Анализи

Нов протест за нерешените јазични прашања

Албанците студенти по право бараат да го полагаат правосудниот испит на мајчиниот јазик

За попладнево во Скопје е најавен вториот протест на студентите Албанци со исто барање- да им се дозволи правосудниот испит да го полагаат на албански јазик.

Во очи на протестот премиерот Христијан Мицкоски се сретна со своите коалициони партнери, лидерите на Влен Билал Касами и Изет Меџити.

„Институциите активно работат на изнаоѓање на решенија кои ќе бидат целосно усогласени со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, со цел обезбедување правна сигурност и функционалност“, соопштија од Владата.

На првиот протест, пак, кој се одржа на почетокот на април, 23-годишниот Клирид Исеини беше меѓу стотиците студенти по право, етнички Албанци кои излегоа на Камениот мост во Скопје, држејќи албански знамиња и обојувајќи го мостот во црвено и црно.

Перформансот беше протест, израз на нивното барање да го полагаат правосудниот испит на својот мајчин јазик.

„Правосудниот испит треба да го тестира нашето професионално знаење, а не јазичното знаење“, рече Исеини.

„Замислете колку е тешко за еден студент Албанец кој целиот материјал за време на студиите го имал на албански јазик, се подготвувал на албански, а мора да го полага испитот на македонски.“

Студентите велат дека нивното право да го полагаат правосудниот испит на албански јазик е загарантирано со Уставот и законите за јазици, но дека владата на премиерот Мицкоски сака панел на експерти прво да го разгледа прашањето.  Тие велат дека прашањето не е само за една професионална квалификација, туку е дел од поширока борба за да се осигура дека правата на албанскиот јазик, кои се загарантирани со закон, се спроведуваат во пракса.

„Бараме конкретен одговор од институциите и повеќе да не се одолговлекува прашањето“, изјави Исеини за БИРН.

Правосуден испит или јазичен тест?

Студентите во јануари поднесоа петиција до повеќе државни институции

Албанскиот јазик влезе во официјална употреба главно на општинско ниво во 2008-2009 година, врз основа на Охридскиот рамковен договор постигнат во 2001 година. Законот за употреба на јазиците од 2019 година го направи стандарден на државно ниво, рамноправен со македонскиот, и ја прошири неговата употреба во образованието, науката, здравството и други сектори.

Ниту едно од законските решенија експлицитно не го споменува „албанскиот“, туку се однесува на кој било јазик што го зборуваат најмалку 20 проценти од населението. Според пописот од 2022 Албанците сочинуваат 24,3 проценти од населението.

Студентите тврдат дека законот им дозволува да го полагаат правосудниот испит на албански јазик, а во јануари поднесоа петиција со 385 потписи до Министерството за правда, парламентот, владата и други релевантни јавни тела.

„Првиот одговор што го добивме од Министерството за правда беше дека не можеме да го полагаме испитот на албански бидејќи законите за судии, обвинители и нотари бараат познавање на македонскиот јазик и дека преку правосудниот испит се тестира и нашето познавање на македонскиот“, рече Мевлан Адеми, студент по право на приватниот Универзитет на Југоисточна Европа.

„Сепак, правната рамка го класифицира правосудниот испит како тест за професионално знаење.“

Адеми рече дека течно зборува македонски, но сепак верува дека на студентите треба да им биде дозволено да го полагаат тестот на јазикот на кој студирале.

„Не сите од нас ќе станат судии или обвинители, но положувањето на правосудниот испит ни дава повеќе можности на пазарот на труд“, рече тој. „Како двојазичен, би бил повеќе баран како адвокат или судија.“

„Не е привилегија“

Средба на владините коалициони партнери во пресрет на протестот | Фото: Влада на РСМ

По првиот протест Владата се обиде да избегне директен одговор, посочувајќи на пошироки правни грижи околу Законот за употреба на јазиците и тековните предизвици за неговата содржина пред Уставниот суд. ВМРО-ДПМНЕ се спротиставуваше на законот од 2019 година, усвоен кога беше во опозиција.

Премиерот се повика на мислењето на Венецијанската комисија од март 2025 година, советодавното тело на Советот на Европа за уставно право, во кое беше истакната потребата од „дополнителни административни и/или финансиски ресурси“ за да се обезбеди двојазично судство.

Мислењето всушност наведува дека пошироките јазични права во судските постапки се целосно компатибилни со европските стандарди, под услов властите да обезбедат соодветна институционална поддршка.

