Обидите на Европското јавно обвинителство (ЕППО) да истражи измами со земјоделските субвенции на ЕУ во Грција предизвикуваат политичка реакција од властите – и обвинувања за институционализиран клиентелизам од критичарите.
Владини министри и службеници гневно реагираа откако грчкиот парламент на 22 април, по барање на Европското јавно обвинителство, го укина имунитетот на 13 пратеници од владејачката партија Нова демократија, наводно вмешани во скандал со земјоделски фондови на ЕУ.
„Никогаш не сме виделе толку масовно укинување на пратенички имунитет во Грција“, истакна Арис Стилиану, професор по политички науки на универзитетот „Аристотел“ во Солун.
Тринаесетте пратеници, меѓу кои и двајца поранешни министри, се споменуваат во досиеја испратени до парламентот од страна на ЕППО, во врска со незаконски исплатени субвенции во 2021 година од страна на грчката агенција за плаќање и контрола на земјоделски субвенции (ОПЕКЕРЕ), која ги распределува средствата од ЕУ.
ЕППО води повеќе тековни истраги за наводни организирани измами во кои се вклучени јавни службеници во Грција, поврзани со „тешки кривични дела против финансиските интереси на ЕУ, вклучувајќи злоупотреба на доверба, компјутерска измама и лажно издавање документи со цел незаконска корист.“
Се тврди дека пратениците помагале лица незаконски да добијат земјоделски субвенции – или за земјиште што не го поседувале, или за земјоделска работа што не ја извршиле. Станува збор за суми од стотици милиони евра.
Покрај штетата за буџетот на ЕУ, вистинските земјоделци што имале право на субвенции биле оштетени, за „средствата да одат кај производители и сточари блиски до Нова демократија“, изјави Стилиану.
Сепак, грчките владини функционери и претставници на Нова демократија ги доведоа во прашање постапките на европското обвинителство, а дел од нив обвинуваат и за политичко мешање.
Министерот за здравство, Адонис Георгиадис, во објава на Икс предупреди дека ЕППО мора да остане „политички неутрално“, бидејќи „мешањето во политика ќе го уништи.“
Пратеничката од Нова демократија, Софија Вултепси, во телевизиско интервју изјави: „Не сакам Чаушеску правда во Грција“, алудирајќи на романскиот диктатор Николае Чаушеску и националноста на главната европска обвинителка Лаура Ковеши.
На економскиот форум во грчкиот град Делфи, Ковеши возврати дека критиките се обид да се „пренасочи разговорот од суштината… од тоа што навистина се случило во ОПЕКЕРЕ и кој е одговорен.“
„Ние сме обвинители, тука сме да ја работиме нашата работа, а нашата работа е да докажеме дека законот важи за сите. Не истражуваме политичари затоа што се политичари“, отворено изјави Ковеши.
Притоа, Агенцијата за земјоделски субвенции ја оцени како корумпирана: „ОПЕКЕРЕ е акроним за корупција, непотизам и клиентелизам.“
Многу грчки експерти се согласуваат со оваа оценка. Скандалот со земјоделските субвенции ја одразува клиентелистичката природа на односите меѓу политичките лидери, државните службеници и приватните лица во Грција, истакна Софија Видани, поранешна професорка по криминологија на универзитетот „Пантеион“ во Атина.
Маргарита Гаспаринатоу, асистентка на универзитот, пак, изјави дека постои систематска стратегија за дискредитација на ЕППО, нагласувајќи дека укинувањето имунитет не значи вина, туку овозможува продолжување на истрагата.
Земање мито или пренесување барања?

За обвинителката Ковеши, ОПЕКЕРЕ е акроним за корупција, непотизам и клиентелизам | Фото: БИРН
На гласањето во парламентот на 22 април, мнозинството од присутните 288 пратеници гласаа за укинување на имунитетот на 13-те пратеници.
ЕППО ќе истражува двајца пратеници, Катерина Папакоста и Костас Караманлис, за наводно соучесништво во злоупотреба на довербата, а против финансиските интереси на ЕУ.
Девет пратеници ќе бидат истражувани за истото дело, но како прекршок, а двајца за поттикнување на прекршување службена должност.
Повеќето од тринаесетте пратеници, самите побараа укинување на имунитетот, наведувајќи дека сакаат да ја докажат својата невиност. Тие тврдат дека не поткупиле никого, туку само ја извршувале својата улога како пратеници за да посредуваат во барања на грчки граѓани на кои им требало помош.
Меѓу нив има и тројца високи владини функционери што поднесоа оставки на 3 април, негирајќи вина – министерот за климатска криза и цивилна заштита, Јоанис Кефалогианис, министерот за рурален развој и храна, Костас Циарас, и заменик-министерот за здравство, Димитрис Варцопулос.
„Улогата на пратеникот не е ограничена само на собраниските сали“, се обрати во Собранието, Нотис Митарахи, еден од пратеници чија работа ќе се истражува.
„Политичката активност е поширок поим, а пренесувањето, кореспонденцијата, односно доставувањето граѓански петиции и барања, е политичка активност. Овде не зборуваме за мито, туку за пренесување на барање на граѓанин… Пратеникот е примарен застапник на граѓанинот“, додаде тој.
Варцопулос во ТВ-интервју на 2 април, пак, изјави дека повеќепати комуницирал како пратеник со ОПЕКЕРЕ, но не се сеќава точно што барал.
„Нема земјоделец, кој во одреден момент од животот немал проблем со ОПЕКЕРЕ и тој може да се обратат кај пратеникот за да го реши својот проблем“, рече тој, додавајќи дека има чиста совест.
На 3 април, грчкиот медиум „Катимерини“ објави делови од разговори меѓу политичари и ОПЕКЕРЕ, добиени од истрагата, во кои тие се обидувале да интервенираат во корист на одредени земјоделци.
Гаспаринатоу истакна дека е впечатливо како клиентелистичките односи „се нормализираат“ од високи функционери. Државните институции функционираат „на раб на законитоста, во сиви зони, ние зборуваме за заобиколување на правилата, а во некои случаи и на уставните права“, додаде таа.
Владата тврди дека клиентелизмот е минато

Тринаесетте пратеници ќе учествуваат на следните избори, тврди владиниот портпарол | Фото: Unsplash
Во одвоен случај, во јуни 2025 година, Европското јавно обвинителство ги достави до грчкиот парламент имињата на поранешните министри за рурален развој и храна, Макис Воридис и Лефтерис Авгенакис, поради сомнежи дека биле вмешани во измамничко користење земјоделски средства од ЕУ.
Парламентот изгласа формирање истражна комисија за да ги разгледа наводите, но неколку месеци подоцна, во февруари 2026 година, утврди дека двајцата поранешни министри не сносат кривична одговорност.
Гаспаринатоу изјави дека парламентарните процедури „во голема мера се користат како ‘пералница’“, за да се обезбеди пратениците да не одговараат. Таа посочи и дека постапките во неодамнешната парламентарна истрага за скандалот со прислушувањето, која ги ослободи пратениците од одговорност, биле затворени за јавноста.
Доколку мнозинството одлучи дека нема основа за постапка, и тоа го одобри парламентот, „случајот целосно се затвора“, нагласи таа.
Во меѓувреме, владиниот портпарол Павлос Маринакис, на 23 април изјави дека 13-те пратеници опфатени со случајот ОПЕКЕРЕ „нормално дека ќе се најдат на избирачките листи“ на следните парламентарни избори, закажани за 2027 година.
Премиерот Киријакос Мицотакис, минатата недела забележа дека проблемите со земјоделските субвенции имаат долга историја, „во која се огледуваат одговорностите на сите партии.“
Тој додаде дека клиентелизмот „не се појавил вчера“, но инсистираше дека сега е „надминат“ – благодарение на одлуката на владата за реорганизација на ОПЕКЕРЕ и ставање под контрола на независната даночна администрација.
*Насловната фотографија е генерирана со помош на алатките за вештачка интелигенција

