Останато

„Егзит“ фестивалот се сели во Црна Гора, но не без отпор

Црна Гора издвојува милиони за да го донесе престижниот музички фестивал

Марко Павловиќ сè уште со горчина зборува за згаснувањето на неговиот четиридневен фестивал „Садрн соул“ (Southern Soul), кој се одржуваше на Велика плажа кај Улцињ.

Замислен како интимен, „бутик“ фестивал посветен на соул, џез, фанк, хаус и на диско-музиката, Садрн соул своевремено беше рангиран меѓу најдобрите европски фестивали од овој жанр.

Но, тоа не се преслика и во дарежлива институционална поддршка. Фестивалот, последен пат се одржа во 2019 година.

„Институционалната поддршка се движеше меѓу 7.000 и 10.000 евра“, вели Павловиќ, кој, исто така, е сопственик на популарниот бар „Каспер“ во Будва.

Затоа, признава, останал збунет кога „Егзит“, најголемиот музички фестивал во поранешна Југославија, објави дека по 25 години го напушта Нови Сад и се сели во Улцињ, со речиси три милиони евра јавна поддршка за „Егзит“ и за неговиот крајбрежен „сестрински“ фестивал „Си денс“ (Sea Dance).

Црногорската влада издвојува 1,5 милион евра за двата фестивали, образложувајќи дека станува збор за инвестиција во туризмот. Дополнително, според извршниот директор и коосновач на „Егзит“, Душан Ковачевиќ, локалните власти во Будва ветиле уште еден милион евра, додека од Улцињ, градот каде што се наоѓа 12-километарската Велика плажа, се очекуваат меѓу 200.000 и 250.000 евра.

„Егзит“ произлезе од отпорот против режимот на српскиот лидер Слободан Милошевиќ во 2000 година, а подоцна прерасна во еден од најпознатите музички фестивали во регионот.

Но, фестивалот остана без државно финансирање откако јавно ги поддржа студентските протести против 14-годишното владеење на Српската напредна партија (СНС) и на нејзиниот коосновач, српскиот претседател Александар Вучиќ.

Подгорица, пак, смета дека загубата на Србија е добивка за Црна Гора. Владата проценува дека „Егзит“ ќе генерира најмалку 40 милиони евра директна туристичка потрошувачка и дополнителни 200.000 ноќевања.

Од „Егзит“, пак, велат дека нивното доаѓање ќе биде поттик за целата локална индустрија на настани.

Но, Павловиќ не е единствениот локалец незадоволен од ситуацијата.

Други организатори на фестивали, како основачот на „Сити грув“ (City Groove), Драган Булајиќ вели дека „Егзит“ добил јавни средства без да помине низ редовната постапка на јавен конкурс.

Смета дека домашните организатори се занемарени, и покрај тоа што со години носат големи музички имиња во малата балканска држава.

„Ако „Егзит“ фестивалот учествуваше на јавниот повик како и сите локални фестивали и добиеше финансирање под исти услови, ќе ја поздравев здравата конкуренција“, вели Булајиќ, кој минатото лето, во соработка со туристичката организација во Котор, организираше преполн концерт на француско-шпанската ѕвезда Ману Чао.

„Но, во овој случај, процесот ја поткопува црногорската фестивалска сцена и креативност, што е понижувачки.“

Експертот за туризам, Велибор Золак ги доведува во прашање владините прогнози за приходите и предупредува на дополнителни трошоци во јули и во август, кога „Егзит“ и „Си денс“ ќе се совпаднат со шпицот на туристичката сезона.

„Ова е лудост“, вели Золак. „Егзит дополнително го засилува масовниот туризам, а тоа се судира со ограничените ресурси на Црна Гора.“

„Црна Гора нема сопствени проценки, ниту актуелна туристичка стратегија, што значи дека нема ни цели засновани на податоци.“

„Егзит“ како симбол на постмилошевиќевска Србија

На фотографијата има луѓе кои се забавуваат на фестивалФото: Pexels

Следуваше преселбата во Црна Гора, брендирана како „Егзит 2 Монтенегро“ | Фото: Pexels

„Егзит“ се одржуваше во тврдината Петроварадин во Нови Сад, над Дунав. Самото име требаше да ја симболизира надежта на младите во Србија за „излез“ од мрачните години на владеењето на Милошевиќ.

По деценија обележана со војни, економска катастрофа и меѓународна изолација, Милошевиќ беше соборен во октомври 2000 година, кратко по првото издание на „Егзит.“

Србија постепено излезе од меѓународната изолација, а фестивалот добиваше милионски суми од државата, локалните самоуправи и од јавните претпријатија, пари што, според властите, повеќекратно се враќале преку потрошувачката на околу 200.000 посетители годишно.

„Егзит“ придонесе и за ребрендирањето на Србија, носејќи светски музички ѕвезди, позитивно медиумско внимание и награди, меѓу кои и признанието за најдобар голем фестивал на Евроските фестивалски награди во 2013 и во 2017 година.

Во 2014 година беше лансиран и „Си денс“ во Бечиќи, во близина на Будва.

Поддршката од српските власти продолжи и по доаѓањето на СНС на власт во 2012 година, и покрај нејзините корени во ултранационализмот од 1990-тите и улогата на Вучиќ како министер за информирање во последните години од владеењето на Милошевиќ.

Но, во 2025 година, организаторите јавно застанаа зад студентските протести, поттикнати од трагедијата во ноември 2024 година, кога се урна бетонска натстрешница на новореновираната железничка станица во Нови Сад и загинаа 16 луѓе.

