Албанците што протестираат не се против туристичките комплекси или странските инвестиции, туку против практиката да бидат третирани како пасивни субјекти на одлуки донесени од повисоки центри на моќ.
Секојпат кога ја посетувам Албанија, муабетите се исти. Не се зборува за политиката, изборите, новиот аеродром или за ветувањето за членство во ЕУ. Се зборува за заминување. Во последните неколку години, земјата ја запоседна апатија, колективно кревање раменици, откако со децении ѝ се повторува дека нејзината иднина е некаде на друго место.
Токму затоа фламингата ме изненадија и ме замислија.
Кога кон крајот на мај се појавија видеата од булдожери што ги уништуваат заштитените мочуришта во Звернец, од приватни обезбедувачи што влечат демонстрант по песокот додека полицијата набљудува, од поставување бодликава жица долж крајбрежјето, очекував вообичаена албанска реакција: воздишка, резигнација, тивка забелешка дека „така функционираат работите тука“, дека ништо никогаш не се менува и дека оние што се важни веќе заминале.
Нешто се промени. Но тоа не е само поради проектот на зетот на Трамп, туку и поради децениите занемарување, геополитички пазарења и политички презир што го направија овој момент неизбежен
Наместо тоа, илјадници луѓе излегоа на улиците во Тирана. Потоа уште илјадници. Потоа избувнаа протести на солидарност низ Европа и Северна Америка, организирани од албанската дијаспора – токму од оние што заминале, кои од далечина, можеби првпат, пронајдоа причина што повторно ги поврза со земјата.
Демонстрантите носеа надувани розови фламинга и транспаренти на кои пишуваше: „Албанија не е на продажба.“ Не изгледаа како луѓе што се откажале.
Нешто се промени. А за да се разбере што, мора да се земе предвид не само проектот за туристички комплекс поврзан со зетот на Доналд Трамп, Џаред Кушнер, туку и децениите занемарување, геополитички пазарења и политички презир што го направија овој момент неизбежен.
Договорот што ја запали искрата

Островот Звернец | Фото: Pexels/ Eliza CreativeStudio
Проектот, кој е повод за протестите, е, всушност, план за луксузен ресорт зад кој стои приватниот инвестициски фонд на Кушнер, „Афинити партнерс“, кој го опфаќа ненаселениот остров Сазан и неколку стотици хектари заштитени крајбрежни мочуришта на соседното копно.
Овие мочуришта се едно од последните диви крајбрежја во Европа, дом на фламинга, медитерански фоки и гнездилишта на морски желки. Инвестицијата се проценува до четири милијарди евра и предвидува околу 10.000 хотелски соби, вили, марина и претворање на поранешна советска воена база во луксузен ресорт управуван од „Аман ресортс.“
Овие мочуришта се едно од последните диви крајбрежја во Европа, дом на фламинга, медитерански фоки и гнездилишта на морски желки
Албанската влада ѝ додели статус на „стратешки инвеститор“ на компанијата на Кушнер, што овозможува забрзани постапки при обезбедување дозволи и ослободувања. Изградбата почна кон крајот на април, без процена на влијанието врз животната средина и без јавни консултации.
На 31 мај, сопругата на Кушнер, Иванка Трамп, во поткаст изјави дека таа и Кушнер „го откриле“ Сазан додека пловеле со јахтата на нивен пријател. Во земја во која тој остров со генерации бил јавно добро и бил класифициран како воена зона токму за да остане зачуван, сугестијата дека бил „откриен“ и дека сега може да стане приватен ресорт нанесе штета речиси колку и булдожерите.
Специјалното антикорупциско обвинителство на Албанија (СПАК) отвори истрага за преквалификацијата на заштитената зона, што ја овозможи реализација на договорот.
Затекнати меѓу две сили

Еди Рама | Фото: Flickr Влада на РСМ
Бев во искушение случајот да го претставам како приказна за американско пречекорување, деловен договор на семејството Трамп што отишол предалеку. Но, побалансираната анализа е уште понепријатна, и за Вашингтон, и за Брисел.