„Државите треба да ги преземат сите неопходни мерки за да обезбедат целосно спроведување на јазичните права на малцинствата во судскиот систем“, наведе Комисијата.

Сепак, Мицкоски најави формирање работна група во Министерството за правда за разгледување на прашањето.

За Борче Давитковски, поранешен претседател на Комисијата за правосуден испит, прашањето е јасно:

 „Барањата за полагање на испитот на албански јазик се спротивни на правните норми и водат до дискриминација на другите (помали) етнички заедници“, изјави тој за БИРН.

Азам Даути, издавач и поранешен професор по интеркултурна етика на Универзитетот „Мајка Тереза“, кој учествуваше на протестот, рече дека студентите бараат „минимален образовен стандард“.

„Ова не е привилегија, ниту политичко барање“, изјави Даути за БИРН.

„Секој обид ова да се претстави како уставно прашање или како проблем на ‘меѓуетничка рамнотежа’ е намерна манипулација.“

Тој ги критикуваше и албанските политички партии кои учествувале во последователни владејачки коалиции без никогаш целосно да го решат прашањето.

„Голем дел од вината паѓа на албанската политичка класа, која 36 години избира компромис наместо соочување со неправдата“, рече Даути.

Институциите поделени околу спроведувањето

Министерството за правда со спротиставени ставови со Агенцијата за примена на јазикот | Фото: БИРН

Се појавија и несогласувања меѓу првите луѓе на институциите. На пример, Гранит Османи, како етнички Албанец и директор на Агенцијата за примена на јазикот при Министерството за правда, застана на страната на студентите.

„Тие бараат нешто поврзано со еднаквоста и правото да ја завршат својата професионална обука на истиот јазик на кој студирале“, изјави Османи.

„Со години се зборува дека албанскиот јазик е официјален, но во пракса сè уште не ужива целосна еднаквост со македонскиот јазик.“

„Самата Венецијанска комисија кажа дека требало да се изградат институционални капацитети. Проблемот е што тие капацитети никогаш не беа изградени.“

Кон крајот на март, Инспекторатот за употреба на јазиците го обвини Министерството за правда, под чии ингеренции е, за прекршување на Законот за употреба на јазиците со тоа што не дозволува правосудниот испит да се полага на албански и му даде 30 дена да издаде правилници, сертификати, програми и известувања за правосудниот испит на албански јазик.

Министерот за правда Игор Филков ја доведе во прашање правната основа за инспекцијата и го бранеше сегашниот систем, тврдејќи дека судиите, обвинителите и нотарите законски се обврзани да поседуваат активно познавање на македонскиот јазик.

„Не е спроведена вонредна инспекција за ниту еден друг професионален испит“, рече Филков.

Надвор од правосудниот испит

Во пракса спроведувањето на законот оди тешко

Според Законот за употреба на јазиците од 2019 година, албанскиот јазик официјално може да се користи заедно со македонскиот во судовите, општините, државната администрација и другите јавни институции.

Теоретски, граѓаните имаат право да користат албански јазик за време на судските постапки, да добиваат официјални документи на албански и да комуницираат со судските институции на својот мајчин јазик.

Во пракса, сепак, спроведувањето е нерамномерно.

Албанските партии, правни експерти и активисти тврдат дека многу судови и министерства сè уште функционираат речиси целосно на македонски јазик, особено во повисоките судски и административни постапки.

Адеми се присети на пракса во судот во Тетово, каде што рочиштата во кои учествувале исклучиво страни што зборуваат албански сепак се воделе на македонски.

„Беше многу тешко за обвинетите или оштетените страни да следат, бидејќи недостасуваше и симултан превод“, рече тој.

Извор од Министерството за правда, кој зборуваше под услов на анонимност, рече дека сè се сведува на политика.

„Вистинската пречка не е самиот правосуден испит, туку неподготвеноста на актуелните владини функционери целосно да го спроведат законот од 2019 година, бидејќи тоа би довело до вистинско воведување на албанскиот јазик во судовите.“

Според истиот извор, функционерите сега стравуваат дека дозволувањето на правосудниот испит на албански би можело да ја отвори вратата за пошироки барања за правилно воведување на албанскиот јазик во судскиот систем.

„Така, тие сега го гледаат прашањето за правосудниот испит како брана што треба да ја држат затворена, или барем да го одложат решението со упатување до уставниот суд или со формирање тим експерти без јасни рокови.“

Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелигенција