„Цело Водно го зедоа“, рече Љупчо Шапчевски, гледајќи кон планината што се издига над неговата куќа, веднаш над хотелскиот комплекс Панорамика. Усвојувањето на новиот нацрт ДУП, за реонот Барутана во кој тој живее, предизвика лавина од реакции.
Неговиот револт не е без причина бидејќи во околината забрзано се гради.
И на местото на старите куќи, а сè почесто и на празните парцели, на тоа стрмно подрачје, се планирани да се градат уште петнаесетина нови куќи, практично згради меѓу 500 и 1.000 квадрати.
Иницијативата и понатаму да се гради, и покрај ризикот, не произлегува од експертските и долгорочни планови за развој на скопски Центар, како што се залага современиот урбанизам, бидејќи, според генералниот урбанистички план за Скопје, Барутана веќе е преизградена.
Наместо тоа, таа е резултат на притисокот од инвеститори, кои не така одамна се позиционирале на Водно, купувајќи дел од плацовите.

Поглед кон Скопје од ридот над Барутана | Фото: БИРН
И тие не се случајни луѓе. БИРН ги истражуваше конекциите на некои од нив со врвот од партиите што имаат доминантен број општински советници во Центар, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ и од чија одлука зависи судбината на овој дел од Водно.
Барутана опфаќа мала површина, околу 7 хектари, или едвај колку десет фудбалски игралишта. Но, локацијата се смета за ексклузивна и има голем притисок за градба. Од друга страна, според сведоштвата на староседелците, условите за домување во овој дел на Водно се скромни.
Шапчевски, кој тука живее од 60-тите години на минатиот век, раскажува за лошата канализациска мрежа што минува под дворовите на куќите, за патот што се рони исто како и неговиот двор, за снегот што никогаш не бил исчистен од улицата бидејќи камионите не можеле да се искачат по неа, ама и за тоа како по секој дожд, од Водно се слеваат реки што со себе носат купишта камења.
Оттука и неговиот страв од ваков ДУП, кој на стрмниот терен на Барутана, во самата шума, дозволува да никнат многу објекти.
Нацрт-планот отвори простор за негово финализирање, минатиот месец беше усвоен со гласовите на советниците на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ во Општина Центар. Одлуката наиде на отпор во јавноста и кај малцинството советници од независните Шанса за Центар, но и од Левица и ЗНАМ.
„Ова е некаков договор меѓу приватни инвеститори и општината – да го направат тоа што го сакаат и да живеат на Водно каде што нема апсолутно никакви услови“, насетува Шапчевски.
Тој, со петиција, на која му се потпишаа голем дел од жителите на Барутана, се обидува да го спречи носењето на новиот ДУП, за чија изработка инаку плаќа приватна компанија.
Во моментов, таму не може да се издаваат дозволи за нови градби, бидејќи на крајот на минатата година, Уставниот суд го укина дотогашниот ДУП за Барутана, бидејќи во 2014 година бил усвоен со помалку советнички гласови од законски потребните.
Ако се усвои предложениот ДУП, ќе нема пречка за градење.
Струмички конекции

Локацијата на четирите хациенди (лево) во нацрт ДУП-от за Барутана и на компанијата што плаќа за него (десно) | Илустрација: БИРН
Нацрт-планот за Барутана, меѓу другото, предвидува хациенди во шума, вцртани на стрмен терен, до кои сега нема никаков пристап. БИРН открива дека четири најексклузивни локации, оние што се наоѓаат и највисоко на ридот, биле купени на ист ден, во септември 2023 година.
Ги купиле три фирми, покажуваат историјатите од државниот катастар.
Спроти четирите хациенди, во нацрт-планот се впишани уште три маркички за хациенди – една е на државен плац, а две на земјиште што сега има 25 наследници, заедно со државата. Во катастар, нивната намена е „шума.“
Два плаца купила градежната компанија „Енерго максистем“, а по еден „Интернешнл груп“ и „Енсоф капитал.“ Овие фирми се меѓусебно поврзани, а некои од нивните сопственици имаат и релации со врвот на политичкиот естаблишмент. Претходно, сопственици на парцелите биле приватни лица, кои ги наследиле од своите баби и дедовци, кои овде поседувале шуми и пасишта, а помал удел имала и државата.
Меѓу 2023 и 2026 година, новите газди ги докупувале државните удели во своето земјиште, ама и доокрупнувале парцели со купување државна земја до нив, која во тој период во катастар била трансферирана од „шума“ во „неизградено градежно земјиште.“

