Анализи

Партиите поделија 9 милиони евра од  буџетот

ВМРО-ДПМЕ со рекорден износ, СДСМ и ДУИ со голем пад

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, годинава инкасираше рекордни 2,5 милиони евра од буџетските средства наменети за редовно финансирање на политичките партии. Опозицискиот СДСМ се спушти на милион евра, додека ДУИ, со 472 илјади евра, го задржа третото место според висината на средствата добиени од државниот буџет во 2026 година.

Анализата на документот за годинашните исплати, кој БИРН го доби од Министерството за правда, покажа дека првите три партии заедно апсорбирале 45 отсто од вкупниот буџет за партиско финансирање. Ако на ова се додадат и исплатите за Левица и ЗНАМ, повеќе од половината од вкупната сума годинава отишла кај овие пет партии.

Втората петорка на оваа листа им припаѓа на партиите од албанскиот политички блок – БЕСА, Демократското движење, Алтернатива и Алијанса на Албанците, кои инкасирале меѓу 220 и 245 илјади евра. Последна во втората петорка е Демократската партија на Турците, со нешто над 180 илјади евра.

Системот во Македонија е таков што работата на политичките партии се финансира од државниот буџет, а висината на средствата што ги добива една партија зависи од нејзините изборни резултати. Годинава, за оваа намена беа издвоени речиси 9 милиони евра, или 0,15 отсто од вкупните изворни приходи на буџетот.

Големите партии во трка за советници, малите – за 1 процент

Средствата потоа се делат на два дела. Триесет отсто се распределуваат подеднакво меѓу сите партии и коалиции што освоиле најмалку 1 отсто од гласовите на последните избори, а преостанатите 70 отсто се распределуваат според бројот на избраните пратеници и советници.

„Пратеник и советник чини исто, па оттука и борбата за што поголем број советници“, коментира партиски извор за БИРН.

Пад од околу 40 отсто годинава има и кај СДСМ, и кај ДУИ. Лани, СДСМ инкасираше 1,6 милиони евра, а ДУИ – 840 илјади евра.

На изборите, парламентарни и локални, се избираат 120 пратеници, наспроти 1.307 советници, па тие и најмногу влијаат врз сумата што ќе ја добијат, пред сè големите партии. Со тоа се објаснува и големата разлика во годинешните средства за двете најголеми партии во земјава. Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ лани освои 548 советници, додека онаа од СДСМ – 231.

За малите партии, пак, кои немаат свои пратеници, а честопати ни советници, парите од буџетот стигнуваат благодарение на поминувањето на изборниот праг од 1 отсто освоени гласови. Како што веќе пишуваше БИРН, овој праг во малите општини се минува и со само 30-40 гласа, па дел од партиите ја користат ваквата аномалија за да инкасираат значителни средства за работа.

Годинава, на овој начин, седум партии добија исплати од над 80 илјади евра, откако со минимален број гласови на минатогодишните локални избори го поминаа законскиот праг од 1 отсто.

За да ја обезбедат оваа сума, дури и партии што беа дел од големите коалиции во одредени општини излегуваа од нив и поднесуваа сопствена листа, што им обезбеди солидна годишна сума. Меѓу нив е и Македонски концепт, кој коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ, но во Дебрца настапи самостојно. Иако не освои советник, 149-те гласа му беа доволни во следните четири години да добива солидна сума од државата.

Оние мали партии, пак, кои освоија и по некој советник, покрај сумата од 80 илјади евра за поминување на изборниот праг, годинава добиваат и уште по околу 4.500 евра за секој свој избраник.

Сепак, бидејќи поголемиот дел од политичките партии на избори се здружуваат во коалиции, потоа мора да ги делат примените пари меѓу коалициските партнери.

Многу пари, малку обврски

ДЗР не следи дали партиите објавуваат финансиски извештаи на своите веб страници | Фото: БИРН

За да ги обезбедат овие средства, партиите само треба своите финансиски извештаи да ги достават до Државниот завод за ревизија (ДЗР), кој врши надзор над трошењето на средствата. Обврската се однесува на испраќање три документи – извештај од регистарот на примени донации, годишна сметка и годишен финансиски извештај, која дел од партиите ја забораваат.

Поради тоа, годинава, Министерството за правда, на седум мали партии им ја стопираше исплатата на парите, ама само до моментот додека не ја завршат својата обврска.

Право на државно финансирање годинава обезбедиле вкупно 62 партии, а третина од нив добиле под 20 илјади евра.

Со цел поголема транспарентност во трошењето на парите од страна на партиите, Законот за финансирање на политичките партии предвидува исплатите да се запрат и ако до крајот на април партиите јавно не ги објават финансиските извештаи на своите веб-страници. Но, оваа обврска често не се почитува, и од малите, и од големите партии, бидејќи нема кој да ја следи.

Како што појаснуваат од ДЗР за БИРН, законот не прецизира конкретно кој орган е овластен да следи и да проверува дали политичките партии ја исполниле обврската за објавување на извештаите на своите веб-страници. Како дополнителен проблем го посочуваат и тоа што партиите во судскиот регистар засега немаат обврска да пријават своја официјална веб-страница.

Оттаму додаваат и дека веќе се почнати координативни состаноци за  дигитализација на процесот за финансиско известување на политичките партии, а се дискутирало и за воспоставување единствена електронска платформа, каде што ќе се објавуваат финансиските извештаи на политичките партии.

Освен овие пари, од буџетот се плаќаат и изборните кампањи на партиите, а секоја година, четирите партии со најдобри изборни резултати добиваат дополнителни средства за работата на своите истражувачки центри. Годинава, за таа цел, уште 320 илјади евра беа поделени меѓу ВМРО-ДПМЕ, СДСМ, ДУИ и Левица.