Вести

ЈСП загуби спор за акции вредни пола милион евра

Врховниот суд утврди дека државата е сопственик на акциите

Додека Градот Скопје ја подготвува инфраструктурата за да ги пречека новите електрични автобуси од унгарски „Икарус“, една стара приказна за неговиот имот доби конечен епилог.

Речиси 20 години откако државата продаде акции што Јавното сообраќајно претпријатие Скопје ги сметаше за свој имот во Комерцијална банка, заврши судската битка за тоа кому му припаѓале. Врховниот суд, во пресуда од јули годинава, одлучи дека 9.195 акции, кои ЈСП ги сметало за свои, всушност биле државен капитал.

Највисокиот суд со оваа одлука практично ги потврдува претходните пресуди дека акциите ѝ припаѓаат на државата.

Инаку, приказната почнува кога средствата на ЈСП од фондовите на Комерцијална банка, при трансформацијата во акционерско друштво, биле претворени во 9.195 акции.

Во 2006 година, акциите биле префрлени од сметката на ЈСП на сметката за државни хартии од вредност, за да бидат продадени на берза. Комисијата за приватизација при владата донела одлука за продажба на акциите во Комерцијална банка како државен капитал. Една акција била по 3.850 денари, или според пресудата, вкупно 575 илјади евра.

Во тужбата против државата, ЈСП се повикува на тоа дека негов основач бил Градот Скопје и дека претпријатието со свои средства, кредити и донации го стекнувало имотот со кој располагало. Оттука, според аргументите на ЈСП, и акциите во банката биле негов капитал, а не државен.

Но, судовите не го прифатиле ова толкување.

Врховните судии се повикале на историјата на сопственоста на ЈСП и оцениле дека неговиот правен претходник било претпријатие во општествена сопственост, што значи дека средствата со кои бил создаден капиталот не можеле да се третираат како капитал на ЈСП.

Во пресудата пишува: „Тужителот не можел да биде сопственик на акциите како хартии од вредност, ако се има предвид дека неговиот правен претходник бил општествено претпријатие, односно бил правно лице во општествена сопственост и користел средства од пошироката општествена политичка заедница, тогашната држава СФРЈ.“