Компаниите со плацови на ридот во Барутана | Фото: БИРН
За „Енерго Максистем“, јавноста првпат дозна минатата година, кога од државната Агенција за одземен имот купи атрактивно земјиште од речиси 19 илјади квадратни метри во Гевгелија, веднаш пред граничниот премин Богородица. Оваа земја беше конфискувана од поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков, по неговата спогодба со судот.
Иако компанијата во 2014 година ја основала и сега нејзина сопственичка е Сања Костовски, до преклани таа се водела на име на прима-балерината Тања Вујисиќ–Тодоровска, сопругата на Љупчо Тодоровски-Радникот, близок соработник на Мијалков, кога двајцата беа високи полициски функционери.
Сања Костовски, заедно со сопругот Сашо Костовски, имаат повеќе компании во градежниот и енергетскиот сектор, а основачи се и на здружението за заштита на црквата „Св. Константин и Елена“, која се изгради во центарот на Скопје по желба на поранешниот премиер и братучед на Мијалков, Никола Груевски.
Костовски, на отворањето на црквата беа претставени како ктитори.
Втората фирма што истиот ден во 2023 година купила плац најгоре во Барутана, е струмичката, „Интернешнл груп.“ Нејзината сопственичка структура е врзана со Струмица и Бугарија, бидејќи основачи на компанијата се две бугарски фирми.
Сопственици на едната од нив се таткото Симеон и синот Горан Крстев, струмичанецот, кој со години беше дел од бизнис-мрежата во која се појавуваат компании и лица поврзани со семејството на поранешниот премиер Зоран Заев. За блиските релации меѓу Крстев и Заев се знае од поодамна, од 2008 година, кога двајцата беа аболирани за случајот со струмички „Глобал.“
Втората бугарска фирма е регистрирана на Влатко Јовановски, кој се води како бугарски државјанин и во Бугарија има основано неколку компании за трговија, транспорт и шпедиција.
Интернешнл груп гради згради во Струмица, а неодамна се стекна со удел и во „Ски кожуф инвест“, фирмата што во стечајна постапка го купи земјиштето на скијачкиот центар Кожуф.
Податок до кој, исто така, дојде БИРН покажува дека веројатно не е коинциденција тоа што двете фирми синхронизирано купиле плацови на Водно.
Имено, двете фирми – „Енерго максистем“ и струмичката „Интернешнл груп“, од ривали за градежно земјиште во Гевгелија, прераснаа во бизнис-партнери. Прво се натпреварувале за атрактивното земјиште на Мијалков кај Богородица и заедно наддавале за него кај Агенцијата за одземен имот. Потоа, откако победи „Енегро максистем“, половина од плацот им го продала на „Интернешнл груп.“ На крајот основале и заедничка фирма.

Стрмните пристапи околу Барутана | Фото: БИРН
Третата фирма со плац во ридот над Барутана е „Енсоф капитал“, компанија на Роберт Новески, германски државјанин, кој покрај во градежништвото, бил активен и во бизнисот со марихуана.
И тој, плацот го купил истиот ден во септември 2023 година, за потоа да основа заедничка фирма со Сања Костовски, сопственичката на „Енерго максистем.“
На оваа дружина, на самиот крај на декември 2025 година ѝ се приклучува и Масар Омерагиќ, преку семејната транспортна компанија „Руле турс“, која е концесионер на меѓуградската автобуска станица во Скопје. Имено, „Енерго максистем“ на „Руле-турс“ му продала еден од своите два плаца на овој дел од Водно, неколку дена откако Уставниот суд го укина планот за Барутана и забрани нови градби, до донесувањето нов ДУП.
Омерагиќ е познат дека една од своите компании ја продаде на Мијалкови. Сега е на функцијата претседател на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), ама е и инвеститор на зградите спроти трговскиот Ист гејт. Ваквата позиција, на Омерагиќ му овозможува чести контакти и со самиот политички врв.
Приватната иницијатива за Барутана

