„Нема тука фирма за матични клетки. Ова е службен број на пиварница, го користам повеќе од една година“, објаснува гласот од другата страна на телефонот, додавајќи дека и други луѓе му се јавувале и ја барале „Еуромедикс.“
На повиците на БИРН, на другите броеви на фирмата што можеа да се најдат на интернет, како и на имејловите, или никој не одговараше, или стигнуваше порака за непостоечки број и имејл.
Истиот проблем го имаа и клиенти на компанијата, кои со неа пред петнаесетина години склучиле договор за чување на матичните клетки од своето новороденче.
Во периодот од 2012 година, па сѐ до пред некоја година, оваа компанија во земјава нудела услуги за собирање и чување на матичните клетки од папочната врвца при пораѓањето. За таа услуга, идните родители требало да издвојат значителна сума пари, со цел да имаат еден вид биолошко осигурување за своето дете.
Нејзините почетоци се совпаѓаат со периодот на силен маркетинг за оваа тема, кој подоцна почна да спласнува, па родителите со желба да инвестираат во здравјето на своето новороденче, двоеја и по неколку илјади евра за земање и чување на матичните клетки од папочната врвца во следните 10, 20, па и 50 години.
Вообичаено, родителите забораваат на оваа инвестиција кога детето е здраво и добро напредува, а и самите компании не се многу ажурни во одржувањето на комуникацијата.
БИРН истражуваше како функционира овој систем во Македонија, преку увид во договорите од различни фирми и разговори со повеќе семејства што се одлучиле на ваков чекор, како и со надлежните институции.
Заклучокот од сето ова е дека станува збор за слабо регулиран сектор, кој, иако формално е во служба на здравјето, во суштина функционира како профитабилен бизнис, па родителите што се решаваат за овој чекор, треба добро да се информираат каде, што и зошто зачувуваат.
Од Букурешт до Скопје

Промотивен материјал за услугата за собирање и чување матични клетки од 2012 година| Фото: БИРН
Истражувањето на компаниите за матични клетки почна откако семејството Чолаковски алармираше дека речиси два месеца безуспешно се обидувале да ја исконтактираат компанијата на која пред петнаесетина години ѝ го довериле биолошкиот материјал за своето дете.
„Еуромедикс“, во тој период, отворила фирма во Македонија преку која ги собирала зачуваните примероци, за да ги испрати на чување во приватна банка за матични клетки во Романија.
Она што тогаш не го претпоставувале, е дека фирмата во Македонија ќе смени шест адреси и една деценија подоцна ќе стане неактивна, па кога пред неколку месеци решиле да прашаат што се случува со замрзнатиот материјал, влегле во ќор-сокак. Само еднаш во овој период добиле информација за промена на локацијата во Скопје, иако компанијата требало да ги известува за промената на контактите или местото на кое се чува нивниот материјал, што е наведено и во самиот договор. На пример, изоставена била многу поважна информација, дека банката во Романија се селела од центарот на Букурешт, во едно од неговите предградија.
Чолаковски ги чуваат сите документи. Од првата уплата на 13 јануари 2013 година, сѐ до последната, 1.250 евра, платени на 14 рати.
„Сме крпеле на моменти, се кратело од битни работи, ама сме мислеле само за доброто на детето“, објаснуваат родителите додека го листаат договорот, кој е валиден до 2033 година, со можност за продолжување, со нова уплата.
Одговорот по имејл до ова семејство стигна дури откако БИРН, по насока на првата директорка на „Еуромедикс“ во Македонија, докторката Марија Васиќ, по имејл го контактираше сопственикот Георгиос Сикиотис за да праша што се случува со замрзнатите примероци на македонските граѓани.
Ниту „Еуромедикс“, ниту Сикиотис не испратија одговори до БИРН, ама затоа повеќе семејства од Македонија, на нивно изненадување, добија имејлови со истата содржина – матичните клетки им се безбедни и се чуваат во Романија.
„Да не даде господ да ни затребаат матичните клетки. Не зборуваме за бонбони, туку за здравје“, реагираат Чолаковски, револтирани од односот на компанијата.
