Во последниве години се забележува раздвижување на македонската културна сцена, особено во областа на книжевноста, каде што се појавуваат сè повеќе нови автори со дела што ги наоѓаат своите читатели. Но, Македонија, како мало јазично подрачје, исто така, претставува мал пазар за книжевност, што значително ја ограничува заработката на писателите и издавачките куќи.
Затоа, многу е важно делата на овие автори, особено ако се млади и се сè уште неетаблирани, да се преведуваат на други јазици со цел да стигнат до поголема публика и до поголем пазар. Ваквите преводи низ Европа често се реализираат со државна помош.
Со цел да ја рашират својата култура во странство и да ги поддржат домашните автори, министерства за култура или други културни институции, нудат средства за странски издавачи за превод на книги.
На тој начин, исто така се намалува финансискиот ризик за издавачите за објавување книги од автори што не се познати во нивните земји.
Последниве две годни изостанува финансиската помош на државава за странските издавачки куќи што сакаат да преведат книги од македонски автори
Нашите издавачки куќи се дел од овој културно-финансиски „екосистем“ и без овие средства многу потешко, и во некои случаи, воопшто не би можеле да издаваат преводи на странски дела на македонски јазик.
„Кога објавуваме преводи на книги од странски автори, како издавачи многу често користиме грантови и финансиска поддршка од земјите на тие автори за да ги објавиме книгите на македонски“, објасни за БИРН, Бојан Саздов, главен уредник на издавачката куќа „ТРИ.“
На сличен начин, помали странски издавачи аплицирале за средства за превод на македонски книги преку Конкурсот за финансирање преводи на странски издавачи на репрезентативни и квалитетни дела од македонската книжевност на странски јазици, кој се спроведувал преку Министерството за култура и туризам. Односно, нашето Министерство нудело пари како финансиска помош на странски издавачки куќи, кои сакале да издадат преводи на македонски книги на нивните јазици.
Но, во последниве две години, овој конкурс го нема.
Македонските писатели и издавачи со кои разговаравме се загрижени за тоа бидејќи велат дека немањето на оваа програма претставува голема пречка, не само за потенцијалниот успех на нашите автори, туку и за ширењето на македонската култура надвор од границите на земјава.
„Во 2025 година, Министерството за култура и туризам изврши анализа на досегашната реализација на Конкурсот и оцени дека е потребно да се направат одредени подобрувања во однос на критериумите и приоритетите“, објаснуваат од Министерството за БИРН.
Во нивниот одговор наведуваат дека моментално се во финална фаза на подготовки и дека „постои реална можност тој да биде повторно објавен во текот на 2026 година.“
Скромни средства, значајни културни ефекти

Станува збор за програма од неколку десетици илјади евра | Фото: БИРН / Емилија Петреска
Овој конкурс се воспоставува во 2014 година и се одржува сè до 2024 година, кога за последен пат се спровел. Заинтересираните странски издавачи можеле да аплицираат во текот на годината по електронски пат, а нивните апликации биле оценувани од стручна комисија со надворешни членови формирана од министерот за култура.
Од Министерството, за БИРН, велат дека вообичаено, на годишно ниво, за таа цел се одвојувале помеѓу 1 и 4 милиони денари, или 16 и 65 илјади евра. А во 2024 година, кога бил склучен 31 договор со странски издавачи, биле потрошени околу 84 илјади евра.
Иако овие изгледаат како занемарливи суми, Саздов, кој, исто така, е претседател на Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), смета дека овие средства се исклучително важни, особено кога наши дела се претставуваат на меѓународни настани.
Писателката Румена Бужаровска, чии дела како „Мојот маж“ и „Тони“ се преведувани на бројни јазици, вели дека поддршката за преводи е посебно важна за младите и помалку познати македонски автори
„Ни се намалува успехот на меѓународните саеми, како во Франкфурт, бидејќи кога има заинтересираност за да се преведе некоја македонска книга, ние веќе не можеме да им го посочиме конкурсот како начин на добивање средства за реализација на тој превод“, објаснува Саздов.
Овој впечаток го дели и Ника Гавровска, писателка и сопственичка на малата издавачка куќа „Гаврош.“
Гавровска најмногу се занимава со книги за деца и вели дека македонски дела од овој жанр добиваат признанија надвор, но сега не можат да постигнат дополнителен успех на други јазици поради непостоењето на овој конкурс.
„Ангажираме луѓе, правиме каталози, успеваме да се заинтересираат издавачи од странство. Но, веднаш наидуваме на нефункционален елемент од целиот ланец“, раскажува Гавровска.
Нејзината детска книга „Бамбино“ била преведена на кинески, но тоа го направил кинескиот издавач на свој трошок наместо да добие средства од нашето Министерство. Таа вели дека повеќе македонски детски книги, вклучително и „Бамбино“, биле на листите на престижниот каталог „The White Ravens“, кој се објавува еднаш годишно и содржи кратки препораки за повеќе од 200 извонредни нови книги за деца и млади од околу 50 земји и на повеќе од 40 јазици. Книгите ги избираат експертите за литература за деца и млади при Меѓународната библиотека за деца и млади во Минхен, која е најголемата библиотека во светот посветена на ваквата литература.
Но, Гавровска вели дека ваквите успеси не се препознаени од нашето Министерство и доволно поддржани.
Писателката Румена Бужаровска, чии дела како „Мојот маж“ и „Тони“ се преведувани на бројни јазици, вели дека ваквата програма е посебно важна за младите и помалку познати македонски автори, бидејќи тие претставуваат најголем ризик за странските издавачи и потенцијално неисплатлива инвестиција доколку не е покриен барем преводот на делото, кој е често нивниот најголем финансиски трошок.
„Доколку странските издавачи немаат стимул од нашата држава за да им ги покрие трошоците на преводот од македонски, тие може воопшто да не ги преведат нашите дела и така да останеме сосема неприсутни и непризнаени на светската книжевна сцена“, вели таа за БИРН.
Недостиг од системска стратегија за книжевност

И кога имало пари за преводи, не одело сè мазно | Фото: БИРН / Емилија Петреска
Проблематични практики околу овој конкурс имало и пред неговото нагло прекинување, велат книжевниците со кои разговаравме. Комуникацијата одела тешко, немало доволно транспарентност, хонорарите често стигнувале со задоцнување, а некогаш и воопшто не биле исплаќани.
Дури и Бужаровска, кoја е една од најпреведуваните современи македонски автори, вели дека странските издавачи што барале средства за превод на нејзини книги имале бројни проблеми околу конкурсот.
„Сум имала неколку ситуации во кои никој не одговарал на имејл-адресата, и тоа со месеци. Не знаејќи што да прават, издавачите ме контактирале мене по што јас сум се обидувала да се јавувам кај луѓе во Министерство за да ги молам да го отворат мејлот“, се присеќава Бужаровска, која потенцира дека тоа никако не треба да биде работа на авторите.
„Секое едно дело што се преведува на странски јазик, на некој начин, станува мини амбасадор на Македонија“, вели писателката Гавровска.
Слично искуство имала и Лидија Димковска, авторка на романите „Резервен живот“ и „Скриена камера.“
„Кога изборот од мојата поезија ‘(Не)удобноста на постоењето’ се преведуваше на бугарски, никогаш не го исплатија грантот. А кога се преведуваше ‘Гранична состојба’ на италијански, тие никогаш не му јавија на издавачот дали проектот поминал или не, така што ни издавачот, ни преведувачката не добија средства“, објасни Димковска.
Поради ваквото искуство со нејзината книга, таа смета дека овој италијански издавач тешко дека повторно би се нафатил да преведе и да издаде друга македонска книга.
Односно, овие практики често, не само што ги става самите автори во непријатни ситуации, туку потенцијално ги нарушува односите на нашите писатели со странските издавачки куќи и ги загрозува потенцијалните идни преводи на македонски книги.
„Конкурсот е важен, не само од финансиски аспект, туку и како дел од една поширока национална стратегија со која нашата земја преку секое едно дело што се преведува на странски јазик, на некој начин, станува мини амбасадор на Македонија“, вели писателката Гавровска.
За разлика од нефункционалноста во нашата земја, речиси сите наши соговорници ја спомнаа Словенија како одличен пример за како една мала држава со речиси исто население како Македонија, која стратешки ги поддржува своите автори и ја шири сопствената култура.
Програмата за превод на словенечки дела оди преку посебна институција, Јавна агенција за книга, каде што странски издавачи имаат можност да аплицираат за два конкурси – за превод и за печатење – додека кога овој конкурс функционирал во Македонија, средства се доделувале само за трошоците за превод.
Всушност, Димковска, која живее во Словенија, но пишува на македонски, наместо од македонското Министерство за култура, добила средства токму од словенечката Јавна агенција за книга за превод на грчки, урду и на италијански јазик на нејзиниот роман „Единствен матичен број“, кој во Македонија ја доби наградата Роман на годината во 2024 година.
Освен тоа, Димковска моментално преведува детска книга од словенечки на македонски. Трошоците за овој превод се целосно покриени преку Јавната агенција за книга на Словенија.
Двете авторки, Димковска и Бужаровска, коментираа за апсурдноста на немањето ваква поддршка за македонските творци во контекст на постојано зборување за штитењето на македонскиот идентитет и јазик.
„Бришењето на ваквата поддршка е еднакво на бришење на македонската култура во светот, а со тоа и бришење на постоењето на македонскиот јазик за кој политичарите упорно водат празни дебати“, заклучи писателката Бужаровска.
