Истражувањa

Зависност од технологија, длабоко потценета закана за младите

Генерации се губат во игнорирање и во парцијални решенија

Какво е чувството кога еден млад човек ќе остане без интернет? Дали ќе стане нервозен, анксиозен? За некои од новите генерации, тоа е непознато.

„Не може да дојде до нервоза или анксиозност поради немање пристап до интернет, бидејќи пристапот е постојан и непрекинат. Го нема само неколку секунди, кога не можеш да си го најдеш телефонот“, духовито забележува еден млад корисник, во својот одговор на прашалникот на БИРН за зависноста на младите од технологијата.

Тој признава дека таква зависност постои и дека технологијата силно влијае врз животите на луѓето од неговата генерација.

„Влијае на секој начин, за жал. Те врзува за екранот“, додава.

Веќе одамна, мобилниот уред не е само алатка за комуникација или за исполнување на обврските. За многу тинејџери, екранот е последната светлина што ја гледаат пред спиење и првата кога ќе се разбудат наутро. Затоа, кога паѓа сигналот, се губи и мирот.

Прашањето за прекумерна употреба на технологијата кај младите и за создавањето на т.н. технолошка зависност не е ново. Уште во втората половина од 1990-тите, во стручните кругови за ментално здравје се зборувало за интернет-зависност.

Некои држави интензивно работат на овој проблем веќе десетина години, но во Македонија тој се сведува на активност на невладини организации, чии наоди и препораки, никој од државата не ги слуша и често се забораваат откако ќе завршат проектите. Дури во последниве две-три години, институциите почнаа да ја споменуваат интернет-зависноста, посветувајќи и понекоја реченица во пошироките стратегии за младински развој, но без конкретни и насочени решенија.

Во меѓувреме, неколку генерации млади луѓе израснаа без да го кренат погледот од телефоните. Тоа не значи дека секое користење на технологијата е проблематично, но проблемот со нејзината прекумерна употреба е занемарен кај нас.

Доцнење од најмалку осум години

Електрониката често се користи и во движење | Фото: БИРН

Кон крајот на минатата деценија, во повеќе делови од светот почнале да се бараат решенија за технологијата како извор на зависност. Во 2018 година, Велика Британија ја отвори својата прва клиника за лекување интернет-зависност, и тоа како дел од јавното здравство. Кина, во 2019 година воведе забрана за малолетници да играат онлајн-игри ноќе и им го ограничи времето на 90 минути дневно во работните денови. Во САД има иницијатива за закон со кој би се намалила зависноста од социјалните мрежи, но не се донесе. И компаниите презедоа мерки. Епл воведе мерење на времето поминато гледајќи во телефонот, а Гугл затемнување на екранот навечер.

Во 2019 година, Светската здравствена организација официјално ја класифицираше зависноста од онлајн-игри како растројство. Тоа било решено само за игрите бидејќи за нив се собрале доволно докази. Инаку психолози, и од Македонија, и од целиот свет предупредуваат дека ризици од зависност постојат и кај социјалните мрежи и кај друго користење на технологијата за забава.

Во тој период, и во Македонија, неколку невладини организации ја отвориле темата за влијанието на технологијата врз психолошката состојба на младите, вклучувајќи ја и зависноста. Направиле проекти, кампањи, истражувања. Но, никој од државата не се потрудил да ги слушне или да примени некое предложено решение.

Една од нив е здружението за дислексија „Ајнштајн“, кое во соработка со основните училишта и со Општина Карпош го спровело проектот „Современите технологии, корист или зависност“ во 2018 година. Податоците што ги собрале покажале дека уште во тоа време, мобилните телефони масовно се користат за време на наставата и директно влијаат врз вниманието, учењето и вклученоста на децата.

Анкетата меѓу наставниците покажала, според 77 отсто од нив, телефоните го попречуваат стекнувањето знаење, а според 82 отсто тие влијаат врз фокусот и размислувањето. Околу 84 отсто од наставниците утврдиле дека телефоните придонесуваат за намалена комуникација меѓу учениците, а 90 отсто рекле дека наставата би се одвивала подобро без нив.

Врз основа на тие наоди, Општина Карпош донела правилник за ограничување на користењето мобилни уреди во училниците, а биле воведени и практични решенија за нивната контрола, како места за оставање додека трае наставата. Подоцна и други општини и училишта воведоа слични мерки.

Заклучоците од истражувањето биле презентирани преку јавни дебати и експертски дискусии. Но, иако проектот дал конкретни резултати на локално ниво, на национално ниво бил пречекан само со декларативни заложби.

