, додека во вториот и во третиот, условот е намален на 66 патници.“
„Беа сменети и описот на вратите и начинот на нивното отворање.“
Се менувале и условите во делот на моќноста на моторот што треба да го имаат автобусите.
ЦКГ дополнително коментира дека Министерството за транспорт ја доведува во прашање транспарентноста на постапката и ја оневозможува проверката на оправданоста на промените правени во тендер вреден 60 милиони евра, со тоа што не им доставило барани документи, вклучително и анализата врз основа на која е изготвена тендерската документација и причините за нејзиното менување.
Првите нови автобуси во декември, последните во 2028
„Идните автобуси ќе имаат значително помал капацитет од сегашните на ЈСП. Новите автобуси ќе собираат вкупно 66 патници, што е за 20 места помалку од сегашните, последно купени автобуси од Град Скопје и дури за 30 од автобусите добиени од ЕУ“, анализир ЦКГ.
Како што претходно објави БИРН, првите 30 од вкупно 150 електрични автобуси би требало ги видиме на скопските и на улиците од поголемите градови пред Нова година, во декември. Набавката на сите 150 возила, од кои 100 се за Скопје, ќе се комплетира за година и пол од моментот на потпишувањето на договорот со победничкиот производител, што практично значи некаде на почетокот од 2028 година.
Центарот за граѓански комуникации, на крајот од својата анализа резимира дека комбинацијата од повторување на тендерот, промени во условите, променлив состав на понудувачите и недостигот од образложение за правените промени создава зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата при тендерот.

