Регион

Лажни профили на социјалните мрежи ги таргетираат демонстрантите во Албанија

Профилите ги промовираат владините наративи

По неколку недели протести на кои се бара негова оставка, албанскиот премиер Еди Рама ги обвини алгоритмите на социјалните мрежи дека „истурале бензин врз огнот“ во т.н. „Фламинго револуција“.

„Колку повеќе прегледи добивате, толку поголемо влијание имате. Колку поголемо влијание имате, толку поголема моќ поседувате. Моќ над кого? Над робовите на алгоритмите – над сите нас“, им рече Рама на пратениците од неговата владејачка Социјалистичка партија.

Неколку дена подоцна, тој повторно се наврати на темата за манипулациите на социјалните мрежи по посетата на живописното планинско село Тет, каде што минатата година владата урна десетици нелегално изградени туристички куќички, што ги поттикна локалните жители да протестираат.

Рама објави снимки од екранот на телефонот со, како што тврдеше, повеќе од десет лажни Фејсбук профили кои коментирале на објави што ги критикувале неговите планови за развој на туризмот во планинските региони на Албанија.

„Погледнете како сега ги навредуваат, ги колнат и ги омаловажуваат сите овие луѓе во Тет“, напиша тој.

Меѓутоа, податоците до кои дојде БИРН сугерираат дека техниките за манипулација на социјалните мрежи всушност биле употребени во поддршка на Рама откако избувнаа „Фламинго“-протестите на почетокот на јуни, поттикнати од плановите за изградба на луксузен туристички комплекс на заштитен дел од крајбрежјето, поврзан со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер.

Во јуни и почетокот на јули, додека десетици илјади луѓе излегуваа на улиците, платформите на социјалните мрежи беа преплавени со стотици лажни профили кои истовремено ги засилуваа владините пораки и спроведуваа координирани напади врз поддржувачите на демонстрациите.

Експертите велат дека механизмот изгледа речиси идентичен со оној што наводно бил користен од јавната администрација под контрола на албанските социјалисти: видеа произведени од владините служби за односи со јавност и однапред подготвени мемиња се дистрибуираат истовремено од тајна дигитална армија која дејствува зад лажни профили.

Оваа техника се користи и за да се создаде лажен впечаток за широка јавна поддршка и за напади врз политичките противници.

„Кога се дејствува во голем број и на синхронизиран начин, алгоритмите на социјалните мрежи може да ја протолкуваат оваа активност како вистински органски ангажман, со што на содржината ѝ овозможуваат поголем досег“, изјави ИТ-експертот Бесмир Семанај.

Кабинетот за односи со јавноста на албанскиот премиер ги нарече обвинувањата за поврзаност меѓу лажните профили и вработени во јавната администрација „апсурдни“.

„Не постои никаква наредба или координација од страна на владата со кои јавната администрација се насочува да се вклучи во такви активности“, изјави медиумски советник на Рама.

Координирано неавтентично однесување?

Демонстранти во центарот на Тирана | Фото: БИРН

Техниката со која голем број профили истовремено дистрибуираат ист материјал или исти пораки, истражувачите ја нарекуваат „координирано неавтентично однесување“.

Во научен труд од 2025 година, истражувачите Ричард Роџерс и Никола Ригети сугерираат дека главната цел на ваквото однесување е да ги измами алгоритмите на социјалните мрежи, имитирајќи „органски ангажман“.

Ова не е нов феномен во Албанија. За време на минатогодишната кампања за парламентарните избори, стотици профили со кориснички имиња што завршуваа со „.2025“ беа користени за коментирање или напаѓање различни кандидати. Социјалистите на Рама убедливо победија на изборите, обезбедувајќи му четврти последователен мандат како премиер, што е прв таков случај во Албанија.

Сега, стотици лажни профили повторно се појавија на социјалните мрежи, овојпат насочени кон протестното движење.

БИРН идентификуваше повеќе од 100 лажни профили на Фејсбук и на Инстаграм, создадени помеѓу 28 и 30 јуни. Многу од нив беа идентификувани преку директно следење на објавите на Рама на Фејсбук, и преку преглед на корисниците што ги споделувале.

Профилите не ја кријат својата политичка определба, бидејќи главно користат псевдоними засновани на имиња на градови и директни референци на целната година 2030, која Рама ја посочува како датум до кој Албанија треба да се приклучи кон Европската Унија, како што се: „Еди Рама за Албанија 2030“, „Колоња Денес 2030“ и „Идната Булќиза 2030“.

Се таргетираат поддржувачите на т.н. „Фламинго револуција“ | Фото: БИРН

Иако профилите имаат различни имиња, тие ја дистрибуираат истата провладина содржина. Сепак, за разлика од автентичните кориснички профили кои споделуваат позитивни објави во поддршка на владата, лажните профили во голема мера се користат за напади или за дискредитирање на протестното движење и на неговите поддржувачи.

