Репортажи

Од жежок бетон до болница: Здравствени последици од урбаните топлински острови

Зголеменото зеленило и еколошки архитектонски дизајн како решенија

Во летните месеци, кога се движиме низ урбаните средини, инстинктивно бараме места каде што има повеќе сенка, особено во најтоплите периоди од денот.

Нормално, тоа го правиме под точната претпоставка дека таму ќе биде поладно отколку ако се движиме директно изложени на сонце.

Решивме да го тестираме ова на неколку локации низ Скопје со термометар за домашна употреба, со можност за мерење на две места. На 14 јули околу пладне меревме температура под сенка и на сонце со оддалеченост од само три метри.

Прво, околу 11.20 часот, на булеварот Партизански одреди, под сенка измеривме 33 степени, додека на сонце измеривме 40 степени.

Слично беше и на булеварот Св. Климент Охридски, кога во 11.45 часот под сенка беше 34 степени, а на сонце беше 44 степени.

Фотографија од термометар на кој покажува 31.1 степен под сенка и 47.8 степени на сонце

Нашето последно мерење во Градски парк во 12:30 часот | Фото: БИРН

Најдраматичната разлика ја забележавме кога меревме во 12.30 часот, во Градскиот парк, каде што под сенка беше 31 степен, а на сонце беше дури 47 степени.

Секако, ова не е научно истражување, ниту, пак, е правено со стручна опрема.

Сепак, дури и лаички измерената разлика меѓу температурите беше толку голема, што е индикативна за ефектот од зеленилото врз топлината што ја чувствуваме.

Вистинско научно истражување на оваа тема изработија од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), кое беше објавено во декември, 2023 година.

Мереле температури од 22 до 28 јули во 2022 година, на девет локации низ Скопје и заклучиле дека дури на четири од нив се создава ефект на таканаречен урбан топлински остров.

Овој ефект се случува во урбаните средини, каде што има концентрација на згради и многу од површините се покриени со материјали, како бетон и асфалт, кои ја задржуваат топлината.

„Најголемата разлика што ја откривме меѓу најтоплата точка и најладната беше 7,9 степени, а тоа беше 42 степени измерени на температурата на воздухот на улицата Никола Тримпаре, каде што речиси да нема дрвја и 34,1 степени во Градскиот парк, каде што има многу зеленило“, објасни за БИРН, д-р Џансун Буковец, специјалист по хигиена и здравствена екологија при ИЈЗ и еден од авторите на истражувањето за Скопје.

Заклучокот на ИЈЗ е дека зеленилото има значаен ефект врз урбаните температури и истражувачите ургираат да се направи итно стратешко садење дрвја на булеварите и на улиците низ Скопје за да се создаваат што е можно помалку урбани топлински острови и за да се намалат здравствените последици за пешаците и за велосипедистите.

Урбана архитектура што загрева

Четворица луѓе на скопскиот плоштад за време на високи летни температури

Материјали како бетон и асфалт загреваат | Фото: БИРН / ЕмилијаПетреска

За разлика од поголемиот проблем на климатските промени, кои бараат покомплексни глобални решенија, ефектите на урбаните топлински острови може сериозно да се ублажат со решенија на локално ниво.

Овој феномен е препознаен во различни стратешки документи и студии, како „Отпорно Скопје: Стратегија за климатски промени“ од 2017 година и „Урбани топлински острови: Анализа и акциски план“ од 2018 година.

Од Град Скопје велат дека се свесни за овие проблеми и дека активно се спроведуваат активности за ублажување на ефектите на урбаните топлински острови и се реализираат проекти за климатска адаптација.

Дел од активностите што ги наведуваат се одржување јавни зелени површини, садење дрвореди и пошумување, унапредување на зелената инфраструктура, поддршка на одржлива урбана мобилност и намалување на емисиите од сообраќајот.

Сепак, овој проблем е далеку од решен и веројатно дополнително ќе се комплицира од идните екстремни временски појави, како невремето на 21 јули, кога, според информацијата од Министерството за внатрешни работи, паднаа речиси 200 дрвја низ градот.

„Потребен е холистички пристап кон уредувањето на јавните простори. Нашата нова реалност се повисоките температури и сè почестите и поинтензивни топлотни бранови поради што мора да размислуваме за повеќе урбано зеленило и природни сенки, а помалку за асфалтирани површини“, објасни архитектката Милка Докузова за БИРН.

Спред неа, употребата на пермеабилни материјали што дозволуваат проток на вода, а со тоа придонесуваат за разладување, како и зелените и рефлективни покриви се само дел од решенијата.

Во акцискиот план од 2018 година се анализираат неколку локации низ Скопје, каде што ова се случува и се даваат конкретни предлози за како да се намали овој топлински ефект таму.

