Анализи

Правда за деца: Судот како последна воспитна станица

Помалку осуди, повеќе насилство меѓу малолетниците

Има една судница на шестиот кат во Кривичниот суд каде што не влегуваат телевизиски камери. Во неа нема јавност, а судиите не носат судиски тоги.

Таму често завршуваат приказните што јавноста претходно ги дознавала како вести во медиумите: „Малолетник нападнал ученици со нож“, „Деца малтретираат девојче“, „15-годишно дете возело камион“…

Во таа судница доаѓаат деца како обвинети. Им се суди за насилства, кражби, тешки телесни повреди, посредување при продажба на дрога…

Токму во таа просторија, судијата се обидува да го надомести сето она што претходно го пропуштиле да го направат семејството, училиштето и институциите – воспитувањето.

За разлика од судењето на возрасни, системот за правда за деца е заснован врз принципот дека казната е последната мерка. Детето што е во ризик или е во судир со законот, пред сè, треба да се превоспита за да стане свесен и совесен граѓанин во општеството.

Анализата на БИРН покажа дека, иако бројот на осудени деца во Македонија се намалува, насилството меѓу децата расте.

На крајот ќе ме изгушкаат

Поротниците што судат деца мора да се просветни работници | Фото: БИРН

Двајца специјализирани судии за деца работат во Кривичниот суд. Една од нив е Весна Костова-Спасеска. Во нејзината судница поминале стотици деца обвинети за кражби, насилство, поседување дрога и криумчарење. Tаа има 65 години, но продолжува и натаму да суди, затоа што верува дека со нејзиното искуство може да направи промена.
Постапува по потерници, определува притвори и воспитни мерки, доделува затворски казни…

Таа ја има можноста, за разлика од нејзините колеги-судии од другите судови што судат секакви предмети, да им суди само на деца. Сподели искуства за тоа како изгледа кога едно дете ќе се соочи со правдата.

„Толку се искрени и отворени, сѐ си кажуваат. Нема манипулација, нема калкулирање“, вели Костова-Спасеска во разговорот за БИРН.

Нејзиниот впечаток е дека, сепак, првично не им е баш пријатно кога ќе се појават пред неа.

„Тие не знаат што се дела, тоа е проблемот. Не се свесни“, појаснува судијката, потсетувајќи на тоа дека судот е последната инстанца што треба да го поправи нивното однесување. Идејата на Законот за правда на децата, според кој таа постапува, не е да се казни детето: „Целта е да се воспита или превоспита и што помалку детето да се изложува на судење.“

Со неа судат и двајца судии-поротници. Тие се педагог и професор затоа што законот налага поротниците што им судат на деца да бидат просветни работници.

Но, не е само тоа различно од постапките за возрасни. Условите за судење дете се многу построги отколку кога му се суди на возрасен човек. Самите полицајци што разговараат со деца што сториле казниво дело, мора да се обучени за тоа. Законот налага, не само тие, туку сите што ќе постапуваат со деца да имаат искуство од 10 години во таа материја.

„Тоги не носиме“, вели судијката, објаснувајќи ја законската обврска, со која судот треба да биде понеформален во односот со децата.

Затвор може да му се изрече на дете над 16 години

Условот е ако детето сторило дело за кое е пропишана казна затвор од пет години или потешка казна. Делото треба да е сторено под особено отежнувачки околности и при висок степен на кривична одговорност и ако не би било оправдано да му се изрече воспитна мерка.

Во постапките за деца што се итни, јавноста е исклучена. Кога станува збор за прекршок, како што рече таа, целата постапка за дете треба да заврши за девет месеци, а кривичните постапки за една, односно за една и пол година за потешките дела.

Кај кривичните предмети сѐ тргнува од обвинителот, кој треба до судот да испрати барање за подготвителна расправа. Судот го испитува детето во присуство на родител и бранител со претходно мислење од Центарот за социјални работи.

Начинот на испитување е прилагоден на нивната возраст, вели судијката: „Целото сведочење оди како раскажување, нема тука прашања и одговори. Мајките понекогаш се обидуваат да ги формализираат.“

Секоја одлука на судот за дете задолжително се преиспитува на секои шест месеци.

Најчестите одлуки се засилен надзор од родител, односно старател, потоа надзор од центарот, а во еден дел и упатување во воспитен дом. Ако се спроведува или не се спроведува мерката што ја изрекол судот, повторно се закажува седница, пак се повикуваат сите учесници во постапката и повторно се одлучува.

„Ќе ме изгушкаат на крајот“, вели таа со насмевка. Не затоа што ги ослободила, туку затоа што преку постапката детето сфатило што е лошо однесување.

Судијката говореше дека се соочила во ситуации кога пред неа има и деца повратници, односно деца што веќе се осудени и повторно го кршат законот.

Разговорот го завршивме со нејзиното размислување дека најголемата победа за еден судија за деца не е колку пресуди донел, туку колку деца успеал да насочи кон подобар живот.

