Истражувањa

Како се лови песок со дозвола за риби

Од дупка во законите до дупки покрај реките

Луѓе поврзани со фирми за ископување песок и за подготовка на бетон, во изминативе две години решиле да се пробаат во сосема друг бизнис – одгледување риба во езерца за рекреативен риболов. Бизнис, кој, исто така, подразбира копање дупки во близина на реки и вадење на земјата и на песокот од нив, но без процедури за концесија и без да се плати за ископаниот материјал.

Песокот ископан при градежни работи, без разлика дали станува збор за куќа, зграда, пат или за рибник со езерце, не се смета за експлоатирана минерална суровина. Тој не се споменува ниту во други закони, како тие поврзани со градењето, и е оставено на сопствениците, односно на инвеститорите, слободно да располагаат со него.

Во двата примера што ги најдовме, случајно или не, инвеститорите во рибниците за рекреативен риболов имаат и бизнис-интерес поврзан со користење на песокот. Не добивме информација што направиле со ископаниот материјал.

Ем бизнисмен, ем земјоделец, ем одгледувач на риба

Локацијата за рибник во Петровец | Фото: БИРН

Една од локациите што треба да добие две нови езерца за рекреативен риболов се наоѓа покрај Вардар во Општина Петровец, на стотина метри до реката, во полето од источната страна. Жителите на соседното Орешани од спротивната страна на Вардар, како и сопствениците на викендички на ова ридско населено место, околу една година имаат поглед на дупка од неколку илјади квадратни метри полна со вода.

Кога екипа на БИРН го посети местото во март, купчињата ископана земја и песок, како и повременото присуство на камиони и на градежни машини на локацијата, издаваа дека ова не е ниту природна бара, ниту водна површина за рекреативно користење. Барем не сè уште.

Плодната нива што порано се наоѓала на тоа место, распослана на површина од над 11 илјади квадрати, е во сопственост на Садик Личина, локален бизнисмен од Петровец што управува со семејната компанија „Арадико Коп“, која годишно има обрт од три милиони евра од подготовка на бетон, и која има бетонска база на четири километри од локацијата.

Минатата година, Личина, пријавен како индивидуален земјоделец, почнал процедура да отвори рибник за рекреативен риболов, која оди преку Министерството за животна средина, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и преку локалната самоуправа.

Од Животна средина му го прифатиле елаборатот, а општината му дала дозвола за градба, и почнал да копа.

Според јавнодостапните документи, идејата била да се направат два базени за риба, едниот на површина од 4.400 квадратни метри, а другиот на уште 1.500 квадрати и во нив да има околу 8.000 парчиња риба.

Купишта материјал од ископот кај Петровец | Фото: БИРН

Откако веќе бил направен ископ, локацијата ја посетил државен инспектор за животна средина, кој заклучил дека ископ се прави, без инвеститорот да поднесе барање за водостопанска дозвола. Случајот бил затворен, така што Личина го поднел барањето за дозвола за водата.

Сепак, неговото име го нема во листата на доставени барања за издавање дозволи за користење вода за одгледување риби, меѓу 2024 и 2026 година (заклучно со април), која, на барање на БИРН, ја испрати Министерството за животна средина.

Непосредно по инспекцискиот надзор, истото Министерство за неговата парцела прифатило уште еден елаборат за изградба на рибник, овојпат на компанијата „Личина“, во сопственост на неговите синови. Таа фирма е формирана во 2020 година, со главна дејност ископ на песок, а две години подоцна, отворила подружница, која ќе се занимава со земјоделство.

Поглед од Орешани кон новиот рибник | Фото: БИРН

Кога повторно се вративме во септември, веќе немаше градежни машини покрај езерцето, само уште неколку купови песок од страната.

„Летово ги немаше камионите, веројатно го ископале песокот“, ни рече една жителка од Орешани.

Рибник среде активна зона за ископување

Полн камион се движи покрај Пчиња | Фото: БИРН

На листата на одобрени елаборати за рибници што ја добивме од Министерството за животна средина најдовме уште еден проект за езерце за рекреативен риболов, во кумановското село Винце, веднаш до реката Пчиња.

Овој дел од Пчиња е познат по тоа што со децении на големо се експлоатира песок, а жителите на крајречните села често доаѓаат во судир со фирмите што ископуваат поради уништувањето на коритата и на земјиштето, оштетувањето на патиштата со големите камиони и поради други проблеми. Во изминативе месеци, против копачите се кренаа селаните од Шупљи Камен, кое се наоѓа во погорниот тек на Пчиња од Винце, а со години таму протестираа луѓето од Средно и од Горно Коњари, кои се подолу на реката.

На потег од триесетина километри долж реката, активно се експлоатира песокот на повеќе локации. Токму среде оваа зона, езерце за рекреативен риболов се подготвува да прави компанијата „Мехди трејд“, чиј управител е Елма Дечковиќ. Таа, користејќи државни мерки за поттик на млади луѓе да се занимаваат со земјоделски дејности, добила државно земјиште покрај Пчиња во Винце за да прави рибник. Според договорот, за тоа ќе треба да плаќа околу 1.200 евра годишно, откако ќе минат првите три години.

Елма е член на семејството Дечковиќ од Општина Петровец, кое има две фирми за копање песок – „Ада Коп“ и „Рики Еуро Коп.“ Сопственикот на „Ада Коп“, Мухамед Дечковиќ, кој ни се претстави како одговорен за „Мехди трејд“, ни рече дека планот им бил да изградат две езерца, едно од 1.000 квадрати и едно од 400.

Екипа на БИРН го посети и ова место во септември. Парцелата за рибникот се наоѓа во непосредна близина на Пчиња. Од локалниот пат, кој од Горно Коњари продолжува кон селото Винце, се скршнува кон реката, за да се излезе на неасфалтиран пат низ полето по кој тешко може да се разминат две возила. Освен неколку куќи, кои наликуваат на викендички, просторот е пуст.

Непосредно пред да се стигне до реката, се забележуваат огромни купишта од неодамна ископана земја. До самото корито на Пчиња, пак, со полна пареа се вршеше ископ на песок на место низ кое мора да се мине за да се стигне до парцелата, која под закуп ја има добиено „Мехди трејд“, компанијата на семејството Дечковиќ.

Педесетина метри пред да стигнеме до неа, нè запре повозрасен маж, дел од групата, која со багери копаше во околината.

„Натаму е забранет пристап, има градежни работи“, остро се обрати.

На прашањето што се гради, кусо промрморе -„уредуваме речно корито.“

Покрај Пчиња често може да се најдат големи количества песок | Фото: БИРН

БИРН побара информации и од државната компанија „Водостопанство на Македонија“ и од Општина Куманово дали таму се врши некакво уредување на речното корито. Од двете институции рекоа дека тие немаат таков проект.

И покрај оневозможениот пристап, на еден од крајните делови на парцелата успеавме да забележиме жолт багер, кој копаше дупка. Целата околина беше дел од една голема сепарација на песок, со големи вирови – налик на езерца, и насипи околу нив. Во околината се движеа камиони, на некои под церадите им се гледаше песокот, а на еден имаше натпис на компанија за која во минатото беа поднесувани пријави за нелегално копање песок во речно корито.

Големите заезерувања покрај реката кај Коњари беа видливи кога се враќавме од Винце. Додека снимавме едно од нив, ни пристапи еден повозрасен жител, кој се жалеше на штетата што ја направиле копачите во изминатата деценија.

„Ова беше плодна земја, сега нема ништо од неа, сè е под вода“, се пожали тој.

Додаде дека во последниве години престанале, но неколку минути подоцна виде камион на патот и беспомошно ги крена рацете.

„Пак почнаа…“, пропелтечи.

Само концесионираниот песок е минерална суровина

Багер врши ископ во близина на Винце| Фото: БИРН

Ископувањето песок и чакал за потребите на градежништвото и на други индустрии е регулирано со Законот за минерални суровини. За некој да може да го употребува песокот, треба да добие концесија од државата и да плати.

Дивото копање е кривично дело, кое, според судската пракса во која имавме увид, се казнува со парични или условни затворски казни и со одземање на ископаниот материјал. Само во изминативе четири месеци, полицијата четирипати фатила диви копачи, двапати во Струшко и по еднаш во Струмичко и во Неготинско.

Според тарифникот за концесии што го издаде владата, а е објавен во Службен весник кон крајот на 2024 година, за песок и чакал се плаќа 100 илјади денари по квадратен километер за истражување, 180 илјади денари годишно по квадратен километар за концесија на просторот, како и по 500 денари за секој ископан тон материјал.

