На западниот брег на островот Сазан во Албанија, каде што брановите удираат во стрмните карпи, се наоѓа место кое морепловците го нарекуваат „Грлото на пеколот“.
На површината, проѕирните води нудат бајковит поглед – природна убавина за која се верува дека може да ја привлече светската туристичка елита. Но, само неколку метри под површината, туристичката разгледница се претвора во воена сцена замрзната во времето.
На морска површина од 5.000 квадратни метри, артилериски гранати од 200 милиметри од Втората светска војна лежат тивко покрај противподморнички мини и тони експлозив што никогаш не детонирал.
Официјални документи од албанските вооружени сили и сведоштва од луѓе запознаени со островот во Јадранско Море велат дека слични места постојат речиси на сите страни на островот.
Но, неексплодираната муниција не ги запре плановите на владата и странските инвеститори за изградба на ресорт и туристичко пристаниште на Сазан.
На крајот на 2024 година, владата на премиерот Еди Рама ѝ додели статус „стратешки инвеститор“ на Атлантик Инкубејшн Партнерс, компанија поврзана со Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп.
Најавената инвестиција, во која албанската држава учествува преку обезбедување земјиште и други поволности, се проценува на 1,4 милијарди евра. Освен Кушнер, кој прв ја објави идејата, сега се наведува дека во проектот се вклучени и милијардери од Катар.
Плановите, кои засега постојат само на хартија, повторно беа изменети кон крајот на минатата година. Комитетот за стратешки инвестиции тогаш го продолжи рокот за проектот, кој предвидува трансформација на 45 хектари од островот во мрежа од луксузни вили и ресорти, а истовремено ги зголеми и бенефициите за инвеститорот.
За да се олесни инвестицијата, владата одобри нови законски отстапки. Покрај претходните контроверзни измени на Законот за заштитени подрачја, кои беа спротивни на препораките на Европската Унија, беа усвоени и посебни измени на законот за туристички пристаништа, со цел да се овозможат договори без конкуренција за стратешките инвеститори.
Комитетот за стратешки инвестиции сега му наложи на Министерството за одбрана да го исчисти островот и околното море од неексплодирана муниција.
Но, додека владата поставува законски „црвен тепих“ на површината, подводната реалност останува непроменета.
Податоците од Генералштабот на вооружените сили, добиени преку барање за слободен пристап до информации од BIRN, заедно со сведоштва од поморски експерти, рибари и биолози, откриваат дека Сазан и околните води претставуваат вистинско минско поле.
Отстранувањето на ова наследство би барало огромни трошоци, специјализирани нуркачи и масовна операција за расчистување.
Артур Меколари, поранешен поморски функционер и експерт за морски прашања, вели дека присуството на муниција го прави островот опасен за цивили и туристи, што, според него, сериозно го доведува во прашање планот за туристички развој.
„Проблемот е следен: кога ќе заврши изградбата, дали туристите ќе бидат безбедни?“, прашува Меколари.
„Ако се исчисти само просторот каде што ќе се гради, остатокот ќе остане проблем за иднината“, додава тој.
Високоризични поморски зони

Неексплодирани гранати во водите кај островот Сазан | Фото: БИРН
Островот Сазан служел како поморска база за време на комунистичкиот режим во Албанија и сè уште е под контрола на Министерството за одбрана. За да се отвори патот за доделување статус на стратешки инвеститор, албанскиот претседател Бајрам Бегај претходно потпиша итен декрет со кој се отстранува воената зона за обука од планот за распоредување на вооружените сили.
Сепак, вековното воено минато на островот оставило длабоки траги.
„На островот Сазан и во водите околу него, и покрај работата што е извршена за идентификација и расчистување на неексплодирана муниција… сè уште постои можност и ризик од присуство на неексплодирана муниција на копното, долж крајбрежјето, како и во околните морски води“, напиша Генералштабот во одговор до БИРН.
Генералштабот соопшти дека идентификувал четири зони со големо присуство на неексплодирана муниција во водите околу островот.
Иако меѓу 2013 и 2015 година биле спроведени неколку воени операции за расчистување во три од овие зони, количеството експлозив останува алармантно.
Само во Зона 3, североисточниот дел на островот, кој е и најконтаминираната област, биле пронајдени и уништени околу 30 тони муниција од различни калибри.
„Во оваа зона беше идентификувана муниција од различни калибри, како и барут, расфрлани на површина од приближно 7.000 квадратни метри, со и без фитили. Во оваа зона беа извлечени и уништени околу 30 тони муниција од различни калибри“, наведува Генералштабот.
Во Зоните 1 и 2, каде што, исто така, биле идентификувани неколку илјади квадратни метри контаминирана површина, Генералштабот не наведе колку муниција била извадена од морето, но предупреди дека таму и понатаму може да има неексплодирани средства.
„И покрај операциите за расчистување на Зоните 1, 2 и 3, постои можност морските струи да откриле и поместиле друга неексплодирана муниција, која за време на операциите можеби била покриена со песок и морски седименти“, се наведува во документот.
Според Генералштабот, најголемата загриженост произлегува од четвртата зона – „Грлото на пеколот“.
Податоците од Министерството за одбрана покажуваат дека во оваа област, западно од Сазан, неексплодирана муниција е присутна на површина од 5.000 квадратни метри, на длабочина од пет до 30 метри.
„Во оваа зона не се спроведени операции за расчистување“, соопшти Генералштабот.
Оваа состојба ја потврдуваат и рибари, и други посетители на областа.
Еден 60-годишен нуркач, кој побара да остане анонимен, изјави дека водите околу Сазан сè уште претставуваат отворен магацин за оружје и дека делумните операции на армијата често не можат да се справат со силите на природата.
„Морето е тешко за чистење“, рече тој. „Беше спроведена операција, но морето постојано исфрла нови гранати – не е лесно да се исчисти.“
Тој додаде дека во таканареченото „Грло на пеколот“, каде што нуркал за октоподи, лично видел повеќе од 50 италијански артилериски гранати од 200 милиметри.
Рибарот рече дека добро ги познава овие оружја, бидејќи служел во морнарицата меѓу 1985 и 1987 година на бродови за расчистување мини.
„Во близина на плажата, во областа позната како Плажата Сазан, има противподморнички мини. Има и големи артилериски гранати“, рече тој, присетувајќи се на годините поминати во морнарицата.
„Не нуркавме конкретно за муницијата, па не можам да кажам колку точно има, но ги има многу“, тврди тој.
Тој инсистира дека тие и понатаму се опасни.
„Особено противподморничките мини – теоретски нивните механизми за детонација не функционираат, но експлозивниот материјал сè уште е таму. Ако не ги допирате, нема опасност. Но, ако се поместат или се допрат, последиците можат да бидат фатални“, рече тој.
Расчистувањето нема да биде евтино

