Анализи

Пристап до информации: Нема потпис, нема жалба

Професори велат дека Aгенцијата не смее да бара електронски потпис

Ако граѓанин побара информација од државна институција, а не ја добие, може да поднесе жалба до Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап до информации од јавен карактер, единствениот орган што го штити тоа право.

Досега најлесно и најбрзо жалбата можеше да се испрати преку меил.

Но, од пред неколку недели, ако жалбата се испрати преку меил, мора да се завери со електронски потпис, кој чини меѓу 2.000 и 4.000 денари годишно. Со други зборови, ако некој сака да се жали, или треба да си купи електронски потпис за да ја завери жалбата, или да плати поштарина.

Со тоа, како што велат соговорниците за БИРН, се создава бариера за пристап до информациите и се ускратува уставно-загарантираното право за слободниот пристап до информациите.

Агенцијата ја правда ваквата пракса со член од Законот за општата управна постапка од 2015 година, кој, според нив, значи дека секој што сака електронски да комуницира со државен орган мора да обезбеди електронски потпис.

Тоа значи дека пред да ја разгледува суштината на жалбата Агенцијата првин проверува дали поднесокот има електронски потпис.

Герман Филков од Центарот за граѓански комуникации, кој е и еден од авторите на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер е зачуден од ваквото постапување.

„Без да навлегувам во причините поради кои се преземаат овие чекори, сметам дека со нив се попречува слободниот пристап до информациите од јавен карактер во земјава“.

Според него, Агенцијата треба да бара начини и можности за што е можно полесен и поцелосен пристап на граѓаните и сите заинтересирани до информациите што им требаат, а ги поседуваат јавните институции, а не да смислува пречки за да се оствари тоа право.

„Се надевам дека овие практики немаат врска со некое минато, не баш популарнo, (не)работење на Агенцијата“, вели тој. Очекува овие „преодни и несреќно избрани решенија“ да бидат напуштени „откако ќе се увиди дека му наштетуваат на пристапот до јавни информации“.

Наместо нови пречки, Филков очекува Агенцијата да се заинтересира зошто одредени институции, од министерства до општини, сѐ повеќе не им одговараат на барањата за слободен пристап до информации.

На линија со ставот на Филков се и наодите од последниот Извештај на Европската комисија за владеење на правото, во кој се забележува дека одредени институции често ги одбиваат барањата за слободен пристап од произволни причини, или пак, прекумерно го одложуваат објавувањето на информациите.

Анализата на БИРН покажа дека минатата година се удвоил бројот на жалби до Агенцијата поради молк на администрацијата или поради нецелосно одговорени барања. Повеќе од половината од жалбите што лани стигнале во Агенцијата ги поднеле граѓани.

Агенцијата погрешно го толкува законот

Agencija za sloboden pristap do informacii od javen karakter

Агенција за заштита на правото за слободен пристап до информации | Фото: БИРН

Според професори и експерти со кои разговаравме, Агенцијата не само што погрешно го толкува закнот за управна постапка кој пред сѐ би требало да регулира комуникација помеѓу институции, туку и поставува опасен пример за институциите како да ги одбиваат барањата на граѓаните.

„Тоа е недозволиво“, вели за новата пракса на Агенцијата, универзитетскиот професор Борче Давитковски, еден од креаторите на Законот за општата управна постапка, на кој се повикуваат од оваа институција.

„Губите право. Тие не смеат да ја отфрлат жалбата поради електронски потпис“, дециден е тој. Нагласува дека законот е во функција за да им биде во корист на странките: „Да не изигруваат бирократи. Moра да ја прифатат жалбата“.

Давитовски вели дека еден од начините на комуникација помеѓу јавните институции и странките е електронски, односно преку меил, како што со години се примаа и обработуваа жалбите во Агенцијата.

На Единствениот национален регистар на прописи ЕНЕР, во 2024 година беа објавени измени на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер што требаше дополнително да ја зголемат транспарентноста, но скоро две години подоцна, тие уште не се донесени.

Професорот се повика и на Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, според кој, секој документ кој е испечатен и скениран како електронски документ, има иста доказна вредност како и печатениот.

Ист став има и Константин Битраков, доцент кој предава управно право и јавна администрација на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје.

Тој смета дека ваквото постапување на Агенцијата е спротивно на нејзината цел да го штити правото на слободен пристап до информации од јавен карактер. Покрај тоа, како што вели Битраков, „самото постапување е контрадикторно, а на крајот на краиштата и спротивно на правилата на управното процесно право“.

„Отфрлајќи ги жалбите поради нерационални образложенија за некаква неуредност – во случаи кога е јасно кој е подносител на жалбата, што тој бара и зошто поднесува жалба – таа (н.з. Агенцијата) не само што не е заштитник на правото на слободен пристап до информации туку и дава негативен пример за имателите на информации, против чие постапување треба да постапува во втор степен“, смета Битраков.

Според него, членовите од Законот за општата управна постапка се за службените лица во институциите да стават свој своерачен или електронски потпис кога носат управен акт, односно, решение, лиценца, одлука, забрана, наредба.

Но, тоа не се однесува на странките кога поднесуваат жалба.

Адвокати советуваат да се тужи агенцијата

Во првичната комуникација со Агенцијата, меѓу другото и поради отфрлање на жалба на БИРН поради немање електронски потпис, ни беше посочено дека новото правило почнало да важи по насоки на Државниот управен инспекторат.

Но, оттаму одговорија дека освен што одржале работна средба со Агенцијата, инспекторатот не донел никаков писмен акт, решение и не ѝ изрекол никаква мерка со која ја задолжува институцијата.

Неколку адвокати со кои разговараше БИРН велат дека граѓаните и сите правни лица на кои им се отфрлени жалбите поради немање електронски потпис да поднесат тужби против Агенцијата до Управниот суд во рок од 30 дена откако ги добиле решенијата со кои им се отфрла жалбата.

Новото раководство на Агенцијата беше избрано во април годинава, откако неколку месеци институцијата беше блокирана затоа што ѝ заврши мандатот на претходната директорка, а нејзиниот заменик беше избран за советник во Општина.

Во Собранието се одложи изборот на новото раководство, поради што, стотици жалби останаа заглавени во Агенцијата бидејќи немаше кој да ги потпише.

Новоименуваниот директор Петар Гајдов во интервју за БИРН по изборот изјави: „Ние, како институции, сме сервисно ориентирани кон граѓаните“.

Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелигенција