Градежната компанија „Голден арт“ објави реклама за проект „Левел“, за изградба на две станбени десеткатници на аголот меѓу булеварите Србија и 12 Македонска бригада во скопската населба Лисиче. Ова е простор поставен дијагонално од 60-метарскиот крст во општината Аеродром, на неколку стотини метри од кулите „Џеваир.“
Станува збор за локација што пред три и пол години ги поттикна жителите на Лисиче на протести, откако дознаа дека во нацрт-деталниот урбанистички план за првпат се предвидуваат висококатници, во населба во која има само куќи.
БИРН, тогаш ги провери катастарските податоци и откри дека сопствениците на „Голден арт“, Роберт Јакимовски и Ивица Јаќимовски, стекнале пет парцели на тоа место уште пред да се подготви ДУП-от, и пред да станат јавни информациите дека таму ќе се предвиди повеќекатна зграда.
Деталниот план беше ставен на јавна анкета, на 30 март 2023 година, а јавната презентација се одржа на 3 април. Ивица Јаќимовски, кој е и директор на „Голден арт“, во април 2023 година за БИРН изјави дека процедурата за да го купат тој простор ја почнале речиси една година претходно и во тоа време не знаеле дали ќе се менува ДУП-от, дали ќе се внесе градежна парцела за станбена зграда на местото што го купувале.
Анализа
Случај Лисиче: Кој ги крои урбанистичките политики во Скопје
Како што додаде тогаш, во околината немале други имоти и немале конкретни планови да градат таму, бидејќи имале недовршени проекти во други делови од градот.
Кога донесувањето на ДУП-от и локалните протести против него беа актуелни, сопствениците на „Голден арт“ имаа пет катастарски парцели на локацијата, со вкупна површина од 1.181 квадратен метар. Тие беа запишани на нивните лични имиња, а не на името на фирмата.
Сегашните катастарски податоци, пак, покажуваат дека во меѓувреме тие се прошириле и на дополнителни имоти на тоа место – уште 367 квадрати во заедничка сопственост со шест други лица и 353 квадрати на име на компанијата.
Локацијата се наоѓа меѓу булеварот Србија и првите куќи на населбата Лисиче. Тоа е појас широк шеесетина метри, каде што денес има дивоизраснато зеленило, а порано се саделе земјоделски производи.
Во првичната верзија на ДУП-от што беше презентирана на јавна анкета и против која се побунија граѓаните, се предвидуваа девет згради, повеќето со приземје, шест ката и поткровје. Само таа на аголот меѓу двата булевари, каде што градежниците веќе имаа земјиште во своја сопственост, имаше 12 нивоа. Во конечната верзија што ја усвои општинскиот совет во мај 2023, остана само оваа висококатница.
Илустрацијата од рекламата што „Голден арт“ ја објави на своите канали на социјалните мрежи за проектот „Левел“ покажува објект со две станбени ламели, секоја со по девет ката и поткровје, поставени на двокатен комерцијален простор. Во објавата пишува дека станува збор за „современи станбени и деловни простори, со функционални станбени простори и паркинг-места, градинка на само 50 метри и училиште во непосредна близина, како и трговски центри, услуги и рекреација на дофат“.
На теренот сè уште има грмушки, дрвја и ѓубре, а во есенскиот период тој служи и како див пазар за земјоделски производи што се продаваат директно од камиони.

