Тоа е мистерија стара 30 години.
Дали странци плаќале за да пукаат со снајперски пушки врз жителите на Сараево за време на опсадата на главниот град на Босна и Херцеговина во последната деценија на 20 век, што траеше 1.445 денови?
Според Ецио Гавацени, токму тоа го направиле повеќе од 400 странци, меѓу кои околу 230 Италијанци. Во февруари тој објави книга за оваа тема, насловена „Викенд-снајперисти“ (I cecchini del weekend).
За тврдењата на Гавацени известија медиуми од целиот свет, како уште еден морничав детал од војната во Босна и Херцеговина во периодот од 1992 до 1995 година. Но, освен наведените бројки, приказната за таканареченото „Сараевско сафари“ воопшто не е нова.
Всушност, првиот извештај во кој се тврди дека странци плаќале за пристап до положбите на босанските Срби во ридовите околу Сараево и за можност да пукаат врз жителите на градот датира од 30 март 1995 година, кога босанската престолнина сè уште беше под опсада. Текстот беше објавен во „Кориере дела Сера“, а два дена подоцна го пренесе сараевскиот дневен весник „Ослобоѓење“. Потоа – ништо.
Приказната се загуби во вителот на настаните од 1995 година – падот на Сребреница, воздушните напади на НАТО врз положбите на босанските Срби, операцијата „Бура“ во Хрватска и, конечно, мировните преговори во Дејтон, Охајо.
Потоа, во 2022 година, словенечкиот филмски режисер Миран Зупанич ѝ даде нов живот на приказната со својот документарен филм „Сараевско сафари“.
По објавувањето на книгата на Гавацени, БИРН се наврати на некои од клучните извори зад оваа приказна, уште еднаш ги разгледа утврдените факти и ги анализираше судските списи.
Она што се провлекува низ сите досегашни извештаи е недостигот на цврсти докази, како и противречностите во исказите на единствените двајца именувани извори во книгата на Гавацени, кои наводно имале директни сознанија од првичните воени разузнавачки информации што укажувале на постоењето на таква практика.
Другите извори во книгата го опишуваат животот под опсада и велат дека слушале гласини за луѓе кои плаќале за да пукаат врз жителите на Сараево. Но, дури и двајцата именувани извори немаат непосредни сознанија за тоа што навистина се случувало и, во разговорите со БИРН, изразиле скептицизам кон некои од тврдењата што ги изнесува Гавацени.
Првпат објавено во 1995 година

Поглед кон Сараево од околните ридови | Фото: БИРН
Повеќе од 11.000 цивили загинаа за време на опсадата на Сараево, најдолгата опсада во современото војување.
Тие беа убивани од артилеријата на босанските Срби, која неселективно го гранатираше градот од ридовите што го опкружуваат, како и од снајперистите кои ги тероризираа жителите, принудувајќи ги да претрчуваат преку улиците и да се кријат зад изгорени остатоци од автомобили или зад ѕидови изрешетани од куршуми само за да можат да ги извршуваат своите секојдневни обврски. Една улица беше толку опасна што стана позната како „Снајперска алеја“.
Но, дали босанските Срби навистина им ги отстапувале своите снајперски позиции и пушки на странци кои плаќале за тоа?
Така тврдеа двајца бегалци од Сараево кои беа меѓу сведоците пред Постојаниот народен трибунал, ППТ, организација за човекови права основана во Италија, која во февруари 1995 година одржа седница во Берн, Швајцарија, додека војните во Хрватска и Босна сè уште траеја.
Генералниот секретар на ППТ, Џани Тоњони, ги раскажа нивните сведоштва на новинарите од „Кориере дела Сера“, а италијанскиот весник ја објави приказната под наслов: „Одмор во Босна, со вклучено пукање во луѓе“. Сепак, поради недостиг на докази, ова тврдење не беше ставено во конечниот извештај на ППТ.
Три децении подоцна, Тоњони за БИРН изјави дека по седницата на трибуналот разговарал со некои од сведоците.
„Двајца од нив ми рекоа дека имало снајперисти кои доаѓале од цела Европа, а споменаа дека доаѓале и од Италија“, рече тој.