Поглед кон плацот на Лутарико | Фото: БИРН
На спротивната страна од овие четири плацови, на височинката над Панорамика, два плаца од претходно има стекнато уште една фирма, „Лутарико“, која за да може да почне да гради, во 2024 година, од општината бара да се донесе нов ДУП и самата го финансира неговото изработување.
Впрочем, оваа иницијатива им оди во прилог на сите инвеститори позиционирани на микролокацијата позната како Барутана.
Во нацрт ДУП-от, двете парцели на „Лутарико“, распослани на 4.000 квадрати, вцртани се пет куќи, сите поголеми од 500 квадрати.
За време на нашата посета на теренот, пак, забележавме дека има само грмушки и дрвја.
Запишано како „парк“ во катастар, во катастар, земјиштето во непосредна близина на Француската Амбасада, кое претходно било сопственост Република Франција, од неа е купено во 2016 година и истата година е пренесено на Лутарико, покажуваат податоците од државниот катастар до кои дојде БИРН.
Компанијата како градежно земјиште успеала да го впише во 2024 година по што, за да може да гради приватни хациенди, бара изработка на нов ДУП, бидејќи во стариот, на овие парцели биле планирани државни објекти.
Лутарико има двајца сопственици, Момир Симиќ и Ѓорѓи Вуков. Првиот, освен со градежништво, се занимава и со шпедиција, а вториот е познат по добивање широк спектар тендери, меѓу кои и од Општина Центар.
Неговата „Линк медиа плус“ која е најпозната по украсувањето на општините за Нова Година, набавувала униформи за основците и полицијата, канцелариски материјали, па дури и челични лимови за термоелектрани, а добивала тендери и за миење улици и службени возила по институциите.
Барутана веќе е преизградена

Нови објекти на местото на старите куќи | Фото: БИРН
Ама за сето ова да почне да се гради, по изгласаниот нацрт, советниците ќе треба да го изгласаат и финалниот ДУП. Ако остане ист како нацртот, ќе треба да се пробива нова улица во ридот над Барутана, за новите газди да стигнат до своите хациенди на Водно. Експертите веќе предупредуваат дека, не само што општината ќе биде во зијан, туку и патот тешко ќе се изведе поради стрмниот терен.
Проблемот е во тоа што и во новиот ДУП има впишано неколкупати поголем број објекти отколку што е дозволено со ГУП-от за вој дел на Скопје. Практично, и со веќе изградените објекти е минат лимитот за градба на овој дел на Водно.
Спроти четирите хациенди, во нацрт-планот се впишани уште три маркички за хациенди – една е на државен плац, а две на земјиште што сега има 25 наследници, заедно со државата. Во катастар, нивната намена е „шума.“
А Водно е потенцијално ерозивно подрачје, па сечењето десетици илјади квадрати шума за изградба на новите патишта и згради на стрмните падини може да го засили овој ризик. Општината веќе го има препознаено овој ризик.
За да биде ситуацијата посложена, проблематичните нови згради, од кои повеќето на самата граница на планот, највисоко во шумата, се исцртани од поодамна, планерите не сакаат да ги избришат, за инвеститорите да не ја тужат општината.

Јавна расправа за новиот ДУП за Барутана | Фото: БИРН
Оние во шумата на Барутана биле вцртани во 2009 година, како пространи еднокатници со поткровје. Во ДУП-от од 2014 година добиле уште еден кат. Во сегашниот нацрт-план, пак, тргнато им е поткровјето, ама оставена е истата висина.
Инаку, главниот аргумент на планерите со кој го бранеа нацрт ДУП-от беше дека тој дозволува помала површина за градба од сега веќе укинатиот ДУП. На забелешките дека тој е спротивен од ГУП-от, кој е повисок акт, тие повторуваа дека веќе имало ДУП со поголеми параметри, кој бил одобрен од институциите.

Новиот план нема согласност од Дирекцијата за заштита и спасување | Фото: БИРН
Од прошетката низ Барутана, пак, може да се види и дека инвеститорите се мошне снаодливи. Така, на една од тесните улици, во моментов се гради зграда, која практично има шест ката, иако планот според кој требало да ја добие дозволата, предвидувал таа да биде двокатница со поткровје.
Арно ама плацот бил во дупка, па зградата добила „подрум“ од три ката.
До зградата се стигнува по мала улица, која дополнително се стеснува како што се оди нагоре, па предизвик е до неа да стигнат поголеми возила, како што се противпожарните. И пред гласањето на новиот план ова беше проблематизирано, па тој е направен без за него да даде согласност Дирекцијата за заштита и спасување.
Староседелeцот Шапчевски е загрижен поради сето тоа. Сега вели дека се живее лошо. Со ваков план, стравува дека ќе биде уште полошо.

