Истражувањa

Како падна тендерот со „Икарус“

Јавната набавка за автобусите изгуби смисла уште на стартот

Ако успее најновиот тендер, првите 30 од вкупно 150 електрични автобуси ќе ги видиме на скопските и на улиците од поголемите градови пред Нова година, во декември.

Министерот за транспорт, Александар Николоски ја направи проценкава по барање на БИРН откако во последниве недели му пропадна тендерот за автобуси и речиси веднаш, на 28 мај, распиша нов и идентичен јавен повик.

Неслучајно се брза.

Со рокот во декември неславно се заокружуваат пет години од моментот кога политичарите препознаа дека на Скопје, но и на други градови, им се неопходни и нови, и еколошки автобуси. На победничките избори есента 2021 година, ВМРО-ДПМНЕ, заедно со кандидатката за градоначалничка, Данела Арсовска, ветуваа 250 екоавтобуси (и бесплатен јавен превоз), а партијата со слични гаранции ги доби и ланските локални избори, меѓутоа од 2021 година до денес, возниот парк на скопски ЈСП е подновен само со шест нови автобуси, и тоа се оние што преклани ги донираше Европската Унија.

Години се потрошија во инаетења меѓу Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ на седниците на Советот на Град Скопје, откако политички се разидоа, меѓутоа засега неуспешна се покажува и стратегијата Министерството за транспорт да ги преземе работите во свои раце и тоа да купи автобуси. Впрочем, најновиот тендер е трет обид да се набават автобуси во 24-те месеци откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт.

Новите автобуси би ги ублажиле катадневните малтретирања на скопјани, кои придонесоа бројот на патници на ЈСП да се преполови во последнава деценија. БИРН пишуваше дека дневните извештаи од диспечерскиот центар на ЈСП, во кои се содржани податоците за секој автобус што бил повлечен од сообраќај, се своевидна енциклопедија на дефекти.

„Речиси нема дефект познат во автоиндустријата што не е забележан во нив“, заклучува анализата.

Електронската аукција стана беспредметна

Министерот за транспорт, Александар Николоски

Министерот за транспорт, Александар Николоски | Фото: Министерство за транспорт

Иако тендерот пропадна поради административен пропуст, недостасувал електронски потпис на еден документ, анализата на БИРН покажува дека во постапката имало и друг елемент што антикорупциската практика го смета за потенцијално проблематичен.

Тендерот ја изгуби смислата уште на стартот зашто три од четирите заинтересирани фабрики испаднаа од игра, оставајќи ја унгарската „Икарус-Електробус“ сама со себе да се натпреварува за набавката вредна повеќе од 50 милиони евра (без ДДВ). Практично, беспредметна стана електронската аукција, со која, преку негативно наддавање, требаше да се обезбеди пониски цени за автобусите.

Трите дисквалификувани произведувачи на автобуси испаднале поради проблем со банкарската гаранција што се поднесува заедно со понудата. Таа е финансиски инструмент со кој понудувачот гарантира дека е сериозен и нема да се повлече или да се однесува нечесно во текот на постапката. Вредноста на оваа гаранција е три отсто од понудата, што во овој случај изнесува приближно 1,5 милион евра.

Дисквалификувани се турската „Би-ем-си Отомотив“, кинеската „Жонг тонг бус холдинг“ и заедничката понуда на кинеската „Шамен Кинг лонг“, и македонската „Актур вентерес“ од Скопје.

Едната фабрика воопшто не прикачила гаранција на електронскиот систем за јавни набавки, додека кај другите две им пропаднала валидноста на гаранциите откако Министерството за транспорт го помести крајниот рок за поднесување понуди за неколку дена (од 30 март на 6 април 2026).

Ваквите гаранции важат 120 дена од јавното отворање (во овој случај 6 април), па понудувачите настојуваат да ги обезбедат што поблиску до тој датум, меѓутоа пролонгирањето на тендерот од само неколку дена може да ги направи невалидни. Токму тоа и се случило.

За проблемот со гаранциите се обративме до Министерството за транспорт.

На прашањето зошто понудувачите не биле информирани за проблемите предизвикани од новиот рок, со цел да се избегне дисквалификација и да се обезбеди конкуренција, од Министерството одговорија дека Законот за јавни набавки забранува таков вид комуникација откако ќе се поднесат понудите.

„Законот е јасен и доколку има какви било промени поврзани со банкарските гаранции, тие се сметаат за кривично дело. Во делот за банкарски гаранции, законот е исклучително строг и тука нема простор за дополнителна комуникација со набавувачите“, велат од Министерството.

„Електробус-Икарус“ е една од седумте компании што барале продолжување на рокот и потоа доставиле гаранција со валиден рок додека другите шест воопшто не конкурирале на тендерот.

„Икарус“ и Фидес

Со името на унгарски „Икарус“, како фаворит-фабрика што ќе ги направи новите скопски автобуси, се лицитира сиве овие години откако ВМРО-ДПМНЕ е во позиција да набавува нови возила за ЈСП, што како локална власт во Скопје (од 2021), што како партија која управува со владата (од 2024).

