Анализи

Аеродром продава плац до Вардар за спортски објекти и за хотел

Местото е претворено во парче дивина врз заборавено градилиште

Две петтини за хотел или за конференциски простор, а три петтини за спорт и рекреација. Ова се намените на парцелата со приближна големина на три фудбалски игралишта покрај кејот на Вардар во скопската населба Аеродром што општината планира да ја продаде со јавно наддавање. Просторот од околу 23 илјади квадратни метри се наоѓа веднаш до хотелот „Русија“, а намените се определени во Деталниот урбанистички план, кој општината го усвоила во 2014 година.

Парцелата оди на продажба на 1 јули, со почетна цена од 2.032 денари, а наддавањето е предвидено да трае 15 минути. Купувачот потоа ќе има рок од една година да подготви проект и да обезбеди градежна дозвола, и вкупно 10 години да го изгради тоа што го предвидува планот.

Целиот кеј на Вардар покрај Аеродром и Ново Лисиче е замислен како комплекс со разни спортски и рекреативни содржини. Овие намени досега не предизвикуваа доволен интерес кај градежните инвеститори, кои на големо работат во зоните предвидени за станбени згради од спротивната страна на Вардар, како и во други делови од градот.

Тетреби на напуштени градилишта

Дивата природа го освои просторот | Фото: БИРН

Потегот од околу 700 метри меѓу хотелите „Русија“ и „Хилтон“ веќе некое време е повторно освоен од природата. Местото, кое во минатото беше сепарација за песок на едно големо, но пропаднато градежно претпријатие од југословенско време, а потоа неуспешен градежен потфат на приватна фирма на поранешен кошаркар, не е лесно пристапно за граѓани и за возила. Повеќе од деценија, тоа ѝ припаѓа на дивата вегетација, а меѓу ниските дрвја, грмушките и високата трева, граѓани раскажуваат дека слушале диви птици.

„Еве ги тетребите, секој ден ги слушам, живеат тука“,  покажувајќи со прст кон парцелата, раскажува еден повозрасен маж, седнат на клупа на пешачката патека покрај реката.

Природниот пејзаж го нарушуваат сега веќе напуштеното детско игралиште за кое општината утврдила дека е нелегално изградено на приватно земјиште, и нечиј стар мебел, кој завршил во грмушките наместо на место за кабаст отпад.

Местото е поделено на четири катастарски парцели, од кои таа што е на продажба е во целосна државна сопственост, а од другите три, една е неодамна вратена на државата, а две се дел од стечајна постапка.

Граѓаните со кои разговаравме се согласни дека просторот треба да се уреди, иако со загриженост ја примаат информацијата дека се продава државна парцела. Немаат против изградба на спортски објекти, дури и сметаат дека ако нешто недостига во оваа општина , тоа се базени.

На соседните парцели, до таа што ќе се продава, требаше да се градат базени. Тие беа продадени за таа цел уште во 2010 година на фирмата „Манд“, на кошаркарот и поранешен пратеник Петар Наумовски, со рок за изградба од две години. Во меѓувреме, „Манд“ отиде во стечај, па и тие се целосно запуштени. Дури и недоизградениот комплекс од спортската сала и хотел, веднаш на плацот до „Хилтон“, веќе ја јаде времето.

Ако нема спорт, ќе нема ни хотел

Дрвјата и грмушките израснаа врз напуштениот голем ископ | Фото: БИРН

Ако продажбата на државниот плац заврши успешно, ќе се уреди само околу третина од просторот, а за другиот дел ќе се чека да завршат правните постапки.

Општината, како иницијатор на продажбата, нема идеја какви точно спортски содржини треба да се направат на просторот. Во неговата околина веќе има фудбалско игралиште, повеќе тениски терени. Што ќе биде следно, според градоначалникот на Аеродром, Дејан Митевски, треба да одлучи инвеститорот.

„Ние само ја објавивме продажбата. Не знаеме дали некој ќе го купи, дали ќе има интерес. А тој што ќе покаже интерес и што ќе учествува во постапката за јавно наддавање, ќе треба да си го конкретизира проектот. Дали ќе биде спортска сала, фудбалски игралишта, фитнес-центар, тоа е понатаму работа на идниот инвеститор“, рече Митевски, во разговор за БИРН.

Целта поради која ја продаваат парцелата, како што додаде, е да добијат пари од продажбата и од комуналиите за изградба на објектот, како и да го стават земјиштето во функција.

„Тоа е руинирано и имаме многу забелешки за тој простор“, додаде Митевски.

Од вкупните 23 илјади квадратни метри, колку што се нудат за продажба, околу 20 илјади се површина за градба. Тие треба да се делат според формулата 60-40, односно 60 отсто  со намената Д3, која означува спорт и рекреација во урбанистичкото планирање, а остатокот за Б-намени, или за разни комерцијални објекти. Во изводот од ДУП-от објавен со документите за продажба се предвидуваат два вида такви објекти – Б5 или хотели, и Б6 или градби за собири.

Објектите што би се граделе на просторот, ќе имаат максимална висина од 16 метри, односно приземје и уште три ката. Тоа значи дека ако хотелот се гради на површина од околу 5 илјади квадратни метри, може да се добие објект од околу 20 илјади квадрати, односно имот вреден неколку милиони евра.

Во град во кој урбанистичките планови и правила често се кројат според желбите на градежните инвеститори, што обично не вклучува спорт и рекреација, се наметнува прашањето дали некој може да ја злоупотреби оваа продажба, па да ги изгради само компатибилните намени – хотелот и просторот за собири, а да не ги направи спортските објекти. Градоначалникот Митевски категорично ја отфрли таа можност.

„За некој да добие одобрение за градење на таа парцела, ќе мора да поднесе проект со кој минимум 60 отсто од идниот објект ќе биде со намена Д3, а останатата да биде компатибилна. Ако не ја изгради основната, нема да може да ја прави компатибилната“, рече Митевски.

Нема решение на повидок за имотот на „Манд“

Кејот на Вардар во Аеродром и парцелата на продажба

За другите три парцели, од кои едната веќе е вратена на државата, градоначалникот рече дека дополнително ќе размислат што ќе се случува. Можно е јавно-приватно партнерство, инвестиција од некоја државна институција или целосна продажба.

„Нашата интенција е да го ставиме во функција тој простор зашто многу години е запуштен и е една грда слика“, додаде Митевски.

Наумовски, преку неговата фирма „Манд“, пред 16 години ги купи трите парцели од 45 илјади квадрати за околу две илјади денари за квадрат. Требаше да гради забавен парк, базен и спортска сала. По долг судски процес, една од трите парцели му е одземена и вратена на државата, бидејќи не го испочитувал договорот за продажба и не изградил ништо во предвидениот рок.

Остануваат две, едната со длабок ископ за базени, и другата со недовршена спортска сала. Нив државата не можела да ги одземе по судски пат поради непочитување на договорите за изградба, бидејќи бил направен анекс на договорот со кој Општина Аеродром дозволила продолжување на рокот за изградба. На едната од нив, според вештачењето од судот, почнала изградба на објект и била ископана дупка, додека на другата, на површина од 3.000 квадрати се издига недовршен објект, кој во приземјето има спортска сала, а на првиот и вториот кат по 43 хотелски соби.

Двете парцели се дел од стечајната постапка, која е отворена во 2018 година.  Според информациите што ги добивме од стечајниот управник, по три неуспешни обиди за нивна продажба, сега се прави распределба на ова земјиште меѓу најголемите должници на „Манд“, за да се намират сите побарувања.

Во сегашната ситуација, гледано од север кон југ, односно од хотелот „Русија“ кон „Хилтон“, прва е парцелата што е огласена за продажба, по неа доаѓа длабокиот ископ на „Манд“, па плацот што државата судски си го врати, па недовршената спортска сала. Оваа состојба не ветува брзо уредување на целиот простор.