Триесетина посетители, кои генерално се познаваа меѓу себе, на почетокот на април беа присутни на изложба во Домот на градежниците во центарот на Скопје, давајќи интимна атмосфера на просторот.
Влегуваа во дискусии за изложените дела и за историја на уметноста, во кои наслушнавме и „жестока“ дебата за тоа дали принтовите се вистинска уметност.
Во центарот на оваа мала заедница беше Виолета Калиќ, историчар на уметноста и стручен соработник за визуелни уметности. Таа вечер, всушност, беше нејзиниот последен ден во Домот, бидејќи токму тогаш се пензионираше.
Работела таму речиси 38 години, некогаш била и директорка.

Виолета Калиќ работела во Домот на градежници речиси 38 години | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Последните години врши работа како за неколку луѓе. Организира изложби, ги прима гостите, комуницира со уметниците, подготвува и објавува содржини за веб-страницата и за социјалните мрежи, често дури и сама ги поставувала самите уметнички дела.
Домот на културата „Кочо Рацин“, познат кај многумина како Дом на градежници, многу години бил збиралиште на познати македонски и странски уметници, бројни изложби, забави и на посветена публика. Во медиумскиот простор може да се најде по некој прилог за овој простор на утринските емисии, но денес Домот е малку позната институција, особено кај младите.
А, доколку не сте меѓу скромниот број редовни посетители, посебно при дневна посета, може да помислите дека ова е полунапуштен и заборавен објект.
Запуштена внатрешност

Во една просторија поради проблеми со влага, паднат е дел од таванот и има непријатен мирис | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Кога неколку дена по изложбата повторно го посетивме Домот, таму нè пречека Калиќ, сега веќе официјално пензионерка. Бидејќи поминала многу време во институцијата, ѝ останале обврски што ги привршуваше.
Однадвор, ова скопско обележје изгледа како цврста зграда што потекнува од едно друго време, подновена со впечатлив мурал исцртан на едната страна. Објектот се состои од приземје со галериски простори и уште три ката. Најголемиот дел од просторот во повеќе наврати се користел како диско. Има и подрум со простории каде што може да се одржуваат настани или потивки концерти, а на поткровјето сега има младински хаб и тераса со зеленило.
Низ внатрешноста нè прошета Калиќ и беше искрена за состојбата во која се наоѓа објектот. Бевме дури и во соба на приземјето, каде што поради проблеми со влага, паднат е дел од таванот и има непријатен мирис.

Низ Домот се чуваат голем број уметнички дела | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Просторот што најмногу „боде очи“ е клубот, кој е речиси руиниран. На платформата од каде што се гледа сцената на некогашното диско има расфрлани кутии и столчиња, па дури и количка од супермаркет.
Во клубот останат е знакот со последното име, „Авенција“, околу него има кабли што висат и прашина. Бил даден на закуп до крајот на октомври 2024 година, но не работи уште од пандемијата.
Од разговорите со Калиќ можеше да се заклучи дека функционирањето на Домот, особено во последните години е сведено на импровизации поради лимитираниот буџет и малиот број вработени.
„Сум останувала до доцните ноќни часови да местам изложби, некогаш помагале и самите уметници. Банални работи, како отклучување просторија, стануваат проблеми кога немате доволно луѓе.“
Овие импровизации може да се видат и во состојбата на зелената тераса на покривот, поставена од поранешниот градоначалник Петре Шилегов, каде што десетици растенија во помали саксии се исушени.

Дел од кровот е зелен, но растенијата во саксиите се исушени | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Претходно се наводнувале со систем од капка по капка, кој сега е исклучен поради високи сметки за вода.
Калиќ спомна и ситуации со блокирани сметки и високи долгови за време на нејзиното работење во Домот. Па, за да се постигне некаква економска одржливост, некои од просториите, како клубот, се давале под закуп. Со ваквите мерки се менувал ликот на Домот.
И покрај проблемите што ни ги изложуваше, не изгледаше како жена на крајот на својот работен век.
Со долга виткана коса и со впечатлив стил на облекување, таа енергично раскажуваше за делата низ Домот, од кои дел се складирани, а дел се изложени низ канцелариите во зградата.
„Ова е дело од Моника Ратков Трол, германска уметница, направено од отпадни ќеси. Таа гостуваше кај нас и имаше изложба со еколошка иницијатива“, ни раскажа за едно од изложените дела во нејзината канцеларија.
Наместо 21, во Домот работат само двајца

