Патинираниот глас на познатиот природонаучник Дејвид Атенборо нè воведува во драматична сцена што го отвора документарецот „Слатки води“ на Нетфликс. Во неа, птица со петрол-сини крилја и жар-портокалово меше во стилот на олимписки нуркач ја пресекува водата и веднаш се катапултира назад во воздухот, приклештувајќи беспомошно рипче во иглестиот клун.
„Ваква секвенца, со птицава со впечатливи бои може да се посведочи и во Скопје.“
„Повеќепати фотографирав рибарче кај езерцата во Градски парк“, раскажува Александар Ангелов, скопјанецот, чии хобија се фотографирањето птици и орнитологијата, науката за пердувестите животинки.

Рибарче, птица што ја има и во скопскиот Градски Парк | Фото: Приванта архива на Александар Ангелов
Неговиот инстаграм-профил е доказ дека љубопитноста и посветеноста, „засилени“ со пристојна фотографска леќа, може да бидат порталите кон затскриениот свет на боите, формите и навиките на птиците од нашето небо.
Пред две недели, екипа на БИРН го придружуваше Ангелов на своевидно птичјо сафари со неговиот автомобил низ долината на Вардар, кога тој ни помогна да идентификуваме дури 42 различни и необични птици и по некој релативно познат клун.
„Ене ‘Tachyspiza brevipes’ или краткопрст јастреб, како што го викаме кај нас. Ене го во лозјето“, го објасни латинскиот израз, стискајќи врз сопирачките на празниот селски пат.
„Ова е ретка глетка зашто го видовме од неколку метри“, задоволен беше тој.
А, денот само што почна.
Краткопрстиот е редок вид за разлика од неговиот „роднина“, јастребот-глувчар. Имено, ако забележите грабливка што лебди на небото, големи се шансите таа да е птицата што се храни со глодари.

Ангелов забележал и документирал 250 видови птици во Македонија | Фото: Емилија Петреска
Тука тој нè предупреди дека за ретките видови, каков што е краткопрстиот јастреб, пракса е да не се открива нивната локација за да се заштитат од дивите ловџии, кои трагаат по трофеј за препарирање.
Ова е исклучок од праксата на македонската заедница, која брои неколку десетици ентузијасти, набљудувачи и фотографи на птици, кои наодите ги бележат на светската платофрма eBird или на македонската ptici.mk за да им олеснат на луѓето со кои ја делат истата страст.
Преку платформите, секој професионален орнитолог и ентузијаст може да се информира каде и во кој период од годината е забележан одреден вид.
Ангелов, кој инаку е електроинженер, забележал и на платформата на eBird документирал околу 250 видови птици низ земјава. За овој подвиг му биле потребни речиси пет години, од времето на ковидот, кога многумина соочени со ограничувањата за движење и за дружење, се свртија кон природата.
Пчеларките пакосници

Пчеларката, големиот непријател на медозбирачите | Фото: Приватна архива на Александар Ангелов
Наутро и пред зајдисонце, оној „златен час“, се идеални за фотографирање, кога боите на пердувите се побогати, помеки и порафинирани.
Затоа, една сè уште не зажежена сабота, по осум часот пристигнавме во атарот на полунапуштено село недалеку од местото каде што мрзеливо „змијари“ Вардар. Околу она што некогаш било функционално село се шири сув предел со скудна и ниска вегетација и со максимална изложеност на прав. Место каде што нетренирано око, без објектив или без двоглед, нема да забележи ништо повеќе од желки и гуштери.
Меѓутоа, ова е сценографијата на една пасторална битка меѓу мештаните и еден конретен сој птици, која чудно е како не завршила во преданијата и во приказните.
Локалните пчелари, во стилот на популарната Атиџе од „Медена земја“, собираат мед од саќето заглавено во карпите. Нивни архинепријатели се пчеларките, птици нешто поголеми од скопските врапчиња со папагалско светлозелени гради и карактеристичен жолт врат.
„Дневно може да изедат и до 250 инсекти и пчели. Селаните и пчеларите ставаат камења во дупките каде што живеат.“

