Вести

Хотел „Јадран“ понуден за речиси 2 милиона евра, државата одби да го купи

Сопственикот сега може да го продава хотелот на отворениот пазар

„Македонија турист“, сопственик на хотелот „Јадран“, познат и како Арапска куќа, го понудил објектот за 1,9 милиони евра, а Управата за заштита на културното наследство, во име на државата, го известила дека нема да го купи.

Ова го соопштија од Управата за БИРН, согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, на чиј одговор чекавме 16 дена.

„Сопственикот може да го продаде заштитеното добро на друго лице по цена која не е пониска од онаа што е наведена во понудата и под услови кои за купувачот не се поповолни од оние содржани во понудата“, наведуваат од Управата, всушност повикувајќи се на член од Законот за заштита на културното наследство.

Тој член конкретно предвидува првенство при продажба на заштитени објекти, како што е хотелот „Јадран“, да има државата. Тие мора прво да ѝ бидат понудени на државата под идентични услови под кои би му биле продадени на друг купувач.

Ако, пак, сопственикот реши да го продаде објектот на следниот купувач по подобри услови, законот отвора можност и за санкции. Државата може да ги тужи и продавачот и купувачот и да бара поништување на договорот.

Тужбата може да се поднесе во рок „од пет години од денот на склучувањето на договорот за продажба“.

Понудата до Управата значи дека „Македонија турист“ не може во иднина на кого било да го продаде објектот поевтино од 1,9 милиони евра.

Инаку, БИРН се обидуваше да ја дознае сумата за Арапска куќа уште кога сопственикот ја испрати до Управата, но сите надлежни одбиваа да ја кажат.

Одговорот на прашањето, за кое инсистираа да биде испратено согласно Законот за пристап до информации од јавен карактер, го добивме дури откако беше одлучено понудата да се одбие.

Со тоа, на некој начин, јавноста беше исклучена од можноста евентуално да влијае врз одлуката.

Нови сопственици, нови одлуки

И хотелот Бристол понуден на продажба | Фото: БИРН

Хотелот „Јадран“, заедно со уште едно скопско обележје, хотелот „Бристол“, е во сопственост на акционерското друштво „Македонија турист“. Тие со години беа затворени. За разлика од нив, другите хотели што ги поседува друштвото, односно „Белви“, „Бест Вестерн“, „Хотел Карпош“ и „Холидеј ин“, работат.

Речиси три децении мнозински сопственици во друштвото беа Доне Таневски и Соња Бибановска.

Сѐ до есента 2024 година.

Тогаш во акционерското друштво доминантни станаа „Скопски пазар“, каде што мнозински акционери се Ацо Дудуловски и Фатмир Етеми, потоа „Промедика“, „МГ Фешн“ на Зоран Антиќ и бизнисменот Симеон Павлов, кој, инаку, е сопственик на компанијата „Чеза комерц“.

По бурни денови на Берзата, долгогодишниот мнозински акционер Доне Таневски целосно излезе од сопствеништвото, а акциите кружеа меѓу исти луѓе, лично или преку нивните фирми.

Новите акционери, на состанок на 22 мај годинава, одлучија да продадат десетина објекти во нивна сопственост, а меѓу нив и Арапска куќа и „Бристол“, кој сѐ уште не е под заштита.

На листата за продажба се и познатата Пивница на плоштадот спроти хотелот „Мериот“ и трикатницата спроти поранешниот ЗОИЛ, исто така во центарот на Скопје.

Повторно промени во сопствеништвото

Планот на Етеми е во Лисиче да градат хотел и трговски центар | Фото: БИРН

Но, во меѓувреме повторно се смени сопственичката структура на „Македонија турист“. Од акционерското друштво најпрво излезе „Чеза комерц“, а потоа и „Промедика“ и во процес на излегување е и компанијата на Антиќ.

Всушност, летово во ова акционерско друштво влегуваат луѓе од бизнис-орбитата на градежникот Фатмир Етеми, лица со кои тој или имал или најавува бизнис-зделки.

Од јуни годинава најголем акционер е „Поливерзум“, мала скопска фирма основана пред шест години, во сопственост на Баки Ајдин, која сега поседува над 22 отсто од акциите.

Интересно е што истата компанија што стана најголем акционер во друштвото всушност е сопственик на плац што акционерите на „Македонија турист“ одлучија да го купат на состанокот во мај. Станува збор за парцела од над 8.000 квадратни метри во скопско Лисиче, во близина на трговскиот центар „Лиса“.

Со парите од продажбата на Арапска куќа, „Бристол“ и другите имоти, како што претходно за БИРН рече бизнисменот Фатмир Етеми, се планира купување на плацот на кој според Деталниот урбанистички план е предвидена изградба на деловно-станбен комплекс со речиси 35.000 квадратни метри бруто-површина.

Планот на Етеми, пак, е да изградат објект што ќе обедини хотел и трговски центар.

Актуелен и уште еден акционерски трансфер во „Македонија турист“. Според официјално достапните информации фирмата, „Промет стил“ на Абедин Алиу, е во процес да ги преземе уделите што бизнисменот Зоран Антиќ ги има во хотелското акционерски друштво. Станува збор за повеќе од 15 отсто од акциите.

Алиу и Етеми, пак, и претходно биле деловно поврзани. БИРН веќе објави дека Етеми во 2018 година продал земјиште на семејството на Абедин Алиу, кое се наоѓа паркот кај училиштето „Ѓоргија Пулевски“ во Аеродром.

Акциите на Симеон Павлов и „Чеза комерц“, пак, отидоа кај физичкото лице Јусуф Камбер, кој сега има над 10 отсто од акциите.

Така, по речиси две години интензивно тргување на Македонската берза, меѓу најголемите акционери во „Македонија турист“ сега се „Поливерзум“ на Баки Ајдин, „Современ дом“ на Ацо Дудуловски, „Скопски пазар“, физичкото лице Јусуф Камбер и „МГФ инвестмент “ која е во процес на преземање од Алиу.