Албанија во изминатата година забрзано се движи кон членство во ЕУ, со брзина што аналитичарите ја опишуваат како необична. Откако ги отвори сите преговарачки кластери со ЕУ за помалку од 12 месеци, земјата беше претставена како „примерен ученик“ од еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Кос ја опиша Албанија како „најдобар пример за трансформативната моќ на проширувањето.“ Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта му порача на премиерот Еди Рама дека членството во ЕУ пред 2030 година е „целосно возможно.“
Но, непријатната вистина е дека ова забрзување има многу малку врска со вистинските реформи. Тоа е првенствено геополитички одговор на руската инвазија врз Украина, додека Брисел се обидува да го консолидира Западен Балкан во својата орбита пред Москва или Пекинг да ги зацврстат своите позиции.
Рама збореше за „големата привилегија“ да се соработува со Трамп. Договорот со Кушнер, во тој контекст, не е аномалија, туку логично продолжение на односот
Самиот Рама изјави: „Да ја немаше војната во Украина и оваа констелација во ЕУ, можеби вратите сè уште ќе беа затворени.“
Вистинските реформи, како што се независноста на судството, слободата на медиумите и борбата против институционалната корупција, остануваат недовршени. Во меѓувреме, Вашингтон има своја агенда. Од враќањето на Трамп во Белата куќа, Западен Балкан стана простор за американско економско влијание, со американски инвеститори што влегуваат во енергетиката, недвижностите и туризмот низ регионот.
Американскиот секретар за енергетика, Крис Рајт изјави дека „претседателот Трамп отвора нова ера на соработка со Јужна, Централна и Источна Европа.“
Албанија, како лојален сојузник на НАТО што со ентузијазам ја поддржува американската воена политика на Блискиот Исток, се позиционира како привлечна дестинација. Рама јавно со воодушевување зборуваше за „големата привилегија“ да се соработува со администрацијата на Трамп. Договорот со Кушнер, во тој контекст, не е аномалија, туку логично продолжение на односот.
Долгиот престој во чекалницата

Барањата на ЕУ се исцрпувачки и бесконечни | Фото: БИРН
Пред да се осуди албанската влада и граѓаните за нетрпеливост кон Брисел, вреди да се потсети што ѝ направи ЕУ на оваа земја.
Албанија поднесе барање за членство во 2009 година и доби статус на кандидат во 2014 година, по пет години условувања. Франција и Холандија потоа го блокираа отворањето на преговорите уште шест години, барајќи нова методологија за проширување. Формалните преговори конечно почнаа во јули 2022 година.
Како што и самиот Рама иронично рече на самитот ЕУ-Западен Балкан во 2022 година, повикувајќи се на апсурдистичката драма „Чекајќи го Годо“:
„Албанија е Естрагон, Европската Унија е Самуел Бекет.“
Цела генерација Албанци постојано слушаше дека нивната иднина е во Европа, а потоа гледаше како, година по година, целта се поместува, условите се зголемуваат, а ветувањето се оддалечува.
Цела генерација Албанци постојано слушаше дека нивната иднина е во Европа, а потоа гледаше како, година по година, целта се поместува, условите се зголемуваат, а ветувањето се оддалечува
Барањата на ЕУ се исцрпувачки и бесконечни: судска реформа, антикорупциски критериуми, реформа на јавната администрација, еколошки стандарди, владеење на правото, скрининг извештаи, проценки по кластери, IBAR етапи (етапи на привремена проценка на исполнувањето на критериумите).
Тоа е процес што е дизајниран повеќе да управува отколку да биде гостопримлив – бирократски лавиринт, кој бара усогласување, но не нуди економски развој, инвестициски рамки или вистински перспективи што би ги задржале луѓето во земјата.
Во меѓувреме, земјата се празни. Со секоја година чекање заминуваат околу 50.000 луѓе. Секое одложување луѓето прават нова пресметка дека, ако ЕУ членството и дојде, тоа ќе биде откако нивините деца веќе ќе пораснат во друга држава.