Египетски мршојадец | Фото: Приватна архива на Александар Ангелов
Песочниот пат нè поведе и преку бачило вооружено со кучиња-чувари, кои очигледно не свикнале на друштво. На најкрупното му крвавеше белата нога. Додека погодувавме што евентуално му се случило на песот, надвор од бачилото, патот ни го пресекоа „чета“ еребици. Ги препознавме по карактеристичното тетеравење што потсетува на паничен полутрк.
И тие не беа обични, туку еребици-камењарки.
Специфични се по изгледот, имаат интензивна црвена боја на клунот и околу очите и значаен дел од светската популација се наоѓа во Македонија.
„Тука живее и египетскиот мршојадец, од кои има само 30 или 40 примероци во нашата земја, ама ќе беше премногу утрово и него да го сретенеме“, објасни нашиот водич, дополнувајќи го списокот со модрата врана, која ги дружеше пчеларките врз жиците од далекуводот, и со пупунецот со перче на главата, кој повремено се одмораше на врвовите од сувите гранки.
Не видовме, меѓутоа чувме, жолна – атрактивна жолта птица. Крај речните врби ја „уловивме“ нејзината песна со апликација, која ентузијастите ја нарекуваат „Шазам“ за птици.
„Веројатно никогаш не сте виделе гавран“

Во потрага по белоглавиот мршојадец | Фото: Емилија Петреска
По долината на Вардар, атрактивен е и белоглавиот мршојадец, чија колонија од дваесетина примероци живее на карпа што исконски надвисува врз Демиркаписката клисура.
Немавме среќа да видиме примерок од оваа голема грабливка со импозантен распон на крилjата.
Со двоглед од подножјето им ги набљудувавме гнездата вдлабени во карпите. Тие лесно се лоцираат по вар-белиот измет околу нив, меѓутоа како што ни пренесе Ангелов, во координација со истражувачите од Македонското еколошко друштво (МЕД), во август, младите птици веќе ги имаат напуштено гнездата и затоа малку акција има околу леглата.
Во Демиркаписко се задоволивме само со средбата со ситниот сосед на белоглавиот мршојадец, модриот дрозд, птица со впечатлива индиго боја, која живее покрај и на карпите веднаш до реката.
„Најверојатно во животот не сте виделе гавран.“
„Големите темносиви птици по скопските улици што од висина кршат ореви врз асфалтот, тие се сиви врани“, Ангелов го разби убедувањете дека секојдневно се разминуваме со птицитe прославени со хорор-филмовите и со средношколската лектира на Едгар Алан По.

Модар дрозд | Фото: Приватна архива на Александар Ангелов
Гавранот не е типична урбана птица, а за да ја видиме, нашето птичјо сафари мораше да скршне од долината на Вардар кон Овче Поле. Таму, замолчениот пејзаж од искосено жито и беспрекорно сино небо го наруши јато од четири-пет мастилно црни гаврани, големи птици што ја делат блиската депонија со царските орли.
Не се исплашија и кога им се доближивме со автомобилот.
Назад на периферијата на Скопје, кај Смилковско езеро, без двоглед, од банкините на обиколницата, Ангелов препозна неколку видови чапји, дива патка, лиска, големиот цуцулест нуркач и долгоногата шлука. Впрочем, набљудувач на птици, ако го има трпението на рибар, во текот на годината може да забележи дури 170 различни видови птици на езерото.
Сега сè поретко му се случува на Ангелов веднаш да не ја препознае птицата што ја фотографирал.
„Ама тоа кога ќе се случи е највозбудливо. “
Птичјото сафари покажа дека во земјава, незабележан од многумина, егзистира жив екосистем, кој повеќето од нас претходно сме го гледале само прелистувајќи ги албумите на „Животинско царство.“ Всушност, се уверивме дека розовите фламинга, кои повремено нè посетуваат, се само една од птичјите атракции во Македонија.

Долгонога шлука | Фото: Приватна архива на Александар Ангелов