Често она што таа се обидува да го поправи преку нејзините одлуки, неколку години подоцна го гледаат нејзините колеги судии што им судат на возрасни. Па така, судијката што им суди на возрасни, Сандра Крстиќ, за БИРН, вели дека последиците од неуспешната превенција често се гледаат неколку години подоцна – во судниците за возрасни.

„Имам многу обвинети што имале претходно малолетничко досие. Најчесто дрога, разбојништва, насилства… Во последно време имам многу.“

Се соочила и со такви ситуации во кои родителите ја префрлаат вината за кривичното дело, на пример за пронајдена дрога на малолетното дете. Имало и други примери каде што „децата што биле жртви, подоцна стануваат сторители.“

Сѐ повеќе предмети за случаи со насилство

Анализата што БИРН ја направи, користејќи ги податоците на Државниот завод за статистика, покажува дека за 17 години, односно од 2009 до 2025 година, во земјава биле осудени 7.122 деца по сите основи. Тоа, во просек, се над 400 деца годишно.

Бројките покажуваат дека лани имало најмалку осудени деца, а со годините се забележува и тенденција на намалување.

Но, кај насилството трендот е обратен.

Во последните три години се изречени речиси исто толку пресуди за насилство, 154, колку што биле изречени во претходните шесте години претходно кога имало 166.

Освен насилство, други кривични дела за кои се гонат деца се кражби и тешки кражби и загрозување на безбедноста во сообраќајот. Пораст бележат и кривичните дела против половата слобода и половиот морал.

Судовите најчесто изрекувале воспитни мерки, односно надзор во семејството или старателите или од центрите за социјална работа. Втора најчеста санкција е засилен надзор од центарот за социјални работи, а заводските мерки, како престој во воспитна установа или воспитно-поправен дом, се поретки.

Судијката Костова-Спасеска е задоволна од тоа како се спроведуваат изречените надзори во центрите за социјални работи, што според неа значи дека мерките ја постигнале целта. „Битен е најдобриот интерес на детето“, потенцира таа.

Во периодот од 2017 до 2025 година, судовите изрекле 40 затворски казни за деца, а бројот на прекршоци кон деца е поголем од кривичните постапки.

Податоците што ги добивме од Кривичниот суд во Скопје покажуваат дека само за една и пол година, судот им изрекол речиси 200 укори на деца за физички напад, тепачки, до прекршоци на Законот за возила и употреба на пиротехника.

Превенција на детското престапништво

Полицијата лани работел на 530 прекршочни пријави за деца | Фото: БИРН

Затоа што превенцијата е побитна од казнувањето, во државата функционира Државниот совет за превенција на детско престапништво и правда за деца. Тоа е тело што ги поврзува сите чинители во воспитувањето и најдобриот интерес на децата: полицијата, центрите за социјална работа, локалните совети за превенција од детско престапништво, обвинителството, судовите, адвокатите за деца и граѓанските организации.

Оттаму, за БИРН, велат дека активно работат на меѓуинституционално поврзување, обезбедување постојани обуки и соработка со граѓанскиот сектор и други афирмативни мерки и активности.

Посебна судница за деца

Претседателката на судот, Даниела Димовска, за БИРН, рече дека размислуваат преку проект да приспособат посебна судница прилагодена за деца. Слично на тоа, во полициските станици каде што се испитуваат деца, треба да има посебни простории, а во моментов има само две.

„Потребно е акцентот во процесите да се стави на превенцијата, а не на репресијата“, нагласуваат оттаму. Велат дека е потребна анализа на ризик-факторите што придонесуваат за појавни облици на насилничко однесување кај децата.

Во Годишниот извештај за работата на ова тело од 2024 година пишува дека еден од главните проблеми е тоа што општините немаат пари за да профункционираат општинските совети за превенција од детско престапништво, тела што најблиску ги одразуваат потребите на локалната заедница.

Во овие општински совети учествуваат претставници на полицијата, Министерството за социјална политика, демографија и млади, центрите за социјална работа, претставници на советот на родители во училиштата, Унијата на средношколци, Адвокатската комора, здруженија и фондации, јавен обвинител, судија за деца…

Иако извештајот за 2025 година сѐ уште им е во подготовка, од Советот велат дека лани сѐ повеќе општини ја препознале важноста на оваа обврска.

И Елена Георгиевска од Македонското здружение на млади правници, граѓанска организација која соработува со Советот на проекти за деца, вели дека во моментов „системот повеќе реагира отколку што превенира.“

„Важно е активирање на законски предвидените општински совети за превенција на детско престапништво. Токму овие совети имаат потенцијал да бидат клучни точки каде што се обединуваат сите алки од системот.“

Георгиевска смета дека треба да се воспостави систем што, наместо на последиците, ќе инвестира во рана поддршка, вклучување на детето и мерки што имаат долгорочен ефект, затоа што, „детското престапништво не се решава во судница или со казна, туку се спречува во заедницата.“