„Се разбира, детално разговаравме за овие тврдења, бидејќи стануваше збор за сериозни обвинувања. Но, во тоа време за нас беше невозможно да спроведеме конкретна истрага, па затоа одлучивме да не го доведеме во прашање кредибилитетот на Трибуналот со наводи како – се зборува дека“, додаде Тоњони.
Во 2022 година, филмот на Зупанич понуди нов извор: Един Субашиќ, аналитичар во военото разузнавање на Армијата на Босна и Херцеговина за време на војната, кој подоцна стана еден од клучните извори за книгата на Гавацени.
Субашиќ се присети дека прочитал извештај од сослушувањето на српски доброволец од Параќин, град во долината на реката Велика Морава во централна Србија.
Феноменот на таканаречените „викенд-борци“ е добро познат: за дневен надомест, Срби од Србија или Црна Гора преминувале во Босна, учествувале во убивања и грабежи, а потоа се враќале назад со пленот, сè во име на идејата за Голема Србија.
Доброволецот од Параќин бил заробен од босанските сили и испрашуван. Субашиќ изјави дека го прочитал извештајот од сослушувањето кон крајот на 1993 година. Во него, човекот тврдел дека со него во автобус кој се движел кон положбите на босанските Срби околу Сараево патувале петмина странци, меѓу кои тројца Италијанци. Тој ги прашал колку им плаќаат.
„Колку што разбрав, разговорот се водел на прилично слаб англиски јазик, при што тие ја изговориле клучната реченица. Италијанците, од кои еден рекол дека е од Милано, наводно му одговориле – Ние плаќаме за да дојдеме овде“, изјави Субашиќ за БИРН.
Според Субашиќ, тогашниот началник на босанското воено разузнавање, Мустафа Хајрулаховиќ, лично му ја пренел информацијата на офицер од италијанската разузнавачка служба СИСМИ, кого Субашиќ го опиша како лице што е распоредено со УНПРОФОР, мировната мисија на Обединетите нации во Босна во тоа време.
Хајрулаховиќ, кој бил обучуван во Италија и течно говорел италијански, бил познат по прекарот Италијанецот. Тој веќе не е жив.
„Имавме информации што се однесуваа на Италија и побаравме од нив да го проверат она што им го доставивме. Доколку беше точно, ги замоливме да ни кажат за што станува збор. Ако не беше точно, побаравме да ни го кажат и тоа“, рече Субашиќ.
„Можевме да им кажеме кога се случило, дека лицата биле од Милано и сè останато. Во тој момент, приказната практично заврши од наша страна“, додаде тој.
Италијанскиот одговор пристигнал кон крајот на март или почетокот на април 1994 година, рече Субашиќ, потсетувајќи дека тоа било по договорот со кој биле прекинати борбите меѓу Армијата на Босна и Херцеговина и хрватските сили. Италијанците тврделе дека го спречиле проблемот уште во самиот зачеток.
Сепак, токму тука се појавуваат несогласувањата.
Проблеми со помнењето?

Редослед на настаните поврзани со сараевското „снајперско сафари“ | Илустрација: БИРН
Микаел Џифони вели дека за размената на информации меѓу босанското разузнавање и СИСМИ дознал кратко по неговото пристигнување во Сараево, на 25 октомври 1994 година, кога како 29-годишник бил заменик-шеф на Италијанската специјална дипломатска делегација.
Според него, агентите на СИСМИ биле официјално регистрирани како службеници за безбедност на делегацијата, а не како дел од УНПРОФОР.
Џифони вели дека агентите му раскажале за тврдењата на српскиот доброволец од Параќин, кои им биле пренесени од босанското разузнавање. Но, според Џифони, размената на информации се случила дури откако Италијанската специјална дипломатска делегација била формирана во април 1994 година, многу подоцна отколку што тврди Субашиќ, и на никаков начин не била поврзана со УНПРОФОР. Италија, како сосед на поранешна Југославија и поранешен фашистички окупатор на делови од Балканот за време на Втората светска војна, не била дел од УНПРОФОР.
