Кога Панче Илиев од Струмица е осуден за убиство, судијата одлучува двата одземени телефони од обвинетиот, од кои, на едниот има криптопаричник, а на другиот апликација за копање крипто, и натаму да останат во судот, иако тоа не е вообичаена пракса.
Кога по многу перипетии, уредите се враќаат, излегува дека судот вратил друг телефон наместо телефонот со криптопаричник. Додека уредот бил во судот, апликација за копање крипто на другиот телефон регистрира бришење на корисничкиот налог.
БИРН открива случај, кој почнува со невообичаена судска одлука, а продолжува со сомнежи за злоупотреби и бавнa предистрагa. Овoј случај го отвора прашањето како се чуваат доказите во судовите, полицијата и во обвинителството и за тоа колку тие се безбедни.
Судијата одлучил да не одлучи

Влезот на струмичкиот суд | Фото: БИРН, 2026
Во јануари 2023 година, Илиев извршува убиство и за тоа е осуден на 12 години затвор.
Струмичкиот судија Борис Бержецки, кога ја донел пресудата во јуни истата година, го оставил да „лебди“ прашањето за одземените предмети во постапката, меѓу кои и два телефони на Илиев. Во пресудата напишал дека за нив нема да одлучува, ниту трајно да ги одземе, ниту да му ги врати на осуденикот, бидејќи дознал од скопското обвинителство дека против oбвинетиот се води уште една постапка за друг предмет.
Но, не станува збор за обични телефони. На едниот од нив се наоѓа криптопаричник, дигитална апликација на која се чуваат и управуваат криптовалути, чија вредност на пазарите варира, па зависно од периодот, може да достигне стотици илјади евра.
БИРН не може независно да утврди колку валути имало на криптопаричникот во моментот кога телефонот бил одземен, но имаше увид во фотографии и во видеа направени претходно, кои покажуваат дека на криптопаричникот имало биткоини и етериуми.
Партнерката на тогаш 25-годишниот Илиев, Христина Мучева тврди дека на денот кога полицајците го одзеле телефонот, на криптопаричникот имало 46,29 етериуми и 0,98 биткоини, кои денес вредат над сто илјади евра.
Според Мучева, кога судијата ја објавил пресудата, рекол дека телефоните ќе бидат вратени, но во самата пресуда напишал дека за тоа прашање нема да одлучи.
Судијата Бержецки, кој сега е во пензија, не се сеќава на детали, затоа што, како што рече, поминале речиси три години оттогаш. Но, го знаеше случајот. „Сметав дека предметот не е завршен во ОЈО Скопје и дека можеби тие предмети ќе им потребаат.“ Поранешниот судија тврди дека подоцна дознал дека на телефоните има криптопаричник. „Немав јас контакти со телефонот, не го ни знам телефонот“, вели Бержецки за БИРН.
Од скопското обвинителство, пак, каде што се води другиот предмет за Илиев, ни одговорија дека побарале информација од струмичкиот суд дали обвинетиот претходно бил казнуван и осудуван, а не да ги задржи телефоните.
Наместо одземениот, вратен „мртов“ телефон

Телефонот што судот ѝ го вратил на Мучева | Фото: БИРН, 2026
Илиев и неговата партнерка, веднаш по неговото апсење, преку адвокат бараат од обвинителката Силвана Бајрактарова да им дозволи пристап до криптопаричникот. Таа им го одбива барањето.
Двата одземени телефони, според листата на докази на обвинителката, дигитално форензички не се вештачени.
Една година по пресудата за убиството во 2024 година, Илиев повторно побарал судот да одлучи за телефоните, но судијата Бержецки и тогаш не донел одлука. Наместо тоа, се обратил до скопскиот кривичен суд за другата постапка што се водела против Илиев, а набргу потоа се пензионирал.
Така предметот, а со тоа и враќањето на телефоните останале заглавени, сè додека не го презела друга судијка, која дури во 2025 година, наредила телефоните да бидат вратени.
Во тој момент, за Мучева почнува процес што го опишува како кафкијански. Таа тврди дека вработениот во судското депо, кој бил задолжен за чување привремено одземени предмети, првин не можел да ги пронајде записниците за примопредавање на предметите во судот. По три дена ѝ вратил два телефони, но не ѝ дозволил да ги приклучи на полнач за да утврди дали токму тие се одземените уреди.
Потпишала дека ги прима двата телефони, но со пенкало на доставницата напишала дека не ѝ е дозволено да ги стави на полнач.
Во тој момент, не се посомневала дека ќе се појави нов проблем, а се случило токму спротивното. Телефонот „шаоми“, на кој имало апликација за копање крипто, бил истиот, но другиот, „ајфон 7 плус“, на кој бил криптопаричникот, се испоставило дека не е тој што бил одземен.
Но, за да го дознае тоа, побарала помош од повеќе луѓе.
Кога „ајфонот“ го ставила на полнач, уредот не се вклучувал. Се обратила до струмички сервисер за компјутери, кој за БИРН раскажа во детали дека нарачал батерија за „ајфон 7 плус“, затоа што во решението од судот пишувало дека е одземен таков уред.
Кога стигнала батеријата, заедно со неа отишле кај сервисер за мобилни телефони за да ја сменат, но се испоставило дека за сервисирање му донеле „ајфон 8 плус“: „Немаше реакција. Потоа го стави на дијагностика и излезе дека телефонот е мртов“, ни рече тој. Инаку, двата модели се визуелно идентични.
Истовремено, Мучева сфатила дека ѝ е вратен телефон со футрола, а одземениот телефон од нејзиниот партнер бил без футрола. Проверката на серискиот број, кој е единствен за секој телефон, дополнително потврдила дека тој број не одговара со бројот наведен во записниците за одземениот уред.

