Balkan Insight

Бројките од раната сезона го вклучуваат алармот за хрватскиот туризам

Ниската средна класа си оди, високата не доаѓа

По години рекорден раст и сè повисоки цени, недостигот од работна сила и неуспехот да се привлечат туристи со поголема потрошувачка моќ ги разоткриваат слабостите на хрватскиот туристички модел.

На почетокот на јули, хрватскиот министер за туризам и спорт го претстави својот годишен извештај за клучниот туристички сектор на земјата. Како и секогаш, бројките изгледаа импресивно.

Околу 7,6 милиони туристи ја посетиле земјата во првата половина од годината, остварувајќи 29,5 милиони ноќевања, што е на исто ниво како и лани. Воздушниот сообраќај пораснал за 3,2 проценти, патниот за четири проценти, а поморските пристигнувања за 1,5 проценти, изјави Тончи Главина.

Хрватската туристичка индустрија, еден од главните столбови на економијата, „ја задржа стабилноста и конкурентноста и покрај геополитичките кризи“, им изјави Главина на новинарите.

Сепак, подеталниот поглед на податоците за јуни предизвика некои аналитичари да бидат повнимателни: седум проценти помалку туристи ја посетиле Хрватска во споредба со истиот месец минатата година, а бројот на ноќевања бил за шест проценти помал.

Консултантот Едвин Јурин, долгогодишен експерт за туристички маркетинг и неформално сметан за „татко“ на хрватскиот наутички туризам, вели дека припадниците на пониската средна класа, кои традиционално биле најбројни гости ва земјата, повеќе не можат да си ги дозволат цените, но ниту туристите со повисоки приходи не доаѓаат наместо нив.

„Би рекол дека изгубивме една публика, а не најдовме друга“, изјави Јурин за БИРН.

Според него, веќе не е доволно да се понудат сонце, море и лежалки. Посетителите сакаат автентични доживувања што ги ангажираат сите сетила.

„Не ја освоивме повисоката средна класа, премиум-публиката. Премиум сместување, премиум храна и премиум автентичност е она што треба да го нудиме“, рече Јурин.

Ноќевање: 1.500 евра

Пристаништето Врбошка во општината Јелса | Фото: БИРН, В. Тешија

Иако туризмот во Хрватска датира уште од 19-от век, неговата вистинска експанзија започна во времето на социјалистичка Југославија, која ги отвори вратите за странските посетители како извор на важни девизни приходи.

Тоа го означи почетокот на туристичкиот бум на посетители од Западна Европа, особено од Германија, кои открија во голема мера недопрена природа, пристапни цени, добра храна и опуштен начин на живот.

За многмина од Западна Европа, топлиот Медитеран одеднаш стана достапна туристичка дестинација, а тие останаа верни посетители сè до денес.

Денес туризмот директно учествува со повеќе од 11 проценти во хрватскиот бруто-домашен производ (БДП), а кога ќе се земат предвид и дејностите поврзани со туризмот, како што се транспортот и трговијата, неговото учество се искачува на приближно една четвртина од економијата.

Кога границите се затворија и авионите се приземјијаа поради пандемијата на Ковид-19, економијата на земјата се намали за 8,3 проценти. Оттогаш, приходите од туризмот постојано растат – од 13,1 милијарда евра во 2021 година на 15,3 милијарди евра во 2024 година.

Војната што ја започна Доналд Трамп против Иран негативно се одрази врз туризмот во земјите од Персискиот Залив, Кипар и Турција, поради што дел од странските туристи се пренасочија кон други дестинации, како што се Грција, Италија и Малта. Според Јурин, овие земји годинава бележат „двоцифрен раст“, па Хрватска не може да биде задоволна со сегашната состојба.

Земјата има мал број хотели и туристички комплекси кои се наменети за таканаречената „премиум публика“, која Јурин смета дека Хрватска треба повеќе да ја привлекува.

Вила Нај 3.3, на Дуги Оток, е добитник на три Мишелин клучеви и нуди соби по цени што започнуваат од 1.090 евра за ноќ, а достигнуваат и до 1.500 евра. На самиот имот се произведуваат овошје, зеленчук и јајца, а таму се создава и наградувано маслиново масло. Локалните рибари обезбедуваат свежа риба и големи ракови. Винската листа вклучува водечки далматински вина, како и престижни меѓународни етикети како Петрус, Лафит и Шато Дикем.

За слична цена, гостите можат да престојуваат и во Вила Дубровник, која нуди спектакуларен поглед кон Стариот град на Дубровник и околните острови. Палас Елизабет на островот Хвар е наградена со два Мишелин клуча и нуди нешто попристапни цени, со соби што започнуваат од 744 евра за ноќ.

Недостиг на работна сила

Милан Вранковиќ, директор на Општинската туристичка заедница во Јелса | Фото: БИРН, В. Тешија

Растот на туристичкиот сектор се совпадна со намалувањето на населението во Хрватска, што доведе до недостиг од работна сила.

Според Министерството за внатрешни работи, само во првите шест месеци од 2026 година биле издадени 94.113 работни дозволи, од кои 39.054 за туристичкиот сектор. Во моментов во Хрватска работат околу 170.000 странски работници, од кои најголемиот дел се ангажирани во туризмот.

Повеќето доаѓаат од соседните Босна и Херцеговина и Србија, како и од Непал, Филипини и Индија. Според Јурин, многумина од нив не ги познаваат локалните обичаи, културата, а во некои случаи ниту јазикот, што влијае врз перцепцијата на туристите за автентичноста.

„Без разлика колку се професионални и љубезни овие млади луѓе, тие не можат да заменат локален човек. Хрватска губи дел од својот шарм, а токму тоа го бараат гостите – автентичност“, рече тој.

Милан Вранковиќ, директор на Општинската туристичка заедница во Јелса, на островот Хвар, го признава проблемот, но вели дека Хрватска не е единствената земја што се соочува со него.

Со околу 3.500 жители, Јелса во првите шест месеци од оваа година пречекала 15.776 посетители.

„Повеќе од 50 проценти од нашите сместувачки капацитети се приватно сместување, односно во домаќинства на локални жители, што гарантира автентичен контакт со локалната заедница“, изјави Вранковиќ за БИРН.

„Имаме луѓе кои доаѓаат секоја година веќе 30 години, а нашиот главен плоштад е дневна соба за сите. Луѓето овде се чувствуваат како дома и нема подобра интеракција со локалното население од тоа“, додаде.

Иако Хвар е познат по виното и маслиновото масло, домашното производство на храна не е доволно, и покрај плодното земјиште.

„Населението старее и немаме доволно големи производители за да ги задоволиме потребите дури ни на еден хотел“, рече Вранковиќ.

Проблемот се обидуваат да го решат преку здружување на малите производители во задруги, кои Вранковиќ ги нарекува „агро-хабови“.

Фокусот на Јелса е семејниот туризам, рече тој, а општината оваа година доби награда за најбезбедна туристичка дестинација на конференцијата Туриск, посветена на безбедноста и управувањето со ризици во туризмот, која во април се одржа во Задар.

Според Вранковиќ, безбедноста често се занемарува како една од главните предности на одморот во Хрватска. Хрватска и соседна Словенија се меѓу најбезбедните земји во Европа.

Недвижностите се сè

Дубровник, скапоцениот камен на хрватскиот туризам, јули 2026 | Фото: БИРН, В. Тешија

Покрај намалувањето на населението и растот на туризмот, во изминатата деценија Хрватска забележа и нагло зголемување на цените на недвижностите, за повеќе од 100 проценти во најпопуларните туристички региони, како што се Сплит, Дубровник, Задар и Истра.

Повисоките цени на недвижностите значат и повисоки кирии.

„Познавам претприемачи за кои туризмот не е основна дејност, но сите купиле по неколку станови или куќи што ги издаваат. Како резултат на тоа, имаме многу нерамномерна, фрагментирана понуда која треба да создаде заеднички имиџ на дестинацијата, но поради различните пристапи на овие чинители, тоа не се случува“, вели Јурин.

Тој смета дека недвижностите станале посигурна инвестиција од „парите во банка“, што ги поттикнува луѓето да вложуваат во недвижен имот, а истовремено ја намалува грижата за зачувување на животната средина и на имиџот на „Медитеранот каков што некогаш беше“ – слоган што Хрватската туристичка заедница го користеше со години.

Структурните проблеми во голема мера остануваат исти: силно сезонски летен туристички пазар, модел на туризам кој главно се потпира на морето и сонцето, како и недоволно развиен континентален туризам, кој учествува со само мал дел од вкупниот број ноќевања – околу два проценти.

Културниот, здравствениот и другите специјализирани видови туризам, исто така, остануваат недоволно развиени.

„Не сме веќе во жолта, туку во црвена зона, а сè уште се движиме бавно. Гледаме како ова се случува, а не сфаќаме дека ни се случува нам. Тоа е најголемиот проблем – потребна е промена во начинот на размислување“, рече Јурин.

„Мора да живееме од оваа дестинација, од нашите човечки ресурси, од нашата храна и од начинот на кој ја претставуваме нашата автентичност“, додаде.