„Имаше цивили, службеници. Но никој од нив немаше врска со СИСМИ. Тоа можам категорично да го исклучам. Ова е нешто што треба да се исправи, затоа што не е точно.“ рече Џифони за БИРН.
Џифони е цитиран во книгата на Гавацени преку други извори, но авторот никогаш лично не разговарал со него.
Андреа Ањели, портпарол на Обединетите нации во Сараево во периодот од 1993 до 1994 година, изјави дека во составот на УНПРОФОР немало италијански полицајци или воени лица, што своевремено го потврдила и италијанската влада.
„Ако господинот Субашиќ сакал да разговара со СИСМИ, можел да го направи тоа директно. Не разбирам зошто ја споменува мисијата на ОН“, рее Ањели.
Ањели додаде дека до 1994 година токму тој, како цивил, бил единствениот Италијанец во УНПРОФОР и дека никогаш лично не стапил во контакт ниту со Субашиќ, ниту со Хајрулаховиќ.
Книгата на Гавацени во голема мера се потпира на анонимни извори. Меѓу оние што даваат поконкретни информации за наводниот феномен „сафари“, само Субашиќ и Џифони се цитирани со име. Од нив двајцата, единствено Субашиќ навистина бил интервјуиран од Гавацени. Нивните искази претставуваат голем дел од темелот врз кој се заснова неговата книга. Гавацени за БИРН изјави дека Џифони бил присутен на состанокот кога босанската страна им ги предала разузнавачките информации, состанок за кој авторот тврди дека се одржал „на крајот на 1993 година“.
Џифони го оспори ова.
„Во 1993 година работев на прашањата поврзани со Босна, но од Рим. Во Сараево пристигнав во октомври 1994 година“, изјави Џифони за БИРН.
Тој рече дека за разузнавачките информации дознал единствено од агентите на СИСМИ.
Прашан за противречностите во нивните искази, Гавацени рече дека Субашиќ можеби бил збунет околу улогата на УНПРОФОР и можеби погрешно мислел дека Џифони бил поврзан со мировната мисија.
„И покрај сè, Микаел Џифони спиел, јадел и престојувал во тие простории (на УНПРОФОР)“, изјави Гавацени за БИРН.
Покрај тоа што негираше дека бил присутен на состанокот, Џифони за БИРН рече и дека во просториите на УНПРОФОР одел исклучиво на состаноци и на прес-конференции.
Во подоцнежен разговор со БИРН, Гавацени призна дека не е можно Џифони да бил присутен на состанокот, но понуди друго објаснување, дека офицерите на СИСМИ со кои контактирало босанското воено разузнавање веќе биле на терен пред Италија да ја отвори својата Специјална дипломатска делегација. Противречностите меѓу исказите на Џифони и Субашиќ, според него, се „прашања поврзани со сеќавањето“, иако призна дека не го споредил исказот на Субашиќ со оној што Џифони претходно го дал за други медиуми и кој е спомнат во неговата книга.
Во пресрет на објавувањето на овој напис, Гавацени му испрати на БИРН линкови до четири ПДФ-документи со вкупно 1.257 страници, тврдејќи дека тие содржат докази оти „СИСМИ бил присутен во Сараево уште од 1993 година и бил сместен во базите на УНПРОФОР“. Неколку часа претходно, Субашиќ му ги испратил истите документи на БИРН. Меѓутоа, пребарувањето низ документите по кратенката „СИСМИ“ не даде ниту еден резултат. Терминот „УНПРОФОР“ се појавува неколкупати, но не во контекст на активности на СИСМИ.
Дали агенти на СИСМИ биле присутни во Сараево во 1993 година, официјално или неофицијално, не можеше сигурно да се утврди. Сепак, несовпаѓањата околу ова прашање ги истакнуваат разликите меѓу клучните сведоштва за тоа што се случувало – сеќавања кои претставуваат основа за книгата што предизвика меѓународна медиумска сензација околу наводното „снајперско сафари“.
