Анализи

По падот: Системот на Орбан се распаѓа, ФИДЕС пред егзистенцијална криза

Од доминантна партија до политичка сила во пад и можна ирелевантност

Системот на Виктор Орбан, со години славен од популисти и амбициозни автократи ширум светот, се распаѓа побргу отколку што некој можеше да предвиди.

Раководството на партијата ФИДЕС на Орбан е во неизвесност по тешкиот пораз на изборите на 12 април. На седницата на партискиот одбор во вторникот, премиерот во заминување и партиски лидер наводно понудил оставка, но конечната одлука е одложена за партискиот конгрес закажан за средината на јуни, кога ќе се решава дали партијата ќе продолжи под негово водство или под нечие друго.

Тоа следуваше по најавата на Орбан за викендот дека нема да го земе својот пратенички мандат, туку ќе се фокусира на реорганизација на некогаш моќната владејачка партија.

За многу аналитичари во Будимпешта, убедливиот изборен пораз на Орбан и неговото повлекување од парламентот веќе означуваат крај на една ера. Но, импликациите може да одат и подалеку од неговата лична судбина: дали сме сведоци на бавно пропаѓање на политичкото движење што ја обликуваше Унгарија повеќе од три децении и служеше како модел за популистички сили низ Европа и пошироко?

Орбан нема преголема желба да биде политичка вреќа за удирање за идната влада, која би го прозивала за сите злоупотреби и скандали од изминатите 16 години

„Навистина мислам дека ова е крајот на ФИДЕС“, вели за БИРН, политикологот Петер Креко, директор на будимпештанскиот тинк-тенк „Политички капитал.“

„Не гледам шанса Орбан да се врати на власт.“

Само пред неколку месеци, таква идеја ќе звучеше незамисливо – и за повеќето Унгарци, но и за самиот Орбан.

„Ќе останам во политиката и јавниот живот, бидејќи тоа е мојата професија. Би сакал да бидам активен како пратеник сè додека луѓето ме избираат, а мојата партија сака да ме кандидира“, изјави тој во јуни за „Ултраханг“, јутјуб-каналот близок до ФИДЕС.

Неговите зборови денес звучат поинаку. Сепак, аналитичарите, кои со децении ја следат политичката кариера на Орбан, велат дека неговата одлука да се држи подалеку од парламентот е во согласност со неговиот карактер.

„Орбан одамна се повлече од политички дебати што се одржуваат лице в лице. Да биде лидер на малцинството во парламентот би било вистинско понижување за него“, вели политичкиот аналитичар Жолт Лакнер за БИРН.

Орбан нема преголема желба да биде политичка вреќа за удирање за идната влада, која би го прозивала за сите злоупотреби и скандали од изминатите 16 години. А неговиот пратенички имунитет, кој теоретски би можел да го заштити од евентуални судски постапки , лесно би можел да биде укинат со двотретинското мнозинство на ТИСА во парламентот, додава Лакнер.

Затоа, ова навистина може да го означи крајот на политичката кариера на Орбан.

Враќање кон антиестаблишментот

Унгарскиот парламент покрај Дунав | Фото: Архива на БИРН

Орбан e пратеник 36 години, уште од враќањето на Унгарија кон демократијата во 1990 година, но парламентарната работа никогаш не била негов омилен терен.

Во годините поминати во опозиција меѓу 2002 и 2010 година, тој во голема мера ги избегнуваше парламентарните седници, a меѓу 2002 и 2005 година не одржал ниту еден говор. Подоцна, им наложи на своите сопартијци да ја напуштаат салата кога тогашниот премиер Ференц Ѓурчањ му се обраќаше на парламентот.

Наместо да дебатира или вербално да ги напаѓа владините функционери, тој претпочиташе да се претставува како дел од „антиестаблишмент движење“, патувајќи низ земјата и организирајќи ги т.н. „граѓански кругови“, локални мрежи, кои му помогнаа на ФИДЕС убедливо да се врати на власт во 2010 година. Сега, изгледа, повторно се обидува да ја следи истата стратегија.

Во годините поминати во опозиција меѓу 2002 и 2010 година, Орбан во голема мера ги избегнуваше парламентарните седници, a меѓу 2002 и 2005 година не одржал ниту еден говор

„Во сегашната ситуација, Орбан реално не би можел да влијае врз политиката од парламентот. Зошто тогаш би седел таму?“, прашува Золтан Кисели, директор за политички анализи во владино блискиот тинк-тенк „Сазадвег.“

„Но, за мнозинството гласачи на ФИДЕС, тој и понатаму е единствената гаранција дека партијата може да преживее и во иднина да се врати на власт.“

Кисели нуди наратив што разочараните гласачи на ФИДЕС веројатно сакаат да го слушнат: партијата веќе еднаш беше симната од власт во 2002 година, па ги загуби изборите во 2006 година, за потоа убедливо да се врати на власт во 2010 година.

