Понеделник, 7 септември, е 100-тиот последователен ден во кој албанските граѓани излегуваат на улиците пред владината зграда во Тирана.
Таканаречената „Фламинго револуција“ името го доби по ретките птици за кои демонстрантите сметаат дека се загрозени од планираната изградба на туристички комплекс во заштитено подрачје – проект поврзан со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.
Токму ова прашање првично ги поттикна демонстрациите, кои во меѓувреме прераснаа во најдолготрајните протести против владеењето на премиерот Еди Рама од кого демонстрантите бараат оставка.
Повеќе од три месеци откако започнаа овие собири, бројот на учесници е намален, но граѓаните и натаму излегуваат на протести секоја вечер. Рама, кој на изборите во 2025 година извојува убедлива победа, досега не покажа знаци дека ќе исполни кое било од нивните барања.
По повод 100-от ден, БИРН разговараше со четворица албански аналитичари за да го процени влијанието што протестите го имаат врз албанското општество и политика. Ви ги пренесуваме интегрално нивните мислења.
Лутфи Дервиши: Најголемото постигнување се самите протести

Островот Звернец каде треба да се гради туристички комплекс | Фото: Pexels/Eliza CreativeStudio
„Граѓански протест, без политичка партија, лидер или конвенционална организациска структура, кој трае повеќе од 100 дена, сам по себе е политички резултат“, изјави за БИРН новинарот Лутфи Дервиши.
„Со децении, протестите речиси автоматски се поистоветуваа со опозицијата. „Фламингосите“ создадоа една поинаква категорија: луѓе кои можат да бидат против владата, без притоа нужно да бидат на страната на опозицијата.
Ако формалниот список на барања се земе како мерило за влијанието, ниту едно од нив не е исполнето. Но, не треба да заборавиме дека протестот започна со ограда во Звернец (каде што беше планирана изградбата на луксузниот туристички комплекс), а прерасна во национална дебата за заштитените подрачја, стратешките инвеститори, јавниот имот, олигархијата, корупцијата, моделот на туризам и, конечно, за начинот на кој се практикува власта.
Сè уште не ја постигнавме промената што ја бара протестот, но владата беше принудена да реагира на него, и тоа повеќепати.
На почетокот се обиде да го игнорира; потоа мораше да го објаснува; па да го делегитимира; а подоцна да тврди и дека неговите иницијатори се во странство.
Имаше бројни извештаи во меѓународните медиуми, а вниманието на западниот печат се префрли од Техеран кон Тирана. Тоа е мерливо постигнување.
На првиот ден, прашањето беше: Ќе биде ли отстранета оградата во Звернец? На 100-тиот ден, прашањето е: Уште колку огради стојат низ земјата?“
Лутфи Дервиши е искусен новинар и коментатор од Тирана.
Ергис Мертири: Вистинското лице на Рама е разоткриено

Граѓаните бараат оставка од премиерот Еди Рама | Фото: БИРН
„Досегашното влијание на протестите е извонредно“, изјави за БИРН политичкиот аналитичар Ергис Мертири.
„Во три месеци тој го соголи секој аспект од актуелната политичка фарса, оставајќи ја само единствената вистинска конфронтација на албанската политичка сцена: судирот меѓу постојната политичка класа и граѓаните кои бараат промена и преиспитување на оваа реалност.
Како последица на тоа, Рама сега нема друга грижа освен да се справува со притисокот што доаѓа од улицата, додека (лидерот на опозицијата Сали) Бериша е преокупиран единствено со тоа да го прикрие фактот дека протестот бара негово заминување исто колку и заминувањето на Рама.
Протестот ја разоткри политичката класа како некој што не ги претставува граѓаните. Покажа дека ниту владата ниту опозицијата го претставуваат албанското општество, со што ги направи политички нелегитимни. Ги разниша и двете страни, покажувајќи дека општеството не ги сака. На крајот, протестот им даде глас на граѓанските потреби и барања за нова политичка реалност – реалност што овие партии не се способни да ја претставуваат.
По ова, политичката реалност повеќе не може да биде иста. Рама и Бериша можеби ќе останат на своите позиции, но не можат да ја избегнат вистината дека повеќе не го претставуваат она што тврдат дека го претставуваат. Затоа, тие секогаш ќе бидат на чекор од соборување, во моментот кога ќе се појави нова, конкурентна политичка алтернатива.
Не само што протестот го разниша политичкиот пејзаж во земјата, тој беше уште поуспешен на меѓународната сцена. Не само што со недели беше во центарот на вниманието на меѓународните медиуми, туку за само неколку дена ја урна сликата што Рама со години ја градеше.
Го разби митот за лидерот – визионер кој ја трансформира малата, неразвиена земја што излегува од заостанатоста на комунистичката диктатура и тешката транзиција, и наместо тоа го откри вистинското лице на Рама: балкански автократ кој владее преку корупција и клиентелизам, тргувајќи со ресурсите на земјата за финансиски и политички услуги. Ова несомнено ја уништи меѓународната позиција на Рама, оставајќи му само една спасоносна опција: фактот дека неговата алтернатива е Бериша.“
Ергис Мертири е социолог и политички аналитичар.
Неби Бардоши: Општеството откри дека не е потчинето