Џифони вели дека кога СИСМИ ги добил информациите од босанското разузнавање за странските снајперисти, одговорот на италијанската служба бил краток: „извештајот беше земен предвид, беше истражен и сообраќајот беше запрен.“
Тој тврди дека токму тоа му го кажале во 1994 година двајцата агенти на СИСМИ распоредени во Италијанската специјална дипломатска делегација. Во 1995 година, откако босанскиот весник „Ослобоѓење“ ја пренесе првичната статија од „Кориере дела Сера“, Џифони вели дека директно го прашал Хајрулаховиќ. Според него, Хајрулаховиќ потврдил дека информациите биле доставени до СИСМИ и дека му било кажано оти „сообраќајот бил запрен“.
Сепак, останува нејасно што точно се мислело под „сообраќај“: приливот на странци кои плаќале за да пукаат, движењето на платени „викенд-борци“, или нешто сосема друго.
Според Џифони, дури ни агентите на СИСМИ во Сараево не знаеле какви конкретни мерки биле преземени во Италија, иако тој останува уверен дека италијанските власти интервенирале на некаков начин. Џифони рече дека сè што дознал било од разговори. Никогаш не видел ништо запишано во официјални документи. Тој останал во италијанската дипломатска служба до 2014 година, кога бил обвинет, а подоцна и ослободен од обвиненијата за злосторничко здружување и помагање на нелегална имиграција, поврзани со наводно издавање лажни визи во италијанската амбасада во Косово, каде што во тоа време бил амбасадор. По тој случај никогаш не се вратил во дипломатската служба.
Гавацени изјави за БИРН дека има два нови извори кои, како што рече, сведочеле пред италијанските обвинители во јуни оваа година. Според него, тие тврдат дека во пролетта или летото 1994 година добиле документи што ги содржеле имињата на петмина Италијанци осомничени дека плаќале за да пукаат врз Сараево. Тој не му даде на БИРН никакви дополнителни информации за овие извори.
Спорни бројки

Плочи со имињата на убиени жители на Сараево во центарот на градот | Фото: БИРН
Џифони, кој сведочел пред обвинителите во Милано, не го оспорува тврдењето дека странци плаќале за можноста да пукаат врз невини цивили во Сараево, но го доведува во прашање размерот на појавата како што е прикажан во книгата на Гавацени, имајќи ја предвид тешкотијата да се пристапи до таквите позиции околу Сараево.
„Бројките се целосно нереални. Мислам дека ова навистина постоело, но зборуваме за најмногу десетина луѓе“, рече тој.
И Субашиќ се сомнева дека бројките биле толку големи како што тврди Гавацени.
„Мене ми изгледа малку претерано да имало толку голем обем на движење. Ако навистина имало толку многу движење, ќе имаше повеќе сведоци кои би ги виделе нивните доаѓања и заминувања. Тоа исто така ми укажува дека нивниот број не бил голем, рече Субашиќ.
Сепак, Субашиќ призна дека таквата појава би била „добро заштитена со контраразузнавачки мерки“.
Тој исто така изрази скептицизам во врска со некои од поморбидните детали наведени во книгата на Гавацени.
„Наводно постоел ценовник за сафари. Различна цена за дете, жена, бремена жена, возрасен, старо лице, цивил или војник во униформа што се гледа во градот – како секој од нив да имал своја тарифа“, рече тој.
„Таков морбиден и бизарен детал, без оглед колку пари се во прашање, сепак е ужасен“, додаде.
И Џифони изрази сомнеж дека постоел таков „ценовник“.
„Искрено, идејата дека имале посебно изработен и детално разработен ценовник за тоа кои треба да бидат жртвите ми изгледа тешко веројатна, ако не и целосно неверојатна, особено затоа што стрелците имале многу ограничено време, односно пукале во секој што ќе поминел“, рече тој.
Соочен со сомнежите што ги изразија двајца клучни извори во неговата книга, Гавацени му изјави на БИРН – „јас само го кажувам она што ми го рекоа моите извори“.
„Изворите беа проверени преку други извори, тоа можам да го кажам, но не можам да се заколнам врз Библијата дека точно 230 биле Италијанци и дека сличен број дошол од други западни земји. Тоа се само сведоштвата на моите извори“, додаде.
Тој рече дека 70 проценти од изворите наведени во неговата книга исто така сведочеле пред италијанските обвинители.
