Интервјуа

Чучуљ: Нема механизам за казни за непријавени подароци на функционери

Интервју со претседателот на Државна комисија за спречување на корупцијата (ДКСК)

Пред две недели, Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) за првпат на својата веб-страница објави годишен Каталог на подароци за избрани и именувани лица, во кој може да се видат, пребројат и пребаруваат подароците што ги добиле функционерите.

Каталогот произлегува од законската обврска функционерите, но и државните службеници, во рок од осум дена откако ќе примат подарок да го пријават во институцијата каде што работат, која, пак, води евиденција.

Потоа, институцијата еднаш годишно, најдоцна до крајот на март, треба да ја достави целата евиденција за примени подароци до Државна комисија за спречување на корупцијата за да биде објавена на интернет.

Меѓутоа, по промоцијата на оваа антикорупциска алатка, се откри дека само две институции пријавиле дека лани нивни функционери примиле вкупно 55 подароци, меѓу кои украси, сувенири, книги и привезоци.

Во кусо интервју за БИРН, претседателот на антикорупциската комисија, Адем Чучуљ ги објаснува обврските на функционерите и на институциите во контекст на каталогот, зборува за целта на алатката и, можеби најважното, објаснува зошто најголем дел од институциите ја игнорираат обврската да ги доставуваат до ДКСК евиденциите за примените подароци.

БИРН: Какви се обврските на избраните и именуваните лица во однос на каталогот, какви подароци смеат да примаат и кога и како се должни да ги пријават?

Чучуљ: Прво да кажам дека генерално е забрането да се примаат подароци при вршењето јавна функција и службени задачи. Тоа важи и за избраните и за именуваните лица, но и за вработените во јавниот сектор.

Сепак, има исклучоци кога функционери може да примаат подароци и тие случаи се регулирани со два закона и со уредба. Согласно владината уредба функционерите (но и државните органи и институциите) можат да примаат дарови при службени посети и протоколарни настани, меѓутоа подароците остануваат државна сопственост, освен ако се работи за лични подароци, на пример со лична посвета.

Значи, функционерите може да примаат подароци и истите да ги задржат доколку нивната вредност не надминува 100 евра, а доколку подарокот ја надминува таа вредност, функционерот го задржува само ако ја доплати разликата.

Слично се регулирани и вработените во јавниот сектор. Има законска забрана за примање подароци, освен во исклучителни случаи, при што вредноста на примените подароци да не надминува 3.000 денари, односно максимум 4.000 денари во текот на една година, доколку се примени од иста личност.

Оние што ќе примат подароци должни се да ги пријават во институцијата каде што работат, а таа треба да обезбеди проценка на вредноста.

Дополнително, ДКСК има донесено Упатство за постапување со подароци, погодности и гостопримства во јавниот сектор, во кое се дадени насоки како службениците да проценат дали смеат да прифатат подарок и дали тој може да влијае врз нивното непристрасно извршување на функцијата, бидејќи законот го третира подарокот како можен инструмент за влијание во иднина.

Исто така, денес е модерно наместо класичен подарок на функционери да им се нудат гостопримства или погодности, какви што се платени патувања, привилегии за членови на семејството или стипендии за деца, кои, морам да потенцирам, се сметаат за апсолутно неприфатливи и се можност за влијание врз носителите на јавни функции.

БИРН: Во каталогот досега се пријавени претежно ситни подароци, како чинии, декорирани чајници и книги, што во јавноста предизвика цинични реакции дека ДКСК троши време и ресурси занимавајќи се со „ситни работи“, додека со децении постои силна перцепција за системска корупција во врвот на власта. Во тој контекст, која е целта на каталогот, што треба да постигне и каква е неговата улога во спречувањето на корупцијата?

Чучуљ: Целта на каталогот е да се има увид, и за комисијата и за јавноста, а пред сè за органите што водат евиденција, кој примил подарок, со која намена и колкава е неговата вредност. Идејата е да спречиме подарок да предизвика евентуално корупција или пристрасно извршување на функцијата.

Ние нема целосно да ја спречиме корупцијата со каталогот, меѓутоа тој е уште еден од механизмите што е утврден и во земјите од Европската Унија и во земјите од регионот, како алатка и дигитално средство за спречување на ризиците од корупција.

Ние како Државна комисија за спречување на корупцијата треба да го следиме каталогот и доколку утврдиме дека одреден подарок отстапува од прописите, односно е примен спротивно на законските ограничувања, може да поведеме постапка и да ги известиме надлежните органи.

Дополнително, поголем подарок или некое гостопримство може да доведат и до евентуална кривична одговорност, ако со нив се влијаело врз незаконско постапување на некое службено лице.

На некој начин, каталогот е механизам против незаконските влијанија.

БИРН: Во каталогот се наведени подароците само за функционери од Државниот завод за ревизија и од Собранието. Со оглед дека министрите, државните секретари и градоначалниците имаат исто така многу контакти со странски делегации, бизнисмени, па и со граѓани, како објаснувате што тие не се опфатени во каталогот?

Чучуљ: Проблемот е што сега законот не предвидува санкција за одговорните лица во институциите ако не се поднесе листата на подароци до ДКСК. Меѓутоа, со новите измени на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, кој е во владина процедура, се предвидува прекршочна казна и се очекува подоследно исполнување на оваа законска обврска.

Доколку биде усвоена таа измена, сите државни органи и институции ќе имаат обврска до 31 март во тековната година да ѝ достават листа, без разлика дали нивните функционери примиле или не примиле подароци во претходната година.

Тогаш, во случај да не достават листа, ќе следува прекршочна санкција, односно казна до 500 евра за одговорното лице на институцијата. Сметам дека предвидената санкција ќе ја подигне одговорноста за исполнување на обврската на повисоко ниво.

Во моментот немаме механизам да ги санкционираме институциите кои не доставиле евиденција за примените подароци.