Две години откако во македонскиот правен систем за првпат беше воведена граѓанската конфискација, државата има првични, скромни резултати: Досега е поднесена една тужба до граѓанскиот суд, замрзнат е имот во еден случај, а во уште еден се чека рочиште.
Власта минатата недела објави дека подготвува нов закон за конфискација на имот во граѓанска постапка.
Станува збор за закон, со кој, за првпат во 2024 се воведе ваков тип конфискација, која ѝ овозможува на државата да замрзне и да одземе сомнителен имотот, дури и кога нема судска пресуда.
Во оваа постапка за граѓанска конфискација, наместо обвинителот, како што е во кривичната постапка, граѓанинот треба да докажува пред судот дека имотот што го стекнал му е од законски приходи.
Ваква постапка се спроведува кога обвинителот се сомнева дека некој поседува имот што значително ги надминува неговите приходи, но не може кривично да го гони поради законски пречки, како на пример, застареност на кривичните дела, или одбивателна пресуда.
Граѓанските организации се повлекоа од работната група за првиот закон од 2024, затоа што наместо закон за потекло на имот, се изработи Закон за конфискација на имот во граѓанска постапка, а прогнозираа и дека ќе се појават проблеми во примената, што и се случи.
Причината, поради која, Министерството за правда најави целосно нов закон е тоа што примената на постојниот „отворила повеќе правни прашања“, а институциите побарале „подобро прецизирање и дополнување на законските одредби“.
Сомнителен имот од над 600 илјади евра

Управа за финансиска полиција | Фото: БИРН
Eдна тужба и две барања за привремени мерки до граѓанскиот суд за да се обезбеди имотот. Ова е досегашниот епилог од примената на законот за граѓанска конфискација.
Финансиската полиција ни потврди дека работела на 13 пријави од две обвинителства. Со нив проверувала и анализирала финансии за 19 луѓе. Оваа институција утврдува колку вредел имотот кога бил стекнат, ја испитува основaтa за стекнување на имотот и изворите на приходите. „При постапувањето и проверките се опфатени и голем број членови на потесните и пошироките семејства на засегнатите лица, како и неколку правни лица“, велат од финансиската полиција за БИРН.
Првата тужба од Државното правобранителство, кое потоа ја иницира судската постапка, до граѓанскиот суд стигнала лани во декември. „Предметот е во фаза на закажување рочиште“, велат од судот.
Додека да почне судењето, судот го прифатил барањето на државното правобранителство привремено да замрзне „спорен“ имот, за кој правобранителството води постапка.
Во овој случај станува збор за Л. А. А. и за уште четворица членови на семејството, кои биле под лупа на финансиската полиција.
Случајот го почнало Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, кое добило сознание од Управата за финаниско разузнавање дека се сомневаат на перење пари за што имало истрага која завршила без да се подигне обвинение. Потоа финансиската полиција направила проверки од 2012 година до 2022 година, изготвила извештај во кој пишува дека утврдиле „непријавен приход од непознати извори во износ од 619.116 евра“.
Ваквиот извештај бил испратен до Државното правобранителство, кое побарало судот со времена мерка да го забрани располагањето со спорниот имот.
Најпрвин граѓанскиот суд, а во февруари годинава и Апелацискиот суд им ја потврдил забраната да располагаат со станови, возила, а забранил исплата од сметки од четири домашни банки.
Адвокатот на Л. А. А. тврдел дека не станува збор за имот што е стекнат нелегално, туку за имот од родителите стекнат од продажва на половни возила од 2002 година. Од орочени девизен депозит во банките, лицето добивало камати од 10 илјади евра годишно. Според аргументите на адвокатот, уште пред 2012 година, ова лице имало 450 илјади евра, а од камати собрало 100 илјади евра за 10 години.
Судиите напишале дека во оваа фаза од постапката „не се утврдува конечно дали имотот е незаконски стекнат, туку дали постојат доволно индиции што ја прават веројатна основаноста на идното побарување за конфискација“.
Државното правобранителство во рок од 15 дена од донесувањето на оваа привремена мерка треба да поднесе тужба со која ќе се бара да се утврди дека имотот не е стекнат од законски приходи. Доколку тоа се потврди, имотот треба да се одземе и да се пренесе на државата. Судската постапка во прв степен треба да трае најмногу една година.
Повисок праг на имотот што се испитува

Oд 13 илјади евра, како досега, ќе се испитува имот од најмалку 100 илјади евра | Фото: БИРН
Снежана Камиловска-Трповска од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), која беше дел од работната група за новиот закон, вели дека причините за негово донесување е тоа што се појавиле проблеми при примената кои се детектирале веднаш по влегување во сила на актуелниот закон.
„Недореченостите во начинот на водење на постапката, како и улогата на финансиска полиција креираа состојба, во која, законот е речиси невозможно да се спроведе“.
Камиловска-Трповска вели дека со предложените измени кои се објавени на единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР), иницијатива за испитување на сомнителен имот имаше секој граѓанин, додека во новиот предложен закон, постапката може да ја отпочне Обвинителството.
Дополнително, со предложениот закон се воведува обврска обвинителството да достави образложена одлука за тоа зошто не се поведува кривична постапка за лицето, а се иницира постапка за конфискација на имот во граѓанска постапка, наведува Камиловска.
Во измените што се предлагаат износот на имотот кој е сомнителен треба да биде поголем од 100 илјади евра. Сега тој праг е 13 илјади евра, што е износ од приближно 20 просечни плати.
Од друга страна, се скратува периодот во кој се испитува таквиот имот. Додека сегашниот закон предвидува 10 години, со измените тоа е 5 години.
Финансиската полиција со предложените измени ќе добие повеќе време за проверка од максималните 90 дена на една и пол година.
Измените предвидуваат и законска пречка да може да се наследи имот што е незаконски стекнат, а банките и останатите државни органи се должни во секое време да ги дадат бараните податоци. Меѓу другите промени, се пропишува можност со постапката да бидат опфатени и трети лица на кои им бил пренесен имот или со него било располагано без паричен надомест.
Постапката и во новиот закон ја почнува јавниот обвинител. Кога оцени дека има основи на сомневање дека е сторено кривично дело злосторничко здружување, дело за кое може да се изрече казна затвор од четири години или потешка казна или, пак, дело со кое може да се стекне поголема имотна корист, но не може да гони кривично затоа што делото застарело, судот го одбил обвинението, во рок од осум дена доставува образложена иницијатива до Финансиската полиција.
Управата за финансиска полиција прави проверки, изготвува извештај и го известува јавниот обвинител. Ако има основа за постапка, обвинителот го известува Државното правобранителство, кое, треба да поведе тужба пред суд, а има можност да бара и времено обезбедување на имотот.
Граѓанската постапка за конфискација на имот чие стекнување не може да се докаже дека е од законски извори пред првостепениот суд треба да заврши најмногу за една година откако е поднесена тужбата, а во стариот закон, тој период беше девет месеци.