Истото, според него, може да се повтори, а Орбан е доволно млад на 63 години за повторно да ја предводи борбата.

„ФИДЕС и понатаму има влијателни градоначалници, национално присуство и посветени активисти – не мора да се гради од нула“, инсистира Кисели.

Политичкиот аналитичар Лакнер, пак, е скептичен.

„Граѓанските кругови што ФИДЕС ги создаде во 2000-тите веќе не постојат“, вели тој, објаснувајќи дека со текот на времето, партијата почнала да се потпира на структури на моќ наместо на локални мрежи, кои постепено биле маргинализирани.

„Дополнително, партијата се соочува со сериозен демографски проблем“, посочува Лакнер. Истражувањата во пресрет на априлските избори покажаа дека ФИДЕС има само 16 проценти поддршка кај гласачите под 30 години.

Силата на партијата, всушност, главно лежи кај оние над 65 години што не е цврста основа за партија во транзиција.
Така што, предизвикот можеби веќе не е враќање на власт, туку едноставно политичко преживување.

Во следниот унгарски парламент, ФИДЕС ќе ја има втората најголема пратеничка група со 44 пратеници (плус осум од сојузничките христијански демократи), што е приближно третина од бројот на пратеници на ТИСА.

Додека Орбан и понатаму зборува за своите 2,3 милиони гласачи, Кисели предупредува дека таа бројка бргу може да се намали на околу еден милион гласачи

Но, за ФИДЕС може да стане и полошо.

Најновата анкета, спроведена само неколку дена по изборниот дебакл, покажува дека поддршката за партијата е во слободен пад, од 38 проценти на изборната вечер до сега е падната на околу 21 процент. Тоа е најголемиот постизборен пад во модерната политичка историја на Унгарија.

Додека Орбан и понатаму зборува за своите 2,3 милиони гласачи, Кисели предупредува дека таа бројка бргу може да се намали на околу еден милион гласачи, претворајќи го ФИДЕС во мала или во средно голема партија.

Некои дури се прашуваат дали ФИДЕС воопшто има иднина. Заглавен меѓу централнодесничарската ТИСА и екстремно десничарската „Наша татковина“, идеолошки речиси и да нема простор за ФИДЕС.

„Целиот унгарски партиски систем е во фаза на транзиција“, вели Лакнер.

Иако не очекува ФИДЕС целосно да исчезне, тој смета дека гласачката база на партијата може дополнително значително да се намали.

Алитичарот Креко предвидува дека ФИДЕС, една од последните партии што преживеале од посткомунистичката транзиција во Централна Европа, би можела да ја доживее истата судбина како и нејзините регионални пандани: прво маргинализација, а потоа и целосно исчезнување.

Недостиг од политичка проценка

Избледен плакат со Орбан во Будимпешта | Фото: Архива на БИРН

Доколку јавниот сервис, кој ФИДЕС го претвори во послушна пропагандна машина на власта, повторно стане поизбалансиран, дел од постарите гласачи на ФИДЕС, кои најмногу зависат од државните канали, би можеле да се свртат кон ТИСА.

Економското закрепнување, одмрзнувањето на милијарди евра од фондовите на ЕУ и видливите подобрувања во здравството и образованието дополнително би можеле да ја еродираат поддршката за ФИДЕС.

„Постои реална опасност [новиот премиер] Петер Маѓар, кој научи многу од прирачникот на ФИДЕС, да ги привлече гласачите на Фидес во својот камп“, признава Кисели.

Но, ако расте разочараноста, а идеолошки разновидната партија ТИСА се распадне, ФИДЕС би можел повторно да се зацврсти како одржлива алтернатива и да се врати на политичката сцена.

Иако Орбан долго време се сметаше за клучот на успехот на ФИДЕС, тој денес е и главната пречка за обновување на партијата

„Европските избори во 2029 година би можеле да послужат како отскочна штица“, оптимистички вели Кисели, посочувајќи на меѓународни примери за политички враќања, како оние на Силвио Берлускони или на Доналд Трамп.

Можните судски постапки против Орбан, исто така, би можеле да ги мобилизираат неговите најлојални поддржувачи, иако веројатно само најтврдото јадро.

„Орбан и понатаму е моќен симбол за многумина“, вели Креко.

