Судија што ќе одбие да пријави имот или нема да пријави значителна промена на имотната состојба може да биде разрешен. Но, само доколку системот го oткрие навреме.
Во Македонија има судии што се фатени со мито и за тоа се осудени и разрешени, ама нема ниеден судија што останал без работа поради тоа што одбил да пријави имот.
Најчесто санкцијата за непријавување имот е глобa од 150 евра. Има судии што не одговараат ниту прекршочно, затоа што им застарува прекршокот.
БИРН анализираше колку судиите во Македонија пријавуваат имот. Наодите покажуваат дека институциите доцнат со проверките, а прекршоците застаруваат.
Непријавено и застарено

Да не беше истрагата што ја почна обвинителката Искра Хаџи Василева, јавноста немаше да дознае дека во ѕид на семејната куќа на родителите, на апелацискиот судија Ѓоко Ристов се пронајдени 350 илјади евра.
Обвинителката, на брифингот со новинарите, рече дека на фолиите со кои биле завиткани парите има отпечатоци од судијата, а во самата просторија имало и листови на кои има запишано броеви на судски предмети.
Освен oвие соѕидани пари, за чие стекнување и прикривање го товари обвинителството, Ристов не пријавил стан во скопски Карпош од 143 квадрати, иако е обврзан да го пријави во Антикорупциската комисија.
Во последната изјава за имотната состојба од јануари 2021 година, кој БИРН го доби од ДКСК, пишува дека судијата поседува стан во Скопје од 70 квадрати, вози „пасат“ стар 13 години, отплаќа два кредита, негов и на сопругата.
Пет месеци подоцна, во мај 2021 година, Ристов добил стан како подарок, но не го пријавил. Тој стан не е пријавен ниту како имот неговата сопруга, државната правобранителка Симона Зориќ-Ристова.
Станот не е дел од обвинението за Ристов. „Финансиската истрага покажа дека тој стан е дар од неговиот татко“, потврди обвинителката Хаџи Василева.
За овој непријавен имот ДКСК може прекршочно да го казни судијата Ристов. Глобата е 300 евра, а ако ја плати во рок од 8 дена, се преполовува на 150.

Обвинителката Искра Хаџи Василева | Фото: БИРН
„За посочениот судија, во тој период кога се отвори предметот, одлучивме да не отвориме постапка, бидејќи обвинителството отвори предмет. Немаме активна постапка во однос на посочениот стан, а имаме можност да провериме“, вели претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ.
Но, антикорупционерите не може да му поведат ниту прекршочна постапка, затоа што рокот за утврдување прекршок е многу краток, две години и предметот е застарен.
Чучуљ вели дека одредени судии што ги проверувале по случаен избор или по годишен план, застарувале прекршочно.
„Нашите капацитети се ограничени. Треба веднаш да детектираме нешто дека купил, а не го пријавил.“
Побарале од Судскиот совет и од Советот на обвинители да ги задолжат судиите и обвинителите, имотот што им е пријавен хартиено, да го пријават и електронски.
„Новиот електронски систем е многу подетален и не остава можност за грешка. Самиот систем ги влече податоците од Катастарот. Сите трансакциски сметки треба да ги објават. Во старите обрасци не ги пријавуваа сите“, вели тој.
Траен мандат и „променлив“ имот

Судскиот совет не може да му отвори дисцплинска постапка на Ристов за непријавениот стан | Фото: БИРН
Судиите, обвинителите и членовите на Судскиот и на обвинителскиот совет се меѓу оние функционери кај кои одбивањето да се пријави имот или непријавувањето имот во значителни размери е основа за тешка дисциплинска повреда и за разрешување.
Тоа е така, затоа што тоа се функционери со мандат што трае цел живот и кои се најизложени на влијанија од различни центри на моќ.
Судиите треба да пријават детален опис на недвижен имот, предмети со вредност што надминува износ од дваесет просечни нето-плати, акции, долгови или имот што е во нивна сопственост, или во сопственост на членовите на семејството.
Во Изборната програма, ВМРО-ДПМНЕ ветуваше „целосна проверка на имотот на судиите и нивните семејства, со цел јасно одделување на чесните од нечесните судии.“ Досега за ова прашање, барем јавно, нема никакви иницијативи.
Ако судија одбие да го пријави имотот или го пријави, но стекнал имот во значителен износ, а не го пријавил, може да биде разрешен од функцијата. Оваа одредба првпат е пропишана во Законот за судови во 2019 година.
Идејата да се вметне овој член е „последица од обврската што произлегува од Законот за спречување корупција и судир на интереси, кој пропишува обврска за пријавување имотна состојба“, вели за БИРН, тогашната министерка за правда, Рената Дескоска.
„ДКСК треба да утврди неусогласеност на изјавата со фактичка имотна состојба, па Судскиот совет да спроведе постапка за разрешување“, дообјаснува таа.
Но, ниту Судски не може да му поведе дисциплинска постапка на Ристов.
За да се отвори дисциплинска постапка за непријавување имот, тоа мора да се направи во рок од шест месеци од денот на осознавање на сторената повреда, но не подоцна од три години од денот на сторувањето на повредата.
Тој рок одамна е поминат.
Непријавен имот без последици