И тоа се должи на сестринската блискост на ВМРО-ДПМНЕ со Фидес, партијата на доскорешниот унгарски премиер Виктор Орбан.

Во тој контекст, повеќе од интересен е профилот на сопственикот и претседател на „Икарус“, Габор Селеш. Тој е познат поддржувач на Фидес и сопственик на медиуми, кои во јавноста се оценуваат како провладини, а дел од кои подоцна преминале во сопствеништво на бизнис-структури блиски до Орбан.

Во дел од унгарските медиуми, Селеш се асоцира и со организацијата на проорбанови собири наречени „Маршови за мир“, кои се одржувале трипати меѓу 2012 и 2018 година.

Официјалниот назив на фабриката е „Електробус Јуроп“, формирана во 2018, и таа, всушност, е заеднички потфат на унгарски „Икарус“ и на „ЦРРЦ корпорејшн лимитед“, кинеската државна фабрика за железнички возила

За волја на вистината и за разлика од дел од унгарските олигарси, Селеш, своето богатство го стекнал далеку пред Орбан да стане доминантна политичка фигура, додека „Икарус“ ја презел во 2006 година, неколку години пред Фидес да се зацементира на власт.

Меѓутоа, перцепцијата за „Икарус“ како македонски фаворит добива на тежина ако анализираме изјава стара четири години во комбинација со неодамнешните случувања.

Актуелниот премиер Христијан Мицкоски, од позиција на претседател на ВМРО-ДПМНЕ, пролетта 2022 година, бргу по победата на локалните избори во Скопје, за спасител на јавниот превоз прогласи анонимен странски производител, кој од една страна требаше да ги набави електричните автобуси, а, од друга страна, во државава да отвори погон со нови 500 работни места.

Претпоставка е дека најавите не се реализираа откако тој и тогашната градоначалничка Арсовска, бргу по оваа најава, сериозно ги нарушија односите.

Четири години подоцна, на чекор до реализација беше слично сценарио, во кое фирмата-спасител би била „Икарус“. Унгарската компанија изби како фронтранер на тендерот додека во меѓувреме нејзини претставници се распрашувале околу условите за инвестиција во Македонија.

Тендерот, сепак, пропадна, додека од државната ТИРЗ, за БИРН, велат оти „нема новости“ околу идејата Унгарците да отворат фабрика по нивната официјална посета лани во октомври.

Една „добра“ и една лоша вест

Механичар на ЈСП поправа автобус

Состојбата на возниот парк на ЈСП | Фото: БИРН

На крилата на изборната победа во 2024 година, новото раководство на Министерството за транспорт, водено од вицепремиерот Александар Николоски, ентузијастички тргна да го решава сериозниот проблем со јавниот превоз во Скопје.

Арно ама, првиот тендер од 2025 година пропадна зашто единствената пристигната понуда не ги исполнувала условите, додека годинешниов, и покрај поголемиот интерес, официјално се „сопна“ на административна пречка.

Комисијата за жалби по јавни набавки неодамна го поништи вториот тендер зашто договорот меѓу „Електробус-Икарус“ и подизведувачот ЕВН, кој требаше да ги обезбеди 75-те полначи за електричните автобуси, не бил електронски потпишан.

„Сметавме дека ова не е суштински проблем, особено што договорот постои и е потпишан рачно, но, ете, ЕВН  не го потпишале и со електронски потпис“, коментираат од Министерството за транспорт, за БИРН.

Во овој дел од законската процедура, лично министерот Николоски гледа проблем.

Нови автобуси сами по себе да го решат проблемот брзо, безбедно и економично да се превезуваат големи групи граѓани од дома до работа или училиште и обратно

„Ако ми дозволите политички да искоментирам, сметам дека Законот за јавни набавки е пререстриктивен и не соодветствува на модерните времиња и потреби.“

„Преголемата бирократизација, која ја носи законот, мора да се менува. Потребно е да се поедностават процедурите и да се забрзаат јавните набавки. Треба да се направат промени, со цел да имаме поквалитетни понуди и набавувачи“, вели Николоски, во изјава за БИРН.

Експресно, на 28 мај, беше распишан нов и трет по ред тендер.

Ако овојпат сè помине во најдобар ред, набавката на сите 150 возила, од кои 100 се за Скопје, ќе се комплетира за година и половина од моментот штом ќе се потпише договорот со победничкиот производите, што практично значи некаде на почетокот од 2028 година.

Речиси седум години по првичното ветување.

Тоа е на некој начин и добрата вест, зашто лошата е дека новите автобуси не се доволни за ефективен јавен превоз. Tие сами по себе нема да го решат проблемот брзо, безбедно и економично да се превезуваат големи групи граѓани од дома до работа или училиште и обратно, со што сериозно би се намалила употребата на автомобилите, која, пак, е една од главните причини за градскиот метеж и за загадувањето.

За тоа скопјани дополнително ќе чекаат додека почнат или се заокружат проектите како Бас рапид системот (БРТ) и градски воз.

Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелегенција