Анализи

Скопје меѓу камерите на „Безбеден град“ и реалноста на улиците

Камерите го намалија бројот на сообраќајки

Додека министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, на телевизија се фалеше дека благодарение на „Безбеден град“ има големо намалување на бројот на жртви во сообраќајни незгоди, дел од жителите на Бутел се враќаа дома, од протест.

Тие го блокираа сообраќајот за да побараат поголемо присуство на полицијата и ставање ред со дивеењето на возилата, откако на нивната улица беше удрено дете. На нивниот дел на Бутелска нема поставено камери на „Безбеден град“, последните се половина километар подолу, кон Чаир, па возачите овде често знаат да се „издуваат“ бидејќи нема да бидат снимени и казнети.

Протест на Бутелска | Фото: БИРН

Неколку месеци откако по официјалниот старт на „Безбеден град“, БИРН анализираше какви се резултатите од него, но и со какви сè проблеми се соочува системот што беше најавен како главна алатка за справување на сообраќајниот хаос, кој секоја година зема повеќе од 100 животи.

За ова, Европската комисија веќе ја има предупредувано Македонија, во редовните извештаи за напредокот. Лани во земјава биле изгубени 72 животи во сообраќајни несреќи на милион жители, што е значително повисоко од просекот во ЕУ – 43 жртви на милион жители.

Иако првичните резултати од „Безбеден град“ носат позитивни промени, податоците за првите три месеци од официјалниот старт покажуваат дека системот во Скопје не влијаел многу врз намалувањето на жртвите во сообраќајни незгоди. Во меѓувреме, технички проблеми во системот го затрупаа со приговори скопскиот суд, а наводни казни стигнуваат и за возилата што се привилегирани со закон, кои подоцна мора да се избришат.

„Ова не може да биде инстант решение. Не смее сè да се остави само на камерите и „Безбеден град.“ Камерите се алатка во рацете на МВР, кои треба да заменат дел од обврските на полициските службеници, но не може сосема да ги исклучат. Тие мора да бидат присутни на терен, особено за оние прекршоци што не се детектираат од системот“, предупредува Дејан Трпевски, сообраќаен инженер и судски вештак, кој ги следи новите процеси.

Помалку сообраќајки, ист ризик

Четири жртви во Скопје во првите три месеци „Безбеден град“ | Фото: БИРН

Со него ги разгледувавме статистиките од „Безбеден град“ во Скопје, кои БИРН ги доби од МВР за првите три месеци по официјалниот старт на системот, а непосредно по фалбите дека во април, во главниот град немало ниту една жртва во сообраќајка.

Веќе во мај, состојбата се смени, кога во стравична несреќа на скопската обиколница загинаа тројца 20-годишници и таткото на еден од нив. Во друга, пак, животот го изгуби 19-годишен мотоциклист, во кој удрил пијан и издрогиран возач.

Статистиките за периодот февруари – април не покажуваат тренд на намалување на бројот на жртви во главниот град, споредено со истиот период во изминатите три години, па, како што појаснува Трпевски, прерано е да се избрзува со заклучоци за бројката на спасени животи.

Годинава, на пример, во првите три месеци од официјалниот старт на „Безбеден град“ во Скопје, имало четири жртви, додека преклани, три. И претходно имало месеци без жртви, ама до крајот на годината, тоа секогаш не носело и помал годишен просек.

Она што сега е конкретно и видливо, е намалениот број на сообраќајќи годинава во главниот град, споредено со претходните три.

„За првите три месеци, резултатите се охрабрувачки. Бројот на сообраќајни незгоди се намалува, не е драстично, меѓутоа има солидно намалување“, заклучува Трпевски.

Тоа го забележале и граѓаните со кои разговараше БИРН, кои велат дека возењето низ Скопје е посмирено, возачите застануваат на црвен семафор, а и на пешачки премин, иако овој прекршок, камерите сè уште не го регистрираат.

Засега, системот испраќа казни само за три вида прекршоци – брзото возење, минувањето на црвено и управувањето со нерегистрирано возило. Најказнувано е возењето над 50 км час, а најдрастична разлика има во минувањето на црвено светло – во февруари испратени биле 175 казни, за веќе во следните месеци, бројката да падне под 50.

Очекувањата се дека поставувањето повеќе камери, кои ќе регистрираат и повеќе видови прекршоци, ќе донесе и подобри резултати. Од МВР веќе најавија надградба на системот, но без временски рок кога ќе се случи.