„Фламинго револуцијата“ ја разоткрива владината пропаганда | Фото: Unsplash/Aldo Vukaj
„Влијанието на протестот е повеќеслојно“, изјави за БИРН антропологот Неби Бардоши.
„Првото влијание е сознанието до кое дојде самото општество за себе. Се покажа дека општеството не било целосно резигнирано или покорно кон оние што се на власт, туку дека било под силна контрола.
Една од техниките на контрола била постојаното создавање уверување дека ова општество не е способно за политички одговор.Вториот ефект е што протестот ја покажа потребата целата политичка класа да се преиспита себеси и да го редефинира својот политички став.
Оние што нема да го направат тоа се движат директно кон исчезнување или политичка ирелевантност.
Третото влијание е потврдата дека имаме влада која се потпира на држава заробена од владејачката партија и олигархијата, создавајќи парламентарно мнозинство не преку волјата на општеството, туку преку контролата што се врши врз него.
Оставката на министерот за здравство можеби е последица на протестите. Сепак, примарниот ефект е обидот на премиерот да склучи нов договор со општеството.
Пред една година, Рама беше на врвот на медиумското внимание, изгледаше непобедлив и како единствен човек кој ги поседува енергијата и визијата за создавање праведно и просперитетно општество. Во реалноста, „Фламинго револуцијата“ ја разби оваа лажна слика, создадена преку владината пропаганда.
Најголемото постигнување е формулирањето и јавното артикулирање на јасна визија за тоа каква држава и општество треба да се изгради во оваа земја: демократско општество засновано врз владеењето на правото.“
Неби Бардоши е вонреден професор и директор на Институтот за културна антропологија и уметнички студии во Тирана.
Фатос Лубоња: Албанците се разбудија од комата на очајот

Бројот на учесници се намалува, но протестите продолжуваат | Фото:БИРН
„Протестот беше, и останува, будење на Албанците од комата на очајот – кома изразена преку изјави како: ‘Оваа земја не може да се спаси; со неа завладеаја крадци и криминалци. Затоа гледај си ја својата работа и, ако можеш, замини од оваа земја што е можно побрзо за да се спасиш себеси и иднината на твоите деца’“, изјави за БИРН писателот и аналитичар Фатос Лубоња.
„Досега, протестот донесе само неколку нови маневри од премиерот, со стариот вкус на измама, бидејќи вистинската промена може да започне само доколку неговите криминални политики бидат казнети.
Протестот ги стави проблемите на Албанија во фокусот на западните земји како никогаш досега, но сè уште не успеа да ги промени политиките на тие земји (кон Албанија). Според мене, тоа се должи на геополитички причини или на политичката кусогледост на политичарите што ги предводат. Овие земји настојуваат да го зачуваат статус квото.
Најголемото постигнување на протестот е будењето на многу големо мнозинство Албанци и нивното сознание дека токму тие мора да работат на тоа земјата да стане подобра.“
Фатос Лубоња е политички аналитичар, писател и поранешен политички затвореник.
*Искажаните ставови не ги одразуваат нужно ставовите на БИРН

