Вонредната контрола на квалитетот на млечни и месни производи, која неодамна ја направи Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), покажа проблем кај речиси третина од испитаните производи. Луѓето беа вознемирени од информациите дека јаделе сирење со палмино, наместо со млечни масти и купувале месо напумпано со адитиви и вода.
Мострите за испитување, 91 на број, во оваа контрола, билe земени од маркетите, за што биле напишани казни со вкупна сума од околу 25 000 евра, поради продажба на храна со лоша декларација. Добиените резултати пак отворија многу прашања за тоа кој и како ја контролира храната што ја јадеме.
Анализата на БИРН откри повеќе пропусти во системот на контрола – од заглавување на програмите за мониторинг низ тендерските процедури, преку „случаен избор“ на лаборатории во кои се испитуваат земените мостри, па сѐ до еден закон кој треба да исправи дел од овие проблеми, ама веќе три години чека да биде донесен.

„Тоа е измама“, вели Лончар | Фото: БИРН
За Маријана Лончар, претседателката на Организацијата на потрошувачи на Македонија, која со децении го следи овој сектор и има поминато многу часови во едукација на граѓаните за тоа како да читаат декларации на храната, резултатите од последното тестирање се своевиден пораз.
За БИРН вели дека и не била толку изненадена од она што е откриено во лабораториското испитување, колку што била од постапката на АХВ, вонредно да испитува поголем број мостри.
„Тоа треба често да се прави. Нашите производители, увозници, дистрибутери, се малку опуштени и мислат дека можат да прават сѐ што сакаат на пазарот – ќе ставаме млеко во прав, ќе ставаме палмино масло и нема да го декларираме…. Тука нема оправдување, тоа е измама “, децидна е Лончар.
Мониторинг заглавен во пропаднати тендери

Лани немало редовен мониторинг на храната од животинско потекло | Фото: БИРН
Кога се работи за контролата на храната, најважната институција е АХВ, со нејзината мрежа од околу 200 инспектори кои годишно прават по 50-тина илјади надзори над операторите со храна, кога прегледуваат документација и земаат мостри за испитување во рамки на официјалниот надзор.
Покрај ова, нивна обврска е и спроведувањето на т.н. мониторинг програми – кои се прават настрана од официјалните надзори во компаниите, а се состојат од земање мостри за лабораториско испитување на одредени видови храна и анализа на добиените резултати, за да се добие поширока слика за безбедноста и квалитетот на храната, но и да се детектираат потенцијалните опасности, пред тие да се намножат.
АХВ нема своја лабораторија, па затоа мора да ангажира надворешни лаборатории за испитување на мострите. Кога треба да ги реализира мониторинг програмите, лабораториите ги бара на тендери кои често пропаѓаат, што значи и дека планираниот број на мостри не се испитуваат.
Илустративен е примерот од лани, кога воопшто не бил направен мониторингот за квалитет на храната од животинско потекло, каде се и месните и млечните производи кои неодамна вонредно се испитуваа.
Тој треба да се прави секоја година, како еден дел од обемната програма за ветеринарно јавно здравство.
Но, тендерот за избор на лаборатории за мострите од целата програма, кој се состои од осум лота или делови, наместо во јануари, АХВ го распишала во јуни, кога склучила договор со приватната лабораторија „Фуд лаб“, ама само за три лота од тендерот, поврзани со микробиолошки испитувања, а не со квалитетот на храната. Нов оглас бил објавен во септември, кога лабораторијата на Факултетот за ветеринарна медицина, била избрана да ги испитува мострите за уште еден лот – за безбедноста на храната за животни.
До крајот на 2025 година, биле распишани уште два тендери за преостанатите четири дела, меѓу кои бил и тој за квалитетот на храната од животинско потекло, ама и двата пропаднале.
И годинава теркот е ист. На првиот тендер, „Фуд лаб“ добил три од осум лота. Потоа е објавен нов оглас, за преостанатите пет.
Притоа, во последните пет години, средствата и за целата програма, и посебно за мониторингот на квалитетот на храната, драстично се намалуваат. Ако во 2022 година, планот бил да се испитуваат 1440 мостри за 2.4 милиони денари, годинава за оваа намена се одвоени милион денари, за 575 мостри.
Мониторингот „заглавува“ и кај другите програми

Ветеринари со кои разговаравме укажуваат на сериозни проблеми | Фото: БИРН
Слична е „судбината“ и со другите мониторинг програми кои ги спроведува АХВ, како онаа за безбедност на храната, со која се испитува сѐ – од пестициди во овошјата и зеленчуците, па до тоа дали има недозволени материи во садовите кои доаѓаат во допир со храната.
Во 2021 година таа програма воопшто не била спроведена, преклани биле реализирани околу 50%, а лани, за избор на лабораториите во кои ќе се испитуваат мострите за овој мониторинг, петпати се распишувале тендери и повторно се потфрлило во реализацијата.
Сепак, официјалниот став на АХВ е дека ова не е голем проблем, и дека и покрај пропаднатите тендери „се постигнуваат солидни резултати“.
За разлика од ова, ветеринари со кои разговаравме, укажуваат на сериозни проблеми. Лани, на пример, АХВ воопшто не распиша тендер за лабораториски услуги за заштита на животните од заразни болести, како што е бруцелозата, а годинава, дури во јуни беше избрана лабораторијата за испитување на мострите, по еден пропаднат тендер поради пропусти во документацијата.
„Но, јас не можам среде лето да земам крв од животните, си има точно определено време се прави тоа“, објаснува ветеринар во АХВ, во неофицијален разговор за БИРН.
Систем што остава простор за влијание