Фотографија од улица во Дебар Маало каде што се гледаат многу згради и нема дрва

На улиците во Дебар Маало нема доволно зеленило | Фото: БИРН / Емилија Петреска

Меѓу локациите се Дебар Маало, железничката станица во Маџир Маало и пластичарската улица во Чаир, а предложените решенија за нив вклучуваат вертикални градини, пошумување покрај улици и зелени паркинзи.

Гледајќи ги последните достапни снимки од 2025 година од овие локации на Гугл ерт може да се види дека зеленилото на овие локации е речиси непроменето или малку намалено.

А на локацијата во Чаир, каде што акцискиот план предлага трансформирање неуреден простор меѓу улиците Пере Тошев и Кримска во парк кој природно би ја разладувал околината, не само што нема засадено зеленило, туку токму таму „никнале“ повеќе згради.

Д-р Буковец објасни дека ваквата урбанизација и недостигот од зеленило има сериозни јавно-здравствени последици врз граѓаните, не само за време на дневните часови, кога температурите се највисоки, туку и навечер.

„Се создава таканаречен ефект на радијатор, односно топлината што е акумулирана во текот на целиот ден, се чувствува и во ноќните часови, со што телото нема вистинска можност да закрепне и да се регенерира од изложеноста на топло време“, објасни тој.

Според архитектката Докузова, немањето соодветно и доволно зеленило во урбаните средини е, всушност, ускратување на правото на граѓаните на здрава животна средина и еднаков пристап до квалитетни јавни простори.

Таа посочува дека Законот за урбано зеленило предвидува најмалку 20 проценти зеленило на секоја градежна парцела.

Сепак, вели дека оваа обврска честопати не се почитува доследно или се исполнува само формално, со поставување саксиско и друго несоодветно зеленило, кое бргу се суши и не може да обезбеди доволно сенка, да ја задржува дождовницата или значително да придонесе за разладување на околината.

„Една од главните причини за тоа е настојувањето по секоја цена да се зголемат процентот на изграденост и коефициентот на искористеност на градежните парцели, на сметка на зеленилото, јавните простори и, во крајна линија, квалитетот на живот на сите граѓани“, додаде архитектката Докузова, потенцирајќи дека овој тренд се забележува и надвор од Скопје.

Опасност по здравјето на граѓаните

Фотографија од д-р Џансун Буковец во бел докторски мантил

Д-р Буковец смета дека граѓаните треба да ги следат предложените мерки од ИЈЗ | Фото: БИРН / Емилија Петреска

Според извештајот за 2025 година на Институтот за јавно здравје, лани за време на топлотните бранови биле регистрирани 1.226 случаи на луѓе, на кои им била укажана медицинска интервенција од страна на Итната медицинска помош.

Напоменати се 12 дијагнози во извештајот, меѓу кои се вртоглавица, несвестица, дехидратација и изгореници на сонце, како и акутен миокарден инфаркт и церебрален инфаркт забележани најмногу кај постарата популација.

Меѓу најранливите групи се постарите граѓани, бремените жени, лицата што живеат со дебелина и пациентите со кардиоваскуларни заболувања.

„Според светската литература, покачувањето на температурата за само еден Целзиусов степен на температура над 31 степен ја зголемува општата смртност за 5 отсто“, објасни д-р Буковец.

Тој смета дека за најдобро да се справиме со овие предизвици, потребно е граѓаните да знаат како да се заштитат на индивидуално ниво, но важна е и институционалната подготвеност за време на овие месеци.

Вели дека индивидуалните мерки може да звучат тривијално и како да се повторуваат од Институтот секоја година, но потенцира дека тие се светски признати и едноставно функционираат.

Дел од клучните препораки се дека треба да избегнуваме активност и движење помеѓу 11 и 17 часот, да носиме комотна памучна облека, која ги покрива сите делови на телото, да се носи капа со широк обод, да се користи крем за сончање со минимум фактор 30, да пиеме вода секој половина час и да не чекаме да почувствуваме жед пред да се напиеме вода.

Смета дека особено последната мерка треба да има институционално решение во форма на достапност на јавни чешми со питка вода низ градовите.

Освен тоа, д-р Буковец смета дека е исклучително важно институциите да имаат функционални интерни протоколи за време на топлотните бранови, особено во предучилишни установи, основните училишта, установи за вонсемејна грижа на стари лица, детските домови и казнено-поправните установи.

Дел од мерките што ги предлага за институциите се флексибилно работно време, овозможување ротација на работните позиции и почести паузи.

„Топлотните бранови не може да ги спречиме, меѓутоа значително може да го намалиме негативниот здравствен ефект од нив. Секој степен помалку во урбаната средина, не значи само поголем комфор, туку и помал ризик од заболувања, од хоспитализации и од предвремена смртност“, заклучи д-р Буковец.