На прашањето како читателите може да имаат доверба во веродостојноста на бројните анонимни извори што ги цитира во книгата, со оглед на тоа што не успеал да ги усогласи разликите меѓу исказите на Џифони и Субашиќ, Гавацени одговори – „ве уверувам дека направивме сè што беше можно“.
Нема материјални докази

Поглед кон ридовите околу Сараево | Фото: БИРН
Документарниот филм на Зупанич наведува уште еден извор – таен агент на „странска служба“, кој, според филмот, се инфилтрирал во положбите на босанските Срби над Сараево, претставувајќи се како новинар.
БИРН успеа да го идентификува овој извор. Тој одговори преку продуцентската куќа „Арсмедија“, која стои зад филмот на Зупанич, и се согласи да разговара под услов да остане анонимен.
Тој зборуваше телефонски од Словенија. Се претстави како поранешен југословенски разузнавачки офицер кој го користел кодното име Пискотек, словенечки збор за колаче. Неговиот идентитет беше потврден од уште четири други извори.
Пискотек се присети дека присуствувал на прес-конференција во Пале, воено упориште на босанските Срби, „по која еден од војниците ме праша дали можам да останам преку ноќ за да видам нешто интересно“.
Тој рече дека босанските српски сили го одвеле на позиција над Сараево, каде што видел човек со странски пасош во предниот џеб како разговара со војниците на англиски јазик.
„Знаев дека е странец, а тие ги подготвуваа снајперските пушки за тој да пука“, изјави Пискотек.
Тој тврди дека видел вкупно девет странци како пукаат, сите облечени во ловечка опрема и вооружени со пушки.
Откако беше прикажан документарниот филм „Сараевско сафари“, тогашната градоначалничка на Сараево, Бенјамина Кариќ, поднесе кривична пријава до Обвинителството на Босна и Херцеговина. Досега истрагата не дала никакви резултати.
Истраги се водат и во Милано, врз основа на пријава што Гавацени ја поднел пред објавувањето на својата книга, како и во Австрија и во Белгија. Барем во истрагата во Милано, во моментов не постојат материјални докази што би ги поткрепиле овие тврдења.
Марко Лугоња, кој бил началник на Одделот за безбедност на Сараевско-романискиот корпус на Војската на Република Српска, категорично ги отфрли обвинувањата, велејќи дека би знаел доколку такво нешто навистина се случувало.
„Тоа нема никаква фактичка основа. Но, кога една ваква приказна ќе се пласира во медиумите, потребно е многу време за човек да го исчисти своето име, изјави Лугоња за БИРН.
„Имаше неколку доброволни борци од Украина и од Русија. Но, вакво нешто да се случувало – нема шанси. Никој не е покомпетентен од мене да знае дали постоело такво нешто“, рече тој.
Од друга страна, Сефер Халиловиќ, поранешен началник на Генералштабот на Армијата на Босна и Херцеговина, негираше дека некогаш добил какви било разузнавачки информации за ваков феномен.
„Немав никакви информации ниту од Воената служба за безбедност ниту од Разузнавачката служба. Тоа за што зборуваат главно го измислуваат. Не знаеја ништо. Лажат“, вели тој.
Поранешниот офицер на ЦИА, Даглас Х. Вајс, кој во периодот од 2014 до 2016 година беше заменик-директор на Одбранбената разузнавачка агенција на САД (ДИА), а за време на војната бил распореден во Сараево, изјави дека никогаш, ниту еднаш, не слушнал дека странци плаќале за да пукаат врз Сараево.
Ниту декласифицираните документи на ЦИА за војната не содржат какво било спомнување на нешто слично.
„Размислете за логистиката: да доведете богат западњак на помалку од 200 метри од Снајперската алеја бара транспорт, обезбедување и молчење од сите на српската страна, како и од сите во придружбата на посетителот“, напиша Вајс во одговор до БИРН.
