Вести

Од 27 на 18: Се предлага да се укинат девет основни судови

Реформи во судската мрежа

Девет основни судови ќе престанат да постојат како самостојни институции ако биде усвоен новиот закон за судови, кој, денеска го објави Министерството за правда. Со реформата бројот на основни судови ќе се намали од 27 на 18. Toa e една од најголемите новини, со која, за првпат по осамостојувањето се прави темелна ревизија на судската мрежа во земјава.

Со овие предложени измени, судовите во Берово, Виница, Кратово, Крушево, Ресен, Радовиш, Свети Николе, Неготино и Дебар би престанале да постојат како судови.

Но, тоа не значи дека судските услуги за жителите на овие градови исчезнуваат, туку дека тие судови повеќе нема да бидат самостојни институции, туку судски одделенија.

Со други зборови, одделенијата ќе ја извршуваат административната функција со надлежност како за основен суд. Така, ресенскиот суд ќе стане одделение под надлежност на битолскиот суд, беровскиот суд ќе стане одделение во судот во Делчево, а неготинскиот суд ќе потпадне под судот во Кавадарци.

Работната група образложила дека оваа реорганизација ја направила водејќи се од податоците според последниот попис на населението во 2021, па така трансформацијата од судови во одделенија ќе се однесува на општини чиј број на население е до 20 илјади жители и обемот на предметите е до 10 илјади. Групата ја анализирала географската поставеност на градовите и местоположбата, сообраќајната поврзаност, просторните капацитети и бројот на вработени во судовите.

Во образложението на предложениот закон пишува дека оваа реформа не е само административна, туку се прави поради „ефикасноста, достапноста и квалитетот на судската заштита“.

Со овие промени практично делумно се адресира долгогодишниот проблем со организација на судската мрежа. Во некои од судовите што се укинуваат како на пример судовите во Берово и Крушево, имаше само еден упатен судија од друг град што беше в.д. претседател.

Во судовите во Виница, Кратово и Радовиш имаше претседател на суд и уште еден судија.

Можност за пензија на 70 години

Уште една голема новина во предложениот закон за судови е што се прави целосна промена и во апелационите подрачја. Па така, на пример, ако досега скопскиот апелациски суд беше надлежен за Велес, Гевгелија, Кавадарци, Кратово, Крива Паланка, Куманово, Неготино, како и за Кривичниот и Граѓанскиот суд, кои се наоѓаат во Скопје.

Со предложените измени, скопскиот апелациски суд ќе биде надлежен само за Кривичниот и за Граѓанскиот суд, додека останатите градови ќе бидат распределни низ другите апелациски подрачја.

Според предложените измени, судиите ќе може да се пензионираат на 70 години, наместо како досега на 62, односно 64 години и со нивна волја до најмногу 67 години.

Истата возраст од 70 години ќе важи и за престанок на мандатот на поротниците.

Измените на законот за судовите ги градираат основите за дисциплинска одговорност на судиите од најтешката разрешување до полесните форми како опомена или укор, зависно од тежината на повредата.

Во предложениот закон има и други промени, како на пример, дека Врховниот суд може да бара советодавно мислење од Европскиот суд за човекови права.

Законот за судови е дел од реформската агенда на Владата.

Ако предложениот закон биде усвоен, тогаш во рок од шест месеци Врховниот суд и Министерството за правда треба да ги донесат подзаконските акти.

Но, овој предлог допира само дел од проблемите во правосудството. Поголемиот дел е недостаокот на судии и судска служба.

Според анализа што ја направи Коалицијата Сите за правично судење во 2024 за само пет години, вкупниот број активни судии се намалил за 125 по сите основи, како пензија, постапки за разрешување и барање од самите судии.

Според податоците на Судскиот совет, пополнетоста со судска служба во судовите е околу 40 проценти.