Април донесе голем неуспех за руското влијание во Европа. Унгарскиот премиер Виктор Орбан, најпрорускиот лидер во ЕУ, беше сменет од власт по шеснаесет последователни години на чело на владата.
Како жесток противник на помошта за Украина и подеднакво силен поддржувач на увозот на енергенси од Русија, Орбан го претвори во свој заштитен знак стопирањето на ЕУ-иницијативи што ја вознемируваат Москва.
Кремљ се обидува да ја прикаже промената на власта во Будимпешта, во позитивно светло, нагласувајќи дека соработката меѓу Русија и Унгарија не била прашање на личности, туку на национални интереси на двете земји. Дека Орбан не бил руски сојузник, туку прагматичен лидер, кој му служел на својот народ, иако Унгарија официјално е прогласена за „непријателска“ од Москва поради приклучувањето кон санкциите против Русија.
Наративот сугерира дека ако соработката била возможна под такви услови, постои основа да се очекува дека новата влада на Петер Маѓар ќе заземе слично прагматичен став кон Русија.
Сепак, досега Маѓар е прилично нејасен во врска со зависноста на Унгарија од руска нафта и гас, ветувајќи само постепено намалување на тие набавки до средината на 2030-тите, што е далеку од рокот на ЕУ за 2027 година.
Неговите изјави за помош на Украина, исто така, ја одразуваат скепсата во унгарското општество. Но, неговите обиди да ги подобри односите со Европа и да ги одмрзне европските субвенции оставаат малку надеж кај Москва дека Будимпешта ќе продолжи да ги блокира политиките на ЕУ кон Русија.
Оттука произлегува потребата од „нов Орбан.“
Резултатите од бугарските парламентарни избори можеби нудат таква можност, со победата на партијата на поранешниот претседател Румен Радев, поранешен генерал на воздухопловството познат по својата проруска реторика.
Тој сега ја предводи партијата Прогресивна Бугарија, а во своите претходни претседателски кандидатури имаше поддршка од Бугарската социјалистичка партија, позната по блиските врски со Москва. За време на нивното владеење, социјалистите беа вклучени во бројни заеднички проекти со Русија, кои го зголемија руското влијание во Бугарија, но со дискутабилна корист за земјата.
Многу од изјавите на Радев се вклопуваат во оваа традиција. Тој го дефинира Крим како „де факто дел од Русија“, се спротивставува на воена помош за Украина и повикува на укинување на санкциите против Русија.
Како претседател, тој се спротивстави на одлуката на владата во 2022 година да престане со купување руски гас, тврдејќи дека Бугарија само ќе го купува истиот гас преку посредници, но по повисока цена. Во 2023 година, тој стави вето на испраќање воена опрема за Украина, кое подоцна беше поништено од парламентот.
Извадени од контекст, овие изјави можат да предизвикаат страв дека Софија може да ја замени Будимпешта. Но, контекстот е важен. И покрај одредени сличности, новиот бугарски премиер има малку заедничко со својот унгарски претходник.
Дали растот на цените на нафтата ќе ја диктира реалполитиката?
Со оглед на историските врски меѓу Бугарија и Русија, да се биде проруски и да не се биде антируски не значи исто во бугарската политика. Многу генерации Бугари се воспитувани да ја почитуваат улогата на Руското Царство во обновувањето на независноста на нивната земја.
Во секој бугарски град има улици именувани по руски генерали, а коњаничката статуа на царот Александар Втори е симбол на Софија повеќе од еден век.
Иако економските и личните контакти меѓу Русите и Бугарите се намалени во последните години, ова историско наследство прави секој антируски политичар да изгледа радикален.
Токму тоа е нешто што Радев сака да го избегне. Со години тој гради имиџ на умерен, центристички политичар, кој може да донесе стабилност. Од 2021 година, Бугарите гласаа на дури осум парламентарни избори и се уморни од политичари што не можат да формираат стабилна влада.
Неговите ставови за Украина и Русија можеби изгледаат контроверзно од Брисел, но за многу Бугари звучат избалансирано. Тие се доживуваат како ветување дека Бугарија ќе се фокусира на домашни проблеми, борба против корупцијата, сиромаштијата и на подобрување на ефикасноста на владата.
Останува да се види како Радев ќе го искористи силниот мандат. Но, засега, тој не покажува големи амбиции во надворешната политика. За време на своите девет години како претседател, никогаш сериозно не ја довел во прашање солидарноста на Бугарија со ЕУ и со НАТО.
Избегнувањето конфронтација со Русија е дел од бугарската надворешна политика. Но, преземањето геополитички ризици за да се задоволи Москва, не е. Дури и ако Радев би сакал да оди во таа насока, нестабилната политичка сцена во Бугарија претставува сериозна пречка.
Сепак, значењето на заминувањето на Орбан и умереноста на Радев не треба да се преценува. Кремљ е делумно во право, неговото влијание во Европа не зависи од поединци, туку од фактори, како цените на енергијата.
Орбан не ја посети Москва во својот прв мандат (1998-2002), кога цената на нафтата беше околу 20 долари за барел. Но, тоа се промени кога цената надмина 100 долари во раните 2010-ти.
Слично на тоа, евентуална ескалација на Блискиот Исток може да има поголемо влијание врз руското влијание отколку кој било избор во Европа, бидејќи нафта од 150 долари по барел може да создаде редица европски лидери подготвени да станат новите „Орбани“ на Москва.
Максим Саморуков е соработник во Carnegie Russia Eurasia Centre во Берлин
Насловната илустрација е изработена со помош на вештачка интелигенција
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН

