Анализи

Волкот од Козле – жртва на заробеништво, па на импровизации

Во план е отворање центар за спасување на запленети и повредени диви животни

Денес изминуваат 30 дена задолжителен карантин за волкот што беше најден во Козле минатиот месец.

Но, веројатно ќе остане таму подолго бидејќи не може туку-така да се спои со другите волци во Зоолошката, ниту му е најдено посоодветно живеалиште.

По некоја случајност, волкот, за кој се дебатираше во медиумите и јавноста дали е волк или куче, се најде токму на паркингот пред зградата на Тина Мицковска, долгогодишна соработничка и порпраролка во Зоолошката градина во Скопје.

Кога таа се симнала, полицијата веќе била таму и го врзала волкот за бандера. Од таму, волкот бил преместен во карантин во скопската Зоолошка.

„Најверојатно цело време бил врзан на ланец, бидејќи реагира само на тропкањето на на ланецот. За жал, сè уште не може да се прилагоди, чудно му е сега во поголем простор“, објаснува за БИРН, Мицковска.

Вели дека волкот е млад мажјак, кој не бил соодветно хранет. Тој сега има поминато третман, прочистен е од паразити и е хранет според европски таблички за исхрана на волци.

За разлика од домашните животни, кои со генерации се одгледуваат од луѓето и се припитомени, дивите животни се опасни за луѓето. Односно, луѓето може да бидат нападнати, да фатат некоја болест и дури да бидат убиени од диви животни чувани во заробеништво.

Но, кога се наоѓа вакво диво животно чувано во несоодветни услови или граѓани ќе најдат повредено диво животно, нејасно е кои се следните чекори за неговото згрижување.

Влатко Трпески, раководителот на секторот за природа при Министерството за животна средина, во разговор со БИРН, објасни дека досега во Македонија немало протокол за вакви животни и дека овој проблем треба да се реши со промените на Законот за заштита на природата.

Па така, немајќи друго решение, кога овие животни се одземаат од сопствениците, тие често завршуваат во скопската Зоолошка.

Но, ова е проблематично бидејќи дивите животни не се научени на таква околина и бидејќи често зоолошките немаат капацитети за тоа.

Опасна пракса на чување диви животни како домашни миленици

На фотографијата има мечка од Зоолошката градина во Скопје

Најтешко е да се вратат мечки во дивина бидејќи се навикнуваат на човечки услови| Фото: БИРН/Е. Петреска

Волкот од Козле не е изолиран случај во државава. Професионалците што работат со диви животни го опишаа ова како сериозен проблем.

Низ годините, Мицковска била сведок на различни злоупотреби на диви животни, од шверцани мали лавчиња до мајмуни и локален дивеч.

Кога Мицковска се обидувала да им помогне на овие животни, се случувало да се соочи со закани и различни непријатни ситуации.

„Се случи пред неколку години да ни донесат волче, кое си го чувале дома. Буквално ни рекоа, или ќе ја земете, или ќе ја убиеме, за потоа да ја фрлат пред самата Зоолошка“, се присети таа.

Вели дека знаејќи дека тука работат активисти за животни, често луѓе ги контактираат за проблематични случаи со диви животни.

Имало објави на социјалните мрежи и на веб-страниците за огласи за цели легла мали волци, кои, според неа, понатаму се користат за тренинг на кучиња за борби.

Дел од животните што биле огласени за продажба, успеале да ги спасат.

Сепак, Мицковска вели дека ситуацијата е подобрена од порано бидејќи трговијата со диви животни е порегулирана преку меѓународната CITES конвенција.

Односно, иако шверц на диви и егзотични животни некогаш се случува, бидејќи Македонија е потписник на оваа конвенција, не може да се внесе или да се изнесе диво животно од земјава доколку нема CITES сертификат.

Фотографија од волк чуван во Зоолошката градина во Скопје

Волците во Македонија воошто не се заштитени од лов | Фото: БИРН/Е.Петреска

Диме Меловски, раководител на програма за диви видови во Македонското еколошко друштво (МЕД), вели дека, освен што е опасно за луѓето што ги чуваат, тоа е и многу штетно за самите животни.

„Диви животни што се чувани во заробеништво, често не можат да се вратат во природата бидејќи веќе не можат да се снајдат во дивина“, објаснува Меловски за БИРН.

Вели дека најопасно е кога некој чува мече, бидејќи стануваат хабитуирани, односно навикнати на човечки услови, со што не можат да се вратат во природа.

Според Меловски, проблемот кај волците, дополнително во Македонија е што, за разлика од повеќето европски држави, не се заштитен вид.

До пред некоја година дури се давале награди за уловени волци бидејќи се сметале за штетници.

Тој смета дека тие треба да добијат статус на заштитен вид во ловостој, односно дека нивното ловење треба да биде дозволено само во строго одреден период од годината.

Но, поради нивниот сегашен статус, Меловски мисли дека државата ретко се ангажира кога се во прашање вакви случки со волци и скептичен е дека ќе се најде тој што го чувал волкот што беше најден во Козле.

Законот за заштита на природата предвидува казни за чување диви животни во заробеништво без дозвола или во несоодветни услови, од 200.000 до 300.000 денари.

Во разговор со БИРН, инспекторот за природа, Пејо Ќосевски рече дека инспекторите ги одземаат животните доколку се утврди дека се несоодветно чувани, но почесто се стремат да имаат едукативна улога и да издаваат опомени наместо парични казни.

Во цела држава има само три инспектори за природа, кои, освен што се занимаваат со оваа проблемтика, имаат и други обврски, како спроведување мерки за заштита на заштитеното природно богатство.

Скопската Зоолошка не е идеално решение

Фотографија на која се гледа како слоницата Даела од скопската зоолошка ја поздрвува долгогодишната соработничка од зоолошката Тина Мицковска

Слоницата Даела која сега живее во скопската зоолошка била спасена од циркус | Фото: БИРН/Е.Петреска

Зоолошката градина во Скопје, повеќепати има излезено во пресрет, во ситуации каде што диви животни биле несоодветно чувани како домашни миленици, одземени од царина или најдени повредни.

„Низ годините сме прибрале штркови, мечиња, срнички, како и помали животни, како гаврани, желки, ежиња, што можеби до некаде очекувано, особено во периодот на промена на сезоните“, вели Војо Иванов, долгогодишен негувател во скопската Зоолошка.

Иванов вели дека, доколку е можно, целта секогаш е да се вратат животните во природа. Но, во Зоолошката има повеќе примери на спасени животни, кои со години се таму.

Еден таков пример се браќата мечки Бим и Бум, кои биле спасени како мали бидејќи нивната мајка била почината.

Слоницата Даела, пак, е спасена од циркус, а шимпанзата Мими и Изи биле украдени од дивината како мали.

Изи бил дел од експериментална програма за лекови и според неговиот случај е донесен закон со кој се забранува тестирања поврзани со ХИВ на шимпанза во цела Европа.

Иако ваквите приказни се за пофалба, Иванов и Мицковска посочуваат дека Зоолошката е импровизирано решение за ваквите животни, на кои им треба повеќе мир и простор.

Всушност, подобро решение за запленетите или повредените диви животни се таканаречените центри за спасување, каде што тие имаат повеќе простор и соодветни услови за третман.

Фотографија од шимпанзо кој се држи на оградата во скопската зоолошка

Шимпанзата Мими и Изи биле украдени како мали од дивина | Фото: БИРН/Е. Петреска

Практично, овие прифатилишта се прават на места што се природно живеалиште на животните, само што нивниот простор е ограден за да не може да избегаат и да не се мешаат со оние што цело време живееле во дивина.

Замислени се како хуман простор во кој животните што биле ослободени може да го поминат остатокот од животот во приближно природна средина, каде што активисти се грижат за нив.

Овие живеалишта може да ги посетуваат туристи, но, за разлика од зоолошките градини, во центрите за спасување најчесто се прават само организирани тури со водич и нема никаква гаранција дека посетителите ќе ги видат животните.

Скопската Зоолошка и МЕД соработувале со центри за спасување во регионот. Најблиску има во Грција, Бугарија и во Косово.

Меловски од МЕД раскажа за БИРН дека пред петнаесетина години нашле повредено мече, кое го однеле во центарот за спасување „Арктурос“ во северна Грција.

Му било дадено името Ушко и тој живеел во центарот десетина години како инвалид бидејќи повредата била на неговиот ’рбет.

„Мечето Ушко стана голема атракција бидејќи е единствената мечка, која го поминала својот живот во количка. За него се пишуваа и книги за деца и донесе многу приходи за прифатилиштето“, раскажа Меловски.

„Арктурос“ е прифатилиште на планината Вичо, на височина од околу 1.400 метри, каде што дел од шумата е оградена со жица и внатре живеат дваесетина мечки што биле ослободени од заробеништво, не само во Грција, туку и во Албанија, Црна Гора, Естонија и во други држави. Во подножјето на планината, пак, здружението има простор за волци, чакали и за рисови.

Едно од поголемите во регионот е „Либеарти“, во близина на романското гратче Зарнести на Карпатите. Во него живеат над сто мечки, од кои повеќето биле ослободени од друмски ресторани, каде што биле чувани во мали кафези како атракција за гостите.

Активистите во „Либеарти“ раскажуваат дека некои мечки првпат допреле трева кога биле донесени во прифатилиштето, дури им било страв да направат чекор надвор од кафезот. Тоа го сметаат за показател колку дивите животни што се чувале во заробеништво се трауматизирани, имаат психички проблеми и не би можеле да преживеат ако се пуштат во природа.

Центрите за спасување влегуваат во новиот закон за природа

Мечка во центарот за заштита на животни во Грција

Мечка која живее во центарот за спасување Арктурос во Грција | Фото: БИРН/Г.Трпковски

Со новиот Закон за заштита на природата, кој сè уште е отворен за коментари од јавноста, се предвидува изградба на ваков центар за спасување. Веќе е утвредено дека центарот ќе биде на државно земјиште во Општина Петровец.

По модел што веќе функционира во Хрватска и во Словенија, се планира и формирање интервентен тим за крупни ѕверови, во кој ќе се вклучат повеќе институции.

Пред неколку години, Министерството за животна средина нарача физибилити студија, каде што се дефинираа потребните услови за ваков центар.

Со цел да се направи инфраструктура за решавање на овој проблем, Министерството за животна средина и Факултетот за ветеринарна медицина планираат да работат заедно.

„Решивме дека е најдобро да се направи центарот во близина на Скопје за да биде блиску до факултетот каде што имаме медицинска опрема и капацитети за да може да даде најсоодветна грижа на дивите животни“, кажа за БИРН, д-р Мирослав Ќосевски, продекан за наука и меѓународна соработка при Факултетот за ветеринарна медицина.

Иако се почнати процесите за овој центар, никој не можеше да ни даде јасна временска рамка кога би бил завршен.

Па затоа, засега ваквите диви животни продолжуваат да имаат неизвесна судбина.

„Бидејќи немаме прифатни центри за рехабилитација, зоолошките се единствените места каде што на луѓето, па дури и на институциите, прво им паѓа на памет дека запленети или повредени диви животни можат да бидат пренесени. Сепак, тоа не е вистинско решение“, заклучи Мицковска.