Анализи

Десет години од скопската поплава: Ненаучените лекции

Што се смени по катастрофата, која однесе 22 животи

Речиси нема знаци во Синѓелиќ, Ченто, Стајковци, Арачиново и околината дека пред десет години, вечерта на 6 август 2016 година, беа погодени од најтешката поплава што се памети во земјава, која однесе 22 животи и предизвика штета од над 30 милиони евра. Оштетените куќи главно се поправени или урнати, улиците се санирани, калта е одамна исчистена. Oстануваат само сеќавањата на мештаните, кои раскажуваат како за неколку минути надошла вода на улиците од два метри, и ако некој случајно се симнал во подрумот во тој момент, веќе не можел да се качи.

Но, малку се и знаците дека ситуацијата е значително подобрена и дека денес овие места би поминале полесно ако се повтори нешто слично на „илјадагодишото невреме“ што ја погоди скопската котлина. Голите падини на Скопска Црна Гора, низ кои тргнаа огромни наноси кал кон куќите, не се пошумени. Дел од каналите се исчистени, дел се обраснати и наполнети со ѓубре, а на некои места се покриени со бетонски мостови, кои локалните жители самите ги направиле за да си ги прошират дворовите.

Санирана беше и штетата на коловозот од скопската обиколница. Но, предупредувањата на експертите дека нејзиниот дизајн придонел да се влошат последиците беа игнорирани.

На десетгодишнината од поплавата, БИРН се наврати на реакциите, анализите и на препораките што се објавија во деновите и во годините по катастрофата, барајќи одговор на прашањето – дали научивме барем некоја лекција.

Ободни канали – чисто, па нечисто

Канал обраснат со трска во Сингелиќ | Фото: БИРН

„Се плашиме, тука е рамнина. Не дај, боже да дојде нешто како пред десет години“, ни рече Ќамил, жител на Инџиково, чија куќа се наоѓа во близина на еден од ободните канали, обраснат со трња.

Вели, состојбата била иста како пред 40 години, кога се доселил таму.

„Каналите треба да бидат чисти. Државата треба да се интересира. Луѓе загинаа“,  вели Ќамил.

Прашањето што сите го поставуваа беше – колку природата, а колку човечкиот фактор придонесоа за последиците. Одговор се обиде да даде професорот од Институтот за географија, Ивица Милевски. Еден ден по поплавата, тој објави текст дека наглиот продор на влажна воздушна маса од запад, во судир со Скопска Црна Гора, како средно висока бариера од 1.651 метар, предизвикал на нејзините јужни падини да паднат 93 литри вода на квадаратен метар за четири часа, што е исклучително ретка појава. Но, професорот додаде и дека падините се мошне оголени, дренажните канали се полни со шут и отпадоци, издигнатите објекти и сообраќајници се без пропусти и сето тоа предизвикало насобирање на водата.

Десет години подоцна, Милевски не гледа никаков напредок, не само за Стајковци и околината, туку и за цела Македонија.

„Екстремните настани во урбаните средини ќе ни се повторуваат, а ние постојано ќе се жалиме. Речиси и да нема градови и поголеми селски населби што не се под ризик за да се случи нешто вакво за пет или десет години, бидејќи во најголем дел од територијата на Македонија има поројни води и има голема оголеност“, рече Милевски во разговор за БИРН.

Смета дека кај нас речиси никој не ги следи екстремните климатски настани.

„Живо чудо сме во Европа“, вели.

Нашата теренска обиколка покажа дека проблемите со каналите не се надминати ни денес.

Малиот мост на арачиновскиот канал, на неколку стотици метри пред селото, ја означува границата меѓу исчистениот дел, кон Арачиново, и неисчистениот, кон Стајковци. Во Ченто и во Синѓелиќ, од трските не се гледа водата. Кон Брњарци, освен вегетацијата, има и солидно количество шишиња, отпадоци, дури и големи црни вреќи со ѓубре.

Во медиумските архиви може да се најдат објави од 2025 година за чистење и покривање на 300 метри од каналот во Арачиново со милион евра од владата, како исполнето предизборно ветување. Две години претходно, општината се пофалила дека се исчистени 1,1 километар до границата со Илинден и дека склучиле договор со државната компанија „Водостопанство на Македонија“ за одржување.

Меѓу соопштенијата на „Водостопанство“, чија подружница „Скопско поле“ е надлежна за локалните канали, има информации за чистење во Илинден во 2023, во Миладиновци во 2019 и друго.

Од теренот и од објавените соопштенија се добива впечаток дека чистењето е парцијално, големи делови остануваат неисчистени, со што се нарушува функционирањето на мрежата. Не успеавме да добиеме одговор од компанијата во врска со ефикасноста на одржувањето.