Паралелно со испратените мејлови до македонските граѓани, од сајтот кој ја промовира работата на компанијата во Европа, беа избришани податоците за Македонија, адресата и телефонските броеви за контакт.
Според јавно достапните информации, последните приходи на компанијата во Македонија, именувана како „Еуромедикс лабаратори“, биле во 2022 година. Многу подобро од неа работела романската фирма „Стем лајф – Еуромедикс“, која ја поседува банката за клетки во Букурешт и чиј косопственик, исто така е Сикиотис. Иако нема ниту еден вработен, во 2024 година, приходите надминале 700 милиони евра, покажуваат отворените бази на податоци за Романија.
Замрзнати клетки, замрзната комуникација

Број на извезени сетови со клетки од папочна врвца од петте македонски компании кои нудат ваква услуга
Во истиот период кога Чолаковски одлучиле да ги зачуваат матичните клетки за своето дете, принова стигнала и во семејството Дончеви. Тие избрале овој материјал да го чуваат во банка во Унгарија, која немала претставништво во земјава, туку работела преку фирма-посредник.
Неколку месеци пред истекот на нивниот 10-годишен договор, во 2023 година, сакале да го продолжат договорот за чување со нова уплата и тргнале во потрага по компанијата. Првиот аларм им било тоа што не добиле никакво известување дека договорот им завршува, иако во него стои дека компанијата ќе ги извести 30 дена претходно.
„Поминав два-три месеци, обидувајќи се да стапам во контакт прво со луѓето што овде ги презедоа клетките, па со унгарската банка, а потоа се откажав. Влегов во ќор-сокак“, се потсетува мајката Јелена.
Чолаковски и Дончеви се дел од илјадници македонски семејства, кои издвоиле значителни суми пари за да ги зачуваат матичните клетки – материјал што може да се собере само во краток период при породувањето.
Македонските институции немаат евиденција колкава е бројката на зачувани примероци од матични клетки од новороденчиња по приватните банки во странство специјализирани за чување на овој вид биолошки материјал.
Тие се меѓу ретките што се обиделе да проверат што се случува со замрзнатиот материјал, затоа што кога детето е здраво, родителите престануваат да се интересираат за нив. Тоа го потврдува и прашалникот на БИРН, на кој одговорија 40-тина родители – ниту еден од нив, една деценија по земањето, не прашал за состојбата на зачуваниот материјал. Иако во дел од договорите во кои БИРН имаше увид стои дека компаниите редовно ќе ги информираат родителите, ваквата комуникација обично изостанува.
Во 2025 година, според евиденцијата на Агенцијата за лекови и медицински средства – МАЛМЕД, во земјава пет компании нуделе ваква услуга. „Еуромедикс“ не е меѓу нив. На барањето на БИРН, за доставување на целосната листа на компании што биле дел од овој бизнис во изминатите 20 години, од МАЛМЕД се правдаа дека немале електронска евиденција за овој период и не можат да обезбедат таква листа.
Според листата од лани, само една од компаниите е регистрирана како директно претставништво на странската крио-банка, додека другите се фирми посреднички. Тоа значи дека, ако има проблем, правдата треба да се бара во странската држава.
Македонија нема ваква крио-банка, па единствено што контролира е увозот на сетовите за земање ваков материјал и дозволите за извоз на клетките надвор од земјава, што беше потврдено и на брифингот во Министерството за здравство.
Од Министерството се изземаат од одговорност, со оправдување дека го контролираат само процесот што се однесува на самата здравствена услуга за земање и транспорт на клетките. Сѐ друго, појаснуваат, е договорен однос на родителите со фирмите посреднички и со странските банки.
Тој дел не е опфатен со Законот за земање и пресадување делови на човечкото тело заради лекување, кој ги опфаќа ткивата и органите, но се однесува и на крвотворните матични клетки земени по породувањето.
Според податоците на МАЛМЕД, лани биле извезени околу 600 сетови со биолошки материјал од папочна врвца, што е еквивалент на бројот на зачувани примероци од новороденчињата во земјава за 2025 година.
