Анализи

Проблемите што испливаа со изградбата на базенот во Чаир

ЦГК открива низа неправилности при реализација на тендерот

Додека на последниот ден од учебната година, група ученички се прскаа со вода во дворот на чаирското основно училиште „Исмаил Ќемали“, на само 50 метри од нив, заклучен беше новиот училиштен базен. Децата знаеја дека има базен, ама не знаеја кога, како и дали воопшто ќе може да го користат.

„Имаме уште една година школо, од септември можеби ќе ни го дадат да го користиме“, малку збунето забележаа две осмоодделенки.

Базенот свечено беше отворен пред две недели, со доцнење од една и пол година, кое било толерирано од општината. Згора на тоа, како што во своето последно истражување открива Центарот за граѓански комуникации (ЦГК), шест месеци, базенот бил готов само на хартија.

Иако од Чаир испратиле известување до Бирото за јавни набавки дека тендерот е реализиран, парите се исплатени, а фирмата 100 проценти ја завршила работата на објектот, вреден речиси 900 илјади евра, на терен на големо се вршеле градежни активности.

Ова ЦГК го потврдиле и со нивната теренска посета на базенот, прво во март, а потоа и на почетокот на мај, а и од документите од надзорот – кој дал цела листа работи што треба да се доправат, откако градежната компанија ги известила дека проектот е готов.

„Општината го прогласила базенот за изграден во истиот ден кога добила извештај од надзорот, кој набројува незавршени работи и допрва бара приклучување на електрична и водоводна мрежа, за да се изврши финалното тестирање на базенот“, откриваат од ЦГК.

Во своето истражување за тендерот, од ЦГК нотираат низа проблеми при реализацијата на овој тендер. Така, на пример, Општина Чаир, иако според договорот требало, сепак не ја казнила градежната компанија за доцнење со изградбата на базенот и двапати го прифатила нејзиното барање за продолжување на рокот.

Во меѓувреме, истата компанија што го гради базенот во Чаир – Еуровиа, го менува името во Еаком, и годинава во јануари, во конзорциум со уште една фирма, го добива тендерот за изградба на втор базен во истата општина, во училиштето „7 Март.“

Еуровиа и бизнисот со изградба на училишни базени

Базенот во Чаир официјално е отворен на 26 мај | Фејсбук профил на општината

Првите чекори за изградба на училишните базени се прават во 2019 година. Тогашната влада носи одлука за изградба на дури 14 вакви базени, кои главно ќе бидат наменети за ученици, бидејќи длабочината им е околу 80 сантиметри во најплиткиот и до 120 во најдлабокиот дел.

Тетовската градежна компанија Еуровиа, во овој бизнис влегува во 2020 година, кога од тендерот на Агенцијата за млади и спорт (АМС), за шест нови базени ја добива изградбата на оној во Тетово. За останатите пет, избрана е друга фирма.

Но, среќата работи во прилог на тетовската компанија.

Во 2022 година, АМС со други фирми склучува договор за изградба на уште три базени – во Карпош, Кавадарци и во Струмица.

Базенот во Тетово е готов и официјално отворен среде лето, во јули 2022 година, со најава дека, сепак, со работа ќе почне од септември, кога почнува и учебната година. Изградбата на другите пет базени во Кичево, Битола, Штип, Ѓорче Петров и Кисела Вода заглавува, па Агенцијата за млади и спорт ја ангажира и Еуровиа како подизведувач, во сомнителна постапка за која во повеќе наврати пишуваше редакцијата на „360 Степени.“

Компанијата, која пред неколку години стана позната во јавноста како голем донатор на партијата ДУИ, во октомври 2025 година го смени името во Еаком и продолжи да добива тендери, иако во меѓувреме ДУИ отиде во опозиција.

Покрај вториот базен во Чаир, лани во октомври, Еуровиа, во конзорциум со својата партнерска фирма во овој бизнис – Вивинт, ги добива тендерите за изградбата на уште два затворени училишни базени во Тетово. Трите базени се градат со пари од унгарскиот кредит, а секој од нив чини меѓу 800 илјади и 1 милион евра.

Додека рокот за завршување на базените во Тетово е една година, изградбата на вториот базен во Чаир ќе потрае, бидејќи е предвидено да трае три години.

Тој ќе се гради во дворот на училиштето „7 Март“, непосредно до спортската сала. Локацијата веќе е оградена со тараби и почнати се првите ископи за новиот базен.

Како ќе работи затворениот базен во Чаир

Багер во дворот на училиштето „7 Март“ | Фото:БИРН

Иако базенот во основното училиште „Исмаил Ќемали“ е официјално отворен, на стаклата од влезните врати сè уште има траги од кал, во дворот стојат неколку водоводни цевки, а еден кабел останал да виси од електричниот орман.

Во моментов, со унгарскиот кредит се градат уште два училишни базени, во Бутел и во Валандово.

За време на посетата на БИРН, вратата беше заклучена и на неа беше залепено ливче на кое пишуваше дека влезот на неовластени лица е забранет, како и дека е потребна пријава кај одговорното лице пред влегување внатре. Немаше оставено ниту име, ниту контакт од одговорниот.

Нема информации и за тоа дали и како базенот ќе функционира ова лето, ниту, пак, кој ќе стопанисува со него. БИРН испрати неколку прашања до општината, ама и покрај најавите дека одговорат, до објавувањето на текстот не добивме одговори.

На официјалното отворање, градоначалникот Изет Меџити изјави дека од следната година, учениците од петто и шесто одделение ќе имаат часови по пливање, кое ќе стане дел од наставната програма, како и дека базенот ќе биде во функција и за рекреација и за пливачките клубови што сега се формирале во Чаир.

„Инвестираме во децата и во нивното здравје“, истакна Меџити.

Од ЦГК, пак, изразуваат сомнеж дека отворањето на базенот, на само 10 дена пред крајот на учебната година било избрзано, само за да се потврди дека е реализиран тендерот и да се минимизираат последиците од јавното објавување на нивното истражување за тендерот, за кое, како што велат, општината била свесна дека се изработува.