На седми ноември 2018 година, тогашната Комисија за заштита од дискриминација (КЗД) утврди дека поранешниот премиер Никола Груевски бил дискриминиран од страна на Основниот суд Скопје 1 и судијката Добрила Кацарска, при што му било нарушено и ограничено правото на правично судење.
Само пет дена подоцна, откога во меѓувреме избега од државата, Груевски објави фејсбук-статус, со кој ја информираше јавноста дека е во Будимпешта и дека таму ќе бара политички азил.
Во мислењето на Комисијата се наведува дека дискриминацијата е „врз основа на личен и општествен статус како поранешен претседател на Владата на РМ и поранешен претседател на партија.“
Тогаш претседател на Комисијата беше Александар Даштевски, кој и претходно, а и подоцна извршуваше државни функции по предлог на ВМРО-ДПМНЕ, а одлуката беше донесена со мнозинство гласови.
„Таа комисија му даде на Груевски пусулче дека е политички дискриминиран, со кое подоцна Унгарија му даде азил. На тој начин ја инструментализираа комисијата,“ кажа за БИРН, Драгана Дрндаревска, експерт за човекови права и поранешен член на Комисијата.
Поинакви тенденции

Две кандидатки од Мрежата за заштита од дискриминација не беа викнати на интервју | Фото: БИРН
Ова е пример како во некои случаи одлуките на комисијата се основа што ја користат компромитираните политичари за да си ја осигураат својата иднина, како што е случајот со Груевски и азилот.
По правило, тоа што ќе го решат седумте члена на комисијата е од огромно значење за многумина, чии проблеми се далеку од првите минути на телевизиските вести.
Во одлуките на комисијата може да се најде пример кога мајка се жали дека нејзиното дете со посебни потреби е дискриминирано во училиште или, пак, административец дека е неправедно распределен на пониска позиција зашто во тој момент неговата партиска определба е спротивна од владејачката.
Затоа е исклучително важно, нејзините членови да се непристрасни, стручни и компетентни, што треба да се утврди и преку јавните интервјуа при изборот во Собранието. Но, последните процеси во кои се избираа новите членови покажуваат поинакви тенденции.
На пример, првиот филтер на комисијата за избори и именувања во јануари годинава го помина и Џихан Ахмед, која се откажа од кандидатурата по виралното видео, во кое не знаеше да одговори на прашањата поврзани со Истанбулската конвенција, клучна за прашањата поврзани со насилство врз жени, туку зборуваше за личната посета на Истанбул.
ИНТЕРВЈУ
Аврамов: Понижувачки избор на составот на комисијата за антидискриминација
Пред речиси две недели, пак, конкурсот беше повторно поништен. На оваа одлука ѝ претходеше реакцијата од граѓанските организации, кои ја спореа одлуката на собраниската комисија за избори и именувања да дисквалификува две претставнички од организациите, кои ја сочинуваат Мрежата за заштита од дискриминација.
Односно, тие кандидатки не беа викнати на интервју пред собраниската комисија, која ги предложува идните членови на антидискриминаторската комисија.
Сево ова ги покрена стравувањата дека се прави обид да се изиграат законски предвидените услови и да се наместат партиски подобни кадри, кои во иднина би одлучувале во интерес на владејачките елити, а не во интерес на дискриминираните.
Дополнително, местото во оваа комисија е пожелно и поради високите плати. Проверките на БИРН покажаа дека тие се движат околу 1.800 евра месечно, во зависност од стажот.
Новиот конкурс на кој може да се пријават кандидатите во рок од 30 дена беше објавен на 24ти април.
Скандалозен предлог за член и проблематични практики

