Партиски собири, концерти на домашни, балкански и светски музички ѕвезди, настапи на стендап – комичари, свечени академии, корпоративни прослави и промоции… Поради недостигот од големи јавни сали, најголем дел од ваквите настани се одржуваат во трите најголеми национални културни објекти во Скопје – Националната опера и балет (порано позната како МОБ), Филхармонијата и Македонскиот народен театар (МНТ).
Податоците што БИРН ги доби за 2025 година и за првите месеци од годинава покажуваат дека нема единствен пристап кон издавањето на просторот, и покрај тоа што станува збор за државно финансирани институции.
Некои работат според строго утврдени и фиксни ценовници и правилници, додека други висината на закупнината ја определуваат врз основа на поединечни проценки, што резултира со големи разлики во сумите побарани за истиот простор и создава можност за произволно определување на цените. За ваквата практика забелешки имале и државните ревизори.
Во трите институции се одржале и настани за кои не е наплатен закуп.
Од институциите објаснуваат дека тоа не е одлука ниту на директорите, ниту на управните одбори, туку дека бесплатното користење најчесто произлегува од одлуки на Владата, Министерството за култура и туризам или од договори за институционално спонзорство.
Некои од ваквите одлуки на државните институции, пак, се неконзистентни.
На пример, со одлука на Владата е решено Деновите на Свети Сава, во организација на Српскиот културен центар, да се одржуваат бесплатно, а истовремено за Денот на Ромите, кој го организира Владата, да се наплатат 4.500 евра.
МНТ: За иста сала од 30.000 до 240.000 денари

Во МНТ има најмногу бесплатни настани | Фото: БИРН
Со бесплатниот настан „Светосавска академија“, Македонскиот народен театар ја почнал минатата година. Одбележувањето на националниот празник на Србите се одржува во јануари, па истата владина одлука за бесплатно користење на просторот била применета и во 2026 година.
Министерството за култура и туризам донело одлуки за користење без надомест на салата и за други настани, меѓу кои одбележувањето на годишнината на Црвениот крст, концерти на Националниот џез оркестар, настанот „Гејм деј“, во организација на Асоцијацијата за видеоигри, како и за повеќе државни институции, основни училишта и промоцијата на филмот „Приказната за Сиљан“.
Без надомест настапил и пејачот Давид Темелков.
Од МНТ велат дека за сите бесплатни настани добиле официјални известувања од други државни институции дека тие треба да се реализираат без наплата. Според доставените податоци, токму МНТ има најголем број бесплатни користења на салата.
Но, и кога закупот се наплаќа, разликите во цените се значителни.
Големата сала во некои случаи била издавана за 30.000 денари, како за настан на Исламскиот младински форум или за претставата „Корчагински просветителки“, додека за одбележувањето на годишнината на Големата ложа на Македонија била наплатена осум пати повисока сума, 240.000 денари.
Некои од овие разлики, објаснуваат од МНТ, се резултат на тоа што одредени настани биле поддржани од други државни институции. Во останатите случаи, пак, се применува одлука на Управниот одбор, според која, големата сцена може да се изнајмува по цена од 30.000 до 240.000 денари, зависно од потребната техничка поддршка.
„На некои организатори им треба само едно светло, а на други целосна сценографија и комплетна техничка екипа“, велат од МНТ.
МОБ: Големи варијации без јасен ценовник

Цената во Опера и балет зависи и од „вокацијата на закупецот“ | Фото: БИРН
Големи разлики во цените за наем има и во Националната опера и балет, порано позната како МОБ.
Големата сцена се издавала за суми што се движат од околу 300 евра, колку што плаќале некои балетски студија, до 3.000 евра, колку што платила политичката партија ДУИ.
За истиот простор и други организатори плаќале различни износи.
„Фолк фест Роса“ и руската амбасада платиле по 1.500 евра, додека музичарот Кирил Џајковски и Универзитетот за туризам и менаџмент – Скопје, кој таму организирал свечена промоција, платиле по 2.500 евра.
Интересен е и случајот со Генералниот секретаријат на Владата.
Иако државните институции најчесто бесплатно ги користат овие простори, за одбележувањето на Меѓународниот ден на Ромите, 8 Април, Генералниот секретаријат платил околу 4.500 евра. Од Националната опера и балет објаснуваат дека, покрај изнајмувањето на салата, институцијата активно учествувала и во организацијата на самиот настан.
Варијацијата во цените всушност е една од главните забелешки и на ревизорите, кои правеле контрола во културните установи пред шест години.
Конкретно за Националната опера и балет, Државниот завод за ревизија наведува дека „надоместокот за изнајмување на сценски простор не е конкретно прецизиран, со што е овозможено субјективно формирање на цените при закупот, како и издавање на простор и по пониски цени од минималниот праг на цените предвидени во актот за определување на цени за издавање под закуп“.
Ревизорите го објавиле извештајот во октомври 2021 година. Истиот месец Националната опера и балет донела одлука со која ги прецизирала цените, но не фиксно, односно тие и натаму варираат во голем опсег. Закупот сè уште може да биде и пет пати поскап од настан до настан.
Како што се наведува во документот, цената за закупот, покрај од типот и времетраењето на настанот, ќе се одредува и „зависно од вокацијата на закупецот“, категорија што остава широк простор за произволно толкување.
Потоа одлуката била менувана уште двапати, но само во делот на висината на надоместокот, а не и во однос на растегливите критериуми.
Филхармонија: Исти цени за сите

Министерствата најчесто ги обележуваат јубилеите во Филхармонија | Фото: БИРН
Истата година државните ревизори биле и во македонската Филхармонија. Таму имале забелешка токму за непрецизните суми.
„Цените се регулирани во варијабилен распон, со што се создава ризик од субјективизам при формирање на цените при закупот“, навеле ревизорите.
Раководните лица тогаш решиле да го променат правилникот и сумите да бидат исти за сите.
Во година и пол таму се одржале 18 бесплатни настани. Најголем дел биле организирани од државни институции – Министерството за јавна администрација, Министерството за енергетика, Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана и Град Скопје.
Бесплатно се реализирале и концерти на Националниот џез оркестар.
Без надомест салата ја користела и винаријата „Тиквеш“, но од Филхармонија објаснуваат дека тоа произлегува од договор за спонзорство, според кој, компанијата има право на еден бесплатен настан годишно.
Друг настан без надомест бил организиран од турски невладини организации, за кој институцијата добила известување дека е поддржан од друга државна институција.
За сите останати корисници, цените не варираат. Големата сала се издава за 2.500 евра, а камерната за 1.000 евра, со можни дополнителни трошоци доколку се користат фоајето, концертен клавир или друга опрема.
Единствен исклучок се изведувачите на класична музика, кои камерната сала можат да ја добијат по пониска цена, затоа што не може да обезбедат приходи како организаторите на комерцијални концерти.
Според целосните податоци што ги обезбеди БИРН за трите културни институции, најголем број надворешни настани биле организирани во Филхармонија, која воедно остварила и најголем приход од оваа дејност, над 220.000 евра во 2025 и првите пет месеци од оваа година.
Најмалку пари на овој начин заработил Македонскиот народен театар, кој од издавање на просторот инкасирал околу 53.000 евра за година и пол.
Македонската опера и балет пак заработила нешто над 100.000 евра.

