„Тогаш бев разочаран. Кога завршив на трето место во Сиднеј, во главата ми беше само тоа дека сакав да бидам прв. Знаев дека можам. Но, како што минуваат децениите, денес на тој успех гледам и си велам, фала му на Бога за овој медал, оти сфатив дека во борењето, секој олимписки медал е планина, која малкумина ја искачуваат.“
Ова, додека се движи низ салата на боречкиот клуб „Бучим“ во Радовиш, ни го раскажува Могамед Ибрагимов, борачот, кој пред 26 години на Олимписките игри во Сиднеј ѝ го донесе првиот олимписки медал на независна Македонија.
Тој веќе не се натпреварува, но останува во борењето, овојпат како тренер на младите генерации. Разговорот го водевме на неговото работно место во салата додека младите борачи го одработуваа попладневниот тренинг.
Медалите за неговите најголеми успеси, како олимписката бронза во Сиднеј, европското злато во Минск и светското сребро во Техеран не се тука. Тие ги чува во неговиот роден дом во Махачкала, престолнина на руската република Дагестан, каде што тогаш често престојувал, а и сега оди неколкупати годишно.

Могамедов со бронзениот медал (десно) | Фото: „Ние сме светски шампиони: БК Бучим“
Но, тој е тука и професионално животот го поминува во салата во Радовиш. Човекот што и донесе еден од вкупно двата олимписки медали на независна Македонија, денес, покрај тренер, е спортски директор на клубот што некогаш беше успешен во боречкиот свет.
Ибрагимов дојде во Македонија во време кога боречкиот клуб „Бучим Јака“ беше име пред кое трепереа и најголемите светски велесили. Неговата лична приказна во земјава почнува во 1997 година.
„Во тој период, сите борачи од светот сакаа да дојдат во Бучим. Имаше врвни услови, премии, беспрекорна организација. Јас тогаш се борев за Азербејџан, но Ванчо Чифлиганец ме видел на Европското во Швајцарија и ми рече: ’Ајде во Македонија‘. Не бев само јас, тука беа Валери Верхушин, Генадиј Жилцов, Јури Голубовски… Бучим беше европски првак, тоа беше боречки мегапроект“, се присетува Могамед додека со поглед следи еден зафат на душекот.
Но, иако тогаш мислел дека Македонија ќе биде само станица во неговата спортска кариера, таа станала негов дом.
Признава дека на почетокот бил зачуден од малата посветеност на одредени македонски спортисти, а не му било лесно ниту со македонскиот јазик. Но,она што го задржало се луѓето.
„Луѓето се искрени, топли. Тука никогаш не ми е здодевно. Имам пријатели меѓу бизнисмените, политичарите, работниците – и сите нив ги запознав преку борењето.“
Дваесет милиони денари за борење се тамам, за ракомет се ништо

