Анализи

Заштитата на Дојран удри во ѕид – од легализирани дивоградби

Без усвоен план, нема ни луѓе, ни пари за природата

Помина половина година од важноста на Планот за управување со Дојранско Езеро како споменик на природата, за периодот од 2026 до 2035 година. Но, наместо да се подготвуваат првите евалуации за тоа како се спроведува, тој сè уште не е ни усвоен.

Овој стратешки документ, на кој се работеше со години и кој треба да обезбеди поквалитетна заштита на животната средина, природата и на биодиверзитетот во регионот, е блокиран бидејќи Министерството за животна средина и Општина Дојран не можат да се договорат за судбината на повеќе градби на самиот езерски брег, меѓу кои има најмалку една легализирана дивоградба.

Планот треба да ѝ овозможи на општината, која има дваесетина вработени и само еден службеник задолжен за животната средина, пристап до дополнителни финансиски и човечки капацитети за да може да се грижи за езерото и за неговите природни вредности. Тоа е нејзина обврска според Законот за природа, според кој, со местата прогласени за споменици на природата управуваат локалните самоуправи.

Природните вредности на Дојранско Езеро се препознаени уште одамна, и дома, и меѓународно. Тоа е дел од Рамсарската мрежа, а е определено и како потенцијално подрачје од европската мрежа Натура 2000, пред сè, поради важноста што ја има за птиците, и за домашните, и за преселниците. БИРН веќе пишуваше дека околу една третина од видовите птици што може да се најдат во Македонија, се среќаваат во и околу Дојранско Езеро. Но, нивниот број флуктуира, на некои и се намалува поради човечките активности, губењето на трскените живеалишта, како и поради климатските фактори.

За да се запре, или барем да се ублажи негативното влијание од овие фактори, потребно е да се донесат планските документи и да се изградат капацитетите за заштита.

Колку чекори се 50 метри од брегот

Градбите му се доближуваат на езерото | Фото: БИРН

За да стапи во сила, Планот за управување треба да го усвои општинскиот совет, но претходно тој треба да биде одобрен од Министерството за животна средина и просторно планирање. Тука процесот е заглавен уште од мај минатата година, кога Министерството испратило забелешки. Ги побаравме забелешките од Министерството, но во нивниот краток одговор се вели дека за нив треба да се обратиме до Општина Дојран.

Според увидот што го имавме во дел од документите, една од забелешките е легализацијата на дивоградба во местото Карач, меѓу Стар и Нов Дојран. Овој објект се наоѓа на самиот езерски брег, на долната страна од патот, и бил легализиран без да се добие стручно мислење од секторот за природа на Министерството. Во другите забелешки се вели дека во Дојран продолжува изградбата на објекти од траен карактер спротивно на одредбите од законот со кој езерото се прогласи за споменик на природата. Министерството предупредило дека незаконски се зголемувал капацитетот на импровизираниот автокамп Карач.

„Со Министерството дебатираме за тоа како да се определи заштитниот појас од 50 метри од брегот, бидејќи за градење во таа зона е потребна водостопанска согласност“, рече за БИРН, градоначалникот на Дојран, Илија Тентов.

Во Законот за прогласување на Дојранско Езеро за споменик на природата се вели дека треба да се создаде заштитен појас од 10 до 50 метри. Во него целосно се забранува градење трајни објекти во зоната од 50 метри од брегот.

РЕПОРТАЖА
Дојранско Езеро: Климата и луѓето против птиците

Но, историските сателитски снимки покажуваат дека од донесувањето на овој закон во 2011 година до денес има повеќе изградени или проширени објекти во близина на водата. Најмногу се гради во местото Карач, каде што во 2009 година, пред да се донесе законот, немало ниеден објект, освен едно старо напуштено градилиште. Во 2013 година, сателитските снимки покажуваат дваесетина помали викендички, а денес тоа е една од најголемите градежни зони во југоисточниот дел на земјата, со околу десет висококатници и активни градилишта. Само мал дел од овие објекти се во близина на водата, повеќето се од горната страна на патот.

Затоа, пак, повеќекатница близу крајбрежната линија се гради на плажата кај Сретеново и, поради неа, МВР поднесе кривична пријава против поранешната општинска управа, тврдејќи дека одобрението за градба било издадено спротивно на законските одредби со кои се штити езерото. Објектот е веќе до четвртиот кат.

„Ние немаме ништо со тоа, ги дадовме информациите што ни беа побарани, а постапката ја тера Обвинителството“, рече Тентов.

Градоначалникот додава дека разговараат со Министерството за да најдат решение за градбите, но засега го нема. Според него, поништувањето на легализациите поради недостиг од водостопанска дозвола би било сложено и би одело низ управна постапка.

Пет децении заштита без заштита

Кај Карач пред петнаесетина години немаше ништо, сега е меѓу најголемите градежни зони | Фото: БИРН

Што значи ова чекање? Следната година ќе се означат вкупно 50 години откако Дојранско Езеро првпат добило заштитен статус, со закон во поранешна Југославија. Во 2011 година, тоа е прогласено за споменик на природата, согласно македонскиот Закон за природа. Но, по прогласувањето, немало многу активности за заштитата да се спроведе во пракса, со соодветни плански документи.

Во 2019 година, претставници од скопското здружение „Милиеуконтакт Македонија“, експертска организација за животната средина, ги одржале првите состаноци со Општина Дојран, на кои се зборувало за изработка на план за управување со езерото како споменик на природата.  Оттогаш почнал процес во кој биле вклучени повеќе експерти, тимови, научен совет, совет на засегнати страни, повеќе институции, како општинската управа, Министерството за животна средина и други. По повеќегодишна работа, за првпат е подготвен плански документ за ова езеро, што предвидува прецизни активности со кои заштитата на природните вредности може да стане реалност. Но, дали ќе се усвои и ќе почне да се спроведува, и натаму е неизвесно.

Планот сè уште не е објавен, беше презентирана само стратегиската оцена за неговото влијание врз животната средина. Во овој документ има детали за тоа како треба да функционира заштитата во иднина, на површина од околу 27 квадратни километри, кој го опфаќа македонскиот дел од езерото и дел од крајбрежјето.

Со неговите оперативни планови и програми треба да се пристапи кон секоја поединечна закана за заштитеното подрачје – отпадните води, масовниот туризам, нелегалниот риболов, неконтролираната урбанизација, заканите по водостојот, како еден од најсериозните проблеми, и други. За секоја активност се предвидени индикатори, според кои, ќе може да се следи напредокот.

Езерото е препознаено како подрачје значајно за птиците | Фото: БИРН

Меѓу поважните одредби е формирањето управувачко тело со соодветни човечки капацитети, финансии и материјални ресурси, кое ќе може да воспостави одржливо управување со заштитеното подрачје. Заштитата на езерото ќе подразбира реорганизација на општината, систематизација со нови работни места, како и воспоставување ренџерска служба.

„Планот овозможува соодветна заштита и управување со Дојранско Езеро, со Општина Дојран како управувач. Најважно е да се заштитат природните вредности, што се врши со мониторинг, спречување на загадувањето на водите, заштита од индустријата и од комерцијалното земјоделство и употребата на пестициди“, вели Деспина Китанова, раководителка за заштитени подрачја во Македонското еколошко друштво, кое беше дел од научниот совет.

Таа додава дека планот треба да го заузда урбанизмот, да го запре уништувањето на трските и да го поттикне одржливиот туризам.

„По прогласувањето во 2011 година и ревалоризацијата во 2024 година, подготовката на планот е напредок. Но, оттогаш процесот оди многу бавно. Одредбите од планот не се обврзувачки додека тој не се усвои. А во овој меѓупростор се губат вредностите – има градење, криволов, риболов“, нагласува Китанова.