Татјана Малинова | Фото: Судски совет
Веднаш побарала од струмичкиот суд да ја исправи грешката. Ја примила претседателката на судот, Татјана Малинова.
Но, оттогаш, како што тврди Мучева, претседателката на судот не направила ништо за да го расчисти случајот. Затоа бара одговорност за неа од Судскиот совет, бидејќи таа, како претседател е одговорна за состојбите во судот.
БИРН во јануари годинава побара увид во предметот, но Малинова нè одби. Во образложението напиша дека нема јавен интерес во предметот и имало сензитивни информации, иако увид во завршени предмети е долгогодишна пракса во скопскиот кривичен суд.
На прашањата испратени на имејл, Малинова одговори дека не нашла незаконитост.
Иако во предметот Мучева тврди дека има доставница, на која пишува дека не ѝ е дозволено да утврди дали тоа се одземените уреди, Малинова одговори: „Не постојат податоци, службени забелешки или други околности што би укажувале на неправилност или незаконитост при извршување на правосилната судска одлука и предавањето на мобилните телефони.“
Затоа таа оценила дека не треба да го извести јавното обвинителство.
Агенцијата уште не одлучила за втората жалба на БИРН
Агенцијата за заштита на правото за слободен пристап го поништи решението на судот со кој се одбива барањето на БИРН за увид во предметот. Судот повторно одби да ни даде пристап, па БИРН поднесе нова жалба, за која Агенцијата по речиси еден и пол месец уште не одлучила
Во меѓувреме, Мучева и Илиев дознале дека т.н. ај-клауд, односно виртуелната меморија на телефонот бил избришанa. Таа се обидувала преку зачуваните пасворди да пристапи до апликациите, но безуспешно.
На другиот мобилен уред „шаоми“, сите апликации биле одлогирани.
Откако Илиев се фотографирал со пасош од затворот во Штип, успеал да добие пристап до апликацијата за копање крипто, „Hiveon“, по што забележале дека некој со интернет-адреса од Македонија ја избришал корисничката сметка во време кога уредот не бил кај него.

Принт-скрин од апликацијата која регистрира упад | Фото-скрин: Х. Мучева
„Не е украден само телефон и криптото во него, туку е избришан и дигиталниот идентитет додека уредите биле под контрола на државата“, обвинува Мучева.
Таа во 2024 пријавила во полиција неовластен упад во криптопаричникот од непознато лице. Две години не била повикана на разговор, сѐ додека БИРН не побара одговори од полицијата за случајот во февруари годинава. Два дена по нашиот имејл, таа се сретна со инспекторите.
За овој упад, предмет води струмичката обвинителка Виолета Милчовска. Таа, како што ни одговорија од обвинителството, бара податоци од компанијата Мета од САД, (веројатно се однесува на Метамаск, фирмата за криптопаричници, а не Фејсбук н.з).
Одговор сѐ уште не добиле. Но, предметот е за упадот, а не за одземениот „ајфон“.
Грабеж и(ли) серија пропусти

Решение за враќање на телефоните | Фото: БИРН
Според Кривичниот законик, одземените предмети што не се поврзани со извршување на кривичното дело му се враќаат на сопственикот. Судии, обвинители и професори по право со кои разговаравме се едногласни во ставот дека одлуката на судијата Бержецки се коси со правото.
Судијата во пресудата мора да одлучи за сите правни прашања, како и за судбината на привремено одземените предмети – дали трајно се одземаат или му се враќаат на обвинетиот. Ако има друга постапка за други дела, велат дека за тоа треба да се обезбеди нова наредба.
Дарко Аврамовски од Коалицијата „Сите за правично судење“ вели дека постои пракса на прекумерно одземање без соодветна контрола, што создава ризици од повреда на правата, материјална штета, па дури и потенцијални злоупотреби.
„Голем дел од предметите подоцна се враќаат, но по значителен временски период, кога веќе ја изгубиле својата вредност или употребливост или, пак, се врши трајно одземање дури и кога не би требало да бидат одземени.“
Лозинка за влез на видело
БИРН го посети Илиев во затворот во Штип. Тој тврди дека при претресот полицијците му наредиле да ги отстрани пиновите од телефоните. Според него, т.н. тајна фраза „secret recovery phrase“ за криптопаричникот била зачувана – што со други зборови, значи дека секој што ја знаел оваа фраза можел да влезе во апликацијата за крипто.
Аврамовски посочува дека секогаш постои сомнеж за губење предмет, за замена на предмет или, пак, за неовластен пристап или манипулација со податоци, а јавното обвинителство има обврска по службена должност да отвори истрага и да утврди дали постои кривична одговорност.
Одговорност, според Аврамовски, има и кај судот во случаи кога подоцна се утврдува дека предметите биле нерелевантни или неосновано одземени, што директно им прави штета за странките.
Мучева тврди дека се работи за „грабеж под институционален надзор, проследен со незаконито задржување на сопственоста, суштествени повреди на постапката и користење на, тогаш, мојата правна неукост и тешка животна состојба да бидеме ограбени.“
Нема институција до која не се обратила. Министерството за правда, ДКСК, Судскиот совет… Постапувања имало, но резултати – нема.
На пример, членот на Судскиот совет, Аритон Ала, кој ја работел нејзината претстaвка, не се впуштил во детална анализа за тоа што ѝ е вратено на Мучева и дали судот им ги дал сите документи. Оценил дека Бержецки е веќе пензиониран судија и дека постапката против него е беспредметна.
Очекува новиот државен обвинител Ненад Савески да се заинтересира за случајот, кому и директно му пишала.