Во Македонија децата тренираат во ладни сали | Фото: Кристијан Трајчов
Но, денешната реалност во борењето, во Македонија е поинаква од онаа во 2000 година. Ибрагимов, сега од позиција на спортски директор и поранешен потпретседател на Боречката федерација, не штеди зборови за системските дупки што го јадат квалитетот на овој спорт.
„Финансиите се нашиот најголем непријател. Кога ќе ги погледнам средствата на Министерството за спорт, тоа ми изгледа како да им дадеш една банана на четворица и да чекаш сите да бидат сити. Сите поединечни спортови, теквондо, карате, бокс и кикбокс, се соочуваат со недостиг од пари. Поддршката од државата за спортистите во Македонија е на многу ниско ниво.“
Според него, борењето, како олимписки спорт со долга традиција во Македонија, нуди најголеми можности да се стигне до светскиот врв, многу побргу и со помалку пари отколку во колективните спортови, за кои се потребни стотици милиони евра.
„Луѓето ќе прочитаат дека за ракометот дале 20 милиони денари или за фудбалот 30 милиони и мислат дека тоа е многу, но вистината е дека тоа е ништо за нив. Повеќе треба. Една таква сума од 20 милиони денари за Боречката федерација би била одлична, но за ракометот тоа не значи ништо.“
Тој прави паралела со својот роден Дагестан, каде што буџетот за боречките спортови е десетици милиони евра, а салите се преполни. Проблемот во Македонија, според него, е и во основната инфраструктура.
„Во Македонија имаме ладни сали. Тоа е криминал. Сум носел млади борачи на подготовки во Романија среде зима. Кога видоа дека салата е затоплена и дека можат да тренираат по шорцеви и маица, очите им светнаа. Кога ти е ладно, немаш желба за борба, немаш желба за тренинг. Сега почнаа нешто да прават, ама тоа оди пребавно“, вели Ибрагимов.
Најкритичниот момент за младите да се откажат од спортот, вели тој, е возраста од 16 до 20 години. Тогаш Македонија ги губи своите шампиони.
„Децата на таа возраст почнуваат да работат за да преживеат. Без стабилни стипендии, кои ќе му овозможат на младиот борач да биде мирен и фокусиран само на душекот, ние секогаш ќе губиме таленти. Тие деца се присилени да работат на таа возраст за да имаат пари за себе и да ѝ помогнат на фамилијата. Јас не ги обвинувам, но токму тоа е една од причините поради која го напуштаат овој спорт.“
Дисциплина наспроти несериозност

Ибрагимов верува дека во Радовиш може да има и нови шампиони | Фото: Кристијан Трајчов
И покрај сѐ, во салата на „Бучим“ сѐ уште има дух. Ибрагимов со гордост ги набројува имињата на новата генерација: Димитар Атанасов, Илија Танчев, Филип Давид, браќата Муса и Иса Бек, деца кои со буџет од само неколку илјади евра прават одлични резултати на балканските првенства.
„Денешните деца имаат проблем со трпението. Сакаат сѐ веднаш. Борењето бара дисциплина – да знаеш кога е тренинг, кога е одмор. Во Русија или во Србија, системот е поостар, попрофесионален. Тука често се соочуваме со несериозност, но не затоа што децата се лоши, туку затоа што системот не ги мотивира доволно.“
За него, борењето е многу повеќе од спорт. Вели дека на него гледа како алатка за формирање личности.
„Ние во клубот не наплаќаме членарина. Им купуваме опрема, патики, маици. Сакаме да ги тргнеме од лошите друштва на улица. Преку спортот ќе станат здрави луѓе, ќе патуваат, ќе го видат светот. Еве и неодамна беа на камп во Грција.“
Радовиш годинава го одржа и јубилејното 50-то издание на меѓународниот боречки турнир „Македонски бисер.“ За Могамед, овој турнир има посебно значење оти на него ги освоил срцата на македонската јавност.
Во 1997 година, кога првпат настапи на „Македонски бисер“, тој веќе беше меѓународно познат борач, но допрва требаше да го докаже својот капацитет и пред локалната публика.
Тој турнир за него не беше само уште еден натпревар во календарот, туку „влезна виза“ во македонскиот спорт.
Настапот бил толку супериорен што веднаш го привекол вниманието на стручниот штаб. Тоа бил и моментот кога „се случи кликот“, односно Радовиш препознал светски шампион, а Ибрагимов средина каде што неговиот талент може да го развива.
„Без сеќавање, нема иднина. Овој јубилеј е доказ дека Радовиш и Бучим не се предаваат. На 24 мај, Радовиш беше центар на борењето. Тоа е можност за овие млади деца да видат што значи вистинска борба“, вели тој.
По речиси триесет години во земјава, борачот вели дека не останал тука само поради платата или функцијата, туку и затоа што верува дека во Радовиш може да се развијат и нови шампиони.
„Спортската кариера е кратка, трае до 30-35 години. Затоа на децата им велам: учете, одете на факултет, но борете се. Борењето ќе ви ги отвори сите врати во животот. Мене ми ги отвори.“
Овој текст е изработен како дел од БИРН обуката за истражувачкo новинарство, наменета за млади новинари и за студенти