Операторот може да бара и втора анализа на мострата | Фото:БИРН
„По случаен избор“, вака од АХВ го правдаат изборот на лабораторијата во која се испитуваа мострите при неодамнешниот, вонреден надзор на квалитетот на млечните и месни производи. Мострите се анализирале во Институтот за јавно здравје.
Додека мониторинг програмите се еден важен дел од системот за контрола на храната и кога тие се прават лабораториите се бираат на тендер, другиот дел, кој е многу пообемен, се надзорите, редовни и вонредни, над операторите со храна од инспекторите на АХВ.
Од АХВ не откриваат за колку мостри од вонредниот надзор на млекото и месото, била побарана и втора анализа, и во колку случаи се добиени резултати различни од оние во првата анализа.
При овие контроли, кои го носат и називот официјални контроли, освен што се прегледува обемна документација за работата на компаниите, се бараат и многу лабораториски анализи, но во овој случај, инспекторите на терен треба сами да изберат во која лабораторија ќе се однесат мострите.
Во земјава има триесетина лаборатории кои работат анализи на храна по акредитирани методи, меѓу кои пет со кои АХВ има склучено договори – две приватни и три државни. Сите се во игра при контролите на храната.
Ваквата поставеност на системот носи ризик од корупција, бидејќи инспектори за БИРН сведочат дека, повеќе или помалку суптилно, имале притисоци од раководни лица во агенцијата, за носење на мострите во конкретна лабораторија.
Инаку, ако операторот кој е предмет на надзор е незадоволен од резултатот од првата мостра, може да побара испитување на втора мостра, на сопствен трошок и во лабораторија по сопствен избор. Ако се добијат различни резултати, тогаш се оди на трета анализа, во лабораторија различна од претходните две.
Годинава, АХВ има најмногу вработени и најмал буџет во последните пет години. Ако во 2023 година, имала над 800 милиони денари, сега располага со помалку од 600 милиони.
Законот предвидува назначување и на национална референтна лабораторија, која ќе ги врши ваквите испитувања и ќе ги контролира останатите лаборатории, но таква во земјава нема. Според објаснувањето на АХВ, за тоа „потребно е Владата да обезбеди финансиски средства кои на АХВ за оваа година и ги немаат одобрено“.
Професорот Мирослав Ќосевски, продекан на Факултетот за ветеринарна медицина, во чиј склоп работи практично најопремената лабораторија од овој вид во земјава, истакнува дека со оглед на важноста на овој сектор, не смее да се дозволат импровизации.
„Оние испитувања кои се од јавен интерес и за јавното здравје, мора да се прават во јавни институции. Треба да се даде некакво овластување на јавните лаборатории, не може лабораторија да се бира на тендер, по принципот на најевтина понуда“, укажува професорот.
Од забранети пестициди, до стакло во ајвар

Најчести пријави за проблематична храна од Македонија преку РАСФФ доаѓаат од Хрватска | Фото:БИРН
Сето ова, носи ризици и за безбедноста и за квалитетот на храната. Ова може да се забележи и во бројката на детектирани неисправни пратки на храна од Македонија во земјите на ЕУ, кои се бележат во РАСФФ – европски систем за брзо предупредување и размена на информации за храна што не одговара на европските стандарди за безбедност и квалитет.
Меѓу 2021 и 2026 година, со лабораториски испитувања при увоз на храна во земјите на ЕУ од Македонија, биле детектирани 40-тина проблематични пратки. Најчесто имало недозволени пестициди во овошје и зеленчук, но европските лаборатории регистрирале и други проблеми – како парчиња стакло во ајвар, недекларирано присуство на млеко во овошен сладолед и бисквити, сѐ до прекумерни нивоа на конзерванси и индустриски загадувачи во повеќе видови храна.
Затоа, во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, стои забелешката дека земјава има проблем со контрола на пестицидите и неколку години по ред се укажува дека е потребно да се донесе Законот за официјални контроли, со кој се очекува ставање поголем ред во овој сектор.
Предлог – текстот за законот уште пред три години беше ставен на Електронскиот регистар на прописи – ЕНЕР, па повлечен за доработка од двете тела што треба да го спроведуваат – АХВ и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, чии надлежности делумно се преклопуваат при контролите на храна.
Додека од едната институција за БИРН тврдат дека законот е вратен во владина процедура, од другата велат дека сѐ уште траат консултациите меѓу Агенцијата и Министерството, за негова доработка.
Лончар, претседателката на организацијата која важи за своевиден бранител на правата на потрошувачите, се надева дека сето ова, нема да заврши само на еден вонреден надзор и неколку мали казни.
За да има вистински промени, смета дека се потребни повеќе, поредовни и поригорозни контроли.
„Сите сме потрошувачи, и оние во власта и оние во опозиција, и нивните деца го јадат истото и сите треба да се загрижени и да се дискутира како да го подобриме пазарот“, истакнува таа.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги одразува ставовите на Европската Унија.