Но, има исклучок. Кога некој копа темели за изградба на куќа, зграда или друг објект, материјалот што ќе го извади не се смета за минерална суровина. Тој може да се однесе на депонија или да се употреби за нешто друго. Во скопската котлина, како и на други места во близина на реки, тоа значи дека под слојот од плодна земја, обично длабок околу еден метар, се добива песок и чакал употреблив за бетонирање и за други градежни работи, кој во тој случај не е подложен на концесија.

„Со Законот за минерални суровини не е пропишана посебна обврска инвеститорите, изведувачите или сопствениците на земјиштето да пријавуваат до Министерството количества песок или друг материјал што се појавува како последица на градежен ископ за изградба на згради, инфраструктурни и други објекти, доколку ископот не се врши со цел експлоатација на минерална суровина“, ни одговорија од Министерството за енергетика.

Камионите со песок се честа глетка во крајречните села | Фото: БИРН

Оттаму објаснија дека законот ги уредува обврските за оние што ископуваат со концесија и на кои економската дејност им е искористувањето на материјалот. Во него, како што додадоа, нема посебен режим со кој се уредува понатамошното постапување со песок или со друг материјал добиен како последица на градежен ископ.

„Оттука, само врз основа на Законот за минерални суровини не може да се даде општо толкување дека ваквиот материјал може слободно да се продава како минерална суровина“, појаснија од Министерството.

Количествата песок што се добиваат при ископ за куќи или згради можеби не е голем, но кога станува збор за рибник од 1.000, 2.000 или 4.000 квадрати, тогаш сликата се менува.

Ако, на пример, езерото што треба да го направи една од овие две компании има 4.000 квадрати и е длабоко два метри, слојот со песок може да биде длабок еден метар. Тоа се 4.000 кубни метри песок или 7-8.000 тони. Концесијата што ќе требало да се плати за тоа количество ако било ископано како минерална суровина би изнесувала меѓу 50 и 70 илјади евра. Ако езерцето е подлабоко и слојот со песок изнесува два метри, сумата би се удвоила.

Засега има два случаи во кои фирми поврзани со експлоатација на песок прават рибници во зони познати по копање песок. Но, законските празнини постојат и може да бидат искористени и од други.

Јазични исправки наместо одговори

Местото е убавина, вели еден од инвеститорите на рибниците | Фото: БИРН

Обидот да добиеме одговори од бизнисмените дали навистина имаат намера да се занимаваат со управување езерца за рекреативен риболов или целта им била само да го извлечат песокот и што направиле со материјалот што го ископале, заврши со делумен успех.

На телефонски број, кој на мобилните апликации е именуван со „Арадико Коп“, ни се јави лице што се претстави како член на семејството Личина. Откако ни забележа дека му поставуваме прашања без да го прашаме дали сака да разговара, ни рече дека нема намера да ни даде никакви одговори. Прашањата ги поставивме и на СМС и за возврат добивме јазична корекција, а одговор не. Никој не врати ниту на имејлот што го испративме.

Мухамед Дечковиќ од „Мехди трејд“, пак, беше порасположен за разговор. Рече дека деновите пред да му се јавиме го посетила инспекција, која констатирала дека сè е регуларно и ги има сите документи. Дечковиќ рече дека во моментов не работат на рибникот, но планираат да го направат, со две езерца, и да им наплаќаат на посетителите за рекреативен риболов.

На некои места се надевале дека ќе најдат песок, но немало | Фото: БИРН

„Местото е убавина, јас целото лето го поминав таму, душава ја одморив. И не пречи ништо, оддалечено е од населено место пет километри“, ни рече Дечковиќ.

Кога му кажавме дека на местото се ископува и се вади песок, рече дека нема ништо со тоа, и најверојатно некој копа на диво. Сепак, спомена дека компанијата што ја најмил за копање ја прифатила работата со надеж дека ќе најде песок.

„Песокот го нема, само земја вадам. Фирмата што ја имав ангажирано да копа, ми откажа поради тоа, мислеше дека има песок, меѓутоа нема. Излегува ило, и му реков – другар, ние се договоривме и мора да копаш, ило или не ило. Ама јас секако ќе го враќам каменот, мора да се врати, инаку рибата ќе мириса“, ни одговори Дечковиќ.