Аврамов повеќе пати го следел овој процес | Фото: БИРН
Условите за тоа кој сè може да стане член на комисијата се предвидени во законот донесен во 2020 година.
Претходно, оваа институција функционирала според друг закон, а со новиот закон, официјално се преименува во Комисија за спречување и заштита од дискриминација.
Условите не се многу. Заинтересираните треба да исполнуваат четири услови – покрај двата вообичаени, да се македонски државјани и да немаат судска пресуда за одржување казна затвор во моментот, се предвидува и да имаат седум години работно искуство од областа на човековите права, од кои пет години да работеле на прашања поврзани со еднаквост и недискриминација и да не се носители на функција во политичка партија.
Заинтересираните, биографиите и потребните документи ги праќаат до Собранието, кое ги разгледува и утврдува дали се исполнети условите за воопшто да бидат повикани на интервју.
Но, случајот со Џихан Ахмед, дипломирана правничка и наставничка по правни предмети во скопско средно училиште, пак, покажа дека Собранието не ги извршило добро проверките или, пак, замижале пред фактот дека таа го нема потребното работно искуство и ја повикале на интервју.
Тогаш Мрежата за заштита од дискриминација обвини за партизација со фаворизирање некомпетентни кандидати.
„Утре ќе треба, од граѓанските организации, да охрабруваме жртви да пријавуваат дискриминација. Затоа е многу е важна компетентноста на кандидатите за да може граѓаните да имаат доверба во институцијата“, вели Атанас Аврамов од Мрежата за заштита од дискриминација, кој повеќепати го следел овој процес.
Пред десетина дена во Собранието, пак, беа сослушани кандидати, кои аплицирале на новиот оглас, но повторно имаше проблем.
Беа викнати само седум од 14 кандидати.
Во минатото, на интервју пред собраниската комисија биле повикувани сите пријавени кандидати.
Мрежата за заштита од дискриминација остро реагираше бидејќи две кандидатки, токму од граѓанскиот сектор со долгогодишно искуство во полињата на еднаквост и недискриминација, не беа викнати на интервју.
БИРН присуствуваше на седницата во Собранието кога се сослушуваа кандидатите.
Освен една адвокатка и поранешен член на самата комисија, другите кандидати доаѓаа од државните институции.
Еден од нив воопшто немаше директно работно искуство поврзано со недискриминација, иако законот предвидува дека тоа е услов.
Марија Златанова-Коцева, советник на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, за БИРН вели дека не ги повикале на интервју, не затоа што немале квалификации, туку дека не доставиле соодветни документи.
Едната кандидатка не била повикана оти доставила диплома од завршени магистерски студии, но не и дека завршила факултет.
Другиот кандидат не бил викнат бидејќи потврдата за државјанство било со името Република Македонија, а не со сегашното уставно име – Северна Македонија.
На крај, Комисијата за именување и избори, која само неколку часа по интервјуата требаше да предложи член, одлучи да го повтори процесот по трет пат.
Комисијата останува без доволно членови

Пировска смета дека оваа комисија е препознаена кај граѓаните | Фото: Роберт Атансовски
Кога некој граѓанин ќе поднесе претставка до Комисијата, случајот прво го разгледува и го обработува еден од членовите, пред да се дискутира и да се гласа на седница за да се утврди дали се работи за дискриминација.
Игор Јадровски, сегашен член на Комисијата, потенцира дека имањето квалификуван кадар е клучно бидејќи се работи за мала институција и веднаш би се почувствувало доколку некој не ги завршува задачите соодветно.
Неговиот петгодишен мандат бил продолжен уште три месеци, но минатата недела му истекоа и тие три месеци и нема законска можност за дополнително продолжување.
Така што, наместо да има седум членови, комисијата ќе остане со шест.
„Ќе има проблеми во работењето на Комисијата, особено при гласањето, каде што може да заглават некои случаи ако нема согласност меѓу членовите“, рече тој.
Мислењата што ги донесува Комисијата ги обврзуваат дискриминаторите да ги прифатат нејзините препораки, најчесто во рок од 30 дена.
Доколку дискриминаторот не ги прифати, Комисијата може да почне прекршочна постапка.
Жртвите, исто така, може да ги користат мислењата и како докази во судски случаи.
„Комисијата е многу важна за сите граѓани бидејќи позади речиси секое кршење на човековите права постои некаков дискриминаторски основ“, рече Уранија Пировска, директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Дискриминација во комисијата пријавиле бремени жени што биле незаконски избркани од работа, етнички малцинства, особено Роми, лица со попреченост и други ранливи групи.
Затоа експертите сметаат дека е многу важно членовите на Комисијата да се сензибилизирани за работа со луѓе од маргинализирани заедници.
Како најчест дискриминатор се појавуваат државните институции. Лани биле утврдени 39 случаи на дискриминација во јавниот сектор, или во 70 отсто од случаите каде што Комисијата утврдила дискриминација.
Пировска вели дека Комисијата се разликувала од другите институции по тоа што граѓаните имаат доверба во нив и знаат дека може да добијат помош.
„Со вакви ситуации се враќаме назад. Тоа ќе ги одврати граѓаните да пријавуваат дискриминација и да се обраќаат. Едноставно да ја изгубат довербата како што ја имаат изгубено довербата во судовите и во другите институции“, заклучи таа.