Во Домот нема портир, ниту редовно обезбедување | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Особено постари скопјани го знаат овој објект како Дом на градежници, бидејќи е основан во 1954 година од синдикалниот одбор на градежни работници од повеќе фирми од времето на Југославија, како „Гранит“ и „Бетон.“
Вечерта кога првпат го посетивме Домот, во поголемата сала имаше групна изложба со дела од уметници од државата и од странство, обединети околу темата „Бајки и бајковитото.“
А во помалата галерија беше изложена самостојна изложба со дела насликани со акварел од младата уметница Славица Танеска.
„Имам добиено голема поддршка, особено од Виолета (н.з. Калиќ), која има вложено многу во оваа институција. Но, за жал, Домот не е доволно препознаен од младите. Мислам дека најголемиот проблем е малиот број вработени“, вели таа.
По пензионирањето на Калиќ, во Домот остануваат само двајца вработени и директорот.
Нема портир да ве пречека, а во просторијата каде што би престојувал ваков вработен стои стара слика од Јосип Броз Тито. Нема редовно обезбедување, па затоа вратите на галериските простории на приземјето, каде што се чуваат уметнички дела, преку ден се заклучени.

Славица Танеска имала бројни изложби во Домот на градежници | Фото: БИРН
Долгогодишниот директор Сафет Камбери, кој речиси деценија и пол е на оваа позиција, за БИРН вели дека наспроти вкупно двајцата вработени, според систематизацијата, во Домот е предвидено 21 работно место.
Оваа година, тие повторно поднеле план за вработување на дополнителни десет луѓе. Бараат и стручни кадри, како стручен соработник за литературна дејност, но и технички лица, како портир, хаус-мајстор и хигиеничари.
Всушност, процесот заглавува во бирократски лавиринти. Иако Домот е институција, која се води под Град Скопје, кога се во прашање вработувања, потребни се одобренија и од Министерствата за јавна администација, култура и туризам и финансии.
„Советот на Град Скопје, и оваа година повторно донесе позитивна одлука. Но, последните години понатаму не ни ги одобруваат вработувањата“, објасни директорот, надевајќи се за различен исход оваа година.
Иронично, на една од вратите во канцелариите од Домот што има само двајца вработени сè уште стоеше мотивациски постер за тимска работа.
„Немаме ниту еден вработен во правна служба, ниту еден вработен во сметководство, ни благајник. Секоја година некој си заминува во пензија“, рече Калиќ, од навика сè уште зборувајќи во името на институцијата.
Неискористен потенцијал

Уметнички дела се изложени низ Домот на градежници | Фото: БИРН/Емилија Петреска
Недостигот од вработени, според директорот Камбери, е причина зошто не може ни да се реновираат просториите во Домот.
„Не сме спроведеле процедура за јавни набавки овие четири-пет години поради тоа што нема кој да ги води: во комисијата треба да бидат тројца членови и тројца заменици. Ние немаме можност да го оствариме тоа бидејќи немаме доволно вработени“, објасни тој во разговор со БИРН.
И покрај ваквите предизвици, сега во просториите на Домот се среќава хор, извидници и се користат од невладини организации. Но, најмногу се одржуваат изложби и по некоја промоција на книга.
Особено луѓето од независната сцена со кои зборувавме го гледаат како простор со неискористен потенцијал.

Посетители кои разговараа меѓу себе на изложбата „Бајки и бајковитото“ | Фото: БИРН
Во 1990-тите имало билијард и мало кино, на кое носталгично се сеќаваат скопјани со кои зборувавме.
„Сум одел таму со татко ми како мал и сме гледале акциони комедии. А кога во средно бегавме од часови со другарите, одевме во кино, во 10 или во 12 часот на проекции“, се присеќаваше Ѓорѓи Јаневски, долгогодишен соработник во Радио 103.
Биљана Тануровска-Ќулавковски, програмски уредник на здружението „Локомотива“, кажа за БИРН дека, иако работела во областа на културата 25 години, на крајот на месецот за првпат ќе прави настан таму.
Ако се среди, таа го гледа како простор, кој може да биде одличен за изведбени уметности, танц и перформанс, кој подобро би функционирал ако градот склучи договори за соработка со здруженијата и чинителите на независната култура.
„Оваа културна установа е лулка на сите уметности. Голем број културни дејци, кои се стожери на македонската современа уметност, културата, музиката и дури книжевноста исчекориле токму од овој простор“, рече Калиќ, осврнувајќи се на нејзиниот речиси четири децениски стаж во институцијата.