Ги видел ли некој фалинките на обиколницата?

Поплавата направи огромна штета и однесе 22 животи | Фото: БИРН

Два месеца по поплавата, Јавното претпријатие за државни патишта склучи итен договор со фирмата „Трансмет“ вреден 2,6 милиони евра, за санација на оштетениот коловоз на скопската обиколница, во должина од еден и пол километар меѓу клучките Арачиново и Стајковци.

Обиколницата, односно начинот на кој била проектирана и изградена, беше посочена од повеќемина експерти, како еден од факторите што придонел за поголема штета од поплавите.

Во изјава за „Дојче веле“ една недела по поплавата, професорот на Градежниот факултет, Живко Велјановски рече дека кога факултетот правел ревизија на проектот, инсистирале да се направи регулација со која водата нема да тече по површината, туку ќе се слева во некој канал.

„Во случајов се покажа дека по патот, тоа количество вода немало каде да оди и направило штета“, рече Велјановски во 2016 година.

Медиумот пренесе дека и Управата за хидрометеоролошки работи објавила хидролошка анализа, во која забележала дека нема доволно водопропусни отвори под автопатот.

Во стратегијата за заштита од климатските промени „Отпорно Скопје“, што Град Скопје ја промовираше во 2017 година, осум месеци по поплавата, има детална анализа на причините за големите штети, според овој документ проценети на 30 милиони евра, а се предложени и структурни мерки за средно до високо ниво на заштита.

Се предлага регулирање на поројните текови во горната зона, изведба на прегради на реките и пороите во населените места, чистење и стабилизација на повеќе речни корита на Скопска Црна Гора и во полето, како и изградба на ретензионен базен покрај скопската обиколница, за да го заштити од поплави населението јужно од патот. Сето тоа било проценето дека ќе чини осум милиони евра.

Делот за поплавите во стратегијата го изработила скопската консултантска куќа „Поинт Про“, а на неа работел експертот Ангел Панов.

„Тоа беа препораки што ги дадовме. Не значи дека се единствените решенија, може има и други. Но, гледаме дека поголемиот дел од тоа што се препорачуваше не се исполни. Поплавата од пред десет години навистина беше редок настан. Не може инфраструктурата да се димензионира за да издржи таква појава. Сепак, со подобри мерки за превенција и со поголема подготвеност, може да се намалат последиците“, рече Панов за БИРН.

Освен поправката на коловозот во 2016 и во 2017, во изминативе десет години, ЈПДП санирало и потпорен ѕид на потпатник на обиколницата, но не во погоденото подрачје, туку во општината Ѓорче Петров, во 2025 година. Нема информации за други интервенции на овој автопат.

Испративме прашања до претпријатието дали темата за пропустите за вода некогаш била разгледувана, дали била направена ревизија на проектот, дали се утврдени недостатоци од ваков тип и што друго е преземено. Не добивме одговори.

Малку пошумување, малку повеќе сечење

Голини на Скопска Црна Гора | Фото: БИРН

Одговор стигна само од јавното претпријатие „Македонски шуми“, каде што испративме прашања колку акции за пошумување биле спроведени на Скопска Црна Гора, посебно во деловите што беа опфатени со поплавите, за да се спречи понатамошна ерозија на земјиштето.

Оттаму споменуваат само две акции, едната во 2022 година во Раштак кога е пошумиле 2,5 хектари со 3200 јасени и багреми, и уште една во липковскиот реон, кој е на другата страна на планината и не се гледа од Скопје.

На интернет може да се најдат информации за уште две акции. Во 2019 година, кај Страчинци, кое беше едно од најпогодените места, биле засадени 15 илјади багреми во акција, во која учествувал тогашниот претседател Стево Пендаровски. Уште 500 багреми насадила и партијата ВМРО-ДПМНЕ во 2023 година, во своја акција.

Тоа се помалку од 20 илјади садници, кои, дури и ако се засадат на растојание од два до три метри меѓу нив, би зафатиле површина од околу 100 до 120 илјади квадратни метри. Ова е приближно колку скопската Зоолошка градина или стариот дел од Градски парк.

Голините на Скопска Црна Гора на потегот над Арачиново, Брњарци и Страчинци, кои добро се гледаат од населените места што беа погодени со поплавата, се протегаат на 50 до 60 пати поголема површина од тоа, според алатките за мерење на сервисот Гугл ерт.

Десет години по поплавата, за оваа есен, од „Македонски шуми“ најавуваат голема акција за пошумување во Страчинци, со 270 илјади нови садници.

