Шверцот на пет тони марихуана во Србија, кои потекнуваа од легалните канабис-плантажи во Македонија, на почетокот од годинава привлече внимание и во македонската и во српската јавност. Меѓутоа, речиси половина година подоцна истрагите траат, а одлуки сè уште нема на повидок.
Посебните обвинителства за организиран криминал во Белград и во Скопје за БИРН информираат дека работат координирано и досега осомничиле вкупно единаесет лица, пет во Србија и шест во Македонија.
Од нив четворица се притворени во Србија, а двајца во државава.
Во српските истражни затвори се осомничените Иван Драгниќ, Небојша Спасојевиќ, Раде Спасојевиќ, и Урош Младеновски, меѓутоа и по шест месеци, како што за БИРН потврди српското обвинителство, сè уште се трага по главниот организатор на шверцерската шема Александар Мијајловиќ, за кого е распишана меѓународна потерница.
Српското обвинителство пролетва објави детали за хиерархијата на шемата и за самиот транспорт на марихуаната.
Драгниќ ја пренел дрогата преку македонската граница до складиштето на семејството на Спасојевиќ, во близината на Крушевац, а освен што бил задолжен за логистиката, бил косопственик и директор на скопската фирма за производство на медицински канабис „Алфафарм“, каде, според податоците од истрагата, марихуаната била препакувана.
Истражувањe
Во Македонија легален одгледувач, во Србија осомничен за шверц на марихуана
Белграѓанецот Младеновски бил задолжен за препродавање на марихуаната во Србија.
Тоа се официјалните информации од северниот сосед.
Македонското обвинителство истражувало, пак, што правел Драгниќ во државава. Тој, во декември 2025 година, им наредил на вработените во „Алфафарм“ да спакуваат речиси девет тони марихуана, која претходно ја набавиле од струмичка фирма.
По две недели, откако спакувале 200 кутии, ги пуштил на колективен одмор. Потоа, Драгниќ и другиот косопственик на „Алфафарм“, Предраг Брковиќ, кој е осомничен во Македонија, го организирале превозот на марихуаната од Скопје до Светиниколско, првата станица од шверцерската прекугранична рута.
Имено, во атарот на селото Сарамзалино, другите петмина осомничени, на паркинг кај селската црква ја претовариле царинетата стока од еден во друг камион, а во Свети Николе го натовариле со кутиите сув цвет канабис.
Од таму се упатиле кон Табановце и ја напуштиле државата, а товарот го оставиле во местото Коњух, близу Крушевац.
Во притвор, во Македонија се двајца од луѓето што биле вклучени во овој транспорт.
Истекуваат времето за притвор

По шверцот во Коњух, во Македонија беа запленети 40 тони канабис | Фото: МВР
Но, и во двете земји, доколку не се поднесе обвинение, наскоро ќе истечат мерките за притвор.
Како што велат за БИРН од судот во Србија, притворот на осомничените им е продолжен поради опасност од бегство, можност да го повторат кривичното дело, како и поради тежината на делото за кое се товарат, како и вознемиреноста на јавноста, која, според оценката на судот, би можела да го загрози непреченото водење на постапката.
Искористена е и законската можност за продолжување на притворот двапати по три месеци, па ако не се поднесе обвинение, сите би излегле од притвор на крајот на јули.
Истражувањe
Српски врски и во други македонски компании за канабис
Од српското Обвинителство за организиран криминал (ТОК), за БИРН, наведуваат дека истрагата сѐ уште е во тек и дека се преземаат сите законски предвидени доказни дејствија. Прецизираат дека е во фаза на сослушување сведоци, дека од македонските колеги, покрај веќе доставената документација, побарале и дополнителна, дека се спроведуваат форензички и микробиолошки вештачења и анализа на дигиталните докази од запленетите електронски уреди, вклучувајќи телефони, компјутери и преносни мемории.
Исто така, се наведува дека паралелно се спроведува и финансиска истрага, во рамките на која се собираат податоци и докази за имотот на сите обвинети во Србија и во странство.
Од македонското обвинителство, пак, одговорот е скромен.
„За конкретниот транспорт, предметот во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција е во истрага и активно се постапува против шест лица, од кои двајца се во притвор.“
Доколку не се подигне обвинение и овие двајца би излегле на слобода кон крајот на август, бидејќи тогаш поминуваат законски дозволените шест месеци, осомничени да бидат во притвор до подигнување обвинение.
На почетокот на јуни, државниот јавен обвинител Ненад Савески, пак, откри дека во истрагата се вклучила и трета држава, Албанија, навестувајќи дека поради комплексноста, истрагата за овој случај би можела да потрае.
Политички конекции
Синот и таткото Спасојевиќ, според наредбата за спроведување на истрагата, обезбедиле магацински простор во селото Коњух кај Крушевац, во рамките на компанијата „Флораком“, каде што дрогата била складирана пред понатамошниот транспорт.
Раде Спасојевиќ, пак, е сопственик на таа фирма и во јавноста беше поврзуван со политички структури и со владејачката Српска напредна странка (СНС).
Истражувањe
Матни партнери, судења и украден канабис
Во моментот на приведувањето, тој беше општински советник од редовите на партијата.
Медиумите претходно известуваа и за неговата блискост со актуелниот министер за одбрана и поранешен градоначалник на Крушевац, Братислав Гашиќ, што му дава поширок политички контекст на случајот.
Гашиќ, пак, на 18 јуни, во српскиот Парламент ги отфрли наводите дека заплената на пет тони марихуана во Коњух на имотот на советникот на СНС, Раде Спасојевиќ, била „државна работа“, оценувајќи ги како „измислена приказна и ноторна лага.“ Тој наведе дека Спасојевиќ бил уапсен, и покрај тоа што бил член на СНС, негирајќи тврдења за политичка заштита.
Во Македонија, пак, актуелната владејачка гарнитура се обидуваше марихуаната да ја поврзе со фирми блиски до поранешниот премиер Зоран Заев, за што досега нема осомничени.
Интересите на групата во Македонија

Осомничените имале и други фирми во Македонија | Илустрација: БИРН
Во серија истражувања, БИРН досега откри дека српските државјани имале конекции и во други македонски фирми за производство на канабис, освен во „Алфафарм.“ Оваа скопска компанија имала седум основачи, меѓу кои се осомничениот Драгниќ и уште еден македонски државјанин, кој има и српски пасош, Драган Крстев.
Тој, за БИРН, изјави дека обвинителството го контактирало за случајот со шверцот, меѓутоа немал што да каже зашто соработката со „Алфафарм“ ја прекинал одамна пред криумчарењето.
„Со Мијајловиќ соработував точно една година, до јануари 2024 година.“
„Ниту кај него, ниту кај неговите луѓе, партнери, немаше знаци дека се занимаваат со криминал“, рече Крстев за БИРН, во април годинава.
Крстев, во државата бил дел од структурите и на други фирми што произведувале марихуана за медицински цели во кои се испреплетуваат интересите на луѓето што сега се осомничени.