Дури во мај годинава, осум години по првичните иницијативи, се најави дека ова ќе стане системско решение. Министерката за образование, Весна Јаневска изјави дека забраните и ограничувањата за користењето телефони ќе се воведат и во основните и во средните училишта.

Како младите и родителите ја чувствуваат зависноста

Нервоза, намалено внимание, намален успех, се дел проблеми што родителите ги забележуваат | Фото: Pexels, Тима Мирошниченко

Она што ја разликува технолошката зависност од другите, т.н. бихевиорални зависности е што таа се овозможува во самиот дом, во семејството во кое расте младиот човек, од неговите родители. Истражување на универзитетот „Стенфорд“ од Калифорнија покажало дека над 90 отсто од децата го добиваат својот прв мобилен телефон на возраст од 10 до 12 години.

Ваков податок за Македонија нема, но искуствата на многу родители покажуваат дека ова е вообичаена возраст кога се добива смартфон, најчесто бидејќи „сите други во одделението имаат.“ Понекогаш тоа е стар телефон што родителот престанал да го користи, понекогаш е нов, дури поскап модел.

Во годините што следуваат, родителите ги забележуваат последиците од тоа.

„Станува нервозен и незаинтересиран за други работи“. „Влијае врз сè, најмногу врз нејзиното внимание.“ „Намален успех во училиште, намалено внимание и лошо влијание на социјалниот живот.“ „Чувство на анксиозност и благ страв.“

Ова се дел од одговорите што ги добивме од родители на прашалникот за зависноста на младите од технологијата, поточно на прашањето како таа влијае врз нивното однесување.

Вкупно 33 го одговорија прашалникот, половина од нив млади луѓе што ги споделуваа своите искуства и половина родители што зборуваа за своите деца на тинејџерска возраст или во раните 20-ти години.

На почетокот од месецов, актерката Весна Петрушевска почна иницијатива за законски измени со кои ќе се ограничи пристапот до социјалните мрежи за малолетниците, и заради нивната безбедност и заради заштита од зависност. Отвори онлајн-петиција, со која бара 10 илјади потписи. Досега се потпишале над 13 илјади луѓе.

Овие прашалници не се со репрезентативен примерок и го немаат квалитетот на истражувања на јавното мислење, но, сепак, индикативно е дека 11 од 15-те млади учесници рекоа дека чувствуваат зависност од технологијата, а и 10 родители го кажаа тоа за своите деца.

За дел од младите луѓе е вообичаено да користат телефон или компјутер повеќе од осум часа дневно, и тоа не за апликации поврзани со работата или образованието, туку за игри и за социјални мрежи. Само една третина од оние што одговорија, рекоа дека успеале да го намалат времето што го поминуваат на електронски уреди. Кај другите, тие обиди биле или безуспешни, или со краткотрајни резултати.

Никој од оние што одговорија не знаеше за институции, програми и иницијативи каде што може да побара помош за технолошката зависност. Само еден на шега навел дека институцијата што може да му помогне е телекомуникацискиот оператор, ако му го исклучи пристапот.

Не се часовите проблем, туку ефектот врз менталното здравје

СЗО ја класифицираше зависноста од онлајн игри како растројство | Фото: Pexels, Рон Лах

Границата меѓу интензивно користење и зависност од технологија не се мери само преку бројот на часови поминати пред екран, туку преку контролата и последиците што таа ги остава врз секојдневниот живот на младите, вели Емилија Бошковска, психолог од Скопје и основач на центарот „Метамотивација.“

Според неа, алармот се појавува кога младото лице станува нервозно без интернет или мобилен телефон, ги занемарува сонот, училишните обврски и социјалните контакти или не може да го прекине користењето, и покрај негативните ефекти.

„Лајковите“ и реакциите за дел од младите стануваат мерка за сопствената вредност, додека виртуелната комуникација постепено ја заменува реалната блискост, додава таа.

„Проблемот во Македонија најчесто се препознава дури кога последиците веќе станале видливи, преку намален училиштен успех, анксиозност, конфликти во семејството или социјално повлекување. Потребен е посилен превентивен пристап, со повеќе едукација во училиштата, поддршка за родителите и јавни кампањи за ментално здравје“, вели Бошковска.

Во работата со случаите на технолошка зависност, Бошковска вели дека најголем предизвик е тоа што технологијата не може целосно да се отстрани од животот на младите, бидејќи таа е дел од секојдневната комуникација, образованието и социјалниот живот. Затоа, пристапот најчесто се базира на создавање здрави рутини, ограничување на стимулативните апликации и подобрување на семејната комуникација.

