Анализи

Дојранско Езеро: Климата и луѓето против птиците

Езерото ќе биде дел од Натура 2000, ако преживее

„Порано напаѓаа по 2-3 илјади корморани во зима, сега дали пет корморани ќе најдете“, ни рече Злате Талески, дојранец родум од Прилеп, потсетувајќи се на подобри времиња за природата на Дојранско Езеро.

Барем пет корморани најдовме. Едно мало јато од овие птици одмораше на напуштена рибарска колиба меѓу Стар и Нов Дојран, во друштво на една чапја, неколку галеби и гаврани. Во далечината можеа да се видат седум бели точки, пеликани што пловеа на езерската вода некаде во близина на граничната линија.

Тоа беше речиси целиот птичји фонд што можевме да го видиме во едно пролетно попладне, на езерото прогласено за споменик на природата, според македонските закони, има меѓународен статус на рамсарско подрачје, а, исто така, е потенцијално Натура 2000 подрачје од европско значење. Сите овие титули ги има добиено главно поради важноста што ја има за птиците.

За едно место да биде поволно за птиците, посебно влажно живеалиште како Дојранско Езеро, тоа треба да биде богато со риби, воден свет, трски, растенија, чиста околина покрај брегот – целиот екосистем треба да биде зачуван. За да се постигне тоа, за езерото е изработен план за управување, кој сè уште не е донесен, иако веќе му тече рокот за примена (2026-2035 година).

Што значи да се биде дел од Натура 2000

Птици во близина на кампот Мрдаја во Дојран | Фото: БИРН

Дојранско Езеро е едно од вкупно 11 подрачја во Македонија предложени да станат дел од европската мрежа Натура 2000. Тоа е мрежа од околу 27 илјади специјални заштитени подрачја низ целата Европска Унија, кои зафаќаат речиси 18 отсто од нејзината копнена површина. Земјите кандидати регистрираат потенцијални подрачја, кои би влегле во оваа мрежа откако тие ќе станат членки на Унијата.

Вклученоста во Натура 2000 овозможува соработка со други подрачја од мрежата за подобра заштита на живеалиштата и на видовите на европско ниво, како и финансиска поддршка од Европската Унија за да се остварат тие цели. Научни истражувања покажале дека мрежата, иако сè уште не успеала целосно да ја запре загубата на природните богатства на ЕУ, сепак значително ја забавила деградацијата.

Токму студија за птиците подготвена од француски научници, објавена во 2021 година, покажала дека падот на бројноста на популациите бил значително помал во подрачјата вклучени во мрежата, отколку во тие надвор од неа. Тоа покажува дека да се биде дел од Натура 2000 ги зголемува шансите за едно подрачје да ги зачува своите природни вредности на долг рок.

Мрежата може да биде и добра шанса за туризмот. Грчкиот дел од езерото, како и поголемиот дел од североисточното крајбрежје, е вклучено во Натура 2000 уште од 2001 година. На дваесетина километри од Дојранско Езеро во Грција се наоѓа уште едно Натура 2000 подрачје – езерото и национален парк Керкини, поплавна рамнина на реката Струма дополнително оградена со брани, каде што се гнездат некои видови, како пеликаните, кои во Дојран доаѓаат да се хранат.

Подрачјето е едно од најпопуларните места за набљудување птици во земјава, привлекувајќи околу 80 илјади посетители годишно, што е значителна поддршка за локалната економија. Бројот на посетители на Дојран во последниве пет години, според податоците од Државниот завод за статистика, е околу 70 до 75 илјади.

Но, за Дојран да ги искористи придобивките од вклучувањето во мрежатата Натура 2000, треба да ги задржи природните вредности додека земјата стане членка, што, според она што може да се види на теренот, не е лесно.

„Потребно е да се промени пристапот кон ова подрачје, бидејќи Дојран не е дестинација за развој на масовен и класичен туризам. Станува збор за заштитено Рамсар подрачје со исклучително значајни природни вредности, кое обединува различни живеалишта и чувствителни екосистеми што треба да бидат зачувани. Развојот на регионот мора да се темели на принципите на одржлив развој, екотуризам и заштита на природното наследство, а не на интензивна урбанизација и прекумерна експлоатација на просторот“, рекоа за БИРН од здружението „Милиеуконтакт“, кое во последниве неколку години работеше на подготовката на повеќе стратешки документи за заштита на езерото.

Од медитеранска клима кон тропски горештини

Злате Талески, метеоролошкиот соработник што 38 години го мери езерото | Фото: БИРН

Што остана да видат екотуристите во Дојран? Злате Талески вели дека бројноста на сите птици е намалена. Некои што порано ги имало, сега воопшто ги нема, а другите ги има, но во помал број.

„Имаше повеќе видови патки. Сега дали ќе видиме еден или два вида. Чапјите, исто така, се загубија, како и пеликаните“, додаде тој.

Талески не е случаен набљудувач. Тој е човекот што е ангажиран од Управата за хидрометеоролошки работи да го мери водостојот и состојбата на езерото. Веќе 38 години, речиси секојдневно, оди до мерните табли и рапортира. Кога на утринските емисии на радио или на телевизија ќе слушнеме податок колкаво е нивото на езерото, тоа е податок што тој го обезбедил.

Денот кога се сретнавме со него на брегот, ни кажа дека нивото е 60 сантиметри над нултата точка. Во центарот, водата беше повлечена десетина метри од кејот, но Талески нè увери дека состојбата е сè уште добра. Водостојот се одржува поради хидросистемот Ѓавато. Барањето вина во овој систем кога водата ќе се повлече и игнорирањето на климатските промени, според искусниот соработник на УХМР, е погрешно.

„Не се виновни пумпите. Цело лето дожд не видовме. Дојран, во просек, имал некаде 500 до 700 литри врнежи, а сега имаме околу 280, 300, 340, што е минимално. Добро е што хидросистемот тече. Врши дотур на ладна вода и со тоа го намалува испарувањето. Секоја капка што ќе влезе е корисна и добредојдена, но природата си го прави своето“, вели Талески.

Летните температури што ги мерел во дојранскиот регион, во минатото биле околу 35 до 37 степени, а во последниве години мери и над 42 степени.

„Сме имале медитеранска клима, а сега имаме тропска. Тропски горештини. А птицата си го бара своето. Ако не ѝ одговара тука, си оди на друго место“, додава тој.

 Третина од видовите птици во Македонија е во Дојран

Земјоделството ја истиснува трската, која е клучна за гнездење | Фото: БИРН

Промените на водостојот и на крајбрежјето многу влијаат врз тоа колку птици и видови може да се најдат на езерото, потврдува и Данка Узунова, истражувач на птици од Македонското еколошко друштво, експертска организација, која со децении ги следи состојбите со дивиот свет во Македонија.

„Сè зависи од теренот. Водата многу флуктуира, крајбрежната линија варира, а ако крајбрежните живеалишта ги нема, нема да бидат присутни ни птиците“, додава таа.

Дојран има стотина видови птици, вели Узунова, и една третина од видовите што се среќаваат во Македонија може да се видат покрај езерото. Меѓу позначајните видови, таа ги посочи кадроглавиот пеликан што се храни во Дојран, а се гнезди во Керкини, малиот корморан, кој има и гнезда покрај езерото, црвеноглавиот кожувар, црниот кожувар и други.

Освен за тие што постојано живеат околу езерото, тоа е значајно и како станица за преселниците, додаде Узунова.

Трската е клучна за гнездењето, но, иако пред три години бил изготвен план за ревитализација на крајбрежјето, во кој една од мерките била да се прошири трскениот појас за околу 100 илјади квадратни метри, денес може да се види дека на повеќето места тој е или ист, или намален.

Планот го изработило здружението „Милиеуконтакт Македонија“, од каде што за БИРН рекоа дека документот не бил усвоен од општинскиот совет, но дел од мерките во него биле спроведени проеку проекти, како создавањето мочуришта кај селата Црничани и Фурка за да ja прочистуваат канализациската вода пред таа да се излее во езерото или обновата на еден блок од пречистителната станица за Стар Дојран.

Земјоделството е еден од „непријателите“ на трскениот појас, забележува Деспина Китанова, раководителка за заштитени подрачја во Македонското еколошко друштво.

„Има конверзија на појасот во земјоделски површини, што им прави притисок на безрбетниците и на птиците“, додава Китанова.

Тура низ проблемите и ризиците

Од депонијата Карач има поглед кон целото езеро | Фото: БИРН

Сите соговорници се согласни дека, иако природата нема многу милост кон Дојранско Езеро поради затоплувањето и намалените врнежи, човечкиот фактор дополнително ги влошува работите.

Трскениот појас е можеби најзачуван во близина на селото Николиќ на северната страна, но и тука, особено близу напуштеното одморалиште „Титови пионери“, се гледа како тој е пресечен под права линија и истиснат од насадите со зелка. Водата од езерото се користи за наводнување, директно или преку бунари.

Дел од птиците што се среќаваат во Дојранско се популарни за трофеен лов. Истражувачите од МЕД забележале ловџии што користат недозволени средства, како аудиозамки и пластични мамки и го пријавиле тоа до институциите, но не добиле никаков одговор.

Урбанизацијата е уште еден проблем. Дојран речиси немаше згради до пред пет-шест години, а оттогаш се направени или се градат десетина висококатници. Две нови згради има кај плажата Фук Так, една дури од долната страна на патот, на самата плажа до езерото. Кога ја посетивме, работниците веќе го градеа четвртиот кат.

Поголемиот дел висококатници се градат околу големиот паркинг каде што се одржуваше „Д-фестивал“, пред да биде преместен во Штип. Тука огласувачите и агенциите за недвижности нудат луксузни станови за продажба, на само 300-400 метри од градската депонија Карач.

Таа е веројатно ѓубриште со најубава панорама во целата земја. Тука камионите и тракторите од локалното комунално претпријатие го истураат отпадот собран низ целата општина. Стоејќи меѓу градежниот шут, парчињата стар мебел, конзервите и другата искористена амбалажа, од овде се отвора поглед кон целото езеро.

Целосното управување со отпадот сè уште не е стигнато во Дојран, како ни во остатокот од државата. Во меѓувреме, ѓубрето се натрупува на отворени површини – Карач и уште десетина други диви депонии, во близина на речиси секое село во општината.

Дури и водата е проблем. Езерото беше спасено од пресушување пред повеќе од 20 години со изградбата на хидросистемот Ѓавато, но сега има периоди со превисок водостој, со што предизвикува ерозија на брегот. Изместените плочки на кејот во центарот на Стар Дојран сведочат за тоа. Водата тргнала да го повлекува бекатонот кон езерото.

Но, најголемиот проблем е пристапот кон заштитата. И од Македонското еколошко друштво, и од „Милиеуконтакт“ нагласија дека таа премногу се потпира на поединечни проекти наместо на долгорочна државна политика со реални и применливи планови.

Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.