Нивни главни мети се лидерите на помалите опозициски партии, Агрон Шехај од партијата „Мундесија“ (Можност) и Арлинд Ќори од движењето „Левизја Башке“ (Движење Заедно), кои имаа истакната улога во протестите, како и поп-ѕвездата Дуа Липа, британска пејачка со косовско-албанско потекло, која неодамна ги опиша демонстрациите како „инспиративни“.

Објавите, мемињата и манипулираните фотографии што ги објавуваат овие профили често се идентични од еден профил до друг. Но, иако повеќето од нив имаат мал број реакции, некои имале значително лично влијание.

На пример, пратеничката Марјана Кочеку беше цел на онлајн кампања за оцрнување откако објави дека поднесува оставка од Социјалистичката партија поради протестите.

„Тоа беа новосоздадени профили и користеа навредлив и клеветнички јазик. Ги зачував сите. Тоа траеше неколку дена“, изјави Кочеку за БИРН.

Активистката Сидорела Ватникај, исто така, беше мета на онлајн напади поради нејзината вклученост во протестите, преку координирани напади што ги спроведуваа лажни профили, но и автентични профили на партиски активисти, кои, на пример, ја обвинуваа дека е марионета на американскиот милијардер и финансиер Џорџ Сорос.

„Во еден случај дури го спомнаа и мојот партнер“, рече Ватникај.

Таа додаде дека дел од онлајн нападите вклучувале и дискриминаторски регионални навреди, на пример ја нарекувале „малоке“ – погрден термин за лице од северна Албанија, или ја етикетирале како „насилна“.

 Дигитална патронажа

Активисти биле обвинувани од лажни профили дека се платеници | Фото: БИРН

Поранешни службеници од јавната администрација за БИРН изјавија дека владејачката партија со години управува со систем за влијание врз дигиталните медиуми, кој се одржува преку структура за мониторинг предводена од „дигитален координатор“.

Според нив, системот се снабдува со содржини произведени од владините служби за односи со јавноста и се протега низ речиси сите гранки на јавната администрација преку хиерархиски синџири на командување. Официјално, тој се оправдува како средство за обезбедување транспарентност.

Говорејќи под услов на анонимност, поранешна функционерка од централната власт за БИРН изјави дека учествувала во групи на Ватсап во кои се дистрибуирале објави и каде што секоја активност била следена.

„Сè беше следено и постоеше систем за евалуација на перформансите“, рече таа.

Практиката ја потврди и друга поранешна вработена на пониско ниво во јавната администрација. Таа објасни дека овие групи на Ватсап се користеле за дистрибуција на објави што вработените требало да ги споделуваат на своите лични профили на социјалните мрежи и задолжително да ги означуваат со „ми се допаѓа“, особено за време на изборните кампањи.

„Ако некој во групата не беше доволно активен, добиваше пораки како – не си активен“, рече таа, додавајќи дека секоја интеракција внимателно се евидентирала и била дел од системот за оценување на перформансите.

Поранешните функционери за БИРН изјавија дека идентификувањето на луѓето кои биле дел од овој систем на дигитална патронажа било релативно едноставно.

„Може да се препознаат затоа што, иако станува збор за вистински профили, на нив нема ништо лично, само споделени политички објави“, рече еден од нив.

„Тоа е уште полесно на страниците на јавни личности кои добиваат помал број споделувања“, изјави друг.

Следејќи ги овие траги, БИРН идентификуваше дополнителни лажни профили на социјалните мрежи создадени на крајот на јуни, како и поголем број вработени во јавната администрација кои редовно споделувале и означувале со „ми се допаѓа“ политички објави на претставници на владејачкото мнозинство, вклучително и содржини насочени против протестите.

Демонстрантите бараат целосно запирање на проектот | Фото: БИРН

На пример, објава на поранешната вицепремиерка Белинда Балуку, во која таа ги спореди протестите со нападот врз кабинетот на албанскиот премиер во 1998 година, беше споделена од бројни вработени во јавната администрација, општинските власти и државните компании во регионите Фиер, Патос и Лушње.

Додека ги анализираше овие автентични профили, БИРН забележа дека тие не се ограничувале само на споделување политички содржини. Реобјавувале и неполитички материјали од Балуку, вклучително и видеа од зајдисонца над морето.

Хервин Чули тврди дека оваа практика датира од периодот кога тој бил директор на Националниот театар на Албанија, функција што ја напуштил во 2022 година. Во објава на Фејсбук од 14 јули, Чули наведе дека додека бил на функцијата, добивал инструкции да споделува и да означува со „ми се допаѓа“ објави од Министерството за култура и неговите подредени институции на социјалните мрежи, практика што ја опиша како широко распространета низ целата јавна администрација.

Тој тврдеше дека тогашната министерка за култура, Елва Маргарити, ова барање го претставила како инструкција од Рама.

„Шемата беше едноставна. Беше создадена група на Ватсап со сите директори од Министерството за култура и од сите се очекуваше да ги споделуваат активностите на министерството и сè што ќе беше објавено таму. Тука се појавуваа објавите и од вас се очекуваше да ги означите со  ‘ми се допаѓа’ и да ги споделите“, рече тој.

Маргарити одби да ги коментира обвинувањата на Чули.