Неексплодирана муниција на карпите на островот Сазан | Фото: БИРН
Плановите за островот Сазан и неговата трансформација во „туристички рај“ не се нови.
Напуштената поранешна воена база повеќепати стануваше предмет на милијардерски соништа во Албанија, вклучително и предлози таму да се отвори казино или други форми на комерцијална експлоатација.
Во одговорите до БИРН, ниту Генералштабот ниту Министерството за одбрана не одговорија колку би чинела операцијата за расчистување на копното и морето околу Сазан.
„Во текот на 2025 година, вооружените сили спроведоа извидувачки операции за проценка на теренот и пресметка на потребните ресурси, како и методите за интервенција неопходни за спроведување операции за расчистување на неексплодирана муниција на територијата на островот“, наведува Генералштабот, користејќи внимателен бирократски јазик.
Артур Меколари вели дека ќор-сокакот не е само технички, туку и финансиски, и логистички.
„Проблемот не е дека тоа не може да се направи, туку дека бара огромно количество пари и не е јасно каде муницијата би се демонтирала“, рече тој.
„Тоа е најголемиот проблем, бидејќи за да се исчисти областа, муницијата мора да се транспортира до воен полигон – мора да се смести на друго место“, додаде тој.
Тој се присети на претходни поморски операции, особено меѓу 1999 до 2002 година, кога биле отстранети 37 тони муниција од јасно идентификувани области.
„Флотата плати за тоа и ја спроведе операцијата“, се сеќава тој. „Траеше еден месец, со 60 луѓе ангажирани само за оваа цел, вклучувајќи четворица или петмина нуркачи, кои работеа на длабочини до 10 метри“, објасни тој.
Меколари вели дека операциите за отстранување подводна експлозивна муниција се исклучително сложени, а на албанските вооружени сили им недостига специјализиран кадар за нивно спроведување.
„Потребна е огромна временска посветеност и специјализирани нуркачи“, вели тој, додавајќи дека фазата на инспекција по расчистувањето е најкомплексниот дел од операцијата.
Според Меколари, муницијата околу Сазан не претставува закана за пристанишните операции или големата поморска навигација, но ситуацијата целосно се менува ако областа се претвори во туристичко село.
Опасноста не е само под вода

Поглед кон морето од островот Сазан | Фото: БИРН
Опасноста од неексплодирана муниција на Сазан ја потврди и Симо Рибај, биолог, кој често нурка во областа за да ја проучува морската флора и фауна. Рибај вели дека посетителите често се исплашени од количеството експлозив.
Тој предупредува дека опасноста не е ограничена само на морското дно.
„На самиот остров, ситуацијата беше многу лоша пред 10 до 15 години. Беше исчистено, но присуството [на муниција] останува бидејќи тие повторно се покриваат и откриваат, и потенцијално се опасни“, вели тој.
Според Рибај, островот бара инспекција со специјализирана опрема, бидејќи многу од муницијата можеби била затрупана со текот на времето, но повторно може да биде изложена поради ерозија или нова градба.
Присуството на муниција ги доведува во прашање плановите за елитен плажен туризам. Рибај вели дека видел артилериски гранати речиси по целиот обем на островот, вклучително и во близина на пристаништето, нагласувајќи дека расчистувањето на толку тежок подводен терен „бара огромна работа за да се пристапи правилно.“
Присуството на овие опасни воени остатоци, доколку не се отстранат, претставува вистински ризик за користењето на островот од страна на туристичката индустрија, смета тој.
„Тие се апсолутно опасни и целосно неспоиви со туризмот“, вели тој.

