Во време на долги топлотни бранови, континентални суши и сè поголем притисок врз водните ресурси поради климатските промени, стотици приватни базени во Скопје и во околината се полнат без да се води сметка дали водоводниот систем може да го издржи нивното користење.
Освен тоа, најголемиот дел од нив, над 90 отсто, се изградени без законски потребните документи што треба да се обезбедат од општините. Иако процедурата е речиси формалност – само треба да се поднесе барање до придружна документација и да се добие решение, податоците што ги доби БИРН покажуваат дека многу ретко некој го правел тоа.
Тоа значи дека секој што има простор во дворот и десетина илјади евра на располагање, може да најми изведувачи што ќе ископаат дупка, ќе постават опрема и ќе создадат објект што ќе собира вода колку месечните потреби на две до три домаќинства.
Населба со 60 базени

Поранешни рурални населби се преобразени во места со луксузни куќи со базени | Фото: Pexels, Алина Сказка
Во Скопје и околината има околу 400 приватни базени, а ниту десет отсто од нив не се направени со решенија издадени од локалните власти. Тоа го покажуваат податоците до кои дојде БИРН преку барања за пристап до информации од јавен карактер и преку преглед на сателитските снимки од скопскиот регион.
Испративме барања до 17 општини – десетте што го сочинуваат градот Скопје (Аеродром, Кисела Вода, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Сарај, Чаир, Бутел и Гази Баба), како и до преостанатите седум од скопскиот регион (Сопиште, Зелениково, Студеничани, Петровец, Илинден, Арачиново и Чучер-Сандево). Од сите нив побаравме информации колку решенија за изградба, односно поставување базени издале во периодот од 2010 до 2025 година.
Одговори добивме од десет. Општините Аеродром, Бутел, Петровец, Сарај и Шуто Оризари одговорија дека не издале ниту еден таков документ, а од Кисела Вода дека немаат податок. Од оние што дадоа бројки, Карпош има издадено најмногу решенија – 13, а потоа следуваат Центар со шест, Ѓорче Петров со четири и Гази Баба со едно.
Само Центар и Аеродром соопштија дека одбиле барања (Аеродром едно, а Центар пет).
Според сите овие податоци, има вкупно 26 решенија за базени во општините што одговорија. Сателитските сервиси на Гугл, пак, покажуваат дека има населби со многу поголем број.
Најмногу базени на сателитските снимки може да се видат во Бардовци, околу 60. Повеќе од 20 години, Бардовци се преобразува од село познато по производството на зелка во место со луксузни куќи, па оваа бројка е очекувана. Базени во Општина Карпош може да се видат и во Козле, Трнодол, Жданец, Нерези, Злокуќани и на други места. Лоциравме вкупно стотина.
Во Општина Бутел, во близина на Љуботенски пат, има два нови комплекси, едниот со 12, а другиот со девет куќи. Сите имаат базени. Вкупно во оваа општина забележавме педесетина базени во Бутел, Радишани и на други локации.
Кисела Вода има триесетина базени во Црниче, Пржино, Припор, Усје и во Пинтија. Во Центар и во Сарај може да се забележат по околу 20, во Гази Баба и во Аеродром по десетина, а во другите скопски општини, бројките се помали.
Од приградските општини, најмногу базени може да се најдат во Сопиште, околу 80. Слично како Бардовци и Злокуќани во Карпош, и во оваа општина, неколку села како Соње, Маркова Сушица и Сопиште, станаа познати локации каде што богати скопјани прават големи луксузни куќи.
Во општините Петровец, Илинден и Зелениково избројавме по дваесетина базени, а во другите приградски локални самоуправи, бројките се помали.
За водата никој не се прашува

За базените не е потребна градежна дозвола, но не се градат без процедура | Фото: Pexels, Александр Сочнев
Според Законот за градење, базените за индивидуална употреба на ниво на терен спаѓаат во објекти за кои не е потребно одобрение за градење, заедно со уште триесетина категории, како гаражи, патеки, натстрешници, дворни камини и друго.
Сепак, тоа не значи дека се градат без никаква процедура. Сопствениците до општините треба да достават извод од урбанистички план каде што се гледа објектот во чија функција ќе биде базенот, геодетски елаборат, основен проект со фазите архитектура, водовод и канализација и електрика, како и согласност од непосреден сосед ако е предвидено базенот да се прави на помалку од еден и пол метри до соседниот двор. Решението се издава ако сите документи се уредни.
Она што не се бара во постапката, е мислење од водоснабдителните претпријатија, како скопски „Водовод и канализација“, за тоа дали водоводната мрежа во одредено подрачје има капацитет да издржи полнење домашни базени. Од „Водовод“ потврдија дека тие немаат ништо со овие решенија. Претпријатието, во време на долги топлотни бранови, издава само препораки да не се полнат базени, да не се мијат дворови и да не се полеваат градини.
Базени се полнат и од домашни бунари, не само од јавните водоводи, но сопствениците со кои разговаравме рекоа дека тоа било помалку популарно решение бидејќи бунарската вода треба прво да се испита и обично е со послаб квалитет, што прави притисок на филтрите и на другата опрема.
Во Законот и во правилниците за урбанистичко планирање, капацитетите на комуналната инфраструктура, вклучително и на водоводот и на канализацијата, задолжително се земаат предвид при подготовката на детални урбанистички планови, за да се утврди колку градби може да се предвидат во одредено подрачје и со колкави димензии.
Бидејќи за базените не е потребна градежна дозвола, тие не се впишуваат во ДУП-овите и главен услов дали може да се градат е дали има доволно место во дворот.
Без оглед на процедурата за градба, изградениот базен треба да се впише како дел од имотот во Агенцијата за катастар на недвижности. По случаен избор, проверивме стотина куќи на катастарската мапа, во скопските општини и во околината. Само во две ги најдовме базените впишани во имотните листови како дел од имотот.
Информации за уривање бесправно изградени базени речиси нема. Во еден редок случај од пред четири години, скопјанец се соочил со законот затоа што на диво градел и куќа и базен во Љубаништа.
Разговаравме со три фирми специјализирани за изградба на базени. Сите ни рекоа дека е обврска на клиентите да ја обезбедат документацијата и да добијат решение за изградба од општината. Дел одговорија дека тоа воопшто не е прашање што го разговараат со клиентот, туку само работат да го проектираат и да го изградат тоа што е договорено.
Домашните базени, како што ни рече еден изведувач, најчесто се долги меѓу шест и десет метри, а широки од три до пет. Ретко некој прави поголеми. Најпопуларната длабочина е околу еден и пол метар. Тоа значи дека имаат по дваесетина кубни метри вода. Едно истражување од 2024 година покажа дека просечната потрошувачка на вода по домаќинство во Скопје е помалку од девет кубни метри месечно.
И компаниите потврдија дека никакво одобрување не е потребно од водоводните претпријатија за изградба на базените. Најчесто се полнеле со црево или со цистерни, ако некој не сака да чека.
„Сопственикот секако си ја плаќа водата. А базенот, ако добро се одржува, се полни еднаш до двапати во сезоната“, ни рече еден изведувач.
Насловна фотографија: Pexels, Петрос Узунакис
