Фотографија од запрежна кола во Скопје со коњ | Фото: БИРН
Анализи

Коњи шетаат, институциите чекаат инцидент

Ождребувањето на улица го актуализираше проблемот со добитокот во градовите

Неретко коњи се движат или се хранат по паркови, тротоари и на улици во урбани средини, каде што воопшто не им е местото. Иако речиси е нормализирано нивното присуство на јавните површини, сепак, необична случка за време на скопскиот маратон вознемири многумина.

Вирална стана фотографијата од кобила што се породи сред улица во Карпош и oваа вест во фокус врати еден секојдневен и долгогодишен проблем – присуството на добиток во урбаните средини.

Животните ги уништуваат жардиниерите и другите делови од јавните средини, а пречи и е опасно нивното учество во сообраќајот. Дополнително непријатно е нивното присуство во близина на луѓето зашто може да бидат непредвидливи и потенцијално да повредат некого.

Од друга страна, пасењето по паркови и справувањето со возила по градските улици се лоши за благосостојбата на животните, додека породувањето на улица е само еден меѓу најекстремните примери за негрижа и запуштање на коњите.

Испреплетени ингеренции

Повеќе институции се одговорни за коњите во урбаните средини | Фото: БИРН

За да се тргнат кобилата и ждребето од сообраќајот, реагирале неколку институции.

Во Карпош, ова е далеку од прв инцидент бидејќи жителите подолго време се жалат дека забележуваат коњи што пасат по парковите и се движат по улиците. А, секојдневно сведоци сме на запрежни коли што се движат по сообраќајниците во другите делови на Скопје, а и во градовите од внатрешноста.

Така што, се чини дека овој проблем не се решава проактивно и системски, туку се реагира кога има пријави од граѓани или кога ќе се случат инциденти, а и тогаш работите не одат мазно.

Всушност, преку случајот со кобилата и ждребето се гледаат системските пропусти и импровизации.

Прва инстанца треба да се општинските комунални инспектори, односно во овој случај тоа се вработени од Општина Карпош. И како што предвидува процедурата, при овој инцидент, општински инспектор бил присутен и направил записник за вонреден инспекциски надзор, кој бил испратен до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), велат од Општина Карпош за БИРН.

Тука се јавил првиот проблем зашто Агенцијата немала како да ги залови и да ги пренесе животните. Порано, до пред неколку години, тоа го правеле скопското комунално претпријатие, а потоа во кус период  и ЈП „Лајка“, градското претпријатие кое е одговорно за бездомните кучиња.

Меѓутоа „Лајка“ се откажало да ги третира големите животни, додека возилото за превоз на крупен добиток, кое го користело претпријатието, сега е неисправно.

Затоа АХВ морало да бараат помош од скопската Зоолошка градина, која е под ингеренции на Град Скопје.

„Кобилата ја ставивме позади во комбе, а ждребето мораше да го држиме во скут напред“ , за БИРН раскажа Сашо Панчев, долгогодишен негувател во ЗОО Скопје.

Проблем е сместувањето

Кобилата и ждребето се сместени на безбедно, велат од АХВ | Фото: Социјални мрежи на Орце Ѓорѓиевски

Следнен предизвик било безбедното сместување.

Панчев од Зоолошка објасни дека во минатото, пред десетина години, се случувало во неколку наврати кога се одземале коњи, тие да завршат во самата Зоолошка. Но, тоа одамна не е пракса бидејќи неформалните сопственици дознавале за сместувањето на коњите, па им доаѓале, се расправале и ги навредувале вработените од ЗОО Скопје.

За да се избегнат вакви непријатни ситуации, сега јавно не се соопштува локацијата каде се сместени кобилата и ждребето, додека од АХВ за БИРН информираа дека животните се згрижени и сместени на безбедна локација.

Од Агенцијата додаваат дека на кобилата и на ждребето им е пружена ветеринарна помош и се чуваат во штала, која ги исполнува законските услови за здравствена заштита и благосостојба на животните.

Сепак, ова е ад хок решение бидејќи АХВ нема постојани капацитети за сместувањето на овие животни и затоа најголемиот предизвик во ваквите случаи е, всушност, наоѓање соодветно сместување. Односно, дури и во случаите кога АХВ одзема животни поради злоупотребување или нарушена благосостојба, тие, всушност, се присилени да бараат импровизирани решенија бидејќи немаат објект наменет за тоа.

„За секој случај поединечно се бара и се наоѓа соодветно решение“, велат од АХВ.

Оттаму потенцираат дека со предлог-измените на Законот за благосостојба на животните, кој според експертите доцни барем шест години, се предвидува градење Центар за згрижување, сместување и посредување при вдомување на напуштени и бездомни животни.

Тешко оди со казнувањето

Дел од справувањето со овој комунален проблем се и санкциите, меѓутоа надлежните институции, во случајов локалната самоуправа, тешко стигнува до несовесните сопственици.

Од Општина Карпош велат дека нивната надлежност завршува со тоа што може да изречат глоба на сопственикот на коњот, но во актуелниот случај оваа обврска ја презел Градот Скопје.

„Според Одлуката за комунален ред на Град Скопје, Градот, преку своите комунални инспектори, постапи по овој случај и во моментов води постапка против непознат сторител“, велат оттаму во писмен одговор .

Меѓутоа, обично тука почнуваат нови тешкотии.

Сопствениците на коњите често самите немаат лични карти и немаат формално сопствеништво врз животните, па затоа тешко е да се казнат. Како и повеќето вакви коњи, кобилата од Карпош немала микрочип на кој би стоело името и адресата на сопственикот.

Од Општина Карпош, за БИРН, објаснуваат дека, бидејќи најчесто сопствениците немаат идентификација, случаите ги преземаат Министерството за внатрешни работи (МВР) и АХВ, кои можат да ги одземат ваквите животни од сопствениците.

До објавувањето на овој текст не добивме одговори од МВР на нашите прашања за конкретните ингеренции и за бројот на физички лица што ги казниле за дела поврзани со неодговорно сопствеништво на коњи.

Десетина дена подоцна, кобилата и новороденчето се стабилизирани и состојбата им се подобрува, ни кажа инспекторката од АХВ, Тања Ололовска-Ристевска.

„Кобилата беше многу исплашена и трауматизирана од породувањето. Беше толку вознемирена што не сакаше да му даде на ждребето да цица“, рече инспекторката во разговор со БИРН.