„Ако биде нападнат или изведен пред суд, ФИДЕС би можел да профитира од наративот на жртва, слично како Доналд Трамп пред американските избори во 2024 година.“

Сепак, враќањето на власт по толку тежок пораз е сосема друга приказна и многумина го сметаат за малку веројатно.

Иако Орбан долго време се сметаше за клучот на успехот на ФИДЕС, тој денес е и главната пречка за обновување на партијата. Со години, систематски ги оттурнуваше потенцијалните ривали и можни наследници, оставајќи во врвот претежно лојалисти. Тоа сега може да му се врати како бумеранг.

„Орбан можеше да се пензионира по четири децении во политиката“, смета Лакнер, „да назначи наследник и да управува со транзицијата.“

Наместо тоа, јасно е дека и понатаму гледа политичка улога за себе.

„Тоа не одразува само лична амбиција, туку и целосен недостиг од политичка проценка, нешто што го гледаме во последниве две години и за време на кампањата“, додава Лакнер.

Странските пријатели го напуштаат Орбан

Аеродромот во Будимпешта | Фото: Архива на БИРН

Меѓународната мрежа на Орбан, внимателно градена во последните петнаесет години, најверојатно ќе биде колатерална штета од изборниот пораз.

Орбан беше славен од глобалната крајна десница и популистичките партии поради неговите рекордни 16 години на власт и аурата на непобедливост. Сега и двете се распаднати.

Политичките сојузници веќе се дистанцираат од политичарот што доживеа толку понижувачки пораз. Американскиот претседател Доналд Трамп беше меѓу првите што се дистанцираа од Орбан, зборувајќи за него во минато време – „тој беше пријател“ – и сигнализирајќи подготвеност за соработка со неговиот наследник.

„Извозот на илиберализам ќе заврши многу бргу“, предвидува Креко.

Финансиските трансфери кон европските партии, како шпанскиот Вокс или францускиот Национален собир, повеќе нема да ги подмачкуваат овие сојузи. Исто така, не треба да заборавиме за сомнителните кредити кон Северна Македонија или кон Република Српска на Милорад Додик.

Се појавија и шпекулации дека Орбан би можел да се пресели во САД, потенцијално продолжувајќи го својот планиран одмор за време на Светското првенство во фудбал ова лето

Ќе има и сè помала побарувачка за „спин-докторите“ на ФИДЕС и другите идеолошки извозни производи, кои саркастично го сумираа насловот во „Њу стејтсмен“: „Дали некој има нова работа за Филип Пилкингтон?“

И тврдата и меката моќ – финансирани со пари на унгарските даночни обврзници – повеќе нема да бидат достапни за одржување на широката меѓународна мрежа што ја изгради Фидес.

Главната институција на Орбан, „Матијаш Корвинус колеџ“, како и други институти финансирани од државата, како „Дунавскиот институт“ или „Центарот за фундаментални права“ (домаќин на годишните конзервативни CPAC настани во Будимпешта), се соочуваат со неизвесна иднина ако пресушат финансиските средства.

Кисели, сепак, смета дека Орбан сè уште не треба да се отпишува.

Континуираното владеење 16 години (вкупно 20, ако се смета и коалициската влада од 1998 до 2002 година), и понатаму му дава уникатен статус во европската политика. Но, многу ќе зависи од надворешни фактори, можната победа на крајната десница во Франција следната година, консолидација на власта на Џорџа Мелони во Италија или десничарски пресврт во Полска, доколку Орбан повторно сака да стане знаменосец на европските популистички сили.

„Трамп е поинаков; тој сака само победници“, саркастично додава Кисели.

Во меѓувреме, се појавија и шпекулации дека Орбан би можел да се пресели во САД, потенцијално продолжувајќи го својот планиран одмор за време на Светското првенство во фудбал ФИФА 2026 ова лето.

Истражувачкиот новинар Саболч Пањи објави информации за такви планови, кои бргу беа отфрлени од прес-службата на владата во заминување како лажни вести.

„Гардијан“, исто така, објави дека луѓе блиски до ФИДЕС префрлаат сомнително стекнати средства во странство по изборниот пораз, а поранешни инсајдери од партијата бараат работни позиции во МАГА круговите. Но, аналитичарите се сомневаат дека, по ваков пораз, луѓе поврзани со ФИДЕС навистина би биле добредојдени таму.

„Репутацијата на Орбан и претходно беше контроверзна меѓу републиканците“, вели Креко, потсетувајќи на извештаите на десничарските американски медиуми за широко распространета корупција и личното богатство на премиерот.

„А сега, изгледа, заврши и неговото пријателство со Трамп.“