„Тоа не е заговор што може да опстане во допир со оперативната реалност. Многу поверојатно е нешто далеку поприземно – политички поврзан Србин или посетител на фронтот, кому од чисто фалење му било дозволено да погледне низ снајперски нишан. Дури и тоа е малку веројатно. А и ако навистина се случило, српскиот апарат за дезинформации би ја имал секоја причина вината да ја префрли врз богати западњаци, наместо врз своите“, додаде Вајс.
Тешко е да се замисли

Комеморативна плоча од војната во центарот на Сараево | Фото: БИРН
Во архивите на седум предмети поврзани со опсадата на Сараево што се водеа пред Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) во Хаг, постојат само две спомнувања на нешто што наликува на „сафари“ – за време на судењата на Драгомир Милошевиќ, командант на Сараевско-романискиот корпус на Војската на Република Српска, и на поранешниот српски лидер Слободан Милошевиќ.
Во вториот случај, заштитениот сведок C-017 го спомена Николас Рибиќ, канадски државјанин со српско потекло, осуден во Канада за земање заложници во друга земја, и рече дека тој дошол во Босна „на сафари, да лови луѓе“.
На судењето на Драгомир Милошевиќ, поранешниот американски маринец Џон Џордан, кој како доброволец работел како пожарникар во опколено Сараево, се присети дека видел луѓе на положбите на босанските Срби кои „не изгледале како обични војници“.
Џордан рече дека биле облечени повеќе како ловци отколку во воени униформи и претпоставил дека се странци. Носеле пушки што личеле на ловечки, но никогаш не видел некој од нив да пука.
Откако го погледнала филмот „Сараевско сафарии“, Јована Колариќ, истражувачка од белградскиот Фонд за хуманитарно право, која детално го истражувала учеството на странски борци, исто така ги пребарала архивите на МКТЈ.
„Не најдов ништо освен сведочењето на Џон Џордан и овој Канаѓанец, Николас Рибиќ. Но тој не е турист“, изјави Колариќ за БИРН, мислејќи на тоа дека Рибиќ бил странски доброволен борец, а не лице што плаќало за да учествува.
Ањели, поранешниот портпарол на Обединетите нации, рече дека има уште една причина поради која се сомнева во приказната за „сараевското сафари“. Во тоа време Сараево било место каде што постојано престојувале некои од најупорните и најреномираните новинари во светот, а сепак никој од нив не ја открил приказната, ниту пак ја истражувал откако текстот на „Кориере дела Сера“ беше објавен во март 1995 година.
„Имајте предвид дека најпрестижните светски новинари непрекинато беа стационирани во Сараево. Тешко е да се замисли дека толку сериозна вест им се сокрила, а уште помалку дека не ја истражиле темелно кога првите информации се појавија во печатот во последната фаза од војната, во пролетта 1995 година“, рече тој.
Гавацени рече дека бил критикуван од некои од новинарите кои за време на војната биле стационирани во Сараево или минувале низ градот.
„Видете, логиката е следна: јас не знаев за тоа, а бидејќи не знаев, значи никогаш не се случило. Но, мене тоа навистина ми изгледа претерано. Всушност, ми изгледа како кисело грозје, простете ми на директноста, но има многу луѓе што се огорчени поради ова“, изјави тој за БИРН.
Според Колариќ, дел од проблемот лежи во општата забуна меѓу странските доброволни борци, главно Срби надвор од Босна, како и некои Руси и други платеници, и странците кои наводно плаќале за возбудата да убиваат луѓе.
„Во поранешна Југославија имаше огромен број странски борци во речиси секоја армија што учествуваше во конфликтот. Тие луѓе не се сафари-туристи. Има многу забуна и многу врева, а всушност нема факти“, рече таа.
Она што е особено разочарувачко, додаде таа, е што ниту еден снајперист на босанските Срби никогаш не бил кривично гонет за тероризирањето на Сараево.
„Ги имаме документите, ги имаме директните наредби на Војската на Република Српска дека секоја единица морала да има одреден број снајперисти“, изјави Колариќ за БИРН.
Наместо тоа, рече таа, „се создаде цела морална паника околу оваа приказна, но не зборуваме за жртвите, не зборуваме за одговорноста“.
„Зборуваме за неколку инциденти што сè уште не можеме да ги потврдиме“, додаде.