Инфографикот е едитиран со АИ

Она, пак, што Трпевски не гледа дека се прави, е создавање и нов систем за справување со последиците во сообраќајот, кој почнува со едукација уште од забавиште.

„Кај нас системот не е добро развиен и често има дупки. Еве пример, министерот излезе јавно и кажа дека ќе ги гонат несовесните моторџии. Тоа не треба да биде најава, туку редовна процедура 24/7, која нема да зависи од волјата на министерот“, вели тој.

Она што не зависи од министерот, и воопшто од човечки фактор, е кому „Безбеден град“ ќе му прати казна.

„Системот не познава имиња, функции или позиции – тој евидентира само прекршок. Законот важи за сите“, истакна Тошковски, непосредно пред официјалниот старт.

Сепак, има одредени исклучоци, за возилата со првенство на минување, како што е Брза помош и пожарната, но и на возилата за придружба на армијата и полицијата, за кои важат поинакви сообраќајни правила кога се на должност.

Системот и ним им праќа казни, ама, како што појаснуваат во МВР, потоа во секој конкретен случај се утврдува дали возилото направило прекршок или не. Не откриваат колкава е бројката на вакви возила, со оправдување дека таа е променлива. Сево ова остава подотворена врата за злоупотреби, со оглед на тоа што снимките се бришат по 30 дена, па се губи и трагата на регистрираниот прекршок.

Од скопската Брза помош, на пример, досега двапати доставиле листа со регистрации на санитетските возила до МВР, за да не се јавуваат за секоја казна.

„Една по една ако ги пријавуваме, за секоја казна, само тоа ќе треба да го правиме“, појаснува Анита Димовска, раководителка на Итната медицинска помош во Скопје.

Од 476 приговори до први казни во судот

Почнаа судењата за „Безбеден град“ | Фото: БИРН

И секој случај што ќе дојде на суд, мора да се разгледува индивидуално. Во февруари, кога почнаа да пристигаат казните од „Безбеден град“, судот беше преплавен со дури 476 приговори, за во следните два месеца, оваа бројка многукратно да се намали, на 65 во март и 38 во април. Од МВР велат дека бројот на приговори во февруари бил таков, затоа што фирми се жалеле дека добиваат казни за возила што се дадени под лизинг, па брзале да го фатат законскиот рок од 8 дена.

„Овој предизвик од технички карактер беше надминат во краток временски период по што беа обезбедени соодветни технички услови за непречено постапување, што се потврдува и со намалениот број поднесени приговори“, појаснија оттаму за БИРН.

Но, за други работи, граѓаните допрва ќе чекаат судска разрешница. Рочиштата на суд за приговорите дадени во средината на февруари се закажани некаде во октомври. Меѓу нив се тие и за граѓаните што реагираа дека, иако возеле под 50 км/ч, добиле казна бидејќи под камерата биле претекнати од мотори, чии регистрации потешко се детектираат.

Судењата за незадоволните од казните испратени со „Безбеден град“ пак стартуваа на средината на мај. БИРН го следеше првото од нив.

Прво судење за „Безбеден град“ | Фото: Основен кривичен суд Скопје

На едниот крај на судницата беше поставен голем проектор. Додека судијката Сања Лазова Стојанова, секунда по секунда, го анализираше видеото од камерата на Безбеден град, обвинетиот се муртеше. Беше уверен дека не минал на црвено светло, но снимката го покажа спротивното – беше запалено жолто кога тргна возилото на обвинетиот, за на црвено да почне да навлегува во крстосницата по две други возила што се движеа пред него.

Прекршокот го беше сторил само неколку дена откако во Скопје профункционира „Безбеден град.“ Доби казна од 250 евра, плус 3.000 денари судски трошоци и тримесечна забрана за управување со моторно возило.

„Сега веќе застанувам и оддалеку штом видам дека трепка зеленото светло“, забележа тој пред судот.

Ваквите промени, ако не се задржат само на исказ пред судот, носат и побезбеден сообраќај. Овојпат, под влијание на камерите и казните што ги испраќа „Безбеден град.“

Ова не важи за 3-километарската Бутелска, каде има само една камера, а отсуствуваат и редовните полициски контроли. Викендов на неа се поставуваа лежечки полицајци, за да го успорат сообраќајот. Ако ефектот изостане, нејзините жители пак ќе излезат на протест.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.