Оттаму забележуваат дека проблем може да се појави и при враќањето на клетките во земјава, бидејќи за тоа се потребни посебни дозволи за увоз, кои, според нив, не може да ги обезбеди родителот што платил за нивното чување, туку тоа мора да го стори овластена компанија.
Mеѓу маркетингот и медицинската корист

Во 2023 година трансплантациите од матични клетки од папочна врца биле само 0,6 отсто од вкупната бројка за таа година | Фото: БИРН
Во време кога медицината прави сè поголеми исчекори во третманот на тешки заболувања, матичните клетки од папочна врвца остануваат извор на надеж, но засега, примената е мошне ограничена.
„Папочната врвца е орган, исклучително богат со хематопоетски матични клетки“, појаснува професорот Злате Стојановски од Универзитетската клиника за хематологија.
Тој добро го памети 25 септември, 2000 година, кога за првпат докторите од Хематологија почнуваат со трансплантацијата на матични клетки во земјава, но досега, забележува, никогаш не користеле клетки од папочна врвца. Проблемот е во тоа што тие клетки можат да бидат недоволни ако станува збор за трансплантација кај возрасен човек, а и немале случај во кој за лекување дете, родителите имале зачувано ваков материјал.
Вообичаено, кога се прави трансплантација на матични клетки за лекување на крвни болести, како што е на пример леукемијата, обично тие се добиваат од коскената срцевина или периферната циркулација, од самиот пациент или од компатибилен дарител.
ЕБМТ ги собира податоците од трансплантациските центри на територијата на Европа, како и од неколку држави од Африка и од Азија поради што ја поседува една од најобемните бази од оваа област.
Тоа може да се види и од податоците на европското здружение за трансплантација на крв и коскена срцевина (ЕБМТ). Трансплантациите со матични клетки од папочна врвца достигнале врв од 833 случаи во 2011 година. Потоа почнуваат да се намалуваат, за во 2023 година, последната година за која ЕБМТ има објавено статистика, да стигнат до 258 трансплантации, или само 0,6 отсто од вкупната бројка трансплантации спроведени таа година.
Притоа, најчесто се користеле клетки од папочна врвца од несроден дарител, кои обично се даруваат во јавни банки за матични клетки, а не тие што родителите ги чуваат во приватни банки за ваков материјал.
Причината за тоа лежи во растечката примена на други методи, како трансплантациите од делумно компатибилни донори, но и збогатените регистри на дарители на коскена срцевина.
„Овие методи значат излекување за многу пациенти што порано беа осудени на смрт“, заклучува професорот Стојановски.
Освен за крвните болести, клетките од папочната врвца се користат главно во експерименталните методи или клинички студии за лекување повеќе болести и состојби, од рак и церебрална парализа, сѐ до аутизам, регенерација на ткива, кожа и органи. Сепак, не се дел од вообичаените, стандардни процедури, па и покрај потенцијалот кој го имаат, нивната употреба е мошне ограничена.
Или, како што подвлече сопственик на една од странските банки за матични клетки, во разговор со БИРН, тие чуваат клетки што се влог во иднината на детето, за кога тоа ќе наполни 50-60 години – период во кој доаѓаат и болестите, па на тој начин би имале лек плус кога ќе остарат.
Од македонската фирма посредник, која го организирала земањето на матични клетки за Дончеви, велат дека одамна излегле од овој бизнис, а за сите прашања, клиентите треба да се обратат директно во банката во Унгарија.
Чолаковски се потсмирија по добиениот имејл од компанијата, која ги чува нивните клетки. Дончеви ја немале таа среќа.
Како што раскажува мајката Јелена, залудно испраќала имејлови, вртела по телефони, и кај унгарската банка, и кај сега веќе поранешни вработени во македонската фирма-посредник.
Ангажирала и преведувачка од македонски на унгарски јазик, но повторно без резултат. Единствената опција што ѝ преостанала е тужба.
„Ама кого да тужам – во Унгарија ли да тужам? Тоа се многу пари“, вели мајката.