Три години е рокот во кој Судскиот совет може да отвори дисциплинска постапка за судија | Фото: БИРН
Претседателот на Судскиот совет, Александар Камбовски вели дека во изминатите години воделе две постапки за непријавен имот, за едната е отфрлено барањето поради застареност.
Според Камбовски, тоа е проблем: „Ако се изминати овие рокови, не може да се води постапка.“
Со други зборови, ако судија стекне имот и одбие го пријави, и ако поминат три години, нема начин тој да биде разрешен.
Камбовски ни изјави дека Судскиот нема листа на судии што не пријавиле имот во ДКСК, или такви што имале значителна промена на имотот за што не поднеле изјава за имотната состојба.
Седум години откако овој член постои во законот, и покрај тоа што ДКСК утврдувало дека има судии и претседатели на судови што не пријавиле имот, досега нема дисциплинска постапка за судија, за оваа законска основа.

Билјана Ивановска | Фото: БИРН
Прекршочни глоби биле изрекувани, но не се случило судија да биде разрешен поради одбивање да пријави имот или поради тоа што стекнал имот во голем обем, а не го пријавил.
Билјана Ивановска, поранешната претседателка на ДКСК, се сеќава дека додека ја извршувала функцијата, од нив се барало да спроведат „мал ветинг“, односно проверка на имотот на судиите.
Тоа и го направиле, на тој начин што во годишниот план за проверка на имотната состојба, ги ставиле судиите.
„Бидејќи не наидовме на статистички податоци за поплаки за судии, преминавме на проверка на имотот на сите претседатели на судови. Од триесетина претседатели, десетина, или заборавиле да пријават, или имаа несоодветни податоци што се разликуваат од официјалните“, вели таа.
„За тоа имавме повеќе од 10-тина пријави во Судскиот совет, но за ниеден судија не слушнавме дека е разрешен.“
Ивановска повторно нагласува дека државата треба да го донесе законот за потекло на имотот, кој нема да важи само за судиите, туку и за сите други функционери и граѓани.
Шест судии лани не пријавиле имот

Адем Чучуљ, претседател на ДКСК | Фото: БИРН
Ланската година и во првите два месеца од 2026 година, вкупно шест судии не поднеле изјава за имотна состојба до ДКСК. За нив, Антикорупциска оформила предмети и иницирала прекршочни постапки, кои се во тек.
Во ретките случаи каде што била поведена прекршочна постапка за судии, тие биле оспорувани.
Записник за прекршок поради непријавен имот на ДКСК од 2022 година, во кој БИРН имаше увид, покажува дека за в.д.претседател на судот во Струмица имало два прекршочни налози. Едниот дека тој не поднел анкетен лист и го платил. Вториот е дека откако му завршила функцијата, повторно не го пријавил имотот.
Антикорупциска го проверуваше имотот на пет судии што се најдоа во извештајот на Стејт департментот за човекови права во 2019 година, но за ниту еден од нив не се утврди несразмерно збогатување.
Од антикорупциската комисија велат дека не може да проверат колку судии стекнале имот, а не го пријавиле тоа, бидејќи тоа го прават само поединечно, ако конкретен судија им е влезен во планот за проверка.
Првиот човек на ДКСК вели дека самиот систем не покажува „црвени знаменца“ доколку некој функционер купил имот, а не го пријавил во рокот или стекнал поголем имот што ги надминува приходите.
Но, работат на надградба на системот што треба да ги отстрани овие недостатоци.
Оваа година ќе им се проверува имотот на десет судии, вели претседателот на ДКСК. Експерт им изработил методологија со алгоритам, според која, самиот електронски систем ќе „исфрла“ имиња за проверка.
Но, на овој начин досега се проверуваат само оние судии што електронски го пријавиле имотот. Затоа Чучуљ апелира до судиите покрај во хартиена форма и електронски да ја пријават имотната состојба, како што налага Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Оваа публикација е изработена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на публикацијата е единствена одговорност на БИРН и не мора да ги ги одразува ставовите на Европската Унија.