Многу Срби, за трагедијата ги обвинија корупцијата, непотизмот и неквалитетните реконструкции, за кои невладините организации и антикорупциските набљудувачи тврдат дека процветале за време на владеењето на Српската напредна партија.

Владата јавно не реагираше, но организаторите на „Егзит“ тврдат дека од моментот кога застанале зад студентите, целосно им било ускратено јавно кофинансирање на сите нивоа на власт. Потоа објавија дека фестивалот во 2025 година ќе биде последен во Србија.

Следуваше преселбата во Црна Гора, брендирана како „Егзит 2 Монтенегро“ (EXIT2Montenegro).

Лани, на почетокот на јули, Улцињ беше домаќин на „Егзит“, а кон крајот на август, „Си денс“ се врати во Бечиќи, по неколкугодишна пауза предизвикана од истрага на црногорската агенција за заштита на конкуренцијата, која во февруари го расчисти случајот.

Влезниците за „Си денс“ од тогаш се бесплатни.

Одговарајќи на критиките на локалните организатори, како Павловиќ, коосновачот на „Егзит“, Ковачевиќ вели дека преселбата на фестивалот ќе ѝ помогне на целата индустрија на настани.

„Апсолутно ги разбираме предизвиците со кои се соочуваат локалните организатори и веруваме дека заслужуваат поголема видливост и поддршка“, изјави тој за БИРН.

„Веќе стапивме во контакт со речиси сите поголеми локални организатори и предложивме заеднички иницијативи, со цел Црна Гора да се позиционира како значајна европска дестинација за настани, што е и главната цел на проектот Егзит 2 Монтенегро.“

Ковачевиќ нагласува дека музичкиот туризам бележи раст и се повикува на проценки, според кои, глобалните приходи од оваа индустрија, до 2030 година ќе достигнат 250 милиони евра.

„Предлагаме црногорската влада повторно да го инвестира ДДВ-то од посетителите на „Егзит“ во туризмот поврзан со настани, за долгорочен раст, но и да ја подобри институционалната и даночната рамка за оваа индустрија“, вели тој.

Од кабинетот на црногорската влада, за коментар нè упатија до Министерството за туризам, од каде што немаат одговорено ништо за БИРН.

Стравувања за сообраќајот, инфраструктурата и животната средина

Фотографија на која се гледа градот Улцињ Фото: Wikipedia Commons

Локални активисти се загрижени за ефектите врз животната средина | Фото: Wikipedia Commons

Локалните власти во Улцињ и Будва ја поздравија преселбата на „Егзит“ и враќањето на „Си денс“, но признаваат дека ќе има предизвици.

Градоначалникот на Будва, Никола Јовановиќ предупреди дека доцнењата во реконструкцијата на 15-километарскиот пат Јаз – Тиват, кој го поврзува тиватскиот аеродром со Будва, би можеле повторно да предизвикаат сообраќаен хаос ова лето.

Градоначалникот на Улцињ, Генци Ниманбегу, пак, предупреди на проблеми со инфраструктурата, струјата, водоснабдувањето и сообраќајот околу Велика плажа.

„Патната инфраструктура сигурно нема да биде завршена до 1 јуни, на начин што ќе им овозможи на туристите брзо да патуваат од аеродромот во Тиват до Будва или до други дестинации, а тоа ќе биде негативен фактор за оваа туристичка сезона“, изјави Јовановиќ за ТВ Вијести.

Градоначалникот Ниманбегу за истиот медиум рече:

„Секако дека секогаш има проблеми, но интензивно работиме на нив.“

Ковачевиќ тврди дека „Егзит“ и „Си денс“ се закажани така што ќе го избегнат најголемиот туристички шпиц во првата половина на август, а искуството од организацијата на „Си денс“ ќе помогне и во управувањето со сообраќајот.

Но, локалната активистка и архитектка Зенепа Лика предупредува дека Улцињ и онака е преполн во јули.

„Тоа создава дополнителен притисок“, вели Лика за доаѓањето на „Егзит.“

„Туризмот базиран на настани треба да ја продолжува сезоната, а не дополнително да го оптоварува периодот кога градот веќе е преполн.“

Велика плажа во Улцињ е чувствително подрачје со песочни дини, а утоката на реката Бојана е заштитено поплавно подрачје и жариште на биодиверзитетот, каде што градежните активности се ограничени.

Активистката Лика вели дека стравува од влијанието што толку голем настан би можел да го има врз животната средина, вклучително и ефектите од бучавата врз птиците во регионот.

Ковачевиќ, страстен љубител на кајтсурфингот, возвраќа дека областа и сега „има бројни барови на плажа и илјадници посетители.“

„Егзит нема да предизвика дополнително влијание“, изјави тој за БИРН.

„Ќе ги примениме сите мерки за заштита на животната средина. Нашиот фестивал промовира зачувување на оваа дивина.“

Но, Павловиќ, основачот на веќе згаснатиот фестивал „Садрн соул“, останува скептичен и кон финансиските проекции и кон начинот на кој се реализира преселбата на „Егзит“.

„Локалните организатори мора да чекаат да се продаде и последното пиво на фестивалот за да видат дали воопшто ќе бидат на нула, додека „Егзит“ практично нема никаков деловен ризик со ваква владина поддршка“, вели тој.

„Ова се фрлени пари. Како ја пресметале таа добивка? Не мислам дека станува збор за лоша намера од владата, туку за недостиг од знаење.“