Летото е време за одмор, патување и – за увид во градежните работи. Само во изминатиот месец, високи владини претставници посетија повеќе од десет локални градилишта за, како што се тврдеше во соопштенијата од нивните институции, да извршат увид во работите.
Најактивни беа премиерот Христијан Мицкоски и неговиот заменик и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тука не станува збор за настани како удирање камен-темелник за нов објект или сечење лента на завршен проект, туку за посети на градилишта додека траат работите. Увидите, притоа, почесто се вршат на локални улици или канализациски водови во општините отколку на големи проекти, како автопатишта или пруги.
Ако се следи медиумското покривање на овие настани, може да се види дека конкретниот повод за нив често паѓа во втор план. Откако ќе кажат неколку збора за тоа што се гради и дека проектот се одвива според планираното, функционерите, како главни протагонисти, продолжуваат да одговараат на прашања за сите други актуелни теми.
Иако тоа често е повторување претходно искажани ставови, сепак им дава поголемо медиумско присуство.
Тоа го отвора прашањето колку има јавен интерес во увидот во работите, а колку функционерите трошат државни ресурси, возила, придружници, обезбедување и друго, за уште малку политички пи-ар.
Пет вести за темата, 80 за други прашања

Премиерот вчера во Делечво следеше како тече реконструкција на улица | Фото: Facebook на премиерот Христијан Мицкоски
Еден од последните увиди во работите што ги направи премиерот Мицкоски беше во Скопје, на клучката кај Момин Поток, на 26 јули.
На агрегаторот за вести Тајм.мк може да се најдат вкупно пет објави за оваа негова посета што се поврзани со проектот за Момин Поток, како и повеќе од 80 вести во кои тој одговара на прашања за цените на бензините, трговските царини на САД, последната одлука на УНЕСКО за Охрид и заемот на владата од М-НАВ, државната компанија што го управува и контролира воздушниот сообраќај.
Клучката е еден од поголемите инфраструктурни проекти во Скопје, вреден 18 милиони евра. Но, и многу помали зафати го привлекувале вниманието на Мицкоски. Една недела претходно, заедно со вицепремиерот Николоски, извршија увид во изградбата на три улици во Велес, со вредност од половина милион евра.
Прашање е колку има јавен интерес во увидот во работите, а колку функционерите трошат државни ресурси за уште малку политички пи-ар
Таму премиерот коментирал за инфлацијата, капиталните инвестиции, зголемувањето на платите, состојбата со водата во Гостивар и за ребалансот на буџетот.
Посебно внимание предизвика посетата на министерот Николоски на Кисела Вода кон средината на јули, каде што изврши увид во работите на уличка вредна 60 илјади евра.
Неколку дена претходно, пак, Мицкоски во Охрид посети градилиште на улица долга околу 200 метри. Министерот за транспорт, пак, заедно со градоначалникот на Тетово, Билал Касами, прошетаа по улица во градба долга 700 метри.
На почетокот на месецот, двајцата функционери заедно беа во Неготино, каде што разгледуваа изградба на локална улица и кружен тек.
Во архивата од соопштенија на владината интернет-страница може да се најдат најмалку 60 содржини со увид во градежните работи, во последниве две години, откако е на власт сегашната гарнитура. Теренски активности има многу повеќе, овие 60 се само посети на активни градилишта. Тоа значи дека овие активности се организираат во просек трипати месечно, иако се значително почести во летниот период.
Меѓу нив се и посети на автопатот Кичево – Охрид и на пругата кон Бугарија, но и увиди во водовод и канализација во Чаир, детско игралиште и улица во Гази Баба, водоводи и патишта во пет села кај Кавадарци и друго.
Речиси без исклучок, секаде увидите служеле и како паралелни прес-конференции на актуелни теми
И минатите влади не беа имуни на оваа појава.
Како премиер, Димитар Ковачевски посети училиште што се реновира во Охрид, социјална зграда во изградба во Бутел, градилиште за мост во кумановското село Проевце и друго.
Неговиот претходник Зоран Заев правеше увид во реновирањето на полициската станица во Ресен, во изградбата на клучка кај индустриската зона во Прилеп, а особено беше активен пред локалните избори во 2021 година, како пат во селото Бојане, водовод во Сарај и други проекти.
Европска реткост и балканска нормалност

Слична пи-ар спроведува и српскиот претседател, Александар Вучиќ | Фото: Flickr на Влада на РС Македонија
Во Европа, високи политички претставници, пред сè шефови на држави и на влади, исто така посетуваат градилишта, но обично станува збор за многу големи стратешки проекти вредни милијарди евра или работи од посебно значење.
Во март годинава, францускиот претседател Емануел Макрон го посети градилиштето на нуклеарната централа Пенли, каде што се градат нови реактори. Макрон, неколкупати бил во увид и на реконструкцијата на ремек-делото на готската архитектура, Богорoдичната црква во Париз, која настрада во пожар, во 2019 година.
На владиниот сајт има најмалку 60 содржини со увид во градежните работи, во последниве две години, откако е на власт сегашната гарнитура
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, во изминативе години неколкупати направил увид во градежните работи на атинското метро и на солунската обиколница, двата најголеми урбани инфраструктурни проекти во земјата. Го посетил и градилиштето на новиот аеродром на Крит.
Се наоѓаат и вести за посета на градилишта од локално значење.
На пример, германскиот канцелар Фридрих Мерц неодамна бил во увид на реконструкцијата на локалната инфраструктура во малиот град Бад Нојенар Арвајлер. Причина за посетата, сепак, била петгодишнината од големата поплава во која настрадал градот, чија обнова сè уште трае.
Во поблиското соседство, пак, појавата на државници на локални проекти почесто се сретнува. Во јули годинава, српскиот претседател Александар Вучиќ направи увид во градежните работи на патот меѓу селата Горен и Долен Синковац, во близина на Лесковац. Патот е долг помалку од четири километри, а проектот е вреден 1,2 милиони евра обезбедени од државата.
Албанскиот премиер Еди Рама, пак, во истиот период направи увид во реконструкцијата на булеварот Адрија во Драч. Рама често може да се види како посетува градилишта, на пример кејот на реката Горица во Берат или патот меѓу две села кај Валона.
Важни проекти, но „душа дале“ за пи-ар

Агресивен политички маркетинг | Фото: Facebook на премиерот Христијан Мицкоски
Треба да се прави разлика меѓу посета на проект „гранапче“, метафорично речено, и проект што има поголемо значење од сите аспекти, вели за БИРН, искусниот новинар Теофил Блажевски.
„Сепак, јавноста не смее да заборави дека актуелната владејачка коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ, со ВЛЕН и со ЗНАМ, во моментов доминираат, и на централно, и на локално ниво. Со инвестициите од 250 милиони евра во локалната самоуправа преку првиот кредит од Унгарија, предизборните ветувања и програмите за работа на владата и на локалните самоуправи се испреплетени. А освен тоа, не треба да се потценува фактот дека во многу региони, една од повеќето причини за депопулација е и недостиг од основни услови за живот“, додава Блажевски.
„Секогаш, не само сега, при тие брифинзи, изјави, обраќања или како сакате речете ги, отсекогаш имало и договорени нафрлени прашања по што политичкиот лидер, кој и да е, шутира волеј, што би се рекло“, вели новинарот Блажевски
Тој додава дека локалните проекти обично се многу важни за населението што живее таму, а поради отсуство на локални медиуми, пошироката јавност обично не го знае тоа.
Но, истовремено, проектите „душа дале“ за политички маркетинг секој втор ден.
„Јавниот интерес некаде е помал, некаде е поголем, но главно станува збор за агресивен политички маркетинг спроведуван според стратегијата, тактиката, но понекогаш и поради дневна потреба за фокус или дефокус. Зацртаните цели се константен пораст на популарноста или барем одржување високо ниво преку партиски и владин пи-ар, глорификација на лидерот на партијата, кој е и актуелен премиер, и диктирање на темпото на комуникација со јавноста преку социјалните мрежи и медиуми, на тој начин што опозицијата или медиумите не можат ниту да стигнат да изанализираат, а камоли со сигурност да кажат што е вистина, лага или спин“, додава Блажевски.
Според него, јавноста, со текот на времето, би требало да биде научена да препознае што е разликата меѓу транспарентност и отчетност, и појавување на премиерот секој втор ден на јавен настан каде што дава изјава на темата – повод за посетата по што одговара на прашања на други теми.
Покрај премиерот, како што вели, тука се уште двајца до тројца министри – миленици на премиерот, а истата матрица се обидува да ја следат и од ЗНАМ и од ВЛЕН.
„Секогаш, не само сега, при тие брифинзи, изјави, обраќања или како сакате речете ги, отсекогаш имало и договорени нафрлени прашања по што политичкиот лидер, кој и да е, шутира волеј, што би се рекло“, заклучува тој.

