Две неодамнешни постапки на скопското Обвинителство за организиран криминал и корупција конечно открија нови детали за шверцот на петте тони марихуана од Македонија во Србија по повеќе од шестмесечен молк додека траеше истрагата.
Едната е објавената спогодба со двајца од досега осомничените, а другата е најавата на обвинителството за нови седум осомничени.
Имено, Кривичниот суд ја прифати спогодбата меѓу јавното обвинителство и осомничените Драган Стојанов и Александар Ивановски и ги осуди на казни затвор.
Но, всушност, и судската одлука и најавата на обвинителството за нови осомничени се испреплетуваат оти во првата се наведуваат и иницијалите и улогата на некои од новоосомничените.
БИРН, од извори во истрагата, дознава и дека се проверуваат сметките и на други македонски фирми што биле во деловни врски со сопствениците или со самата веќе инкриминирана скопска компанија „Алфафарм.“
Конкретно од пресудата на Основниот кривичен суд со која Стојанов се осудува на три и пол години затвор се дозна дека не еднаш, туку дури петпати криминалната група пренела марихуана преку северната граница, и тоа лани во месеците август, септември и ноември и последен пат, на 13 јануари годинава.
И проширената истрага се фокусира на транспортот

Новите седум осомничени, кои ги истражува ОЈО ГОКК, се македонски државјани | Фото: БИРН
Спогодбената пресуда за Стојанов, кој учествувал во петте транспорти или како возач на придружница, или како претходница на камионите во кои била марихуаната, открива и други детали.
Тој, при последниот транспорт во јануари, бил во камионот, кој, според документите, носел текстилна стока за Велика Британија. За да се прикријат трагите од марихуаната и да се создаде алиби за тоа каде исчезнала текстилната стока била запалена приколката на возилото.
Александар Ивановски, кој бил возач на сите пет транспорти, потоа пријавил во полицијата дека пожарот бил случаен. И тој исто како Стојанов сега се спогоди со обвинителството и е осуден на три години и осум месеци затвор. Интересно е дека и двајцата претходно немале криминално досие.
Истражувањa
Во Македонија легален одгледувач, во Србија осомничен за шверц на марихуана
Пресудата открива и дека овие двајца примале наредби и добивале насоки од човекот со иницијали Г.И., кој, всушност, го координирал транспортот и во четири наврати им давал да пренесат пари назад во Македонија. На пример, како што стои во пресудата, четирипати му дал по 10.000 евра на Драган Стојанов.
Човекот за кого сега се знаат само иницијалите, како што дознава БИРН од извори од истрагата, е еден од новите седум осомничени. Г.И. е македонски државјанин, но во моментов престојува во Италија, велат истите извори, кои ја појаснуваат неговата улога.
„Тој, на некој начин, бил над Стојанов и Ивановски. Им давал насоки какви возила да набават, по која рута да возат и слично.“
Другиот новоосомничен имал слична улога, но и тој не е во земјава зашто во моментов е во затвор во Косово, поради случај повторно поврзан со дрога.
Другите нови лица во истрагата се достапни. Инаку, сите седуммина се македонски државјани и се поврзуваат исклучиво со транспортот на дрогата.
Политичките препукувања ги нема во истрагите

Заплената на марихуана по избивање на скандалот | Фото: МВР
На почетокот на годината, кога српската полиција соопшти дека открила пет тони марихуана на плац во селото Коњух, во близина на Крушевац, доминираа политичките обвинувања од двете страни на границата.
Во Србија, во фокус беше партиската припадност на човекот што ја прифаќал и ја складирал марихуаната близу Крушевац, кој бил општински советник од редовите на владејачката Српска напредна странка (СНС), додека во Македонија, владејачката партија преку чести прес-конференции инсинуираше дека шверцуваниот канабис потекнува од плантажи на луѓе блиски до поранешниот премиер Зоран Заев, додека министерот за внатрешни работи паралелно запленуваше марихуана кај други одгледувачи.
Опозицијата, пак, бараше одговорност во институциите за тоа што дрогата непречено ја поминала границата.
Засега нема ниту официјални, ниту, пак, неофицијални информации за вмешаност на поранешни или сегашни политичари, институции или, пак, други плантажи што произведуваат медицински канабис.
По шест месеци, преку објавената пресуда и преку дополнителните информации од истрагата, до кои БИРН дојде минатата недела, може да се заклучи дека фокусот на работа на двете обвинителства, и тоа во Македонија, и она во Србија, е, сепак, многу потесен. Тие се занимаваат со српските инвеститори во фирмата „Алфафарм“, каде што се одгледувал медицински канабис и со македонските државјани одговорни за логистиката на криумчарењето.
Тече финансиска истрага

Се испитуваат финансиите на „Алфафарм“, „Лајтинг лукс“ и на „Грин лајф“ | Илустрација: БИРН
Белградското обвинителство подигна обвинение на 21 јули за шест лица – Александар Мијаловиќ, како организатор, Иван Драгниќ и Роберт Живковиќ, кои се сосопственици во „Алфафарм“, Небојша и Раде Спасојевиќ, на чиј плац во Коњух беше најдена марихуаната, и Урош Младеновски, кој ја дистрибуирал дрогата низ Србија. Обвинението сега чека на потврда од судот дали постојат доволно докази за да почне процесот.
Во Македонија, иако двајца осомничени веќе се спогодија, сè уште нема обвинение за целиот случај. Кратко по откривањето во февруари годинава беа осомничени шест луѓе, сите поврзани со превезувањето. Меѓу нив единствен, кој е и сосопственик на „Алфафарм“, од чии простории е изнесена шверцуваната марихуана, е Предраг Брковиќ.
Тој, според обвинителството, го организирал превозот. Од првично осомничените шест, двајца веќе спогодбено се осудени и со новите седум во Македонија во моментов има вкупно 11 осомничени.
Истражувањa
Српски врски и во други македонски компании за канабис
Информациите до кои дојде БИРН велат дека во рамките на пошироката финансиска истрага, македонските органи ги вештачеле и сметководствени документи на „Алфафарм.“ Засега е утврдено дека подготовката на најголемата пратка почнала уште во ноември 2025 година.
Тогаш, скопската фирма од струмичката „ЦБД Медплант“ набавила вкупно 8.832 килограми сув цвет од канабис за што постоел и договор за техничка соработка, што е на некој начин честа пракса во македонскиот бизнис со медицинска марихуана.
Извори од истрагата, за БИРН, велат дека сега се проверуваат сметките на „ЦБД Медплант“ и на уште три други компании – „Лајтинг лукс“, „Грин лајф“ и „Лајф плант.“
БИРН, во серија истражувања претходно, откри конекции на српската група и со „Лајтинг лукс“ и „Грин лајф.“
Според истражувањето, главниот осомничен во Србија, Мијајловиќ, во 2021 година, преку српската „Бионатуралс“, станал сосопственик на валандовската „Грин лајф.“ Две недели по објавувањето на текстот, владата ѝ ја одзема лиценцата за канабис на оваа компанија.
Иван Драгниќ, пак, до крајот на 2025 година бил директор на сосема друга компанија за одгледување медицински канабис, струмичката „Лајтинг лукс“, чии документи сега се проверуваат.
Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка ителигенција

