Кога во мај годинава, скопската адвокатка Павлина Зефиќ поднела тужба до Граѓанскиот суд во Скопје за надомест на штета oд над милион денари, најмалку што очекувала е дека наместо судска расправа, ќе добие решение дека судијата нема да постапува по неа.
Причината не е поврзана со самата тужба, туку со начинот на кој била платена судската такса за неа. А како што вели Зефиќ, таксата била платена електронски, преку банкарски налог.
Судијата Ерол Абдулаи навел дека приложениот електронски налог на адвокатката не е доволен доказ дека таксата е платена, па побарал вирман со печат и потпис од банка.
Зефиќ, за БИРН, вели дека долгогодишна практика на нивната адвокатска канцеларија е по електронски пат да ги плаќаат судските такси, со наведување на бројот на предметот и податоци за странките. На самиот налог пишувало дека е „конечно реализиран“, што значи дека трансакцијата е завршена.
„Досегашното искуство, не само во Скопје, туку и во другите судови низ државата било позитивно, односно ваквите налози, кои се конечно реализирани, биле прифаќани од страна на судиите што постапувале.“
Слично искуство споделува и нејзиниот колега, адвокатот Бојан Ваневски. И тој го имал истиот проблем со истиот судија.
„Во сите предмети ја уплаќам судската такса електронски преку е-банкарство. Единствено проблем има само во Основниот граѓански суд Скопје кај судијата Ерол Абдулаи, кој има негова сопствена практика да ги отфрла тужбите како таксата да не е платена со различни основи, ако нема печат од банка или не е наведено лицето во чие име се плаќа таксата.“
Ваневски вели дека досега сите предмети што се паднале кај овој судија биле отфрлени.
„За еден предмет за кој рокот е далеку од застарување, повторно ја уплатив таксата и поднесов одново со печат од банка за некоја случајност да не падне кај истиот, па да си пополнува норма со решени предмети.“ Тој додава дека лесно може да се утврди колку уплатени такси се платени двојно поради ваквото постапување.
Печат поради „претпазливост“
Судијата Абдулаи, за БИРН, вели дека кај него се јавил сомнеж дека уплатата на судската такса е извршена: „Претходно се случувало да се поднесат налози, кои по поднесувањето се сторнираат, кога и не се врши реален пренос на средства. Судовите тоа го прават поради претпазливост.“
Смета дека судиите се должни да внимаваат дали се извршени уплатите за да не се случува „со една уплатница да се поведуваат голем број тужби.“
Зефиќ, пак, тврди дека доколку ваквата пракса биде прифатена и од другите судии, тоа води кон „саботирање на процесот на дигитализацијата на правосудството, казнувајќи ги адвокатите и граѓаните што ги почитуваат новите закони и користат дигитални услуги и правејќи го бесмислен целиот напор за модернизација на правосудството.“
Таа се сомнева дека со ваквиот начин на „административно“ решавање на предметите има за цел „вештачко зголемување на ефикасноста преку носење административни решенија на штета на странките што бараат правда.“
Вели дека со овој потег на судијата, граѓаните стануваат жртва на „бирократски формализам што ја урива и така ниската доверба во правосудниот систем.“ Адвокакатката го пријавила судијата и во Судскиот совет и во Министерството за правда, кое врши надзор над спроведувањето на Законот за судски такси.
Наведува дека истиот судија во други предмети го прифатил електронскиот налог, а во нејзиниот случај не.
Од друга страна, Законот за парнична постапка пропишува дека судот нема да постапува ако не е платена судската такса. Прашањето е што доколку таа е веќе платена електронски.
Правда не ја решава дилемата

Граѓански суд Скопје | Фото: БИРН
Од Mинистерството за правда, кое е задолжено за надзор над Законот за судски такси, ни го одговорија она што го пишува во самиот закон дека таксата може да се плати „и со електронско банкарство и со вирман и печат и потпис од банка.“
Законот за судски такси предвидува дека таксите се уплаќаат на сметка, преку мобилните оператори или преку интернет. Кога таксата се плаќа електронски, до судот треба да се достави „банкарски доказ за платена такса за конкретниот спис.“
Прашањето е што точно претставува банкарски доказ. Дали е доволен само електронскиот налог или потврда заверена со печат од банка, што, пак, отвора дилема зошто некој би плаќал електронски ако повторно мора да оди во банка за печат.
Битолскиот и велешкиот суд ни одговорија дека прифаќаат електронски уплати на судска такса, ако на нив стои ознака „конечно реализирани.“ Тетовскиот суд прифаќа електронски уплати, но исто како судијата Абдулаи, бара „печат од банката каде што е извршена уплатата.“
Претседателот на Граѓанскиот суд, Бесник Авдија, за БИРН, изјави дека не знае оти постои различна пракса во неговиот суд при уплатата на судските такси. Најави дека ќе одржи колегиум со судиите за примената на Законот за судски такси.
Додека колегиумот допрва ќе расправа, во европските земји, ова прашање одамна е надминато. Во Естонија, на пример, една од најдигитализираните европски правосудни системи, плаќањето на судските такси се прави електронски, без странката да треба физички да носи заверен документ од банка.
Кај нас, пак, таксата може да биде платена електронски, но прифаќањето на доказот за плаќањето изгледа зависи од тоа како конкретниот судија го толкува зборот „банкарски доказ.“
Од следната година се очекува да почне примената на новиот Закон за парничната постапка, кој предвидува поголема дигитализација на граѓанските постапки. Но, новите правила сами по себе нема да ги отстранат проблемите ако доказите што се доставени електронски, судиите ги толкуваат различно.
Случајот со тужбата на Зефиќ отвора прашање дали дигитализацијата ќе значи поедноставен пристап до правдата или само електронска верзија на старата бирократија – во која првин се плаќа преку интернет, а потоа мора да се оди во банка за да се докаже дека уплатата е извршена.