Но, освен што се пошумува, Скопска Црна Гора, исто така, се сече. И тоа на диво. Во 2020 година беа свежи сеќавањата на поплавата, а екоактивисти предупредуваа дека наоѓаат исечени дрвја од дрвокрадци на планината.

Во 2023 година, Шумската полиција запленила 400 кубици дивоисечено дрво на планината и уапсила десетмина дрвокрадци. Податок, кој според авторите на специјализираниот портал „Шумарите“, покажува дека „на Скопска Црна Гора дејствувало паралелно шумско стопанство.“

Во разговор за БИРН, професорот на Шумарскиот факултет, Иван Блинков објаснува зошто шумата спречува поголеми штети и ерозија при силни дождови.

„Прво, го запира и го ублажува ударот од дождовните капки, а потоа кај коренот ја впива водата во почвата. Но, тоа е слој од педесетина сантиметри. Кога ќе се засити, водата тргнува надолу“, вели Блинков.

Противерозивното уредување е важно, додава професорот, бидејќи при порои, 50 отсто од тоа што се слева надолу е вода, а 50 отсто земјен нанос. На снимките веднаш по поплавата се гледаше дека улиците, дворовите и подрумите се полни со кал, не само со вода.

Блинков, сепак, вели дека не може сè да се сведе на недостигот од шуми. Како што објаснува, количеството вода, сепак, било преголемо, каналите биле неодржувани, а и урбанистичкото планирање на населените места под планината не постоело, што дополнително придонело за големата штета.

Додаде дека имало и проект за нов ободен канал под Скопска Црна Гора, над обиколницата, но нема имплементација.

Професорот потсетува дека пороите и ерозијата од Водно пред стотина години биле голем проблем за Скопје, но со пошумувањата и со каналите сето тоа се решило.

Заштита и планирање од проект до проект

Канал кој минува под двор на куќа | Фото: БИРН

Скопската поплава, вели Блинков, дошла по повеќе „предупредувачки“ настани во 2015 година. Пелагонија се поплави во февруари 2015 година, исто и Штип и Источна Македонија, поради излевање на реките, а подоцна во август, пороите на Шар Планина однесоа четири животи во Шипковица, од кои три деца.

Сето тоа привлече многу проекти за заштита од поплави и за управување со речни сливови, поддржани од странски донатори.

Беа опфатени Полошкиот регион, Црн Дрим, Струмица, делови од Вардар и други. Еден проект се спроведува и сега, за имплементација на Директивата на ЕУ за поплави.

Дали тоа значи дека државата е подобро заштитена од пред десет години?

„Мрднато е нешто. Многу проекти влегоа. Но, немаме доволно капацитет. Градежниот факултет нема луѓе, ниту Шумарскиот факултет, нема инженери и нема сериозен пристап на институциите што се занимаваат со водите“, вели Блинков.

Тој додава дека проектите не се залудни, туку се многу важни, бидејќи сега има подлога, има планови за управување и точно се знае кој што треба да прави.

Проектите ги подобриле и капацитетите на Управата за хидрометеоролошки работи, за рана најава и предупредување, вели за БИРН, директорот на оваа институција, Атанас Угрински. Како што објаснува, системот за предупредување се состои од мерни станици, прогностички софтвери, сателитско следење, односно комбинација од различна опрема.

„Опремата е главно обезбедена од донатори, бидејќи нашиот буџет е мал. Останат е како што бил во некои минати времиња. Се случува на одредени системи да им истече траењето, да треба да се заменат, а сме ги добиле со проекти“, вели Угрински.

Тој смета дека денес Управата е поподготвена да предвиди вонредни ситуации отколку пред десет години, има поголемо искуство, технологијата е напредната, но го дели мислењето дека најголемиот проблем се човечките ресурси.

„Преку еден проект имавме еден програмер што беше одличен, многу ни помогна да ја унапредиме работата, Но, кога заврши проектот, тој си отиде. Нè подготви колку што може и ние успеваме некако да го одржуваме системот, но не можеме сè сами“, ја опишува Угрински, состојбата со кадрите, која очигледно не важи само за неговата институција.

За луѓето чии домови настрадаа во поплавата, проблемите во институциите, пишувањето на студиите и процентот на реализација на проектите за поотпорно Скопје, не се дел од секојдневието.

Тие имаат свои обврски, одат на работа или како Ќамил се занимаваат со земјоделие, се грижат за своите семејства, а животот им е поделен на два периоди, пред и по поплавата. Заедничко за нив е и тоа што немаат многу верба дека државата ќе помогне за таквата трагедија никогаш да не се повтори. Затоа, при секој пообилен дожд со страв гледаат кон небото, во надеж дека водата ќе ги заобиколи нивните домови.