Албанија изгуби речиси милион жители од 1990 година. Од 3,3 милиони, денес има околу 2,4 милиони жители, со пад од 21 процент од почетокот на милениумот. Тоа е најдрастичен демографски пад во Европа надвор од воените зони. Обединетите нации предвидуваат дека, без сериозни промени, населението може да падне под два милиони до 2050 година. Албанија е земја што се празни.
Гнев што се собира со децении

Протестите во Тирана | Фотографија: БИРН
„Фламинго револуцијата“ не е, и покрај тоа што изгледа така, првенствено против луксузен ресорт. И за жал, не е ни само за фламингата. Тоа е нешто што се собира речиси 40 години. Тоа е одбивање на Албанците повеќе да бидат третирани како пасивни субјекти на одлуки донесени од елитите, како луѓе на кои постојано им се сугерира дека не разбираат.
Ова не е протест против развој. Албанците не се против инвестиции, туризам или модернизација на земјата. Она против што протестираат е искуството на систематско исклучување од одлуките за нивната земја, нивните институции и нивната иднина.
Развојниот проект Сазан/Звернец беше договорен меѓу албанската влада и странски инвеститор. Локалните жители за него дознаа дури отпосле одлуката. Кога излегоа да се спротивстават, беа пречекани со бодликава жица и приватно обезбедување. Кога видеата од насилството се појавија јавно, владата ја бранеше инвестицијата и ги нападна демонстрантите.
И како и кај Сазан и Звернец, крајбрежјето и планините се преполни со концесии подарени на инвеститори и на олигарси. Најубавите делови од Албанија тивко се распределени меѓу богатите. Обичните Албанци не можат да си дозволат да влезат во ресортите што се градат на земја што некогаш била нивна.
Движењата не растат затоа што владите ги игнорираат. Тие растат затоа што владите ги потценуваат. Секој пат кога Рама исмева млад демонстрант, тој ги зацврстува причините за протестите
Одговорот на Рама на сево ова е, на свој начин, подеднакво илустративен како и третманот на демонстрантите. На „Си-ен-ен интернешнел“ тој ги отфрли вестите за национални протести:
„Нема протести низ цела Албанија. Има протест во главниот град.“
Тој го опиша движењето како координирана дезинформациска кампања, тврдејќи дека Албанија е „под напад“ од конкуренти и онлајн-мрежи што шират лажни информации.
Тој им порача на демонстрантите, вклучително и на младите што излегоа во илјадници, дека „добронамерните“ меѓу нив едноставно „биле сериозно заведени.“
Кога беше притиснат, изјави јасно: „Нема шанси оваа инвестиција да биде запрена.“
Немаше ниту еден предлог за дијалог. Ниту јавна дебата, ниту отворен форум, ниту основна политичка пристојност да се признае дека десетици илјади граѓани можеби имаат легитимни прашања.
Движењата не растат затоа што владите ги игнорираат. Тие растат затоа што владите ги потценуваат. Секој пат кога Рама исмева млад демонстрант, тој ги зацврстува причините за протестите. Ароганцијата не е спореден ефект, таа е суштина.
Протестите сè уште немаат политички дом; опозицијата е премногу слаба и компромитирана за да ги канализира. Но, движењата што почнуваат без политички носител често сами го создаваат.
Ме трогнуваат овие протести на начини што не ги очекував, не само како Албанка, која предолго ги следи работите од странство, туку и како некој што работел во земји каде што граѓанската храброст е ретка и скапа. Ова е граѓанска храброст. Таа заслужува поддршка: од граѓанското општество, од европските институции, од дијаспората.
И ѝ требаат Албанци во земјата што нема да се откажат. Ова е почеток на политичка култура што бара одговорност, вклученост и фундаментално право на самоопределување.
Језерца Тигани е застапничка за човекови права со над 20 години искуство низ Западен Балкан, Европа и Блискиот Исток. Таа има албанско и британско државјанство
Изнесените ставови се на авторката и не нужно ги одразуваат ставовите на БИРН