Училишните психолози без системски насоки како да помогнат

Проблемот е познат, но нема стратегија за решавање | Фото: БИРН

Расеаност, намалена концентрација и тешкотии со вниманието за време на наставата забележале психолозите во средните училишта, кои секојдневно, во живо, го набљудуваат влијанието врз технологијата врз младите.

Според нив, сè почесто се забележуваат и анксиозност, ниска самодоверба и незадоволство кај учениците, особено поради постојаното споредување со содржини на социјалните мрежи.

„Речиси нема ученик кај кого додека дома учи или пишува домашна работа, телефонот не е лоциран веднаш до него. Изразени се ФОМО и ФОБО феномените, како и номофобија, страв од губење на мобилниот телефон“, вели психологот Ана Попризова од средното училиште „Орце Николов“ и претседателка на Активот на стручни служби на средните училишта во Скопје.

ФОМО е кратенка од англиската фраза fear of missing out (страв од пропуштање), а ФОБО од fear of better options (страв од подобри опции), феномени што психологијата ги објаснува како причинители на анксиозност, кога луѓето постојано мислат на тоа што го пропуштаат наместо да живеат во реалноста што ги опкружува.

Зависноста почнува да се развива многу рано, додава психологот од скопската гинмазија „Јосип Броз Тито“, Кристина Атанасова.

„Шаренилото на бои, примамливите аудитивни сигнали се особено интересни за детските сетила. Екранизацијата им почнува од многу порана возраст, пред да дојдат во адолесцентни години“, вели Атанасова.

И двете забележале како  за време на големиот одмор учениците стојат во групи, но секој го држи својот телефон в рака, со што многу е намалена  директната комуникација.

Досега не им се случило некој ученик да им побара помош поради зависност од технологија, но им барале кога имале намален успех во училиштето, што било последица од прекумерно користење на електронските уреди.

Психолозите сметаат дека училиштата имаат капацитет за справување со проблемот, особено преку стручните служби и во соработка со наставниците и со родителите. Се работело со индивидуални случаи, се организирале и групни работилници, но отсуствувал поширок системски пристап и институционална поддршка.

Двете соговорнички одговорија дека досега не добиле никакви насоки, обуки или друг вид поддршка од државните институции, насочени конкретно кон решавање на проблемот со зависноста од технологија.

По два-три збора во документите од десетици страници

Телефонот е последната светина навечер и првата наутро | Фото: Pexels, Котонбро студио

Македонските стратешки документи се занимаваат со вообичаените зависности кај младите – алкохол, психоактивни супстанции, коцкање, храна и заедно со нив почнаа да ја споменуваат и зависноста од технологија.

Интернет-зависноста се споменува еднаш во Националната стратегија за млади 2023-2027 од 50 страници, двапати на 130-те страници од акцискиот план поврзан со таа стратегија. Стратегијата за менталното здравје на младите, пак, се занимава со интернетот како извор на ризици (вознемирување, дигитално насилство), но не и како зависност.

Се обидовме да разговараме со повеќе министерства за оваа тема. Одговори добивме од министерствата за образование и наука и за дигитална трансформација, додека тие за здравство и за социјална политика, демографија и млади не одговорија.

Од Министерството за дигитална трансформација наведуваат дека темата за прекумерна употреба на технологија ја адресираат преку проектот „MkSafeNet“, со кој се воспоставува Национален центар за побезбеден интернет.

Во рамки на проектот се одржани активности во 75 училишта, а достапни се и едукативни ресурси, како и протоколи за пријавување онлајн-вознемирување.

Центарот функционира како мултисекторска иницијатива со вклучени универзитети, граѓански организации и институции, а како канали за поддршка се посочуваат платформата „Ало Бушавко“ и европскиот број 116 111. Според Министерството, преку активностите досега се опфатени над 2.500 ученици, 500 наставници и 150 родители.

Сепак, и овој проект се фокусира, пред сè, на безбедноста на интернет, како уште една важна тема за младите, а не на зависноста од технологија.

Од Министерството за образование и наука, пак, на прашањата што може да се преземе во врска со зависноста од технологија, ни одговорија дека во училиштата наставниците се тие што треба да одредат во која мера може да користат електронски уреди во наставата, а ако има потреба, Министерството може да се вклучи за заедно да дефинираат и да спроведат програми.

Темата за технолошка зависност доцна влегува во политиките за младите и сè уште не е адресирана како посебен проблем. Додека тоа се случи и нови генерации корисници на електронските уреди ќе растат со нивна прекумерна или неправилна употреба, и нема да знаат ниту дека имаат проблем, ниту како може да им се помогне.

Овој текст е изработен како дел од „Едногодишната БИРН обука за истражувачкo новинарство” наменета за млади новинари и за студенти, 2024-25 година